Достапни линкови

Вести

Самоубиство на припадник на КФОР на Косово

Германски припадник на силите на КФОР, се убил денеска во кампот во Приштина, соопштиле претставници на меѓународните сили. Во соопштението на КФОР, се наведува дека 23-годишниот војник утрово се убил со службеното оружје. Ова е втор смртен случај на припадници на КФОР на Косово, за една недела. Претходно припадничка на словенечките сили беше застрелана од огнено оружје. Словенечките медиуми наведуваа дека се работи за самоубиство.

види ги сите денешни вести

Израел ја нападна Газа втор ден по прекинот на примирјето

Израелски ракети го осветлуваат небото над Кан Јунис во јужниот дел на Појасот Газа, на 1 декември 2023 година, додека борбите продолжија по истекот на седумдневното примирје меѓу Израел и милитантите на Хамас.
Израелски ракети го осветлуваат небото над Кан Јунис во јужниот дел на Појасот Газа, на 1 декември 2023 година, додека борбите продолжија по истекот на седумдневното примирје меѓу Израел и милитантите на Хамас.

Од крајот на привремениот прекин на огнот во петокот, Израел нападна повеќе од 400 цели во Појасот Газа, соопшти израелската војска.

Како што јави Би-Би-Си, во соопштението се вели дека израелските одбранбени сили (ИДФ), воздушните, поморските и копнените сили ја гаѓале Газа, вклучително и области на југот на енклавата.

„Борбени авиони погодија повеќе од 50 цели во обемниот напад на областа Кан Јунис“, се вели во соопштението.

Според соопштението, воздушните напади биле насочени кон џамија во северниот дел на Газа, тврдејќи дека била користена од групата Исламски џихад како оперативен команден центар. Како што наведува Би-Би-Си, овие тврдења не може да бидат независно потврдени.

Откако Израел им нареди на луѓето во северна Газа да се евакуираат на југ, стотици илјади жители на Газа се засолниле во јужниот град Кан Јунис, главно во шатори и засолништа обезбедени од ОН.

Повик за тројно зголемување на нуклеарната енергија од самитот на ОН за климата

Групна фотографија од светските лидери кои присуствуваат на Конференцијата на ОН за климатски промени COP28, Дубаи, ОАЕ, 1 декември 2023 година.
Групна фотографија од светските лидери кои присуствуваат на Конференцијата на ОН за климатски промени COP28, Дубаи, ОАЕ, 1 декември 2023 година.

Повеќе од 20 земји, вклучително и Соединетите Американски Држави, на 2 декември повикаа на тројно зголемување на нуклеарната енергија за да се намалат емисиите на штетните гасови.
Повикот земјите го направија на вториот ден од самитот на Обединетите нации за климатски промени во Дубаи на кој присуствуваа светските лидери.

Воздухот исполнет со смог во Дубаи ги подвлече предизвиците со кои се соочува светот, бидејќи се очекуваат други ветувања на конференцијата COP28, вклучително и оние за зголемување на употребата на обновлива енергија и намалување на емисиите на метан.

Употребата на нуклеарна енергија како почиста алтернатива на фосилните горива е крајно контроверзна, бидејќи еколошките групи се загрижени за безбедноста и отстранувањето на нуклеарниот отпад.

Сепак, повеќе од 20 земји, од САД до Гана, Јапонија и неколку европски земји, во декларацијата истакнаа дека таа игра „клучна улога“ во глобалната цел за јаглеродна неутралност до средината на овој век.

Тие повикаа на зголемено користење на нуклеарната енергија за три пати до 2050 година, во споредба со нивото од 2020 година.

„Не сакаме никому да тврдиме дека ова апсолутно ќе биде алтернатива на секој друг извор на енергија“, рече на конференцијата американскиот претставник за клима Џон Кери.

„Но, знаеме, бидејќи науката, фактите и доказите ни кажуваат дека не можете да дојдете до нула емисии без барем малку нуклеарна енергија“, рече тој.

Меѓу другите потписнички се Велика Британија, Франција, Јужна Кореја, Украина и ОАЕ, но нуклеарните сили, Русија и Кина не се приклучија.

Организацијата за заштита на животната средина „350.org“ наведе дека нуклеарната катастрофа во Фукушима, Јапонија, во 2011 година, ја покажала опасноста од атомската енергија.

„Иако цениме дека администрацијата на Бајден сака да инвестира во алтернативи на фосилните горива, немаме време да го трошиме на опасни одвлекувања на вниманието како нуклеарната енергија“, рече нивниот северноамерикански директор Џеф Ордоуер.

Зеленски - потребни се промени во системот за мобилизација на Украина

Украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски вели дека мора да се направат промени за да се подобри мобилизацијата, додека украинската војска и цивилното раководство на земјата работат на подобрување на условите за војниците на и надвор од бојното поле.

Зеленски рече дека мобилизацијата била разговарана за време на состаноците што ги одржал на 1 декември со воените команданти, за да се дебатира за „сценарија кои ќе дадат конкретни резултати“ следната година.

„Мора прецизно да се пресметаат конкретни резултати. Ова ги вклучува прашањата за мобилизација“, рече Зеленски во својата вечерна видео порака.

Тој рече дека промените ќе ги надминат бројките и ќе вклучат временска рамка за војниците кои моментално служат во војската, демобилизација и рокови и услови за нови регрути.

Коментарите на Зеленски дојдоа додека рускиот претседател Владимир Путин потпиша указ со кој се наредува зголемување на руските вооружени сили за 170.000 лица.

Нема планови за значително зголемување на регрутирањето или спроведување на нов бран на мобилизација, соопшти Министерството за одбрана, припишувајќи го зголемувањето на регрутирањето на персонал со договор.

Времето денесека променливо облачно со сончеви периоди

Есен во Македонија.
Есен во Македонија.

Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди и релативно топло. Ќе дува умерен, наместа засилен ветер над 60 километри на час од јужен правец, што ќе услови понатамошно топење на снежната покривка на планините, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.

Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 10, а максималната ќе достигне од 14 до 19 степени.

Во Скопје променливо облачно со сончеви периоди и релативно топло. Ќе дува умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 18 степени.

Израел ги извести арапските земји дека сака да воспостави тампон-зона во повоена Газа

Палестинските милитанти истрелуваат ракети кон Израел, издигнувајќи чад од јужниот дел на Појасот Газа, откако по истекот на примирјето продолжија борбите меѓу Израел и Хамас, 1 декември 2023 година.
Палестинските милитанти истрелуваат ракети кон Израел, издигнувајќи чад од јужниот дел на Појасот Газа, откако по истекот на примирјето продолжија борбите меѓу Израел и Хамас, 1 декември 2023 година.

Израел информираше неколку арапски земји дека сака да воспостави тампон-зона на палестинската страна на границата со Појасот Газа за да спречи понатамошни напади како дел од предлозите за иднината на палестинската енклава кога ќе заврши војната, пренесуваат египетски и регионални извори.

Израел за ова ги известил своите соседи Египет и Јордан, како и Обединетите Арапски Емирати, со кои ги нормализираше односите во 2020 година.

Истите извори пренесуваат дека за ова е известена и Саудиска Арабија. Оваа земја пак нема односи со Израел и го запре процесот за нормализација на односите во кој посредуваше САД, по избивањето на војната против Хамас.

Во иницијативата не се сугерира крај на израелската офанзива обновена по еднонеделното примирје, но таа покажува дека Израел се обидува да вклучи и други земји, а не само вообичаените арапски посредници, Египет и Катар, во одлуките за тоа што ќе се случува во повоена Газа.

„Планот е многу подетален од тоа. Се базира на план на три нивоа за денот после Хамас“, изјави Офир Фалк, советник на премиерот за надворешни работи на Израел во одговор на прашање на Ројтерс за оваа тампон зона, пренесуваат израелските медиуми.

Процесот од три нивоа вклучува уништување на Хамас, демилитаризација на Газа и дерадикализација на енклавата.

„Тампон зоната можеби ќе биде дел од процесот на демилитаризација“, изјави Фалк, но не откри детали кога му беше поставено прашањето дали овие планови им се претставени на меѓународните партнери, вклучувајќи ги и арапските земји.

Денеска пак, по истекот на примирјето меѓу Хамас и Израел, продолжија тешките борби во Појасот Газа, додека израелската војска ги обнови борбените операции против Хамас, откако ја обвините палестинската екстремистичка група за прекршување на привремениот прекин на огнот со пукање на територијата на Израел.

Блинкен го обвини Хамас за кршење на примирјето: САД се фокусирани на ослободување на заложниците

Ентони Блинкен, американски државен секретар (Илустративна фотографија)
Ентони Блинкен, американски државен секретар (Илустративна фотографија)

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен, денеска изјави дека Хамас е тој којшто ја сноси одговорноста за прекин на примирјето во Газа.

„Хамас ги прекрши обврските кои ги презема. Дури и пред паузата да заврши, Хамас изврши грозен терористички напад во Ерусалим, убивајќи три лица“, изјави Блинкен за новинарите во Дубаи.

Хамас ја презеде одговорноста за нападот на автобуска станица во Ерусалим, во кој вчера загинаа три лица.

Блинкен нагласи и дека Хамас не ги исполнил обврските кои ги преземал ниту во поглед на ослободување на одредени заложници, како и тоа дека САД остануваат посветени на нивно ослободување.

„Решителни сме да направиме се што можеме за сите тие повторно да им се вратат на своите семејства“, истакна Блинкен.

Тој потсети и дека и натаму останува императив да се обезбеди заштита на цивилите во Газа.

Денеска пак, по истекот на примирјето меѓу Хамас и Израел, продолжија тешките борби во Појасот Газа, додека израелската војска ги обнови борбените операции против Хамас, откако ја обвините палестинската екстремистичка група за прекршување на привремениот прекин на огнот со пукање на територијата на Израел.

Седумдневната пауза, која започна на 24 ноември и беше двапати продолжена, овозможи размена на десетици заложници од Газа за стотици палестински затвореници и го олесни влезот на хуманитарна помош во опустошениот крајбрежен појас.

Дојави за бомби во повеќе училишта во Белград

Полициска кола во Србија (Илустративна фотографија)
Полициска кола во Србија (Илустративна фотографија)

Неколку основни училишта во Белград денеска, на 1 декември, добија анонимни пријави за поставени бомби.

Од Министерството за внатрешни работи на Србија, неофицијално, за Радио Слободна Европа, информираа дека околу 14 часот пристигнале дојави за бомби во повеќе училишта на територијата на Нов Белград.

Од ресорното Министерство за РСЕ сепак не потврдија за колку училишта се работи, но наведоа дека полицијата е на терен и дека во тек се проверки.

Повеќе училишта пак порано во текот на овој месец во Србија, исто така добиваа дојави за поставени бомби, а беше утврдено дека сите се лажни.

Покрај нив, лажни дојави за бомби во изминатиот месец добија и Радио-телевизија Србија, како и Радио-телевизија Војводина.

Орбан вели дека влегувањето на Украина во ЕУ во овој момент не е во интерес на Унгарија

Виктор Орбан,
Виктор Орбан,

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска изјави дека отворањето на преговорите за влез на Украина во Европската Унија, моментално не е во интерес на Будимпешта, како и дека наместо тоа, Унијата треба да се определи за „стратешко партнерство“ со земјата зафатена од војна.

Во извештајот на Европската комисија минатиот месец пак за напредокот на земјите кандидати за членство, наведено е оти се препорачува отворање на преговорите за влез на Украина во Унијата, откако таа ќе ги исполни бараните услови по добивањето кандидатски статус заедно со многу помалата Молдавија во јуни минатата година.

Орбан, десничарски популист кој одржува топли односи со рускиот претседател Владимир Путин, долго време е во конфликт со ЕУ поради загриженоста на Унијата за владеењето на правото и корупцијата во Украина, поради што Унијата замрзна 22 милијарди евра за Унгарија, се додека земјата не воведе реформи во судството и во делот на подобрување на човековите права во оваа земја.

Во неговото неделно интервју за унгарското државно радио на 1 декември, Орбан рече дека отворањето на преговорите за членство со Киев не се совпаѓа со интересите на Унгарија, истакнувајќи дека неговата земја „се осмелува тоа да го каже јавно, без разлика на притисокот кој го чувствуваат“, повикувајќи се на наводното мешање од Брисел.

„Би сакал ЕУ прво да постигне договор за стратешко партнерство со Украина“, рече Орбан, додавајќи дека таквото партнерство може да потрае и до 10 години додека Украина не се прилагоди на барањата на ЕУ.

„Кога ќе видиме дека можеме да соработуваме, тогаш можеме повторно да го отвориме прашањето за членство, но тоа ќе биде можно дури по многу, многу години“, рече тој.

Покрај ова, Орбан во оваа прилика повторно зборуваше против продолжувањето на давањето финансиска помош на Украина, она што критичарите го гледаат како обид на Будимпешта да ја уценува ЕУ да ги ослободи замрзнатите средства за Унгарија.

„Европа има економски проблеми, но во меѓувреме фрла пари, испраќа вагони со оружје и пари во Украина“, рече Орбан.

Орбан и неговата влада постојано упатуваа критики против тоа што блокот ѝ дава воена помош на Украина за да се бори против неиспровоцираната агресија на Русија, тврдејќи дека таквата помош само ќе ја продолжи војната.

Заврши Министерскиот совет на ОБСЕ, Османи оцени дека организацијата е спасена

Неформалната вечера на министрите за надворешни работи кои учествуваат на 30. Министерски совет на ОБСЕ, чиј домаќин е шефот на дипломатијата на Северна Македонија и претседавач на ОБСЕ Бујар Османи. Скопје, 29 ноември 2023.
Неформалната вечера на министрите за надворешни работи кои учествуваат на 30. Министерски совет на ОБСЕ, чиј домаќин е шефот на дипломатијата на Северна Македонија и претседавач на ОБСЕ Бујар Османи. Скопје, 29 ноември 2023.

Претседавањето на Малта со ОБСЕ следната година да биде со помалку предизвици ѝ посака се уште актуелниот претседавач Бујар Османи, на завршната прес-конференција на 30-тиот Министерски совет на организацијата, што се одржа во Скопје.

Тој оцени дека организаицијата е спасена и безбедна.

Земјите членки на Организацијата за безбедност и соработка во Европа постигнаа согласност следната година Малта да биде претседавач.

На состанокот во Скопје е постигнат и договор да им се продолжат мандатите за уште девет месеци на четирити главни извршни позиции на ОБСЕ– генерален секретар, директор на ОДИХР, висок претставник за националните малцинства и претставник за слободата на медиумите.

Состанокот помина во знак на нападот на Украина, рече Османи на завршната прес-конференција. Тој оцени дека состанокот беше најголем политички собир на ова тло и се случува во вонредно време.

„Руската агресија против Украина ги прекрши основните принципи и посветеноста на нашата организација, предизвика страдање на луѓето во Украина, но донесе и сериозни предизвици за егзистирањето на организацијата“, рече тој.

Собирот во Скопје носеше многу ризици, но Северна Македонија како претседавач со тоа се соочи со многу одговорност, рече Османи. Состанокот го нарече историски, иако, како што вели „на Балканот се плашиме да ги наречеме работите историски“.

Одговарајќи на новинарско прашање дали имало „пазар“ со Русија за да се постигнат договори на состанокот, тој рече дека компромисот е во сржта на организацијата.

„Ние бевме гласни во осудувањето на руската воена агресија, но исто така го претворивме ОБСЕ во платформа за правна одговорност на Русија. Немаше тргување со принципите на Организацијата“, рече Османи.

Идниот претседавач, министерот за надворешни работи на Малта, Јан Борг, им се заблагодари на членките за ОБСЕ за довербата и оцени дека анонимното гласање и постигнувањето консензус сведочи за заедничката посветеност на сите да се продолжи со работата на Организацијата и покрај сите предизвици.

„ОБСЕ е инклузивна платформа за ефективен дијалог. Мора да се фокусираме на завршување на војната и конфликтот. Руската воена агресија против Украина мора да запре“, рече Борг.

Како претседавач во 2024, нагласи тој, ќе соработува со сите партнери и ќе се посвети на дијалог и се обврза на исполнување на обврските.

Генералната секретарка на ОБСЕ, Германката Хелга Шмид, за чиј мандат беше постигнат консензус да биде продолжен за девет месеци, на завршната прес-конференција, му се заблагодари на Османи за претседавањето и оцени дека Министерскиот совет во Скопје поминал успешно бидејќи се овозможува Организацијата да продолжи да работи.

„Во актуелните околности, да се најде заедничко решение за секоја тема е предизвик и нема да се преправам дека е поинаку“, рече Шмид.

Го поздрави мотото што го избра Северна Македонија за претседавањето - „За луѓето се работи“. Тоа, според неа, не можело да биде посоодветно бидејќи одговара без разлика дали се работи за борба против корупцијата и организираниот криминал, за мониторинг на изборите, безбедноста, персоналот на ОБСЕ...

За Малта, пак, рече дека игра важна улога во поддршката на безбедноста во регионот на ОБСЕ, порача дека може да смета на поддршката од неа и останатите раководни позиции во Организацијата во текот на претседавањето во 2024 година.

Мандатот на Шмид и на уште три други клучни позиции во ОБСЕ завршува на 4 декември. Со постигнатиот консензус, освен нејзиниот за девет месеци се продолжуваат мандатите и на: високиот комесар за национални малцинства Каират Абдракхманов; претставничката за слобода на медиуми на ОБСЕ Тереза Рибеиро, а реизбран е и Матео Мекачи на чело на ОДИХР.

На Министерскиот совет не постигнале договор за Буџетот на организацијата, иако, како што рече Османи, направиле големи напори. Османи вели дека сепак остануваа уште неколку недели да се постигне консензус за буџетот. Генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Шмид, вели дека и покрај проблемите со Буџетот, организацијата продолжила да испорачува и се надева дека наскоро ќе најдат решение.

Министерскиот совет на ОБСЕ, каде присуствуваа и американската и руската делегација заврши денеска (1 декември). Вкупно учествуваа 76 земји – 57 членки, а останатите се партнерски држави од медитеранската и азиската група.

Пендаровски од климатскиот самит во Дубаи: Северна Македонија е мала земја со големи климатски амбиции

Претседателот Стево Пендаровски, во рамки на учеството на Конференцијата на Обединетите нации за климатски промени - COP28 која се одржува во Дубаи, Обединетите Арапски Емирати
Претседателот Стево Пендаровски, во рамки на учеството на Конференцијата на Обединетите нации за климатски промени - COP28 која се одржува во Дубаи, Обединетите Арапски Емирати

„Северна Македонија е мала земја со големи климатски амбиции. Наша цел е да ги намалиме за 82 отсто нето емисиите на стакленички гасови до 2030 година во споредба со нивоата од 1990 година“, изјави денеска претседателот Стево Пендаровски од Дубаи, во рамки на своето учество на Конференцијата на Обединетите нации за климатски промени - КОП28.

Пендаровски во своето обраќање, меѓу другото, рече дека главна задача на ова поле ќе биде како да се исфрли јагленот, како главен извор на електрична енергија, а без притоа да се загрози енергетската безбедност на земјата и егзистенцијата на заедниците, бидејќи како што потенцираше, јагленот е „еден од најголемите загадувачи кои влијаат и на климата и на здравјето“.

„И покрај енергетската криза, решени сме да ја постигнеме оваа цел до крајот на деценијата. Северна Македонија беше првата европска пилот земја избрана за програмата за забрзана транзиција на јаглен од страна на Фондот за климатски инвестиции. Овде, на КОП28, заедно со ЕБОР ќе ја лансираме Инвестициската платформа за правична енергетска транзиција, која ќе ни помогне да ги мобилизираме потребните средства за да се префрлиме на обновливи извори, да ги забрзаме инвестициите во мрежата и да создадеме висококвалитетни зелени работни места за рударските заедници. Оттука, сакаме да ги поканиме потенцијалните партнери и донатори да се приклучат на оваа платформа и да докажеме дека правичната енергетска транзиција не само што е неопходна, туку е и можна и достапна. Со тоа, ние ќе се усогласиме со Глобалната заложба за обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност на ЕУ“, потенцираше Пендаровски.

Претседателот Стево Пендаровски, во рамки на учеството на Конференцијата на Обединетите нации за климатски промени - COP28 која се одржува во Дубаи, Обединетите Арапски Емирати.
Претседателот Стево Пендаровски, во рамки на учеството на Конференцијата на Обединетите нации за климатски промени - COP28 која се одржува во Дубаи, Обединетите Арапски Емирати.

Претседателот, потоа во својот говор предупреди дека светот се соочува со „огромна климатска криза“, од која вели погодени се сите, но најмногу ранливите популации како децата, но и ранливите сектори како здравството.

„Втори се ранливите популации, како што се децата. Го поддржуваме завршувањето на првиот глобален запис, усвојувањето на Глобалната цел за рамка за адаптација и правењето на Фондот за загуби и штети оперативно одржлив. За да бидат вистински правични и непристрасни, сите системи мора да ги интегрираат потребите и да ги почитуваат правата на децата. Трети се ранливите сектори, како што е здравството. Справувањето со климатските промени може да биде можност за развој на здравствени системи отпорни на климатски промени и катастрофи. За таа цел, целосно ја поддржуваме Декларацијата за климата и здравјето“, додаде Пендаровски.

Претседателството на КОП28 пак, доцна во средата(29.22) објави предлог - земјите официјално да усвојат нацрт на нов фонд на ОН за сиромашните земји погодени од климатски катастрофи како што се екстремни поплави или постојани суши.

Раниот напредок околу Фондот за отштети што посиромашните земји го бараат со години, се вели дека може да помогне да се направат други компромиси за време на двонеделниот самит.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG