Достапни линкови

Задолжување од 900 милиони евра за 4 години


Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески го образложува ребалансот пред Собраниската комисија за финансирање и буџет.
Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески го образложува ребалансот пред Собраниската комисија за финансирање и буџет.

Во последните четири години Македонија се задолжи за дополнителни 900 милиони евра. Опозицијата обвинува дека со трошење на непродуктивни работи владата ја презадолжила државата и оти, ако продолжи вака, може да станеме, должни како Грција. Власта, пак, вели дека опозицијата го користи задолжувањето за политички маркетинг и оти Македонија е четврта најмалку задолжена земја во Европа.

Задолжување од 250 милиони евра кај Дојче банк, задолжување од 100 милиони евра кај Светска банка, претходно задолжување од 130 милиони евра кај Дојче банк и Сити банк и пред изборите, 220 милиони евра од ММФ. За една година владата се задолжи за 700 милиони евра. 175 милиони евра од овие нови задолжувања ќе треба да одат за еврообврзницата што доспева на почетокот на наредната година, а со нив треба да се финансира и буџетскиот дефицит што за годинава е проектиран на 190 милиони евра.
Тоа е политика која ќе создава привид дека оваа влада има успеси, се до оној момент додека има некој во странство којшто е расположен да ни позајми пари како на држава. Во моментот кога тоа веќе нема да биде случај, Македонија ќе мора да се прилагоди на суровата реалност, а тоа прилагодување, ако нешто не се превземе во меѓувреме, ќе биде многу болно. Проблемот не е 2012-та, проблемот допрва ќе доаѓа, во 2015, 2016-та и 2017-та година. Значи во тие три години вкупно Македонија ќе треба да врати странски долг, зборувам вкупно за три години, во износ поголем од 1 милијарда евра.
Зоран Јовановски, потпретседател на СДСМ.

Долгот на владата веќе достигна 2 милијарди и 70 милиони евра, а кога ќе се вкалкулираат и овие нови кредити, ќе се зголеми најмалку на 2 милијарди и 200 милиони. Според Стратегијата за управување со јавниот долг на Република Македонија за периодот од 2010 до 2012 година, за годинава се предвидува државниот долг да достигне 2,287 милијарди евра. Со тоа државниот долг ќе достигне 30 отсто од БДП. Со оглед на тоа дека по ребалансот треба да се намали и проекцијата за БДП-то, а ќе се зголеми и долгот, процентот на задолженоста веројатно ќе надмине 30 отсто од БДП-то.

Едно е сигурно, пари нема колку што беше планирано.
Македонија е четврта најмалку задолжена земја во Европа, повторувам, четврта најмалку задолжена земја во Европа со само 26 отсто од БДП-то. Се друго е дневна политика и партиски обиди за добивање дневно политички поени. Нормално во светот е државите да прават враќање на одреден долг со ново задолжување коешто во овој случај е и поевтино задолжување и делумно тековно да го отплаќаат долгот. Значи ние имаме тековно отплаќање и нормално кога доаѓаат поголеми рати со замена на долг се враќа поголемо парче од долгот, а едно парче од долгот се враќа и со тековни враќања од буџетот така што имаме континуирано намалување на долгот.
Никола Груевски, премиер на Македонија.

Ако продолжиме вака црно ни се пишува

Кога пред три месеци, државниот долг на Македонија надмина две милијарди евра се појавија песимистички прогнози и анализи од дел од домашните експерти и опозицијата, па се споменуваат дури и грчко или аргентинско сценарио. Власта, пак, смирува дека Македонија, со долг од 27 отсто од БДП-то е една од најмалку задолжените земји во Европа.
Премиерот Никола Груевски.
Премиерот Никола Груевски.

Македонија е единствената што има простор за задолжување, бидејќи во периодот 2007-2008 година, да ве потсетам, ние, истите тие коишто сега нели неодговорно, според вас, ја задолжуваме земјата, ја раздолживме оваа иста наша земја со поголем износ на средства одошто сега позајмивме. Фактот е дека ако знаете да ја водите политиката тогаш кога имате пари, тогаш кога во буџетот имате средства да се раздолжите и го направите тоа, потоа, во лоши времиња, имате простор да се задолжите, пак умерено, пак со внимателност и одговорност.
Зоран Ставрески, вицепремиер и министер за финансии.
За опозицијата, Македонија оди во лоша насока, за власта, Македонија е една од најмалку задолжените земји во Европа. За опозицијата, владата должи повеќе од 2 милијарди евра, за власта, тие должат само 27 отсто од годишниот БДП. И едните и другите се во право. Власта аргументира дека не само што не го зголемила долгот, туку напротив го намалила – ако задолженоста се гледа според процент од БДП-то. Опозицијата, пак, посочува дека владата драстично го зголемила долгот – ако се гледа во апсолутни бројки.
Долг на Централна Влада (консолидиран) заклучно со 31.03.2012 година.
Долг на Централна Влада (консолидиран) заклучно со 31.03.2012 година.


За споредба, државниот долг во 2001 година бил 1,873 милијарди евра што тогаш било 48,8 проценти од БДП. Потоа, долгот се намалува за во 2004 да изнесува 1,583 милијарди евра, односно 35,6 отсто од БДП. Наредната 2005 година, државниот долг повторно се зголемува на 1,848 милијарди евра, што било 38,3 отсто од БДП-то. Во наредните три години, државниот долг континуирано се намалува за на крајот на 2008 да изнесува 1,386 милијарди евра, односно 20,6 проценти од Бруто домашниот производ.

Од 2008 година досега, задолжувањето постојано се зголемува, за на крајот на март годинава да достигне 2 милијарди и 70 милиони евра во кои не се вклучени најавените задолжувања од 350 милиони евра. Тоа значи дека во изминативе четири години, владата го зголемила долгот за дополнителни 900 милиони евра. Власта, пак, вели дека од 2006 година досега го намалила долгот за 5 отсто од БДП-то.

Опозицискиот СДСМ поднесе интерпелација за работата на министерот за финансии Зоран Ставрески. Опозицијата и дел од критички настроените економисти предупредуваат дека ако долгот продолжи да се зголемува со оваа брзина, на Македонија и се заканува влез во грчкото сценарио за презадолженост, иако во моментов Македонија е далеку од нивото на долг на Грција.

Потпретседателот на опозицискиот СДСМ Зоран Јовановски вели дека сите дупки во домашната економија и во буџетот, се покриваат со задолжувања во странство. Тоа е само привид и што не е одржлив на долг рок и во еден момент ќе застане. Тогаш кога ќе застане го имате грчкото сценарио, вели Јовановски.

„Тоа е политика која ќе создава привид дека оваа влада има успеси, се до оној момент додека има некој во странство којшто е расположен да ни позајми пари како на држава. Во моментот кога тоа веќе нема да биде случај, Македонија ќе мора да се прилагоди на суровата реалност, а тоа прилагодување, ако нешто не се превземе во меѓувреме, ќе биде многу болно. Проблемот не е 2012-та, проблемот допрва ќе доаѓа, во 2015, 2016-та и 2017-та година. Значи во тие три години вкупно Македонија ќе треба да врати странски долг, зборувам вкупно за три години, во износ поголем од 1 милијарда евра“, вели Зоран Јовановски.
Вистината е дека има трето купче на пари коешто владата љубоморно го чува, го крие и за тоа купче не зборува. Тоа е купчето од коешто владата ги троши парите за практично да си купува рејтинг, од тоа купче за плаќаат рекламите, од тоа купче се плаќаат врбите, од тоа купче се плаќа барокот и фасадите и тн. Е сега, тоа купче владата го крие и од тоа купче не сака да скрати, а всушност може да се сочуваат и платите и пензиите и социјалните трансфери и субвенциите и не мора толку да се крати од капиталните инвестиции ако се скрати од тоа трето купче што владата го чува. Граѓаните треба да знаат, секогаш кога ќе видат реклама на телевизија, тоа значи дека на владата и било поважно на телевизија да оди владината реклама одошто на пример некој да добие подобра здравствена услуга во здравството кадешто со ребалансот се крати.
Зоран Јовановски, потпретседател на СДСМ.

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески воопшто не се согласува со ваквите црни прогнози.

„Македонија и македонската економија во последниве пет години имаше многу подобри остварувања отколку грчката економија и гледано во иднина, македонската економија и во следните пет години ќе биде многу подобра од грчката економија, односно македонската економија ќе биде многу постабилна и ќе има економски раст за разлика од Грција која што веројатно уште неколку години ќе има економски пад каков што имаше во изминативе пет години“, рече Ставрески.

Економистот и поранешен директор на Агенцијата за разузнавање Кире Наумов, пак, излезе со уште попесимистички прогнози. Во колумна во Дневник пред половина година, тој напиша дека ситуацијата во Македонија наликува на ситуацијата во Аргентина во 2001 година пред банкротот. Наумов посочува дека денарот е преценет во однос на еврото и оти тоа може да има негативни последици за македонската економија.

Тој потсетува дека јавниот долг на Аргентина пред банкротот бил 54 отсто од БДП-то, што не се смета за преголема задолженост, а пезосот бил врзан за доларот, како што денарот е врзан за еврото.
Проекција за движење на јавниот долг и клучните параметри.
Проекција за движење на јавниот долг и клучните параметри.

„Kога дојде до валутна криза и кога мораше да биде напуштен фиксниот курс, пезосот депресираше за околу 75%, а БДП (искажан во долари) драстично падна, далеку повеќе отколку што изнесуваше падот на реалната стапка на раст. Индикаторот за јавниот долг од 54 отсто скокна на 164 отсто и ги откри вистинските размери на проблемот кој преценетиот пезос со години наназад ги сокриваше“, пишува Наумов.
Што ќе беше дискусијата на СДСМ, ако државниот долг на оваа земја беше 50 проценти како што е во Црна Гора или 50 проценти како што е во Србија или 60 проценти како што е во Хрватска или да не зборуваме над 100 проценти во други земји. Каква ќе беше тогаш дискусијата почитувани пратеници од СДСМ?
Зоран Ставрески, вицепремиер и министер за финансии.

Колкав долг е голем долг?

Според книгата на факти на ЦИА, Македонија во 2011 година била една од најмалку задолжените држави во Европа. Помалку задолжени се Косово со 5,6 отсто од БДП-то, Естонија со 5,8, Гибралтар со 7,5, Русија со 8,7, Бугарија со 17,5 и Луксембург со 20,4, а слично задолжена како Македонија била Молдавија со долг од 29,3 отсто од БДП-то. Според овие податоци, од бројките за 137 земји во светот, повеќе од 100 имаат поголем долг од Македонија како процент од БДП.

Најзадолжена земја, пак, е Зимбабве со долг од 230 отсто од БДП-то.

Втора по задолженост, пак, е Јапонија, којашто должи 208 отсто од БДП-то. Грција е на четврто место со долг од 165 отсто, Исланд шести со 130, Италија има 120 отсто, Ирска 107, Португалија – 103, Белгија – 100, Франција – 85,5 и Германија должи над 80 отсто од БДП-то.

Сепак, за Јапонија никој не вели дека е презадолжена или пак има сомнеж дека ќе може редовно да си ги отплаќа кредитите. Рејтинг агенцијата Мудис, лани го намали кредитниот рејтинг на Јапонија за едно ниво поради последиците од цунамито и нуклеарната катастрофа во Фукушима. Сепак, Мудис соопшти дека на Јапонија не и претстои неизбежна криза. Земјата има добра економија, обемно штедење и речиси сите долгови им се во јени.

Франција и Германија, пак, иако должат по над 80 отсто од БДП-то, не само што не важат за презадолжени, туку им помагаат и на задолжените земји од еврозоната да ја надминат кризата. Овие две земји исто така од банките добиваат кредити под многу поповолни услови од земи кои се многу помалку задолжени од нив.

Македонија нема проблем, има уште простор за задолжување

На секое прашање за задолженоста на Македонија, министерот за финансии Зоран Ставрески и премиерот Никола Груевски одговараат дека Македонија е четврта најмалку задолжена земја во Европа.

„Македонија е четврта најмалку задолжена земја во Европа, повторувам, четврта најмалку задолжена земја во Европа со само 26 отсто од БДП-то. Се друго е дневна политика и партиски обиди за добивање дневно политички поени. Нормално во светот е државите да прават враќање на одреден долг со ново задолжување коешто во овој случај е и поевтино задолжување и делумно тековно да го отплаќаат долгот. Значи ние имаме тековно отплаќање и нормално кога доаѓаат поголеми рати со замена на долг се враќа поголемо парче од долгот, а едно парче од долгот се враќа и со тековни враќања од буџетот така што имаме континуирано намалување на долгот“, рече пред десетина дена премиерот Никола Груевски.

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на собрансиката комисијата за финансирање и буџет, како одговор на критиките на опозицијата, рече дека Македонија нема проблем со нивото на државниот долг.

„Што ќе беше дискусијата на СДСМ, ако државниот долг на оваа земја беше 50 проценти како што е во Црна Гора или 50 проценти како што е во Србија или 60 проценти како што е во Хрватска или да не зборуваме над 100 проценти во други земји. Каква ќе беше тогаш дискусијата почитувани пратеници од СДСМ?“, рече Ставрески.

Тој посочи дека Македонија е пример за дисциплинирано водење фискална политика и за дисциплинирано водење на политиката на државен долг.

„Македонија е единствената што има простор за задолжување, бидејќи во периодот 2007-2008 година, да ве потсетам, ние, истите тие коишто сега нели неодговорно, според вас, ја задолжуваме земјата, ја раздолживме оваа иста наша земја со поголем износ на средства одошто сега позајмивме. Фактот е дека ако знаете да ја водите политиката тогаш кога имате пари, тогаш кога во буџетот имате средства да се раздолжите и го направите тоа, потоа, во лоши времиња, имате простор да се задолжите, пак умерено, пак со внимателност и одговорност“, рече Ставрески.

Тој вели дека долгот на Македонија можел да биде уште понизок, но оти тоа би било лошо за граѓаните.

„Да видиме што би биле последиците врз македонската економија. Ќе беше долгот 1 процент понизок, место 26 ќе имавме 25 проценти, но колку македонски претпријатија ќе пропаднеа, колку куќи немаше да имаат довод на вода, колку болници немаше да бидат реконструирани, колку пари ќе добиеја земјоделците, колку школи немаше да бидат реконструирани. Тоа е вистинската дебата што треба да ја водиме и на таа основа да оценуваме дали било продуктивно задолжувањето, дали буџетот се користел правилно или не“, рече Ставрески.

Патишта да, жални врби не

Од друга старана, опозицијата тврди дека не е точно дека без задолжувања не би имало пари за потребите на граѓаните. Потпретседателот на СДСМ, Зоран Јовановски, во неделното интервју на Радио Слободна Европа вели дека ако се скратат парите за споменици и за реклами, нема потреба од задолжување, а ќе има и за граѓаните.

„Вистината е дека има трето купче на пари коешто владата љубоморно го чува, го крие и за тоа купче не зборува. Тоа е купчето од коешто владата ги троши парите за практично да си купува рејтинг, од тоа купче за плаќаат рекламите, од тоа купче се плаќаат врбите, од тоа купче се плаќа барокот и фасадите и тн. Е сега, тоа купче владата го крие и од тоа купче не сака да скрати, а всушност може да се сочуваат и платите и пензиите и социјалните трансфери и субвенциите и не мора толку да се крати од капиталните инвестиции ако се скрати од тоа трето купче што владата го чува. Граѓаните треба да знаат, секогаш кога ќе видат реклама на телевизија, тоа значи дека на владата и било поважно на телевизија да оди владината реклама одошто на пример некој да добие подобра здравствена услуга во здравството кадешто со ребалансот се крати“, рече Јовановски.

На овие обвинувања, власта одговара дека се работи само за политички маркетинг зашто парите што се трошат за непродуктивни намени се незначителни.

Дали навистина на непродуктивни трошоци одат незначителни суми. Иако официјално не се соопштува вкупната сума, според проценките, на проектот Скопје 2014 досега се потрошени околу 250 милиони евра, токму толку колку што е најавеното задолжување од Дојче банк, за кое пак, со се каматите дражавата ќе треба да врати околу 335 милиони евра.

И граѓаните што ги анкетиравме не се согласуваат на трошење пари за панорански тркала, вртелешки или аква-паркови.

„Од една страна велат дека е голема криза, од друга страна за три врби се даваат 240 илјади евра.“

„Тоа што може да се направи, нека се направи, ова е единствената шанса.“

„Ако нема пари за боледувања тогаш како има пари за аквапарк“, велат анкетираните граѓани во рубриката Хајд парк.
Задолжување, за што и до кога?
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:21 0:00
Дополнително, според агенцииите што го испитуваат пазарот на реклами, владата неколку години наназад е меѓу најголемите огласувачи. Иако владата никогаш официјално не соопштила колку вкупно пари троши на реклами, ако се смета според ценовниците на медиумите, владата троши меѓу 10 и 20 милиони евра годишно на реклами или за шест години скоро колку најавениот кредит од Светската банка.
Ако капиталните расходи се продуктивна намена, што значи тие да создаваат услови и можности за создавање на нови вредности, логично е дека преку таквите капиталн иинвестиции ќе се обезбеди повраток, бидејки тие треба да создаваат ефект на долг рок.
Јован Пејковски, универзитетски професор.

Економистите посочуваат дека најважното прашање не е колку, туку за што се задолжува Македонија. Доколку парите се трошат на капитални инвестиции, воопшто не е проблем долгот на Македонија дури и да се удвои. Под капитални инвестиции се сметаат проекти што ќе го поттикнат стиопанството, ќе произведат поголем економски раст и со тоа ќе донесат повеќе пари со кои потоа државата ќе може да ги враќа кредитите. Такви инвестиции се вложување во патна и железничка инфраструктура, енергетски објекти, транспорт и слично.

Професор Јован Пејковски вели дека ако капиталните расходи создаваат добивка, задолжувањето може да се покрие.

„Ако капиталните расходи се продуктивна намена, што значи тие да создаваат услови и можности за создавање на нови вредности, логично е дека преку таквите капиталн иинвестиции ќе се обезбеди повраток, бидејки тие треба да создаваат ефект на долг рок. Јас се согласувам дека во услови на криза секогаш се можни потреси и турбуленции, но најлошо е ништо да не се прави и да не се инвестира. Обратно, инвестирањето ја поттикнува вкупната економска активност, односно придвижува една спирала на влијанија во економската, во финансиската сфера, која што ја повлекува економијата во позитивна насока“, вели Пејковски.

Економската аналитичарка Шенај Хаџимустафа вели дека со вложување во продуктвни работи со тек на време долгот ќе може да се намалува.

„Ако сме ги трошеле парите, паметно, ефикасно, рационално, за цели кои што се навистина битни и за доброто и општата благосостојба на сите луѓе во земјата, тогаш мислам дека овој маѓепсан круг некогаш можеби и ќе престане или, пак, ќе биде многу помало задолжувањето за враќање на долгови, така да останува да видиме што ќе покаже времето“, вели таа.

Економистите посочуваат дека ако се прават нови долгови за да се плаќаат старите кредити, а притоа долгот не се намалува, туку се зголемува, државата може да влезе во спирала на задолжување од која потоа многу тешко може да излезе.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG