Достапни линкови

Источна Европа врти на десно


Пратеникот Елод Новак од унгарската десничарска партија Јобик го пали знамето на ЕУ на протестот „Да бидеме членка или да бидеме слободни?“ во Будимпешта на 14 јануари 2012 година.
Пратеникот Елод Новак од унгарската десничарска партија Јобик го пали знамето на ЕУ на протестот „Да бидеме членка или да бидеме слободни?“ во Будимпешта на 14 јануари 2012 година.

Унгарија е скоро скршена и се позиционира на десно толку силно што и Европската унија требаше да покрене законска акција во одбрана на демократијата. Ова го пишува германскиот весник Шпигел, додавајќи: Но, проблемот е многу поголем: националистите и популистите земаат замав низ Источна Европа.

На унгарскиот премиер Виктор Орбан му требаа само неколку години. За тоа кратко време тој успеа неговата земја да ја сврти наопаку. Граѓанските слободи и слободата на медиумите се зауздани, демократската поделба на власта анулирана и уставот е во духот на поранешниот унгарски националистички лидер Миклош Хорти.
Многумина имаат чувство дека живеаат во демократија без демократски квалитети.
Иван Крастев, бугарски аналитичар.

Унгарија политички е изолирана од Европската унија и на работ на национална несолвентност. Европската комисија веќе покрена законска акција против Унгарија. Тоа е голем пресврт за земјата која еднаш беше посочувана како модел за реформи во регионот.
Виктор Орбан и Дејвид Камерон
Виктор Орбан и Дејвид Камерон

Самиот Орбан, на кој порано многу му се восхитуваа, сега изгледа како мешавина меѓу Владимир Путин и Хуго Чавез. Но, Орбан и неговата Унгарија го претставуваат политичкото движење кое се шири низ централна и јужна Европа.

Опасната бура се појави во сенката на кризата во еврозоната. Уништувачките последици минаа низ овој дел на светот при што многу земји паднаа во големи долгови, рецесија и невработеност. И не само кревките економии се во опасност.

По дведецениските реформи и мерки за штедење, повеќето од луѓето се изморени, немаат доверба во демократијата, стануваат евроскептични и имаат аверзија спрема она што некогаш им беше Запад.

„Станува збор за криза на источноевропските демократии“, вели романскиот аналитичар Кристијан Павулеску, додавајќи дека не се исполнија големите очекувања од членството во Европската унија и затоа сега се јавува национализам.

Всушност, Унгарија е лекција за трагедијата на општествата во транзиција и на глобализацијата. Бугарскиот експерт Иван Крастев на орбановата политика гледа како на сериозен обид за решавање на унгарската криза преку националистички средства.

„Но, што се случува кога на владата не и осанува ништо друго освен националистичкиот модел“, прашува Крастев.

Европската унија ја загуби нејзината улога и сила во Источна Европа.

Тешко дека некоја земја од Балтикот до Бугарија се уште вистински се држи до европските проекти. Во Чешка, претседателот Вацлав Клаус агитира против Брисел и еврото. Слично е и во Естонија и во Словачка, а кога се двоуми, романскиот популистички лидер Трајан Басеску повеќе ги подржува САД, отколку Евопската унија.

„Многумина имаат чувство дека живеаат во демократија без демократски квалитети“, заклучува Иван Крастев за германскиот весник Шпигел.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG