Достапни линкови

Вести

Македонија ја победи и БиХ

Македонските фанови продолжуваат да слават.
Македонските фанови продолжуваат да слават.
Македонските кошаркари со резултат 75-63 ја совладаа репрезентацијата на Босна и Херцеговина во последното петто коло од натпреварите во групата Ц на Европското првенство во Литванија. Со тоа обезбедија максимални четири бодови во втората фаза.

Најефикасни во нашата репрезентација беа Бо Мекејлеб со 22 поени, Перо Антиќ со 15 и Тодор Гечевски со 13 поени. Натпреварот беше „прекршен“ на почетокот од третата четвртина, кога Македонија направи серија од 13:0 и остана во водство до крајот на средбата. Нашата репрезентација уште еднаш демонстрираше феноменална игра во одбраната во текот на целиот меч. Следната средба на ЕП во кошарка се игра во Вилнус в четврток во 14:30 часот против Грузија.

Според правилата на првенството, најдобрите три репрезентации од сите четири групи формираат две нови групи од по шест репрезентации. Секој тим во второто коло ги пренесува бодовите од првото коло што ги освоил против екипите што поминале понатаму. Со оглед на тоа што од групата Ц, освен Македонија, понатамошен пласман изборија Грција и Финска, кои изгубија од Македонија, нашата репрезентација во новоформираната група ќе пренесе четири бода, Грција има три, а Финска 2 бода.

Освен овие три, во новоформираната група Ф, влегуваат и најдобрите три репрезентации од групата Д – Русија, Словенија и Грузија. Русите имаат 4 бодови, Словенија 3, а Грузија 2 бода.

Најдобрите четири репрезентации од оваа новоформирана група се пласираат во четвртфиналето. Во групата Ф, Македонија нема повторно да игра против Грција и против Финска.

Во другата група Е ќе играат најдобрите три репрезентации од групите А и Б - Шпанија, Турција, Литванија, Србија, Франција и Германија.

види ги сите денешни вести

Министерството за култура исплаќало средства за проекти, без јасно дефинирани критериуми

Министерство за култура, Скопје
Министерство за култура, Скопје

Неправилности и неусогласености во работењето на Министерството за култура утврдил Државниот завод за ревизија во конечните ревизорски извештаи за работата на ресорното министерство.

Со ревизијата биле констатирани недостатоци во распределбата на средствата за културни проекти, која се врши преку Годишен конкурс согласно Законот за култура. Констатирано е дека не постојат јасни квалификации за членови на комисиите, приоритетите во конкурсите често се општи и не се темелат на долгорочни политики, а критериумите за оценка на проектите не се строго дефинирани, што како што се наведува, создава простор за субјективизам, некомпетентно именување на членови и неправилно категоризирање на проектите.

„Во 2023 година, Министерството за култура исплатило вкупно 318.152 илјади денари за одобрени проекти на други корисници, што ја нагласува итната потреба за јасни правила и критериуми во распределбата на средствата. И покрај приоритетот за реформи во оваа
област, предлогот за нов закон, кој би можел да го подобри системот, сè уште не е усвоен, се наведува во соопштението во кое е даден и подетален табеларен преглед по секоја дејност од областа на културата на други корисници поединечно“, се вели во соопштението од ДЗР.

Во рамките на Годишниот конкурс за финансирање на проекти од национален интерес во културата за 2023 година, Министерството за култура поддржало 74 од 185 апликации за интердисциплинарни проекти, што претставува 40% од предлозите, со вкупна исплата од 22.185 илјади денари.

„И покрај тоа што интердисциплинарната дејност не е формално дефинирана во Законот за култура, Министерството продолжува да финансира проекти надвор од утврдените категории, што не е во согласност со Законот за културата. Поради финансиски договори кои дозволуваат финансирање на повеќе од два проекти од едно правно лице, како и недостигот на целосна документација и евалуација за измените на договорите, се загрозува транспарентноста и правичноста во распределбата на средствата. Овие недостатоци отвораат простор за неправилности и фаворизирање на одредени проекти во интердисциплинарните активности“, наведува извештајот.

Во ревизорскиот извештај се нотира дека се утврдени слабости и во распределбата на средствата за проекти од национален интерес, особено во меѓународната културна соработка, кои укажуваат на недостиг на транспарентност. Дел од исплатените средства за проекти не се доделени преку редовни конкурси, а некои правни лица добиле поддршка над лимитот од четири проекти, што го нарушува почитувањето на утврдените услови. Осум проекти добиле вкупно 5407 илјади денари без објективни причини за недоставување на апликации.

Иако, Министерството има усвоено Упатство за финансирање, се посочува, тоа не нуди доволно прецизни насоки, што создава неповолна ситуација за другите учесници во конкурсите. Потребно е преземање на активности за утврдување на јасни критериуми за финансирање кои ќе обезбедат правичен третман на сите апликанти.

Во однос на остварувањето на приоритетите за развој и унапредување на културата, констатирано е дека последната усвоена Национална стратегија за развој на културата од Собранието го покрива периодот 2018-2022 година, оставајќи ги активностите за 2023 година, предмет на актуелната ревизија, без јасни насоки. Министерството нема донесено годишен план ниту за претходниот период, ниту за 2023 година, што е нотирано и во претходните ревизорски извештаи.

„Недостигот на долгорочна стратегија за развој на културата доведува до општи поставени приоритети и создава предизвици во планирањето на културните активности. Во декември 2023 година Владата усвои нова Национална стратегија за културата за периодот 2023-2028 година, но истата не е усвоена од Собранието“, се наведува во извештајот.

Со ревизијата, констатирани се слабости и во евидентирањето на средствата и проектната документација за капитални објекти во периодот од 2012 до 2023 година. Дополнително, утврдени се исплати на надоместоци без законска основа, како и пропусти во две јавни набавки во вкупен износ од 18.455.000 денари. Овие пропусти можат негативно да влијаат на конкуренцијата и да го нарушат принципот на еднаквиот третман на економските оператори, се заклучува во конечните ревизорски извештаи на Министерството за култура, објавени од ДЗР.

Над 400 000 либански деца раселени во последните три недели

Последици од израелски напад во јужен Либан, октомври 2024
Последици од израелски напад во јужен Либан, октомври 2024

Повеќе од 400 000 деца во Либан се раселени во последните три недели, изјави висок претставник на УНИЦЕФ, предупредувајќи на загубена генерација во малата земја која се соочува со бројни кризи и сега е вовлечена во војна.

Израел ја засили својата кампања против милитантната група Хезболах, која дејствува од Либан, вклучувајќи и копнена инвазија по размената на оган со таа проиранска организација за време на војната со Хамас во Појасот Газа.

Борбите во Либан принудија 1,2 милиони луѓе да ги напуштат своите домови, од кои најголемиот дел во последните три недели ескалација побегнаа во Бејрут или на северот од земјата.

Тед Чајбан, заменик извршен директор на УНИЦЕФ за хуманитарни акции, ги посети училиштата што се пренаменети во засолништа за раселени семејства.

„Она што ме остави без зборови е дека оваа тринеделна војна погоди толку многу деца. Додека седиме тука, 1,2 милиони деца се лишени од образование. Либанските јавни училишта или се недостапни, или се оштетени од војната, или се користат како засолништа. Последното што и е потребно на оваа земја, покрај се што помина, е ризикот да изгуби неколку генерации“, рече Чајбан.

Иако некои приватни училишта во Либан се уште работат, јавниот образовен систем е сериозно погоден од војната, заедно со најранливите групи во земјата, како што се палестинските и сириските бегалци.

Само третина од водните површини во Европа се со добар квалитет

илустрација
илустрација

И покрај целта поставена од ЕУ во 2015 година, сите водни површини да бидат оценети како вода со добар квалитет, само околу една третина од површинските води во Европа се во добра состојба, се вели во извештајот на Европската агенција за животна средина (ЕЕА).

Според податоците од 19 земји-членки собрани од ЕЕА во 2021 година, околу 37 отсто од површинските води во Европа имаат барем добар еколошки статус, додека 29 отсто имаат добар хемиски статус, објави Гардијан.

Првичниот рок за постигнување на целта на ЕУ е продолжен до 2027 година, но податоците покажуваат дека тој рок ќе биде пропуштен со големи отстапки.

„Состојбата со водата во Европа не е добра. Нашите води се соочуваат со голем број предизвици кои ја загрозуваат безбедноста на водата во Европа“, рече Лина Ила-Мононен, извршен директор на ЕЕА.

Извештајот на ЕЕА покажа дека земјоделските активности имаат најголемо влијание врз површинските и подземните води на Европа, бидејќи премногу вода се испумпува додека се испуштаат многу загадени отпадни води, а исто така го наведува и влијанието на термоелектраните што ослободуваат токсични честички.

По истражувањето на РСЕ, заканувачки пораки до стотици украински организации

илустрација
илустрација

Голем број државни институции во Украина на 14 октомври беа евакуирани откако стотици училишта, бизниси, амбасади и медиуми добиле електронска пошта со закана за терористички напад. Властите извршија инспекција на училишта, бизниси, хотели, амбасади и медиумски организации вклучително и во канцелариите на Радио Слободна Европа, кои ја примиле заканувачката е-пошта, во потрага по експлозивни направи за кои во пораката се вели дека биле поставени на тие локации.

Украинското Министерство за надворешни работи соопшти дека 60 нејзини мисии во странство ја примиле заканувачката е-пошта, а некои од нив ги суспендирале конзуларните услуги.

Во заканувачката е-пошта се спомнуваат имињата на новинарите на РСЕ, Ирина Сисак и Валерија Јехошина, како и на хонорарката Јулија Кимерик, кои испраќачите ги обвинуваат за наводно планираните бомбашки напади.

Тоа следи по истрагата објавена од тројцата новинари во истражната единица Шеми (Schemes) на украинската служба на РСЕ, која покажува како руските разузнавачки служби регрутираат Украинци, вклучително и малолетници, за да ги запалат автомобилите на украинскиот воен персонал и претставници на воените центри.

Претставниците на Националната полиција на Украина кои ги проверуваа локациите вклучително и канцеларијата на РСЕ во Киев изјавија доцна на 14 октомври дека не пронашле никаква експлозивна направа откако пребарале околу 60 отсто од загрозените локации, но претресите продолжиле.

Пораката е испратена од лице кое се претставило како претставник на „терористичка група“ чие име се совпаѓа со името на антиукраинскиот канал Телеграм, кој шири повици да се палат автомобили на украински воен персонал и претставници на воени центри. РСЕ не го открива името на испраќачот или групата од безбедносни и етички причини.

По добивањето на заканувачката е-пошта, Шеми откри и дека лице со исто име како испраќачот на заканувачката е-пошта живее на Крим, окупиран од Русија и има руски пасош.

Претседателот на РСЕ, Стивен Капус, рече дека РСЕ знаела дека нејзините новинари биле именувани во заканувачките мејлови.

„Нема да бидеме исплашени и да застанеме зад нашите новинари кои ќе продолжат да носат вести до украинската публика без страв и пристрасност“, рече Капус, ветувајќи целосна соработка со властите во нивните истраги.

Според Шеми, групата која ја презеде одговорноста за наводното подметнување експлозиви, активно шири пораки на социјалните мрежи во кои повикува на палење на украинските воени возила и ги демонстрира резултатите од претходните подметнувања на пожари. Напорот за регрутирање чини 100 долари за оние кои ќе се согласат да учествуваат.

Артем Дехтјаренко, портпарол на Службата за безбедност на Украина (СБУ) рече дека Русија се обидува да направи да изгледа како подметнување пожари што ги вршат обичните Украинци, а всушност нападите се поттикнати од руските безбедносни служби.

Шеми, исто така, објави дека на почетокот на октомври претставници на истата група испратиле пораки до неколку украински владини агенции нудејќи „плаќање за убивање“ на највисоките безбедносни функционери и јавни личности. Тие се претставија како организација која „долго време се занимава со извршување на наредби за насилни дејствија и решавање на прашањата преку физичка елиминација“.

На веб-страницата на групата пишува дека обезбедува „услуги“ како што се „рекетирање, нарачани убиства, кражби на автомобили, телесни повреди, подметнување пожари“.

Прес-службата на СБУ за Шеми изјави дека масовното испраќање на заканувачка е-пошта треба да се гледа како операција чија цел е ширење паника меѓу украинската јавност.

Мировниците на ОН остануваат во јужен Либан, СБ е загрижен за нивната безбедност

Мировните сили на ОН патролираат на либанската страна долж границата со Израел, јули 2023
Мировните сили на ОН патролираат на либанската страна долж границата со Израел, јули 2023

Обединетите Нации посочија дека нивните мировни сили во јужен Либан ќе останат на своите позиции и покрај постојаните барања од Израел да ги напуштат позициите каде што се стационирани за да го зачуваат мирот од војната меѓу Израел и Хезболах.

Шефот на мировните операции на ОН, Жан-Пјер Лакроа, рече дека одлуката за задржување на силите на УНИФИЛ има целосна поддршка од Советот за безбедност на ОН и земјите-членки кои испраќаат свои војници во меѓународните сили.

Советот за безбедност на ОН изрази сериозна загриженост дека неколку мировни позиции на ОН во јужен Либан биле под директен оган во судирот меѓу израелската армија и милитантите на Хезболах, група поддржана од Иран.

Соединетите Држави го прогласија Хезболах за терористичка организација, додека Европската Унија на црната листа го стави само неговото вооружено крило, а не и политичката партија која има места во либанскиот парламент. Хезболах го поддржува Хамас, палестинската милитантна организација, од почетокот на војната во Појасот Газа.

Во соопштението усвоено со консензус, 15-члениот Совет за безбедност на ОН ги повика сите страни, без да ги именува, да ја почитуваат безбедноста на персоналот и објектите на УНИФИЛ.

„Мировните сили на ОН и објектите на ОН никогаш не смеат да бидат цел на напад“, објави Советот.

Советот за безбедност на ОН побара целосно спроведување на резолуцијата 1701 усвоена во 2006 година со цел да се зачува мирот меѓу Либан и Израел.

Советот рече дека „ја препознава потребата од нови практични мерки за да се постигне тој исход“, но не откри детали.

Од почетокот на израелската копнена операција во Либан на 1 октомври, позициите на УНИФИЛ биле погодени 20 пати, вклучително и со директен оган и инцидентот во неделата во кој два израелски тенкови ја пробиле вратата на базата на УНИФИЛ, објавија ОН.

„Во инцидентите се повредени петмина мировници, меѓу кои и еден мировник кој се здоби со рана од куршум“, изјави портпаролот на ОН Стефан Дужарик.

Во заедничката изјава, четирите земји ја истакнаа „клучната стабилизирачка улога“ на УНИФИЛ во јужен Либан и додадоа дека Израел и другите страни мора да ја гарантираат безбедноста на мировниците во секое време.

Веќе две недели Израел им кажува на мировниците на ОН да се преместат пет километри од таканаречената „сина линија“ воспоставена од ОН, која го дели Либан од Израел и Голанската висорамнина окупирана од Израел.

Албанија ги отвора преговорите за членство во ЕУ

илустрација
илустрација

Албанија денеска (15 октомври) го отвора првиот т.н кластер на преговори за пристапување во ЕУ.

Во Луксембург ќе се одржи меѓувладина конференција ЕУ-Албанија, на која ќе започне првата фаза од преговорите, откако земјата во овој процес беше одвоена од Република Северна Македонија на крајот на септември.

Албанија и Северна Македонија заеднички ги започнаа преговорите на 19 јули 2022 година во Брисел.

„Европската комисија очекува почеток на преговорите за проширување што е можно поскоро со Албанија, како и со Северна Македонија, откако ќе се исполнат барањата одобрени од Советот на ЕУ“, изјави портпаролот на Комисијата во септември по повод одлуката да ги раздвои двете балкански земји во преговарачкиот процес.

Во првата фаза од преговорите се вклучени поглавјата „Јавни набавки“, „Статистика“, „Судски систем и основни права“, „Правда, слобода и безбедност“ и „Финансиска контрола“.

Јужнокорејската армија отвори оган, откако Северна Кореја ги оштетила патиштата на границата

Војската на Јужна Кореја утрово објави дека „отворила оган на нејзина територија“ откако Северна Кореја ги оштетила патиштата што ги поврзуваат двете земји.

„По „операцијата со бомбардирање спроведена од Северна Кореја за блокирање на патиштата“, јужнокорејските сили „одговорија со оган во области јужно од воената демаркациона линија“, се вели во соопштението.

Севернокорејската армија утринава со експлозив уништи делови од патишта кои претходно се користеа за прекугранична трговија со Јужна Кореја, соопштија од Сеул.

Севернокорејската војска минатата недела објави дека „трајно“ ќе ги пресече многу симболичните патни и железнички линии што ги поврзуваат двете земји и ќе изгради „силни одбранбени структури“ долж границата.

Тензиите на Корејскиот полуостров се зголемија откако Пјонгјанг значително ги прошири ракетните тестови во изминатите две години, истовремено заострувајќи ја својата реторика против САД и Јужна Кореја. Таа, исто така, ја зајакна својата воена соработка со Русија.

На крајот на 2023 година, Ким Јонг Ун ги опиша меѓукорејските односи како меѓу две завојувани држави. Тој, исто така, побара Јужна Кореја да биде означена како главен непријател во социјалистичкиот устав на земјата.

Израелска армија погодила 230 цели во Газа и Либан

илустрација
илустрација

Израелската армија (ИДФ) објави дека во изминатите 24 часа погодила „околу 230 терористички цели во Газа и Либан“.

Во соопштението се наведува дека повеќе од 200 цели на Хезболах, вклучително и ракетни фрлачи и противтенковски позиции, биле нападнати во Либан.

„Израелската војска во вторник (15 октомври) започна напади врз источен Либан“, објавија официјалните либански медиуми.

Десетици припадници на Хезболах се убиени во судири со израелските војници, тврди израелската армија.

Хрватска, Италија и Словенија го поддржаа договорот меѓу Фронтекс и БиХ

Релокација на мигранти во Бих близу хрватската граница (архивска фотографија)
Релокација на мигранти во Бих близу хрватската граница (архивска фотографија)

Министрите за внатрешни работи на Хрватска, Италија и Словенија го поддржаа потпишувањето на договорот за намалување на илегалната миграција меѓу Европската агенција за гранична и крајбрежна стража (Фронтекс) и Босна и Херцеговина на состанокот во Запрешиќ, Хрватска.

Преговорите за тој договор се завршени и треба да се потпише, изјави хрватскиот министер Давор Божиновиќ, пренесе Бета.

Божиновиќ додаде дека 500 членови на Фронтекс во БиХ значат многу повеќе од сите на хрватската граница. Тој рече дека Фронтекс во БиХ е важен бидејќи „мигрантите кои се движат од југот на Европа кон хрватските граници не наидуваат на сериозни пречки“. Оваа средба на тројцата министри беше петта од воведувањето на внатрешна контрола на поранешните гранични премини меѓу Хрватска, Италија и Словенија.

Словенечкиот министер Боштјан Поклукар рече дека „странците доаѓаат како туристи, а потоа се претвораат во странци кои илегално ги минуваат нашите граници, стануваат мигранти и одат во целните земји на Европската унија“.

Тој рече дека „Шенгенот во моментов не функционира“, бидејќи во некои земји е воведена контрола на внатрешните граници, како и во Германија, која ги затвори сите граници.

Од друга страна, италијанскиот министер Матео Пјантедоси оцени дека оваа привремена контрола на границите во Шенген зоната „на некој начин ги потиснала сите негативни случувања“.

„Тоа навистина покажува колку можеме да ја потиснеме (миграцијата) кога станува збор за „балканската рута“. Се разбира, ние не сакаме да ги држиме границите затворени“, рече Пјантедоси.

Тој додаде дека во борбата против шверцерите е клучна „размена на информации меѓу полицијата за да може да се следат сите активности“.

Бројот на откриени премини на „западнобалканската рута“ е намален за дури 72 отсто, а на „Медитеранската рута“, која лани забележа најголем број нелегални премини, намалувањето е за 61 отсто во однос на лани. Таа рута е сè уште најактивна оваа година со речиси 26.000 откриени премини, објави Фронтекс во јули оваа година.

Прв круг парламентарни избори во Литванија - социјалдемократите со најмногу гласови

Избори во Литванија
Избори во Литванија

Опозициската Социјалдемократска партија освои најмногу гласови во првиот круг од парламентарните избори во Литванија и најави преговори за формирање нова влада со левичарските партии. Со тоа, коалицијата на десниот центар, која управуваше со Литванија во изминатите четири години, ќе треба да замине во опозиција.

Литванците во вчерашниот прв круг од изборите избраа 70 од вкупно 141 пратеник во парламентот според пропорционалниот систем. Останатите пратеници ќе бидат избрани во вториот круг од изборите на 27 октомври, на кој во секоја од 71-та изборна единица учествуваат двајцата најдобро пласирани кандидати од првиот круг.

По пребројувањето на 100 отсто од гласовите во првиот круг од изборите, социјалдемократите имаат 18 од првите 70 мандати во парламентот, а владејачката конзервативна партија Татковина на премиерката Ингрид Шимонита има еден помалку.

Лидерката на социјалдемократите, Вилија Блинкевичиуте, денеска изјави дека ќе се обиде да формира коалиција со Демократскиот сојуз, партија на левиот центар која освои осум места во парламентот. Таа најави меѓусебна поддршка за кандидатите на двете партии во вториот изборен круг.

Таа, исто така, ќе се сретне со раководството на централно-левичарска Унија на фармерите и зелените, која освои шест мандати.

Аналитичарите велат дека промената кон лево нема значително да ја промени надворешната политика на Литванија.

Во парламентот влезе и Немуно Аушра, новорегистрираната партија на десничарскиот политичар Ремигиус Жемаитаитис, која освои 14 пратенички места и Либералната унија со седум пратеници.

Социјалдемократите ја отфрлија можноста за сојуз со партијата на Жемаитаитис, која минатата година беше исклучена од евроскептичната партија Слобода и правда поради антисемитски изјави.

Резултатите од првиот круг на изборите укажуваат на продолжување на трендот Литванците да и даваат повеќе гласови на опозицијата на секои четири години.

Владата на Ингрид Шимонита, која беше формирана во 2020 година, постигна економски успех, но беше критикувана за воведувањето строги мерки за време на пандемијата на коронавирусот и за приливот на мигранти. Многумина се пожалија дека владата не направила доволно за да им помогне на бизнисите за време на карантинот и дека илјадници луѓе немаат соодветен пристап до здравствените услуги.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG