Достапни линкови

Прилепски партиски препукувања


Советниците од СДСМ во прилепскиот општински совет го обвинуваат градоначалникот Марјан Ристески дека по истекот на првата година од неговиот втор мандат, тој не ги исполнил своите ветувања. ВМРО ДПМНЕ пак го обвинува СДСМ дека манипулира со народот.

Наместо во реализација на проекти за „европски Прилеп“ со бројни свежи инвстиции и слободни индустриски зони, спортски сали и базени, како што велат од СДСМ, градоначалникот ги расфрла парите од локалната каса.

Тие посочуваат дека Ристески веќе петта година располага со буџет кој што, ако се иземат блок-дотациите од државата е за 14 пати поголем во однос на оној од периодот пред децентрализацијата кога во локалната самоуправа се слеваа едвај 450.000 евра. А, по завршна сметка за лани, толкава е висината на неплатените обврски кон инвеститорите за т.н.инфраструктурна преродба. Прилепските социјалдемократи велат дека за возврат, граѓаните само добиле зголемени такси и даноци.

„Поскапи даноци, поскапи комунални услуги, искршени возила, демолирани улици,катна гаража со река од приземјето,раскопан зелен пазар, се повеќе невработени, јавните претпријатија се на колена,г рад без врвен спорт, град со хорор болница“, изјави Сашо Велески, координатор на советничката група на СДСМ.

Прилепската опозиција го критикува градоначалникот Ристески и дека во 2009 година се потрошени 2,5 милиона денари или 35.000 евра за угостителски услуги во прилепските кафеани и ресторани.

Наспроти сите овие обвинувања, во негова одбрана се огласи Локалната самоуправа со против напад и ја обвини Општинската организација на СДСМ дека е креатор на партиски препукувања за да манипулира со народот. Од локалната самоуправа потсетија на проектите кои реално се реализирани во изминатиот период.

„Би го издвоиле проектот Изградба на пречистителна станица за отпадни води, проект пример за користење на средства од ИПА фондовите на Европската Унија, проект на Општина Прилеп во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање. Вкупната финасиска конструкција би изнесувала 15,5 милиони евра.“

Портпаролот на Локалната самоуправа, Кате Крстеска посочи и на изградбата на нова општинска зграда, 10-тината асфалтирани улици во градот и интервенции во училиштата. Но, и овој пат не пропушти, како и многу пати досега во редицата проекти го прикажа и проектот за реконструкција на градската водоводна мрежа кој што е дело на поранешната локална власт на чело со сега опозицискиот СДСМ. Грантот за реконструкција од германската КФВ банка вреден 9,2 милиони евра започна да се реализира во 2004 година.
И прилепските социјалдемократи и дел граѓани, му забележуваат на градоначалникот Ристески што и овој и проектот со новото партнерно уредување пред Комерцијална банка, ги прикажува како свои.
  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG