Достапни линкови

Вести

САД ги предупредуваат своите граѓани да не одат во Иран

Американската администрација ги предупреди своите граѓани да не патуваат во Иран бидејки можат да се соочат со непријатности, шиканирање или апсење од иранските власти. Стејт Департментот посебно ги предупреди американците кои имаат иранско потекло, наведувајки дека во минатата година имало повеќе случаи кога властите во Техеран не им дозволиле да заминат од земјата на повеќе лица и по неколку месеци.

види ги сите денешни вести

Тројца црногорски функционери прогласени за непожелни во Хрватска

Црна Гора: црногорските политичари Милан Кнежевиќ, Андрија Мандиќ и Алекса Бечиќ (од лево кон десно)
Црна Гора: црногорските политичари Милан Кнежевиќ, Андрија Мандиќ и Алекса Бечиќ (од лево кон десно)

Хрватското Министерство за надворешни и европски работи со нота упатена до Амбасадата на Црна Гора во Загреб објави дека за непожелни во Хрватска се прогласени црногорските функционери Андрија Мандиќ, претседател на Собранието на Црна Гора, Милан Кнежевиќ, пратеник и Алекса Бечиќ, вицепремиер.

Мандиќ и Кнежевиќ се од партиите на распуштениот проруски демократски фронт, на чија иницијатива Собранието на Црна Гора на 28 јуни изгласа Резолуција за геноцидот во Јасеновац, неприфатливата за Хрватска.

Партиите на Мандиќ и Кнежевиќ од пред два дена се дел од Владата на Црна Гора.

Во соопштението се наведува дека тие се прогласени за „персона нон грата“ поради систематски дејства за нарушување на добрососедските односи со Хрватска и континуирана злоупотреба на таа земја за внатрешно-политички цели.

„Наша суверена оценка е кого сакаме да го прогласиме за непожелен во Хрватска. И мислам дека овие лица го заслужија тоа, бидејќи ги влошија односите меѓу Црна Гора и Хрватска“, рече шефот на хрватската дипломатија, Гордан Грлиќ Радман.

На оваа реагираа вицепремиерот Бечиќ и претседателот на црногорското собрание, Кнежевиќ.

Бечиќ рече дека Хрватска немала исти критериуми за другите лидери од владата чии партии гласале за истата Резолуција.

„Значи очигледно нема критериуми, има политика, како и досега во одлуките на некои други соседи“, изјави Бечиќ.

Кнежевиќ на мрежата „Икс“ (поранешен Твитер) напиша дека неговиот дедо го ослободувал хрватскиот град Карловац од усташите и нацистите во 1945 година.

„Изгледа тие победија, а ние загубивме“, изјави Кнежевиќ.

На иницијатива на Мандиќ и Кнежевиќ, парламентарното мнозинство ја усвои Резолуцијата за геноцидот во Јасеновац, иако еден месец претходно Хрватска упати протестна нота до Црна Гора по најавата за усвојување на оваа резолуција.

И покрај тоа, резолуцијата беше усвоена во Собранието.

Јасеновац бил концентрационен логор каде во Втората светска војна и постоењето на независна Хрватска, масовно биле ликвидирани претежно Срби, Роми, Евреи и антифашисти - Хрвати.

Освен партиите на проруската коалиција на Мандиќ и Кнежевиќ, резолуцијата ја поддржаа и демократите на Алекса Бечиќ и просрпската Социјалистичка народна партија.

Опозициските партии во црногорскиот парламент беа против Резолуцијата за Јасеновац и го предупредија владејачкото мнозинство дека нејзиното донесување им штети на националните интереси на Црна Гора, бидејќи може да ги наруши односите со Хрватска и да го запре патот кон Европската унија.

Ослободена сопругата на затворениот новинар на РСЕ, Ихар Лосик

Дарја Лосик
Дарја Лосик

Дарја Лосик, сопругата на затворениот новинар на Радио Слободна Европа (РСЕ) Ихар Лосик, е ослободена како дел од масовна амнестија, објави Белоруската група за човекови права Homelskaia Viasna.

Според нив, Дарја Лосик е една од петте жени затворени поради политички мотивирани обвиненија кои на почетокот на јули излегле од затвор.

Имено, Судот во Брест на западот на Белорусија ја осуди Дарја на две години затвор под обвинение за олеснување на екстремистички активности.

Обвинителството објави дека обвинението против Дарја Лосик произлегува од интервјуто што го дала за полската телевизија Белсат, која Минск официјално ја означи како екстремистичка група, а во која таа „се позиционирала како сопруга на „политички затвореник“.

Таа беше уапсена во октомври, откако полицијата изврши претрес во нејзиниот дом.
Нејзиниот сопруг отслужува 15-годишна затворска казна под обвинение што тој, РСЕ и странските влади ги нарекоа политички мотивирани.

Триест и двегодишникот беше уапсен во јуни 2020 година и осуден во декември 2021 година за организирање масовни немири и поттикнување социјална омраза, како и за неколку други обвиненија кои остануваат нејасни.

Тој тврди дека е невин и ги нарече обвиненијата против него политички мотивирани.

Во октомври 2023 година, Работната група на Обединетите Нации утврди дека Белорусија го прекршила меѓународното право за човекови права со затворањето на Лошик.

Тие рекоа дека неговото апсење и притворање биле „засновани исклучиво на неговата новинарска активност и неговото користење на слободата на изразување и здружување“.

Американскиот Стејт департмент, Хелсиншката комисија на САД, Комисијата за човекови права Том Лантос, Американската агенција за глобални медиуми и неколку политичари од САД и ЕУ неколкупати побараа ослободување на Лосик.

Родителите на Лосик во февруари рекоа дека последното писмо што го добиле од нивниот син, кој е сместен во ќелиите каде што се забранети писма, пакети од роднини и посети, било на 20 февруари 2023 година.

Забрана за увоз и употреба на желудник од живина во производи од месо

илустрација
илустрација

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) донесе решение за забрана за увоз и употреба на пилешки желудник наменет за човечка исхрана во производството на подготовки и производи од месо. Решението кое ќе почне да се применува од 1 август годинава е донесено поради утврдени потенцијали ризици од употребата на мускулниот дел од желудникот на живината за здравјето на луѓето (можна контаминација со патогени – бактерии и вируси, присуство на токсини и сл.).

Сите количини пилешки желудник што се претходно увезени и складирани операторите со храна треба да ги потрошат во рок од 60 дена од денот на почнувањето на примената на решението.

„Со цел превенирање можна злоупотреба на веќе увезените количини, во наредните два месеца инспекциските служби на Агенцијата ќе спроведуваат засилени контроли во малопродажните објекти во кои се продава месо, подготовки и производи од месо, како и во месарниците и месните индустрии“, соопшти АХВ.

Инспекциските контроли на Агенцијата утврдиле употреба на овој вид внатрешен орган од живина во подготовки од месо, каде што не смее да ги има во согласност со одредбите од правилникот за изменување и дополнување на правилникот за барањата во однос на квалитетот на меленото месо, подготовки од месо и производи од месо.

Со овој подзаконски акт забранета е употребата на некои внатрешни органи, вклучително и мускулен дел од желудник на живина, во производство на мелено месо и подготовки од месо, како што се плескавиците и ќебапите, а кои исклучително може да се подготвуваат од месо од говеда, овци, кози и свињи и други додадени состојки, но не и од пилешки желудници и МОМ (месно обескостено месо).

Употребата на мускулен дел од желудник на живина сега е дозволена исклучиво во производство на производи од месо (колбаси, сувомесни производи, конзерви и други производи), само во одобрен објект (месни индустрии) и само доколку наведените производи подлежат на соодветен термички топлотен третман.

Филипче: Згрешивме со измените на Кривичниот закон, да се донесе нов

Венко Филипче на првата прес-конференција по преземањето на партијата зборуваше за плановите на СДСМ и ја критикуваше Владата на ВМРО-ДПМНЕ, 25 јули 2024
Венко Филипче на првата прес-конференција по преземањето на партијата зборуваше за плановите на СДСМ и ја критикуваше Владата на ВМРО-ДПМНЕ, 25 јули 2024

Мора да имаме чест и да признаеме дека згрешивме со измената на Кривичниот законик. Апелирам Владата да го стави на јавна расправа новиот предлог-закон кој почна да го подготвува работна група уште во 2017 во времето кога министерка за правда беше Рената Дескоска.

Вакво јавно признание и апел до власта упати новиот лидер на СДСМ, Венко Филипче, на првата прес-конференција што ја организираше во партиското седиште денеска (25 јули) откако на 30 јуни беше избран за нов претседател на партијата по најтешкиот изборен пораз на парламентарните избори на 8 мај.

Новиот Кривичен законик, кој Филипче апелира Владата на ВМРО-ДПМНЕ да го стави на јавна расправа, го подготвуваше експертска работна група предводена од универзитетскиот професор Владо Камбовски. Тој предлог, вели Филипче, е направен во целосна координација со меѓународните институции и како модел за него се користел германскиот Кривичен законик.

„Да видиме кој ќе биде одговорот затоа што Владата е таа што треба да го стави законот на јавна расправа. Согласно тоа, ние ќе ги направиме следните чекори“, рече Филипче.

Контроверзните измени на Кривичниот закон во септември лани кога власта беше во рацете на СДСМ и ДУИ, ги намалија казните за кривичните дела како што се злоупотребата на службената положба и овластувања и злосторничко здружување. Тоа доведе до застарување и ослободување на повеќе поранешни функционери кои беа обвинети во постапки од Јавното обвинителство. Низа критики упати и Mеѓународната заедница, а последната беше во извештајот за владеење на правото што вчера го објави Европската комисија (ЕК).

Процесот на евроинтеграции е вратен 10 години назад

Дел од своето прво обраќање пред медиумите, лидерот на СДСМ посвети и на евроинтеграциите на земјата.

„Процесот е вратен 10 години назад, со ниеден потег Владата не покажа дека планира сериозно да се занимава со евроинтеграциите. Отворивме еден проблем кој целосно беше затворен – проблемот со Грција. ВМРО-ДПМНЕ сега вели ќе се решавало судски, а ние 20 години бевме по судови“, рече Филипче.

Обвини дека власта го сквернави и уставното, но и само името Македонија со тоа што избегнува да го употребува.

„Очигледно е дека лажен патриотизам има само дома и исправена кичма. За средбата со бугарскиот премиер дознавме од бугарските медиуми“, рече Филипче.

Тој потсети дека владејачката партија ветувала подобра преговарачка рамка и вели тие како СДСМ го чекаат тоа за да го поддржат. Но, нема да поддржиме блокади на процесот, рече Филипче.

Сојузништвото на Мицкоски со Орбан отвора прашалници кај СДСМ

Во контекст на меѓународната политика тој ја критикуваше блискоста на новата власт со унгарскиот премиер Виктор Орбан.

„На Самитот на НАТО не видовме средба со ниту еден релевантен фактор, со никој не се сретна нашата делегација. Гледаме само некакво сојузништво со Орбан за кое не гледаме никаква перспектива“, рече Филипче.

Филиче изрази загриженост и за кредитот од 500 милиони евра што Мицкоски го договори со владата на Орбан, како и за најавите за уште пола милијарда заем следната година.

„Прво е нелогично зошто една земја (Унгарија) која нема пари и се задолжува со поголема стапка, нас ни дава заем со помала стапка. Дали нешто се крие за тоа? Инсистираме Владата што побргу да го даде законот во Собрание и да се каже потеклото на парите. Дали има некоја тенденција, дали има можеби тенденција компании од Унгарија да преземаат тука медиуми? Зошто првпат во историјата посегнуваме од друга држава билатерално да земаме пари?“, праша лидерот на СДСМ.

Заемот од Унгарија, Мицкоски го договори со Орбан за време на учеството на Самитот на НАТО во Вашингтон.

Филипче го критикуваше и ребалансот на Буџетот велејќи дека СДСМ смета оти државата се води кон состојба со екстремен јавен долг. Според Филипче, лага е дела немало пари во Буџетот и упати критики зошто не се предвидува зголемување на платите кога претходната влада и во време на кризи обезбедила континуиран раст на примањата на граѓаните.

„Куќите се на таткото на мојата сопруга, не сум ни бил таму“

Откако стана лидер на опозицијата, Филипче е речиси секојдневна мета на критики на ВМРО-ДПМНЕ за неговиот личен имот. Владејачката партија на повеќе пати јавно го прозиваше да каже од каде му се парите за имот, меѓу кои и ауди Q8 и хациенда на Водно.

Тој, пак, вели дека не го поседува тоа и не може да објаснува потекло на пари за нешто што го нема.

„Тие куќи не се мои. Тие се на таткото на мојата сопруга. Јас таму не сум бил, не знам каде се наоѓаат точно“, рече Филипче додавајќи дека за дел од обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ претходниот состав на Државната комисија за спречување корупција отворал предмет и ги затворил бидејќи ништо не се докажало.

Наесен ново раководство на СДСМ

Кога е во прашање функционирање на партијата, како нов лидер тој не го дели впечатокот дека има поделеност и смета дека кризата по изборниот пораз е минато.

„СДСМ се враќа. Се наметнуваме како силен критичар на политиките и мислам дека членовите тоа го препознаваат“, вели Филипче.

Филипче вели дека секојдневно разговара со членството и раководство по општинските организации, вклучително и со незадоволните и најави формирање на работни групи од кои ќе почне и формалниот процес на општински конференции со цел да се изберат нови делегати. Мандатот на актуелните им завршува во септември.

Според неговите планови, крајот на септември или почетокот на октомври, би се одржал партиски конгрес и би се формирал новиот Централен одбор на партијата од кој понатаму ќе произлезе и потесното партиско раководство – Извршниот одбор, потпретседателите, генералниот секретар…

Филипче беше еден од четирите кандидати што решија да влезат во трка по оставката на поранешниот лидер и премиер Димитар Ковачевски.

Противкандидати му беа ексдиректорот на Дирекцијата за Технолошко-индустриски развојни зони, бившиот заменик-министер за информатичко општество и администрација Александар Бајдевски и поранешната министерка за одбрана и актуелна пратеничка Славјанка Петровска, која непосредно пред гласањето се повлече обвинувајќи за нефер натпревар.

Таравари: Има средства за проширување на позитивната листа

Арбен Таравари, министер за здравство
Арбен Таравари, министер за здравство

Министерот за здравство Арбен Таравари изјави дека има средства да се прошири позитивната листа со девет нови лекови, само се чека да се избере новиот Управен одбор на Фондот за здравствено осигрување.

„Има и пари, нема никаков проблем, само чекаме да се избере новиот Управен одбор. Значи, Управниот одбор се уште не е комплетиран. Инаку, од наша страна е испратено пред две недели со согласност од Фондот. Штом ќе има прва седница Управниот одбор на Фондот позитивната листа ќе ја промовираме заедно со директорот на Фондот за здравство“, изјави Таравари на новинарски прашања по посетата на Детската клиника.

Според Таравари, не се спорни деветте лекови, тие се прифатени и оти нема да има некаква голема финансиска импликација, повторувајќи дека по 14 или 15 години ќе биде проширена позитивната листа и дека до крајот на годината може ќе има дополнување од уште неколку лекови.

Вчера директорот на ФЗО Сашо Клековски изјави дека очекува за десетина дена да се знае дали ќе има проширување на позитивната листа со девет нови лекови, бидејќи во моментот не е прашање дали има пари или нема пари за девет лекови.

„Ние правиме комплетна анализа. Значи, во функција сме 15 денови. Она што министерката за финансии го истакна е дека во буџетот постојат многу дупки кои ние допрва ги востануваме“, изјави Клековски.

Според него, во моментот се прави проценка колкави се дупките во повеќе подрачја за заедно со ребалансот, со новите средства, да се направи проценка кои се здравствени потреби можат да се задоволат до крајот на годината.

Ставањето на нови лекови на позитивната листа во пракса значи дека пациентите ќе добиваат посовремени и поевтини лекови на рецепт, на товар на државата, наместо да ги купуваат од џеб и поскапо, често и од други држави. Затоа што листата не е ажурирана повеќе од една деценија, граѓаните добиваат застарени лекови иако постојат нови и поефикасни за нивната болест.

Американски и канадски авиони пресретнаа руски и кинески воени авиони во близина на Алјаска

Руски ТУ-95 бомбардер (илустрација)
Руски ТУ-95 бомбардер (илустрација)

Соединетите Држави и Канада пресретнаа борбени авиони откако два руски и два кинески воени авиони беа следени во меѓународниот воздушен простор во близина на Алјаска, соопштени Северноамериканската команда за воздушна одбрана (НОРАД).

„НОРАД откри, следеше и пресретна два руски воени авиони ТУ-95 и два воени авиони на НР Кина Х-6 кои оперираат во зоната за идентификација на воздушната одбрана на Алјаска (АДИЗ) на 24 јули 2024 година. Пресретнувањето го извршија борбените авиони НОРАД од Соединетите Држави и Канада“, се вели во соопштението.

„Зоната за идентификација“ е дел од меѓународен воздушен простор што делува како тампон зона каде завршува националниот воздушен простор на САД и Канада. Сите авиони кои влегуваат во АДИЗ бараат идентификација од национална безбедност, појасни НОРАД.

„Присуството на руските и кинеските авиони не се сметаше за закана, бидејќи тие останаа во меѓународниот воздушен простор и не го нарушија американскиот или канадскиот суверен воздушен простор“, соопшти НОРАД, додавајќи дека „ќе продолжи да ја следи активноста на конкурентите во близина на Северна Америка“.

Русија долго време има воено присуство во северниот дел на Пацификот и пресретнувањето на руски авиони е релативно вообичаено во областа. Пресретнувањето се однесува на визуелен или електронски контакт со авиони на Северноамериканската команда за воздушна одбрана со странски авиони.

Во соопштението на руското Министерство за одбрана се вели дека руските и кинеските воени авиони извршиле „заедничка патрола над Чукотското Море, Беринговото Море и северниот дел на Тихиот Океан“ и „разработиле прашања за интеракција во сите фази на воздушното патролирање. "

Тие „постапуваа строго во согласност со одредбите на меѓународното право“ и немаше „никакво нарушување на воздушниот простор на странски држави“, соопшти руското Министерство за одбрана.

Во меѓувреме, кинеското Министерство за одбрана соопшти дека заедничкиот лет „не бил насочен кон трета страна“. Портпаролот на Министерството Џанг Ксијаоганг рече дека акцијата „нема никаква врска со моменталната меѓународна и регионална ситуација“, и таа „го тестира и го подобрува нивото на соработка меѓу двете воздушни сили“.

Русија и Кина ја продлабочија својата политичка, воена и економска соработка од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.

Војската на Пекинг во последниве години го прошири својот досег подалеку од континентална Кина, при што кинеските поморски бродови беа откриени во меѓународните води во близина на Алјаска.

Американската крајбрежна стража претходно овој месец забележа четири кинески бродови во американската ексклузивна економска зона, на 370 километри од морето од брегот на САД.

НОРАД е заедничка организација со седиште во Колорадо на Соединетите Држави и Канада, која обезбедува воздушно-вселенско предупредување, суверенитет на воздухот и заштита на Канада и Соединетите Држави.

Повисоки цени за 50 отсто на угостителските услуги во владините објекти

Влада на РСМ (илустрација)
Влада на РСМ (илустрација)

Директорот на Службата за општи и заеднички работи Ивица Томовски, најави зголемување на цените на угостителските услуги во владините објекти.

„Зголемување на цените на угостителските услуги во Владините објекти, нема повеќе „багатела“ јадење на државна сметка! Во изминатиот период, јавноста често со право обрнуваше внимание на ниските и непазарни цени по кои се користеа угостителските услуги на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) на Владата“, напиша Томовски на својата официјална страница на Фејсбук.

Во таквите дебати, додава тој, се истакнувале собранискиот и владиниот ресторан, каде цените на услугите и производите се значително пониски од оние на слободниот пазар достапни за граѓаните.

„Излегувајќи во пресрет на овие оправдани повеќегодишни забелешки, како и во функција на натамошно рационализирање, на мој предлог како директор на СОЗР, Владата вчера едногласно усвои првична одлука за зголемување на цените на угостителските услуги за 50 отсто. Ваквото зголемување на цените не е прекумерно имајќи предвид дека претходно цените беа значително пониски во споредба со приватниот пазар“, додава Томовски.

Тој најави дека во периодот што следува, ќе се прават дополнителни анализи и секогаш кога ќе се јави потреба поради отстапувања од пазарните цени, ќе има корекции на истите, додавајќи оти целта е да се обезбеди еднаков пристап на сите услуги, но без привилегии за избраните функционери и раководниот кадар.

Средба меѓу Путин и Асад во Москва

Башар ал Асад (лево) и Владимир Путин во Москва, Русија, 24 јули 2024 година
Башар ал Асад (лево) и Владимир Путин во Москва, Русија, 24 јули 2024 година

Рускиот претседател Владимир Путин се сретна со сирискиот претседател Башар ал Асад во Кремљ, соопшти во четврток (25 јули) прес-службата на рускиот претседател.

„Многу ме интересира вашето мислење за ситуацијата во регионот во целина. За жал, постои тенденција на ескалација. Тоа го гледаме. Тоа директно се однесува и на Сирија“, му рекол Путин на Асад, според соопштението од Кремљ.

Кремљ објави дека средбата меѓу Путин и Асад се одржала во средата.

„Со оглед на сите настани што се случуваат денес во светот и во евроазискиот регион, нашата средба се чини многу важна за да разговараме за сите детали од развојот на овие настани, да разговараме за перспективите и можните сценарија“, му рекол Асад на рускиот шеф на држава.

Ова е прва средба на двајцата лидери од март минатата година и се одржа во време кога турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја спомена можноста за средба меѓу тројцата лидери и обидот за нормализирање на односите меѓу Анкара и Дамаск.

„Ќе ја испратиме нашата покана до Асад и со тоа сакаме да ги вратиме турско-сириските односи на исто ниво како досега. Нашата покана може да биде испратена во секое време“, нагласи Ердоган.

Турција ги прекина односите со Сирија во 2011 година по избувнувањето на војната во која ги поддржа бунтовничките сили кои сакаат да го соборат Асад.

Анкара изврши неколку прекугранични воени операции против милитантите за кои вели дека ја загрозуваат нејзината национална безбедност и формираше „безбедна зона“ во северна Сирија, каде што сега се стационирани турските сили, потсетува Ројтерс.

Сириските власти постојано изјавуваа дека може да се воспостави секаков вид нормализација на односите откако Турција ќе се согласи да повлече илјадници војници од северозападна Сирија.

Хрватска прогласи тројца црногорски политичари за непожелни

Милан Кнежевиќ, Андрија Мандиќ и Алекса Бечиќ прогласени за непожелни во Хрватска
Милан Кнежевиќ, Андрија Мандиќ и Алекса Бечиќ прогласени за непожелни во Хрватска

Хрватска прогласи три лица од Црна Гора за непожелни поради „систематски дејствија за нарушување на добрососедските односи со Република Хрватска и континуирана злоупотреба на Република Хрватска за внатрешни политички цели“.

Одлуката на МНР на Хрватска се однесува за Андрија Мандиќ, претседател на Парламентот на Црна Гора, Милан Кнежевиќ пратеник во Парламентот на Црна Гора и Алекса Бечиќ, вицепремиер на Црна Гора.

„Министерството за надворешни и европски работи изразува жалење што мнозинството во Собранието на Црна Гора одлучи да ги игнорира континуираните повици на Република Хрватска да не презема потези што можат негативно да влијаат на нашите билатерални односи и на европскиот пат на Црна Гора“, наведуваат од МНР на Хрватска.

Оттаму додаваат дека во тој контекст, се издвојуваат постапките на споменатите политички функционери, кои не можат да се сметаат за добронамерни и добрососедски во однос на Република Хрватска, ниту пак се во согласност со декларираната цел за членство на Црна Гора во Европската Унија.

ОЈО ќе бара спојување на постапките за обвинетите за убиството на Вања и Панче

илустрација
илустрација

Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје достави известување за завршена истрага до првоосомничениот за двојното грабнување и свирепо убиство на четиринаесетгодишната Вања Ѓорчевска и на седумдесет и четиригодишниот Панче Жежовски.

Со ова тече законскиот рок на одбраната да изврши увид во доказите.

Од ОЈО информираат дека по истекот на овој рок и поднесување обвинение, јавниот обвинител ќе предложи спојување на судските постапки против вкупно петмина обвинети за овој кривично-правен настан, бидејќи постојат законските основи предвидени во член 28 од Законот за кривична постапка. Со цел да се овозможи единственост на постапката, обвинителството ќе побара одлагање на рочиштето закажано за 30-ти јули против четворицата претходно обвинети.

Со цел да се овозможи единственост на постапката, обвинителството ќе побара одлагање на рочиштето закажано за 30-ти јули против четворицата претходно обвинети.

Истражната постапка е завршена и за уште едно лице осомничено за помагање по извршување на кривичното дело. Постапката против него ќе се води одвоено.

Основното јавно обвинителство Скопје во мај годинава поднесе обвинение против четири лица за грабнување и сурово убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес.

Првоосомничен во случајот е Љупчо Палевски-Палчо кој на 15 мај со авион беше екстрадиран од Турција во Северна Македонија. Тој беше директно беше однесен во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари бидејќи имаше определен 30-дневен притвор. Подоцна беше изнесен пред судија на претходна постапка во Кривичниот суд кој му определи уште 30 дена притвор.

Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 24 и 27 ноември беа пронајдени мртви во близина на Велес и Скопје на 3 декември 2023 година.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG