Достапни линкови

Вести

Компјутерска саботажа врз иранската атомска програма?

Иранскиот потпретседател Али Акбар Салехи изјави дека компјутерскиот вирус Сукснет не и наштетил на атомската програма на земјата.
Неговата изјава е одговор на вестите дека поради технички проблеми времено се запрени илјадници центрифуги за збогатување ураниум.
Се шпекулира дека со вирусот Сукснет иранската нуклеарна програма била цел на саботажа од страна на САД или нивните сојузници.

види ги сите денешни вести

Пад на цената на нафтата по изјавата на Трамп за брз крај на операцијата во Иран

илустрација
илустрација

Референтната цена на нафтата денеска, 10 март падна откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека војната со Иран ќе заврши „многу брзо“.

Неговите коментари доведоа до пад на цената на нафтата, која е сега поблиску до 90 долари за барел - но сепак е далеку над нивоата пред војната, објави Би-Би-Си.

Цените на нафтата скокнаа на највисоко ниво во последните четири години, бидејќи војната, сега во втората недела, ги блокираше земјите и местата критични за производството на нафта и транспорт на нафта и гас од Персискиот Залив.

Во меѓувреме Иран предупреди дека нема да дозволи извоз на „ниту еден литар нафта“ од регионот доколку продолжат нападите меѓу САД и Израел.

Во понеделникот, цената на нафтата достигна и до 119 долари по барел, а последен пат тоа се случи по руската инвазија на Украина.

Трамп вели дека војната ќе заврши со намалување на цените на нафтата на долг рок и оти размислува да ја преземе контролата врз Ормутскиот Теснец, клучен за глобалните испораки на нафта и гас, кој во голема мера е блокиран од Иран.

Ал-Судани до Рубио: Ирачкиот воздушен простор не смее да се користи против соседите

Ирачкиот премиер Мохамед Шиа ал-Судани
Ирачкиот премиер Мохамед Шиа ал-Судани

Ирачкиот премиер Мохамед Шиа ал-Судани му рекол на американскиот државен секретар Марко Рубио дека Ирак не треба да се користи како лансирна рампа за напади во војната на Блискиот Исток.

Ирак се граничи со Иран, против кој САД и Израел започнаа масовни напади на 28 февруари, како и со Заливот, кој Исламската република го нападна со ракетни и беспилотни летала.

Во рок од неколку часа од почетокот на војната, борбени авиони и ракети што доаѓаа од сите правци го исполнија воздушниот простор на Ирак.

Судани во телефонски разговор со Рубио нагласи „важноста да се обезбеди дека ирачкиот воздушен простор, територијата и водите не се користат за никаква воена акција насочена кон соседните земји или регионот“, соопшти канцеларијата за медиуми на премиерот.

Судани отфрли „секаков обид за вовлекување на земјата во тековни конфликти“, како и „навлегување во нејзиниот воздушен простор од која било страна“.

Ирак, долго време посредничко бојно поле меѓу Вашингтон и Техеран, беше вовлечен во војната од самиот почеток, со напади за кои се обвинуваат САД и Израел насочени кон групите поддржани од Иран, кои пак оттогаш преземаат одговорност за нападите врз американските бази во Ирак и поширокиот регион.

Портпаролот на Стејт департментот, Томи Пигот, изјави дека Рубио „остро ги осудува терористичките напади од страна на Иран и терористички милициски групи поврзани со Иран во Ирак“, вклучувајќи го и регионот Курдистан.

Тој го повика Ирак да ги преземе „сите можни мерки за заштита на американскиот дипломатски персонал и објекти“.

Во саботата, системите за воздушна одбрана пресретнаа ракети испукани кон амбасадата на САД во Багдад.

Американската воздушна одбрана сега речиси секојдневно пресретнува беспилотни летала над Ербил, главниот град на Курдистан, каде што се наоѓа и комплекс на американски конзулати.

Иран негира дека нивни ракети влегле во турскиот воздушен простор

илустрација
илустрација

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан негираше дека двете ракети испукани кон Турција потекнуваат од Иран, соопшти турската влада.

За време на телефонскиот разговор со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, Пезешкијан „изјави дека ракетите што влегле во турскиот воздушен простор не биле од иранско потекло и дека прашањето ќе биде темелно истражено“, соопшти турското претседателство рано утрово во вторник, 10 март.

Турција, членка на НАТО, во понеделник соопшти дека балистичка ракета лансирана од соседен Иран била неутрализирана од одбранбените системи на алијансата додека влегувала во турскиот воздушен простор.

Некои остатоци паднале на отворено земјиште во близина на јужниот град Газиантеп, близу до сириската граница, соопшти турското Министерство за одбрана.

За време на телефонскиот разговор со Пезешкијан, Ердоган ги осуди и израелските и американските напади врз Иран, како и иранските напади врз неколку земји во регионот, соопшти турското претседателство.

„Иранските напади врз „братските земји“ не беа од корист за никого и мора да престанат“, му рекол Ердоган на Пезешкијан.

Минатата недела, систем за воздушна одбрана на НАТО во пограничниот регион на Турција со Иран, исто така, пресретнал балистичка ракета. Остатоците од таа ракета паднале во покраината Хатај на отворено подрачје. Во ниту еден од инцидентите не се пријавени повредени.

Јапонија ќе распореди ракети за контранапад во близина на Кина

илустрација
илустрација

Јапонија ќе распореди серија ракети со долг дострел за контранапад во југозападен регион во близина на Кина до крајот на март, соопштија официјални лица денеска, 9 март.

Копнените сили за самоодбрана планираат да ги позиционираат своите ракети од типот 12 земја-брод, со пријавен дострел од 1000 километри (620 милји), во Кумамото, регионот Кјушу, изјави главниот секретар на кабинетот Минору Кихара на редовниот брифинг.

„Ми беше кажано дека откако ќе се направат потребните подготовки, Министерството за одбрана ќе ги информира локалните жители за овој потег“, рече портпаролот на владата.

Јапонија се обидува да го зајакне својот воен капацитет додека Кина ги зголемува своите поморски активности во Источнокинеското Море.

Таа сака да го задржи својот капацитет за „контранапад“ и да ги користи ракетите за да ги погоди непријателските бази доколку Јапонија биде под директен напад.

Што значи војната во Иран за Кина? Што значи војната во Иран за Кина?
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:15 0:00

Односите на Јапонија со Пекинг брзо се влошија откако премиерката Санае Такаичи навести во ноември дека Токио би можел воено да интервенира во секој напад врз самоуправуваниот Тајван.

Кина го смета Тајван за своја територија и не ја исклучува можноста да го земе со сила.

Откако Такаичи го даде ова мислење, Пекинг наметна економски притисок врз Токио и ги обесхрабри кинеските државјани да ја посетуваат Јапонија.

Локалните медиуми објавија дека јапонските копнени сили доставиле лансер за ракетите во Кумамото преку ноќ, без претходно известување до локалните заедници, што предизвика десетици противници да организираат протест пред локалната воена база.

Критичарите на овој потег велат дека распоредувањето на ракетите би можело да ја направи областа цел на можни непријателски напади.

Турција распореди борбени авиони и одбранбени системи во северен Кипар

Кипар
Кипар

Турција распореди шест борбени авиони Ф-16 и системи за воздушна одбрана во северен Кипар, соопшти во понеделник, 9 март, турското Министерство за одбрана.

Овој потег доаѓа во услови на зголемени регионални тензии поради конфликтот предизвикан од нападите на САД и Израел врз Иран, што доведе до напад со беспилотни летала на медитеранскиот остров - поделен помеѓу отцепената северна турска држава и грчката држава на југ, членка на Европската Унија.

Распоредувањето има за цел зајакнување на безбедноста на северен Кипар „во услови на неодамнешните регионални случувања“, соопшти министерството на платформата X, осврнувајќи се конкретно на отцепената Турска Република Северен Кипар.

Министерството соопшти дека може да се преземат дополнителни мерки, во зависност од понатамошниот развој на настаните.

Турското распоредување следи по слични чекори од Грција и другите членки на ЕУ во услови на загриженост за потенцијално прелевање на регионалните тензии на Кипар.

Нов лет од Емиратите во вторник, се работи на евакуација на граѓани и од други земји

Патници од Дубаи пристигнуваат на скопскиот аеродром, 8 март 2026 година
Патници од Дубаи пристигнуваат на скопскиот аеродром, 8 март 2026 година

По евакуирањето на 151 лице од Дубаи кои пристигнаа синоќа (8 март) на Скопскиот аеродром, се очекува следен авион да има во вторник, 10 март со кој отприлика ист број патници ќе пристигнат во државата.

Третиот лет се планира за средината на неделата, но се уште се чека да се види дали ќе се зголеми интересот на македонските граѓани од ризичните подрачја, за да биде целосно искористен потенцијалот за извлекување што го организира државата.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, рече дека се работи и на евакуација на наши граѓани кои се во Бахреин, Катар и Кувајт. Тие ќе бидат однесени во Саудиска Арабија од каде се очекува во среда да бидат донесени со еден авион.

Министерот апелира македонските граѓани кои се наоѓаат во ризичните подрачја и се пријавиле за евакуација, ако одлучиле да не бидат евакуаирани тоа да го пријават.

„Вкупно 14 граѓани кои требале да бидат на денешниот лет од Дубаи за Скопје до последен момент најавувале дека ќе дојдат, но не се појавиле на аеродромот. Ги повикуваме нашите државјани, кога одлучуваат да не ја користат оваа услуга, на евакуирање, да не информираат навреме за тоа. Среќа што бевме подготвени и што се ангажираше нашата Амбасада со листа на чекање, да ги пополниме тие 14 места со граѓани што требаше да бидат на летот во вторник. Замолувам и апелирам на максимална одговорност зашто се трошат буџетски средства. Кога е во прашање безбедноста, нашата цел е секој лет да биде пополнет до последното возможно место“, рече Муцунски.

Со вечерашниот организиран чартер лет од Обединетите Арапски Емирати пристигнаа 151 патник од кои повеќето се македонски државјани, еден е од Црна Гора, еден од БиХ, еден од Србија, двајца се од Косово, а четворица се со холандско државјанство.

Осмомартовски марш во Скопје со минута молк и пораки против насилството

„Нема да нè снема“ – Осмомартовски марш за женските права во Скопје. 08.03.2026
„Нема да нè снема“ – Осмомартовски марш за женските права во Скопје. 08.03.2026

Со минута молк и пораки за правда денеска во Скопје започна традиционалниот Осмомартовски марш, организиран од повеќе граѓански иницијативи и здруженија.

Учесниците точно напладне се собраа во паркот „Жена борец“, од каде маршираа кон Градскиот парк и бистата на Вера Јоциќ.

Годинашниот марш се одржува под слоганот „Нема да нè снема“, кој, според организаторите, ја изразува непоколебливата борба на жените да опстојат во систем и општество што како што велат често не ја гарантира нивната безбедност, не ги штити од насилство и ги остава на маргините.

Учесниците порачаа дека празничните честитки за 8 Март не се доволни доколку паралелно не се работи на искоренување на родово базираното насилство, економската нееднаквост и системската дискриминација.

Маршот се одржува во чест на борбата за женските права и историската традиција на 8 Март, кој симболизира солидарност и отпор во стремежот кон еднаквост и достоинствен живот.

Во руски напад врз станбена зграда во Харков убиени најмалку 10 луѓе, соопшти Украина

Спасувачки екипи работат на местото на зградата во Харков која беше погодена од руска ракета доцна на 7 март.
Спасувачки екипи работат на местото на зградата во Харков која беше погодена од руска ракета доцна на 7 март.

Најмалку 10 луѓе беа убиени кога Русија со балистичка ракета погоди петкатна станбена зграда во североисточниот украински град Харков, соопштија локалните власти на 8 март, предизвикувајќи гневен повик од претседателот Володимир Зеленски за акција од западните партнери.

„Од стемнување, [спасувачките екипи] ги расклопуваат урнатините на станбена зграда во Харков по рускиот балистички ракетен напад“, рече Зеленски на Телеграм.

„Влезот беше уништен, горните катови на соседната зграда беа оштетени. Можеби сè уште има луѓе под урнатините. Сите потребни служби работат на лице место за спасување.“

Официјалните лица изјавија дека две деца се меѓу загинатите во нападот.

АФП соопшти дека нејзините новинари виделе спасувачи како пребаруваат низ урнатините, каде што се верува дека се заробени неколку луѓе.

Гувернерот на регионот Харков, Олех Сињехубов, рече дека 15 лица се повредени, а 19 станбени згради се оштетени од руските напади во текот на ноќта.

„Партнерите треба да одговорат на овие дивјачки напади врз животот. Русија не ги напушти своите обиди да ја уништи станбената и критичната инфраструктура на Украина и затоа поддршката треба да продолжи“, рече Зеленски, повикувајќи ги западните партнери да ги зголемат залихите на оружје за воздушна одбрана.

Русија негира дека ги таргетира цивилните области, и покрај широките докази за вакви напади. Министерството за одбрана во Москва соопшти дека нејзините сили извршиле масовни напади преку ноќ врз украинските воено-индустриски комплекси, воени аеродроми и енергетски објекти, објави Интерфакс.

Украинските власти изјавија дека Русија, исто така, нападнала четири железнички станици и друга железничка инфраструктура во централна Украина и пристанишни објекти во регионот Одеса на југот на земјата.

Москва, Киев и Вашингтон се вклучени во трилатерални преговори за да се обидат да го прекинат конфликтот на Русија со Украина, кој прерасна во целосна војна по руската инвазија во февруари 2022 година.

Сепак, овие разговори се чини дека се во мирување откако Соединетите Американски Држави, заедно со Израел, започнаа масовна воздушна кампања против Иран, што доведе до иранска одмазда против многу арапски земји од Заливот.

Мицкоски: Има доволно нафта, Владата ќе интервенира ако цените нагло пораснат

Премиерот Христијан Мицкоски.
Премиерот Христијан Мицкоски.

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека во земјава има доволно нафта и нафтени деривати и ги повика граѓаните да бидат спокојни, додавајќи дека Владата ќе интервенира доколку дојде до драматичен раст на цените.

Одговарајќи на новинарски прашања по поставувањето камен-темелник на новиот кампус на Универзитет „Мајка Тереза“, премиерот рече дека Владата имала состанок со поголемите дистрибутери на нафта и дека заеднички било констатирано дека има доволни количини на пазарот. Според него, цените на горивата во земјава се значително пониски од оние во соседството.

„Ако литар гориво во Србија е околу 120 денари, кај нас е околу 70 денари. Слично е и ако се спореди со Косово и Албанија. Доколку има драматичен скок на цените, Владата веднаш ќе интервенира, можеби со намалување на акцизата или ДДВ“, изјави Мицкоски.

Тој нагласи дека инфлацијата и трошоците за живот во јануари се на ниво од 3,1 отсто и очекува тие да се стабилизираат под три проценти во февруари. Воедно порача дека институциите ќе реагираат на евентуално нефер однесување на маркетите, најавувајќи измени на законите и значително зголемување на глобите.

Премиерот потврди дека имало информации за наводни ограничувања за точење гориво на некои бензински пумпи по 22 часот, но посочи дека инспекциските служби се на терен и дека секое незаконско однесување ќе биде санкционирано.

Според него, државните резерви на нафта и нафтени деривати изнесуваат над 62 дена од просечната дневна потрошувачка и се на историски највисоко ниво. Додаде дека постои методологија со која постепено ќе се достигне законската цел од 90 дена резерви.

Мицкоски рече и дека Владата внимателно ја следи состојбата со кризата на Блискиот Исток и дека постои можност за нов инфлаторен притисок доколку таа потрае, но дека институциите ќе реагираат согласно развојот на настаните.

Азербејџан го обвинува Иран за заговор за напад врз голем нафтовод и еврејски локации

Азербејџан -- Претседателот Илхам Алиев ја посети иранската амбасада за да изрази сочувство - 04 март 2026.
Азербејџан -- Претседателот Илхам Алиев ја посети иранската амбасада за да изрази сочувство - 04 март 2026.

Азербејџан соопшти дека открил ирански заговор за саботажа на неколку познати цели, вклучувајќи го и главниот нафтовод што пренесува сурова нафта од Каспиското Море до Турција и понатаму до глобалните пазари.

Азербејџанските власти соопштија дека планот бил организиран од оперативци поврзани со Корпусот на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ) на Иран и ја опишаа наводната шема како серија „терористички“ напади насочени кон критична инфраструктура и еврејски локации низ земјата од Јужен Кавказ со 10 милиони жители.

Според соопштението од Службата за државна безбедност на Азербејџан, кое беше цитирано од државната новинска агенција Азертаг доцна на 6 март, наменетите цели ги вклучувале нафтоводот Баку-Тбилиси-Џејхан (BTC), израелската амбасада во Азербејџан, ашкеназиска синагога и истакнат член на планинската еврејска заедница во земјата.

Наводниот заговор нагласува како тензиите меѓу Баку и Техеран ескалирале додека војната во Иран се проширила низ Блискиот Исток и поширокиот регион. Во последните денови, Азербејџан и Иран разменија остри обвинувања за напади со беспилотни летала, безбедносни закани и наводни заговори за саботажа што ги доведоа веќе затегнатите односи меѓу соседите до една од нивните најниски точки во последниве години.

Иран јавно не одговори на обвинувањата.

Секое прекинување на нафтоводот би можело дополнително да ги намали глобалните снабдувања со енергија додека конфликтот продолжува.

Техеран се закани дека ќе го „запали“ секој западен танкер што ќе се обиде да помине низ Ормутскиот теснец, кој обезбедува витална трговска рута за околу една петтина од светската нафта и течен природен гас. Најмалку девет брода беа нападнати откако започнаа нападите меѓу САД и Израел, според „Лојдс Лист“, фирма за поморско разузнавање.

Нафтоводот БТК поминува низ Грузија и Турција и транспортира касписка сурова нафта до медитеранските извозни терминали, снабдувајќи ги европските пазари. Рутата, исто така, сочинува околу една третина од увозот на нафта во Израел.

Азербејџанското соопштение дојде еден ден откако Баку го обвини Иран дека испраќа беспилотни летала во неговата западна енклава Нахчиван, инцидент за кој официјални лица изјавија дека повредил четири лица и оштетил инфраструктура на локалниот аеродром. Техеран ја негираше одговорноста за беспилотните летала.

Истражителите рекоа дека двајца ирански државјани и еден азербејџански државјанин работеле заедно за да прошверцуваат повеќе од 7 килограми експлозиви Ц-4 во земјата по инструкции од ИРГК.

Азербејџанските власти соопштија дека издале меѓународни потерници по четворица осомничени поврзани со наводната операција.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG