Достапни линкови

Вести

Убиен полицаец во југоисточниот дел на Турција

Еден полицаец загина, а двајца се потешко повредени откако непознати напаѓачи отвориле оган врз полициското возило во округот Хакјари, Југоисточна Турција. Во тој регион дејствува забранетата Курдска работничка партија која од 1984 година води вооружена борба за поголема автономија .

види ги сите денешни вести

Дачиќ: Визната либерализација за Косово е лоша порака за Белград

Министерот за надворешни работи на Србија Ивица Дачиќ

Министерот за надворешни работи на Србија Ивица Дачиќ, денеска изјави дека визната либерализација за Косово е лоша порака за Белград и оцени дека „Приштина постојано се наградува за нејзините неконструктивни и еднострани потези, додека им се заканува на оние кои се коректни како Србија“. „За нас тоа е многу лоша порака бидејќи покажува дека двојните стандарди се многу присутни“, изјави Дачиќ во Лоѓ, Полска, каде што учествува на министерскиот состанок на ОБСЕ. За изјавата на косовскиот премиер Аљбин Курти дека дијалогот со Белград не му е приоритет, дека Косово никогаш нема да формира Заедница на српски општини и дека тоа не го интересира, Дачиќ рече дека тоа треба многу повеќе да ја загрижува меѓународната заедница отколку Белград.

Знамето со Косово како дел од Србија „го префрли акцентот“ од фудбалот

На прашањето како Србија може да ја спречи Приштина да аплицира за кандидатски статус во ЕУ, Дачиќ рече дека Србија тоа не може да го спречи. „Ако го направат тоа, ќе ги убијат преговорите. Затоа што за што да преговараме ако им го признаете кандидатскиот статус, тоа значи дека сте ги признале и како држава“, додаде тој. Дачиќ рече и дека главна тема на средбата во Лоѓ е територијалниот интегритет на Украина и додаде дека е „подготвен да аплаудира кога Украина ќе каже дека Крим и Донбас се Украина“, но дека не е убеден дека тој самиот ќе добие аплауз кога ќе каже дека Косово е Србија .

Русите напаѓаат на исток и ги зајакнуваат позициите на југ, соопштија воените сили на Украина

Володимир Зеленски

Украинските сили водеа битки во источниот регион на регионот Доњецк, додека на југ, руските трупи ги зајакнаа своите одбранбени позиции и го бомбардираа регионалниот главен град Керсон, кој беше повторно заземен од Украина минатиот месец, соопшти денеска украинскиот Генералштаб. Низ Украина, техничарите френетично работеа на обновување на снабдувањето со електрична енергија тешко оштетено од немилосрдните бранови на руските бомбардирања што оставија милиони во темнина и студ на почетокот на зимата. Доњецк, каде што Русите се обидуваат да постигнат напредок, остана место на најтешките борби, соопшти Генералштабот, додавајќи дека руската артилерија ги нападнала украинските позиции и неколку градови, вклучително и градот Бахмут и блиските Соледар и Опитне. Руските војници граделе одбранбени линии во правец на градот Лиман, соопшти Генералштабот.

Украинските сили спречиле повеќе руски напади

На јужниот фронт, соопшти војската, руските сили на левиот брег на реката Дњепар, заземале одбранбени позиции и користеле тенковски, минофрлачки и артилериски оган врз градот Керсон, предизвикувајќи дополнителна штета на електроенергетските системи. Во централниот регион Дњепропетровск, руските војници го гранатираа регионот Никопол од артилериски и ракетни системи, уништувајќи неколку куќи, гасовод и електричен далновод, рече Валентин Резниченко. Никој не е повреден, додаде тој во пораката на Телеграм. Други активности на бојното поле беа пријавени во североисточна и централна Украина, соопшти војската. Извештаите од бојното поле не можеа да бидат независно проверени.

Зеленски: Русите го гранатирале регионот Керсон 258 пати во изминатата недела

Во своето редовно ноќно обраќање на 30 ноември, претседателот Володимир Зеленски, без да наведе детали, рече дека Украина презема дополнителни чекори за да се спротивстави на акциите на руските сили. „Ги анализираме намерите на окупаторите и подготвуваме контра-мерки - построги контра-мерки отколку што е сега случајот“, рече Зеленски.

Бајден ќе го пречека Макрон во првата државна посета за време на неговото претседателство

Дел од лидерите на земјите на Г20 на самитот во Индонезија, ноември 2022.

Американскиот претседател Џо Бајден денеска во Вашингтон ќе го пречека својот француски колега Емануел Макрон, во, како што изјави секретарот за печат на Белата куќа Карин Жан-Пјер, прва целосна државна посета на неговата администрација. Таа додаде дека посетата „ќе ги нагласи длабоките и трајни односи меѓу САД и Франција, нашиот најстар сојузник“. Државните посети, кои се карактеризираат со поголема раскош и церемонија од честите билатерални состаноци организирани од американските претседатели за странски лидери, досега не се одржани за време на претседателствувањето на Бајден, што Жан-Пјер го припиша на ограничувањата за пандемијата на ковид-19. Запрашана зошто Макрон е избран за честа пред другите сојузници на САД, Жан-Пјер рече дека „длабоко го цениме нашиот однос со Франција“.

Макрон во ОН: Инвазијата на Украина е враќање во ерата на империјализмот

Врската меѓу двете земји е „заснована на заеднички демократски вредности, економски врски и соработка во одбраната и безбедноста“, рече таа. Односите меѓу Париз и Вашингтон доживеаја голема криза во минатата година кога Австралија ненадејно објави дека се откажува од договорот за купување на конвенционални француски подморници во корист на американскиот договор за подморници со нуклеарен погон. Сепак, тензиите оттогаш се измазнуваат, при што Макрон се појави како клучен европски партнер на Бајден во одговорот на инвазијата на рускиот претседател Владимир Путин врз Украина и на невидените напори на Западот да им помогне на украинските војници. Извор од француското претседателство рече дека посетата, која кулминира со државна вечера, „ќе ги нагласи длабоките и трајни односи“, вклучително и за „блиската соработка во областа на одбраната и безбедноста“.

Штајнмаер во Тирана, прва посета на германски претседател по 27 години

претседеталите на Германија и на Македонија Франк-Валтер Штајнмаер и Стево Пендаровски, Скопје, 29.11.2022.

Претседателот на Сојузна Република Германија, Франк-Валтер Штајнмаер, денеска ќе допатува во дводневна официјална посета на Тирана, каде што ќе пристигне по посетата во Скопје. Ова е прва посета на германски претседател на Република Албанија по 27 години. Со сите државнички почести ќе биде дочекан од неговиот домаќин, албанскиот претседател Бајрам Бегај. Според официјалното соопштение од претседателскиот кабинет „посетата претставува дополнителен сигнал за поддршка од Германија за европската иднина на земја“. „Во фокусот на посетата е ситуацијата во регионот, ефектите од војната на руската агресија во Украина и континуираната поддршка на Германија за членството на земјата во Европската унија“, пренесуваат медиумите дел од соопштението на кабинетот на германскиот претседател. Штајнмаер ќе се сретне и со премиерот Еди Рама, ќе има обраќање во албанскиот парламент.

Штајнмаер: За патот кон ЕУ вреди и следниот тежок чекор

Во пресрет на посетата на Албанија и на Северна Македонија Штајнмаер за Дојче веле изјави дека достигнувањата на Северна Македонија и Албанија заслужуваат признание и почит. Меѓу другото, тој рече дека посетата има за цел да ја пренесе пораката дека Германија не го заборава Западен Балкан. Според истиот извор ова е првпат германскиот претседател официјално да ги посети Албанија и Северна Македонија, откако ја презеде функцијата на 19 март 2017 година.

Во Косово, сопруг убил бремена жена во болнички двор

болница во Приштина, илустрација

Бремена жена на 35-годишна возраст е убиена синоќа од нејзиниот сопруг пред клиниката за гинекологија на Клиничкиот и универзитетски центар на Косово, каде што била примена во очекување наредните денови да се породи. Како што јавија косовските медиуми, повикувајќи се на извори од државната болница и од надлежните органи, жената, која била во 41-та недела од бременоста, била застрелана од сопругот, 31-годишниот Сокол Халили, со три куршуми од пиштол, при што не преживеало ниту бебето што го носела. Жртвата, идентификувана со иницијалите Х. М. е по потекло од селото Лугаџи во општината Витина, југоисточно Косово, а била во процес на развод.

Полицаец случајно убил колега во Косово

Од Министерството за правда соопштија дека надлежниот суд во Урошевац издал налог за заштита на жената од насилниот сопруг, за кого во минатото имало неколку пријави за семејно насилство. Сторителот е во бегство и по него е распишана потерница. По тешкото злосторство уследија бројни реакции во цело Косово, а осуда на настанот и сочувство до семејството на жртвата изразија, меѓу другите, претседателката Вјоса Османи, премиерот Албин Курти, бројни личности од јавниот и политички живот, како и организации на граѓанското општество и здруженија за заштита на жената.

Хаким Џефрис - нов лидер на демократите во Претставничкиот дом на САД

Хаким Џефрис

Демократите во Претставничкиот дом на американскиот Конгрес синоќа го избраа Афроамериканецот Хаким Џефрис за нов лидер, имајќи предвид дека долгогодишниот лидер на демократите во Долниот дом на Конгресот, Ненси Пелоси реши да се повлече од функцијата, заедно со нејзиниот тим. Хаким е првиот Афроамериканец кој води голема политичка партија во Конгресот.

Републиканците освоија мнозинство во Претставничкиот дом на САД

Демократите покажаа ретко единство по нивните загуби на неодамнешните среднорочни избори во Претставничкиот дом: тие го избраа 52 годишниот Џефрис едногласно, со акламација, зад затворени врати. Републиканците освоија тесно мнозинство во Претставничкиот дом, додека контролата над Сенатот остана во рацете на демократите. Ретко е партијата што губи на среднорочни избори за еден од двата дома на Конгресот да се прегрупира толку лесно. Од друга страна, републиканците, кои освоија мнозинство во Претставничкиот дом, не можат да се обединат околу Кевин Мекарти, кој од јануари треба да стане нов лидер на републиканците во долниот дом на Конгресот.

Бектеши: од денеска прехранбените производи треба да се нудат со намалени цени

Министерот за економија Крешник Бектеши

Министерот за економија Крешник Бектеши очекува од денеска да почне намалувањето на цените на одредени прехранбени производи поради одлуката на Владата со која производителите на храна ќе добијат субвенционирана цена за електричната енергија. Бектеши за ТВ 21 појасни дека од денеска производителите на прехранбени производи ќе треба да им понудат на маркетите нови намалени цени, но дека треба да се има предвид и фактот дека маркетите имаат залихи од претходно.

Пад на цената на зејтинот, „Брилијант“ поевтинe за 40 денари

Бектеши најави и засилени контроли од страна на Пазарниот инспекторат, а ги повика и граѓаните доколку забележат злоупотреби кај трговците, да ги пријават.

Дел скопјани не се спокојни- парно де има, де нема

Во однос на топлинската енергија, Бектеши соопшти дека се обезбедени доволно количества на природен гас за топланите и дека граѓаните до крајот на грејната сезона ќе бидат во континуитет снабдении со парно греење.

Времето денеска: облачно со врнежи од дожд

Облачно со врнежи од дожд, а на планините од снег каде снежната покривка ќе се зголеми. Наместа и особено во јужните делови врнежите ќе бидат пообилни. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Дневната температура ќе се движи од 2 до 9 степени. Во Скопје и околината слично време со дневна температура до 6 степени.

Зеленски го повика Илон Маск да ја посети Украина

Илон Маск

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го покани американскиот милијардер Илон Маск да ја посети Украина за да ја види штетата што руската армија и ја нанела на таа земја, пишува Њујорк Тајмс.

Таквата посета може да му помогне на бизнисменот да ја разбере ситуацијата пред за неа да дава изјави за тоа, рече Зеленски.

„Ако сакате да разберете што направи Русија овде, дојдете во Украина и ќе го видите тоа со свои очи. После тоа ќе ни кажете како да ја завршиме оваа војна, кој ја започна и кога можеме да ја завршиме“, рече Зеленски.

На почетокот на октомври, американскиот милијардер и основач на СпејсИкс, Илон Маск, на Твитер напиша дека Украина треба да остане неутрална, а Крим да и се отстапи на Русија.

Исто така, според неговите зборови, „Крим формално е дел од Русија, како што бил од 1783 година (пред грешката на Хрушчов)“.

Оваа изјава предизвика осуда од стран на украинското општество.

По критиките и реакциите од Зеленски, Маск рече дека се уште ја поддржува Украина, но се противи на „голема ескалација“ во руската војна против Украина.

Во февруари Маск и подари на Украина бесплатни терминали „Старлинк“ за потребите на украинската војска.

Во септември, компанијата на Маск, „СпејсИкс“, соопшти дека не може да продолжи да ја финансира работата на терминалот и побара од Министерството за одбрана на САД да ги преземе овие трошоци.

Набргу потоа, сопственикот Маск, рече дека Старлинк ќе продолжи да работи во Украина без оглед на тоа дали Пентагон ќе плати за тоа.

Рекорден број на баратели на азил во Европа во последните шест години

Mигрант зад бодликава жица на турската страна на затворениот граничен премин Кастание, на границата меѓу Грција и Турција (Архива)

Агенцијата за азил на Европската унија (ЕУАА) објави дека бројот на луѓе кои бараат азил во Европа достигнал максимум во последните шест години и дека сириските граѓани се оние кои најмногу бараат меѓународна заштита.

Агенцијата наведува дека во септември биле поднесени околу 98.000 барања за азил во 27-те земји членки на ЕУ, како и во Норвешка и Швајцарија, колективно познати како ЕУ+.

Околу 15.500 Сиријци и 13.700 Авганистанци официјално побарале меѓународна заштита.

Авганистанците се најголемата група на апликанти секој месец откако, Талибанците ја презедоа власта во летото 2021 година.

Турските државјани ја сочинуваат третата група по големина со 5.800 апликации во септември, што е историски максимум за земја во која ЕУ вратила потенцијални мигранти.

Рекорден број Индијци, Тунижани, Грузијци, Мароканци и Египќани, исто така, е забележан во септември, според ЕУАА.

Во исто време, голем број луѓе кои бегаат од руската инвазија на Украина продолжија да бараат статус на привремена заштита, што им овозможува краткорочен пристап до финансиска помош, домување и помош за вработување.

Агенцијата соопшти дека „овие симултани предизвици вршат значителен притисок врз националните системи во неколку земји од ЕУ+“.

Повеќе од милион луѓе, повеќето Сиријци, влегоа во ЕУ во 2015 година, предизвикувајќи една од најголемите политички кризи во ЕУ досега.

Повторно хоспитализиран бразилскиот фудбалер Пеле

Бразилски фудбалер Пеле

Славниот бразилски фудбалер Пеле е хоспитализиран во Сао Паоло за да му бидат регулирани лековите кои ги користи во борбата против туморите на дебелото црево, потврди неговата ќерка Кели Насименто-Делука.

Таа на Инстаграм напиша дека нема „ништо алармантно“ за здравјето на нејзиниот 82-годишен татко, откако веста се појави во медиумите.

На Пеле му беше отстранет туморот во септември 2021 година, по што почна со хемотерапија.

Оттогаш на социјалните мрежи ги отфрла обвинувањата дека е во лоша здравствена состојба, а последната објава на оваа тема ја направи на 23 октомври, на неговиот роденден.

„Само сакам да ја покажам мојата благодарност. Животот е добар. Да наполнам 82 години со семејството, во добро здравје, е најдобриот подарок“, напиша тогаш Пеле.

Пеле е трикратен светски шампион со Бразил, во 1958, 1962 и 1970 година, а на 92 одиграни натпревари за репрезентацијата постигна 77 голови.

Стефани Фрапар влегува во историјата на мундијалите

Французинката Стефани Фрапар

Французинката Стефани Фрапар ќе стане првата жена која ќе суди на натпревар на Светско првенство за мажи, а ќе ја има функцијата главен судија на натпреварот меѓу Костарика и Германија на 1 декември.

Фрапар е една од трите жени кои беа избрани меѓу 36-те судии на овогодинешното Светско првенство во Катар, а шанса за судење би можеле да добијат и Салим Мукансанг од Руанда и Јошими Јамашита од Јапонија.

Фрапар беше првата жена што судеше во француската Лига 1 во 2019 година, истата година кога го водеше финалето на Светското првенство за жени во нејзината земја.

Таа го судеше и Суперкупот на Европа во 2019 година помеѓу Ливерпул и Челзи, а пред две години стана првата жена која судеше во Лигата на шампионите, а потоа и на финалето на Купот на Франција оваа година.

Германскиот селектор Ханси Флик истакна дека има 100 отсто верба во Фрапар и додаде дека верува оти таа со претходните настапи заслужила пласман на Светското првенство.

Со нетрпение го очекувам овој натпревар и се надевам дека и таа е среќна“, изјави Флик.

Украинските сили спречиле повеќе руски напади

Украински војници пукаат со ракетен систем за повеќекратно лансирање Буревиј на позиција во регионот Доњецк, додека рускиот напад врз Украина продолжува

Украинските сили одбиле повеќе руски воени напади на истокот на земјата, додека Москва ги нападнала цивилните населби во централна и јужна Украина, гаѓајќи ја енергетската инфраструктура, соопштија денеска украинската војска и регионалните власти.

Милиони луѓе се соочуваат со недостиг на струја и греење на почетокот на зимата.

Пет лица загинаа во источниот регион Доњецк во гранатирање во изминатиот ден, напиша гувернерот Павло Кириленко на Телеграм.

Во централниот регион Запорожје, руски ракети погодиле точка за дистрибуција на гас, според регионалниот гувернер Олександр Старук.

На линијата на фронтот, украинскиот Генералштаб соопшти дека неговите сили одбиле шест руски напади во изминатите 24 часа во Доњецк и во соседниот регион Луганск.

Војската соопшти дека руските трупи продолжуваат со нападите во правците Бахмут и Авдијивка, користејќи тенковски и артилериски оган.

Убиен Иранец додека го славел поразот на фудбалската репрезентација

Мехран Самак

Безбедносните сили на Иран убиле маж на северот на земјата, на собир на антивладини демонстранти кои јавно ја прославувале елиминацијата на фудбалската репрезентација од Светското првенство.

Според извештаите, активистите велат дека 27-годишниот Мехран Самак бил застрелан во главата откако денеска свирел во својот автомобил во Бандар Анзали.

Многу Иранци одбија да ја поддржат својата фудбалска репрезентација во Катар, сметајќи ја за репрезентација на Исламската Република.

Медиумите поврзани со државата ги обвинија непријателските сили внатре и надвор од Иран за неправеден притисок врз играчите по нивниот пораз од САД со 1-0 во последниот натпревар во групата.

Фудбалерите не ја пееја националната химна пред нивниот прв натпревар, кој заврши со победа на Англија со 6:2, во знак на солидарност со демонстрантите.

Сепак, тие пееја на натпреварот во Велс кој го добија со 2:0 и во пресметката против САД која имаше политички набој.

Немирите во Иран започнаа пред десет недели по смртта во притвор на 22-годишната Махса Амини која беше уапсена од полицијата за морал во Техеран, за наводно кршење на строгите правила со кои се бара од жените да ја покриваат косата со хиџаб.

Властите одговорија со насилство на, како што ги опишаа, „немирите“ во кои, според организацијата за човекови права во Иран со седиште во Норвешка, загинаа најмалку 448 луѓе, меѓу кои 60 деца. Наводно, повеќе од 18.000 луѓе биле уапсени.

Иранската организација за човекови права објави дека Мехран Самак бил застрелан и убиен од безбедносниот персонал на 30 ноември кога свикал на својот автомобил во градот Бандар Анзали на Каспиското Море за да го прослави поразот на иранскиот фудбалски тим на Светското првенство.

Џафери: Измени на Деловникот ќе овозможат фокус на суштинските прашања

Талат Џафери, претседател на Собранието.

Измени на Деловникот за работата на Собранието се важни и тие ќе овозможат пратениците да фокусираат на суштинските прашања, без при тоа да бидат забавени од сите процедурални пречки кои се вистински предизвик за работата на Собранието, изјави денеска претседателот на Собранието Талат Џафери на Конференцијата на Европскиот парламент.

На Конференцијата во ЕП на тема „Креирање на парламентарна демократска култура преку дијалог и градење консензус“. Џафери зборуваше за дијалогот на парламентарните групи во рамки на Жан Моне процесот.

Џафери за Жан Моне процесот потенцира дека тоа е долгорочен процес кој може да трае и неколку години и дека се состои од неколку рунди на дијалог.

„Ако сакаме да имаме култура на дијалог меѓу политичките партии застапени во Собранието, ние мора да работиме заедно. Но, да нема недоразбирање – тоа не значи дека бараме униформност. Ние сите сме членови на различни политички партии, со различни политички програми за кои сме добиле доверба од граѓаните и согласно тие програми даваме приоритет и на различни цели“, вели Џафери.

Процесот на Дијалогот Жан Моне со Собранието беше воспоставен во мај 2018 година во Охрид, а досега се одржани три состаноци во мај 2018 година, во јуни 2019 година и во јануари и февруари 2020 година.

Џафери вели дека меѓу конкретните резултати е усвојувањето на Етичкиот кодекс, формирањето на Работната група за Деловникот која работела напорно за да постигне компромис околу голем дел од реформските приоритети и со тоа се обезбедила добра подготовка за понатамошната работа на Деловникот.

Исто така претседателот на Собранието Џафери вели дека е постигната поширока институционална независност и реформа на Собранието, особено кога станува збор за независноста на буџетот и човечките ресурси, а дека продолжува работата во насока на независно обезбедување и постигнување на конечен консензус за измените на Деловникот.

Вчитај повеќе

Што треба да знаете

XS
SM
MD
LG