Достапни линкови

Странците нема да ви го решат спорот за името


Гудрун Штајнакер
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:03 0:00
Директен линк

Гудрун Штајнакер, Амбасадорка на Германија во Македонија.

Спорот за името е тешко прашање и покрај тоа што не изгледа така, многумина не го разбираат тоа, но е длабоко вкоренет проблем меѓу двете земји. Како историчар, можам да кажам дека сум речиси убедена дека решение ќе се најде, вели германската амбасадорка Гудрун Штајнекер, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Ваша Екселенцијо, денеска кога гледаме како Хрватска, со која држевме чекор, станува членка на ЕУ, не можеме, а да не се прашаме, можеше ли се да биде поинаку и за нас? Па ве прашувам и Вас - можевме ли да ги искористими шансите подобро одошто тоа го направивме?

Ова е тешко прашање и како што реков на почетокот, премногу сум нова за да знам дали Македонија ги искористила сите шанси соодветно во минатото. Можеби да, но навистина не знам, мислам дека постојат несреќни околности коишто ја спречија Македонија да напредува брзо во процесот на евроинтеграции како Хрватска, но исто така Хрватска требаше да вложи енормни напори и се уште треба да ги прави за да стане полноправна членка на ЕУ. И покрај сите тешкотии коишто постојат, политички, внатрешни овде во Македонија, мислам дека Македонија треба да ги искористи сите можности за да оди напред во интеграцискиот процес, а тоа значи да ги имплементира неопходните закони, стандарди, кои се услов за отпочнување на пристапните преговори.

Гледате како оптимизмот ја напушта Македонија во поглед на интеграциите. Особено откако разговорите за името не покажаа напредок, а хашката пресуда не се покажа како значајна референца. Гледате ли Вие начин да се одблокира целиот процес?

Најпрвин, мислам дека е многу важно политичките елити, а тоа не значи само Владата, да го одржуваат ентузијазмот кај народот за ЕУ, да направат нешто во врска со тој ентузијазам. Мора да објаснуваат постојано што значи да си членка на ЕУ и што уште треба да се направи во таа насока и пред да отпочнат пристапните преговори и да отпочне целиот процес. Мислам дека Македонија треба се уште да вложува напори, ако добро се чита последниот извештај за напредокот, постојат јасни препораки, постојат одредени забелешки. Како што реков, политичките елити треба да работат на тоа, но тука нешто можат да направат и граѓаните. Разбирам дека на некој начин постои извесен дефетизам, намален оптимизам, затоа што проблемите со кои што се соочува Македонија во целиот процес, траат долго време, но што е тоа долго време во историска смисла?

Ако во 1985 година ги прашавте мнозинството Германци дали веруваат во повторното обединување на Германија, најверојатно мнозинството во Германија, ќе ви речеше не, можеби ќе се случи, но не додека сум жив. Четири години подоцна тоа стана реалност. Затоа, мислам дека политичките елити треба да побараат малку повеќе трпение и треба да побараат од сите делови на популацијата да направат се што можат за побрзо членство во ЕУ.

Знам дека постои програма, и вицепремиерката Теута Арифи права вонредни напори во заедничка соработка со останатите министри и со администрацијата да се исполнат барањата и стандардите на ЕУ и мислам дека тоа е добар знак. Мислам дека креативност и силна волја е потребна не само од страна на земјата којашто, многумина мислат, го блокира членството на Македонија во НАТО и во ЕУ, туку исто така и на оваа страна, и храброст од оваа страна, од страна на Владата да изнајде решение за блокадата. За да се деблокира целиот процес потребни се партнери но пред се тука се Владата, државата Македонија и се разбира другата страна, Грција. Се надевам дека тие ќе ја најдат таа храброст и ќе дојдат до решение.

Забелешките во областите на јавната администрација, слободата на изразување, правосудството со години се повторуваа, а малку напредок може да се забележи. Како гледате Вие на тоа?

Мислам дека е тоа процес што трае, тоа не е нешто како супа, па ќе ја свариш и сега тоа е направено, па ќе ја изедеш. Мислам дека сите овие проблеми не се присутни само во Македонија, туку и во останатите земји кандидатки, сите се соочуваат со слични проблеми и затоа многу ја поддржуваме идејата за регионална соработка за решавање на овие проблеми и во имплементација на политиката којашто ќе ги приближи овие земји до ЕУ, исполнување на барањата и стандардите. Затоа мислам дека Македонија треба на ова да гледа како на процес, којшто постојано ќе се развива и ќе се унапредува, а тоа е нешто што се случува исто така и во земјите членки на Унијата. На тоа треба да се гледа како на шанса да се стане подобар.

Што очекувате од самитот во Чикаго и од Брисел, во поглед на евроинтеграциите?

Зачленувањето на Македонија во НАТО не е директно поврзано со овој самит. Тоа може да се случи кога и да е, треба да се направи повеќе во врска со политичкиот процес, но во секој случај би сакала од самитот во Чикаго барем добри сигнали за Македонија зашто тоа би ја охрабрило Македонија во реформскиот процес. Малку е опасно да се очекува премногу од само еден самит, само еден состанок, би било подобро ако на нив се гледа како на можност за дијалог и за напредок.

Постои ли можност да ја изгубиме препораката или кандидатскиот статус и што тогаш?

Јас не сум вистинската личност за да ви одговорам на ова, јас нема да одлучувам и не сакам да нагаѓам што може да се случи. Не верувам дека ваквата опасност е навистина многу голема ако Македонија продолжи со нејзиниот реформски процес. Не можам да замислам дека Македонија може да ја изгуби препораката ако е јасно дека таа ги презема сите мерки за да ги унапреди чувствителните прашања и прави навистина многу напори за да се развиваат во вистинската насока.

Меѓутоа, овде станува збор за спорот за името. Како што видовте, немаше никаков напредок во најновата рунда преговори за името. Недостасува ли некаква креативност, некаков нов импулс, нова енергија во тој процес?

Мислам дека нови импулси, нови иницијативи секогаш можат да бидат од помош, но од друга страна не се гаранција. Мислам дека мора многу внимателно и темелно да се проверат сите можности, а потоа секако се зависи од степенот на храброст, креативност, на политичарите на сите засегнатити страни со цел да се направи прогрес. Не сум експерт за спорот за името, но станува збор за тешко прашање, и покрај тоа што не изгледа така, многумина не го разбираат тоа, но е длабоко вкоренет проблем меѓу двете земји. Како историчар можам да кажам дека сум речиси убедена дека решение ќе се најде. Никој не знае кога ќе се најде, но би сакала политичарите од двете засегнати страни во спорот да имаат вистински идеи, храброст и политичка волја да продолжат и да најдат решение. Јас можам само тоа да посакам.

Коментарите се дека меѓународната заедница може да го изгуби трпението и да изостане поддршката поради долгата стагнација?

Искрено мислам дека Македонија добива се уште многу поддршка. ИПАРД фондови коишто се тука за да го поддржат претпристапниот процес. Тие се уште не се искористени во целост. Искористеноста во изминатиот период е унапредена, но и покрај тоа тие не се сосема искористени. Можам да кажам дека во изминативе неколку месеци откако сум во земјава, присуствував на многу конференции, состаноци и настани поврзани со проекти коишто течат, завршуваат или отпочнуваат, во сите области, економијата, социјалната политика, реформите на администрацијата, владеење на правото и тн., финансирани во целост или делумно од европски фондови или од билатерална помош или од невладини организации. Германија е вклучена во многу проекти и мислам дека ако сите овие фондови и поддршка бидат навистина добро употребени, многу нешта можат да се случат овде, така што мислам дека немате никаква причина за резигнираност или песимизам во Македонија. Сите овие проекти го покажуваат нашиот искрен интерес за развојот на Македонија и нашата искрена желба оваа земја да оди понатаму. Мислам дека на тоа можеби треба да му се даде малку повеќе јавност, ние исто така се обидуваме да ги информираме медиумите за мерките кои се преземени, а јас лично присуствував на повеќе конференции коишто се организирани со цел да се имплементираат проекти во областа на владеење на правото на пример, би сакала да го споменам нашиот фонд за меѓународна правна соработка, и релевантните претставници овде во Македонија се значително вклучени во унапредувањето на владеењето на правотот во земјава и мислам дека тоа се поприлично големи пари.

Зошто хашката пресуда има толку малку значење во целата приказна?

Можам единствено да упатам на зборовите на поранешниот американски амбасадор во Македонија, Рикер, којшто при посетата овде рече, во ред тоа е одлука на меѓународниот суд, секако разбирам дека Македонија е задоволна со оваа одлука којашто беше во корист на македонската страна, но тоа е се, не постојат автоматски консеквенци од неа. Ваквото очекување е неосновано и морам да го коментирам премиерот којшто реагираше на многу умерен и соодветен начин на оваа одлука. Разбирам дека Македонците и особено Владата ја гледаат оваа пресуда како нешто што е во корист на Македонија, но таа не го менува проблемот и не ја менува политичката ситуација. Работите ќе продолжат како и до сега, и се надевам во вистинската насока.

Дел од политичките структури во земјава се уште се надеваат на меѓународна поддршка, односно притисок, за одврзување на јазолот? Постои ли воопшто таква можност?

Лично сум малку скептична дека ќе се случи некакво чудо, дека на некаков начин, некој меѓународен актер, ЕУ или некоја земја индивидуално, или земја надвор од ЕУ, ќе стави предлог на маса, а двете земји ќе се согласат и ќе речат - да тоа е она што од секогаш го сакавме, мислам дека толку многу опции веќе беа на маса, а решението не беше најдено од многу причини, како и поради значајната количина на ирационалност на двете страни и недостигот од фундаментално разбирање еден за друг. Мислам дека е многу важно во овој проект можеби да се направи игра на улоги каде што Македонија ќе треба да ја одигра улогата на Грција, а Грција да ја одигра улогата на Македонија. Потоа, оставете ги политичарите во една просторија и оставете ги да разговараат за проблемот и да најдат решение. Но, се разбира треба да се биде сериозен, да се преземе улогата на другата земја и можеби би било интересно да се види каков ќе биде резултатот. Многумина се сомневаат во тоа, но јас сум секако убедена дека секогаш постои решение, но веројатно треба да постои компромис од двете страни. Уште еднаш можам да ги охрабрам политичарите сериозно да се зафатат за проблемот и со голема сериозност да побараат решение.
XS
SM
MD
LG