Достапни линкови

Вести

Уапсени половина од затворските бегалци во Ирак

Ирачката полиција соопштува дека уапсила уште двајца од избеганите затвореници кои имаат врски со Ал Каеда. До сега се уапсени најмалку осум од 16 затвореници што оваа недела избегаа од затвор. Властите соопштија дека затворениците биле пронајдени во градот Тикрит, во близина на затворот од кој избегаа низ прозорец од бањата.
Повеќе од 100 стражари и затворски функционери се на распит поради бегството.

види ги сите денешни вести

На Албанците може да им се забрани да аплицираат за азил во Британија

На Албанците треба да им се забрани да аплицираат за азил во Велика Британија, бидејќи доаѓаат од „навидум безбедна земја“, изјави британскиот министер за емиграција Роберт Џенрик.

Тој предупредил дека илегалната миграција најверојатно ќе биде проблем во следните неколку години.

Џенерик додаде дека таквите поединци треба да бидат „исклучени од правото да бараат азил“, бидејќи сегашното ниво на миграција во Обединетото кралство е неодржливо.

Тој наведува дека Албанците сочинуваат повеќе од една третина од 40.000 мигранти, кои во првите девет месеци од годинава пристигнале во Велика Британија со мали чамци преку Ла Манш и нагласи дека тие претставуваат „приоритет број еден“.


Неговите коментари уследија откако британското Министерство за внатрешни работи одби да ги коментира наводите на „Сандеј тајмс“ дека министрите работат на законодавство што би можело да ги спречи барателите на азил, кои нелегално влегуваат да се населат во Велика Британија.

Министерката за внатрешни работи, Суела Браверман, претходно побарала од премиерот Риши Сунак да ги поддржи плановите за спречување илегални мигранти по пристигнувањето.

Британската Влада е под голем притисок од пратениците од Конзервативната партија да се справи со трговците на луѓе кои користат мали чамци за да ги пренесат мигрантите преку Каналот.

Киев тврди дека Русија користела забрането хемиско оружје

Војник на поморските сили на украинските вооружени сили.

Украинската морнарица ја обвини Русија за употреба на забрането хемиско оружје против украинските војници во источна Украина.

Во објава на Фејсбук на 4 декември, морнарицата тврди дека Русија фрлила гранати со хлоропикрин од беспилотни летала, но дека украинските војници користеле хемиска одбрана „за да се заштитат од силниот иритирачки ефект“ на забранетата супстанција.

Хемикалијата, која била развиена како отровен гас за време на Првата светска војна, наводно била распрсната со помош на аеросолни гранати К-51.

Извештаите не можат независно да се проверат, а нема ниту итна реакција од Москва.

Во ноември, бриселскиот портал Политико, повикувајќи се на свои извори, објави дека администрацијата на американскиот претседател стравува дека Русија може да употреби хемиско оружје во Украина доколку нејзините трупи продолжат со неуспесите на фронтот.

Рама до Вучиќ - Катастрофално ќе биде ако не дојдеш на Самитот во Тирана

Aлбанскиот премиер Еди Рама и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, архивска фотографија.

Катастрофално за Србија и за Александар Вучиќ ќе биде ако тој не учеството на Самиот меѓу Европската унија (ЕУ) и Западен Балкан во Тирана, порача денеска албанскиот премиер Еди Рама.

Претходно претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека нема да учествува на Самитот што на 6 декември ќе се одржи во Тирана.

„Учеството на Самитот е единствениот пат што го има Вучиќ, бидејќи во спротивно тоа би било катастрофално за него и за Србија“, изјави Рама.

Вучиќ претходно најави дека никој од Србија нема да присуствува на состанокот поради одлуката на косовскиот премиер Албин Курти да го назначи Ненад Рашиќ за министер за заедници и враќање во Косово и поради реакцијата на ЕУ на таа одлука, која Белград ја оцени како блага.

Опозицијата во Албанија најави дека на 6 декември ќе одржи протест. Рама вели дека е апсурдно на тој датум да се одржуваат протести и обвини дека опозицијата тоа го прави за свои интереси.

Американската амбасада во Тирана упати предупредување до своите граѓани да бидат внимателни на 6 декември, кога во албанскиот главен град се одржува Самитот ЕУ-Западен Балкан, а опозицијата најави протест.

На самиот ќе присуствува и македонска делегација. Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска изјави дека Самитот во Тирана е голем настан и е сериозна порака за посветеноста на ЕУ во регионот.

Србија нема сознанија дека кај нив има кинески полициски станици

Кинески полицајци за време на заедничката патрола со српските полицајци во Белград, Србија, 20 септември 2019 година.

Српското Министерство за внатрешни работи денеска соопшти дека нема сознанија за наводни кинески полициски станици во Србија „за чие наводно постоење известуваат одредени медиуми“ и нагласува дека во Србија нема кинески полициски службеници.

Српското Министерство за внатрешни работи (МВР) наведува дека врз основа на Меморандумот за разбирање меѓу МВР на Србија и Министерството за јавна безбедност на Кина за спроведување заеднички полициски патроли потпишан во 2019 година, шестмина кинески полицајци учествувале во заеднички патроли со српската полиција во траење од еден месец, од 17 септември до 16 октомври 2019 година, но оти кинеските полицајци ни тогаш немале право на употреба на средства за принуда.

Според Меморандумот, кинески полицајци имале задача да го олеснат контактот на своите сонародници и организации со српската полиција, како и со дипломатските и конзуларни органи на својата земја, се додава во соопштението.

Шпанската невладина организација „Заштитни бранители“ соопшти дека пронашла докази дека има над 100 кинески полициски станици во странство.

Како што пренесе Си Ен Ен, користејќи ги билатералните договори со држави во Европа и во Африка, Кина отворила стотина полициски станици во светот за да може да ги следи, застрашува и во некои случаи да ги враќа во Кина своите државјани кои живеат во странство.


Организацијата ги испитува размерите на мрежата и улогата која ја играат заедничките полициски иницијативи на Кина и некои европски држави, меѓу кои Италија, Хрватска, Србија и Романија, во формирањето на кинески полициски станици во странство.

Организацијата тврди дека еден кинески државјанин бил принуден да се врати дома од оперативци кои тајно работеле во кинеска полициска станица во предградие на Париз. Претходно беше соопштено дека двајца Кинези биле насилно вратени дома од Србија и од Шпанија.

Скопје утре ќе биде блокирано од рано наутро

Протест на приватните автобуски превозници и блокада на булевар Илинден во Скопје, 2 декември 2022

Приватните превозници, кои беа дел од јавниот автобуски превоз во Скопје, утре од 6 часот наутро најавија дека ќе блокираат три крстосници во главниот град.

Превозниците бараат да им се исплати долгот од 1,3 милиони евра, што, како што велат, им го должи Јавното сообраќајно претпријатие, односно Град Скопје.

Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека утре поради најавено одржување на протестот, со почеток во 06.00 часот, полициски службеници од СВР Скопје ќе преземат мерки за посебен режим на сообраќајот.

Посебниот режим на сообраќај ќе биде воспоставен на бул. „Илинден“ – од Владата до крстосницата кај МИ-ДА во скопската општина Карпош 2. Пота че биде блокирана крстосницата кај Црвен Крст во центарот на градот од ул. „11 Октомври“ и бул.„ Кочо Рацин“, како и крстосницата од бул. „Гоце Делчев“ и бул. „Крсте Мисирков“ (Судска палата).

Секторот за внатрешни работи Скопје апелира до сите граѓани да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвива настанот со цел безбедност на сите учесници во сообраќајот.

Првата блокада на приватните превозници се одржа на 28 ноември на крстосницата кај ТЦ „Мавровка“, кога околу 30 автобуси на „Слобода превоз“ и „Мак-експрес“ беа паркирани на булеварите „Гоце Делчев“ и „Крсте Петков Мисирков“, со барање „да им бидат исплатени долговите за да можат да почнат повторно со работа“. Делумна блокада на Илинденска имаше и на 2 декември.

ОПЕК+ нема да го намали производство на нафта

ОПЕК+ веројатно ќе се држи до своите цели за производство на нафта и по денешниот состанок, соопштија вчера пет извори од ОПЕК+, еден ден откако групата Г7 најразвиени земји се договорија за ограничување на цената на руската нафта.

ОПЕК+ ја сочинуваат земјите од Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК), плус Русија. Нивната одлука од октомври да го намалат производството за 2 милиони барели дневно, што е околу 2 отсто од светската побарувачка, ги разлути САД.

Вашингтон ја обвини организацијата и еден од нивните лидери Саудиска Арабија дека се на страната на Русија во војната против Украина.

ОПЕК+ тврди дека го намалил производството поради послабите економски изгледи и дека цените на нафтата се намалени од октомври поради забавениот кинески и глобален раст и повисоките каматни стапки.

Во петокот, Г7 и Австралија се договорија за ограничување на цената на руската нафта на 60 долари за барел со цел да ги намалат приходите на Русија, а во исто време да го задржат снабдувањето на светските пазари.

Москва соопшти дека нема да ја продава својата нафта поевтино и анализира како да одговори.


Многумина аналитичари и министри од ОПЕК рекоа дека ограничувањето на цената е збунувачко и веројатно неефикасно, бидејќи Русија продава најголем дел од својата нафта на земји како Кина и Индија, кои одбија да ја осудат војната во Украина.

Сепак, два различни извори во петокот рекоа дека не е исклучено натамошно намалување на производството, имајќи го предвид економскиот раст и побарувачката, објави Ројтерс.

Османи - Државата сега се фокусира на расчистување со корупцијата

Бујар Османи

Откако државата ги реши егзистенцијалните прашања, се фокусира на борбата со корупцијата и наредните години се години на расчистување конечно со корупцијата на сите можни нивоа, рече министерот за надворешни работи Бујар Османи од денешниот брифинг со новинарите.

„Нема општество целосно исчистено од ова зло, но земјата мора и тој дел да го помине за навистина да биде пример држава, не само во регионот, туку и пошироко“, рече Османи.

На засилена борбата против корупцијата повика новата американска амбасадорка во земјава Анџела Агелер. Таа рече дека иако земјата чекори по патот кон ЕУ, корупцијата продолжува да го кочи напредокот.

Османи вели дека засилената антикорупциска борба е заедничка определба на Македонија и САД и дека земјава очекува сериозна поддршка за тоа.

„Сега веќе имаме два големи инструменти за следење на антикорупциските политики. Еден е скринингот и преговорите со ЕУ и САД преку стратешкиот дијалог и нивните инструменти, дали се тоа механизмите на внесување во црни листи или други јавни именувања или други начини на поддршка“, вели министерот Османи.

Османи повтори дека во рамки на стратешкиот дијалог САД досега дале 4,2 милиони евра само за поддршка антикорупциските политики.

Тој вели дека Северна Македонија има сериозен проблем со корупцијата на сите нивоа, не само на политичко.

Вчера премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференција рече дека апсолутно се согласува со американската амбасадорка. Тој ги повика сите коишто се соочиле со одредени криминални, коруптивни пракси, веднаш да ги пријават кај сите надлежни институции.

Кина води полициски станици во странство за прогон на свои државјани

Архивска фотографија - Полиција во Пекинг

Пекинг отвори повеќе од 100 таканаречени полициски станици во странство, ширум светот, за да ги следи, вознемирува и во некои случаи да ги враќа во Кина своите државјани кои живеат во егзил, користејќи билатерални безбедносни аранжмани постигнати со земјите во Европа и во Африка, се наведува во новиот извештај во кој Си Ен Ен имале увид.

Организацијата за човекови права „Заштитни бранители“ (Safeguard Defenders) со седиште во Мадрид, соопшти дека нашла докази дека Кина води дополнителни 48 полициски станици во странство, откако во септември објави постоење на 54 такви станици.

Во нивната нова објава насловена „Патролирај и убеди“, се испитува улогата што заедничките полициски иницијативи на Кина и неколку европски држави, меѓу кои Италија, Хрватска, Србија и Романија, ја имаа во експанзијата на кинеските полициски станици во странство.

Меѓу новите тврдења на организацијата се дека еден кинески државјанин бил принуден да се врати дома од оперативци кои тајно работеле во кинеска полициска станица во предградие на Париз. Претходно беше соопштено дека двајца Кинези биле насилно вратени дома од Србија и од Шпанија.


Организацијата тврди дека вакви полициски станици има во 53 држави ширум светот, но кинеските власти негираат дека имаат непријавени полициски станици надвор од кинеска територија. Тие велат дека се работи за административни центри кои треба да им помогнат на кинеските иселеници за прашања како обновување на возачките дозволи. Според нив, во пандемијата многу Кинези не можеле да ги обноват документите.

Непријавените конзуларни активности надвор од официјалните дипломатски претставништва се многу невообичаени и незаконски, освен ако земјата-домаќин не даде експлицитна согласност.

Иран ја укина полицијата за морал

Протести во Иран по смртта на МАхса Амини.

Иран ја укина полиција за моралот поради продолжувањето на протестите по смртта на 22-годишната Махса Амини во септември во полицискиот притвор, изјави главниот обвинител на земјата.

Повод за масовните протести кои се проширија и вон границата на Иран беше смртта на Амини, Иранка од курдско потекло, која беше уапсена поради наводно кршење на исламскиот закон за задолжително носење на марама.

Махса Амини почина на 16 септември, три дена откако беше уапсена од моралната полиција во Техеран.

„Полицијата на моралот нема никаква врска со судството и таа е укината“, изјави државниот обвинител Мохамед Џафар Монтазери, пренесува ИСНА.

Изјавата ја даде на верска конференција одговарајќи на прашањето на еден од учесниците „зошто се укинува моралната полиција“, пренесе агенцијата ИСНА.


Според активистите за човекови права, најмалку 450 луѓе се убиени, а повеќе од 15.000 се приведени во владиното задушување на демонстрантите.

Контроверзните полициски патроли за моралот беа основани во 2006 година под власта на тврдокорниот претседател Махмуд Ахмадинеџад за да ги спроведе исламските кодекси на облекување во земјата, особено условот да се носи хиџаб или женска покривка на главата.

Македонија воведува визи за Куба и Боцвана

Граничен премин Богородица, меѓу Македонија и Грција.

Македонија ќе воведе вози за граѓаните на Куба и Боцвана од 1 јануари 2023 година, соопшти министерот за надворешни работи Бујар Османи на денешниот брифинг со новинарите.

Одлуката е донесена во рамки на усогласувањето со надворешната и безбедносната политика на Европската унија (ЕУ).

Османи наведува дека во последно време има сериозен проблем кога земји од Африка и Азија го користат аеродромот во Белград, поради либералниот визен режим што го има Србија со многу земји, а оттаму заминуваат во некоја од земјите од ЕУ.

„Имаше податок дека од 6000 што слетале, за одреден временски период, само 10 проценти се вратиле назад преку тој аеродром“; вели Османи.

Тој додава дека Македонија нема проблеми со миграции од тој тип, но сепак решиле да бидат проактивни и да воведат визи.

Повремено полицијата во Македонија ќе соопшти дека се приведени Кубанци при обид илегално да влезат во земјава.

Приведено момче за кражба на возилото за Итна помош во Кочани

Општа болница Кочани, архивска фотографија

Полицијата во Кочани вчера попладне приведе 18-годишник поради основи на сомнение дека од кругот на болницата во Кочани одзел возило на Итна медицинска помош.

Вработени во полицијата пријавиле дека едно од возилата на Итна помош не е во кругот на болницата, по неколку часа полицијата го пронашла возилото и било вратено на болницата.

Приведениот признал дека претходно украл компјутер и автомобил „опел корса“, тие биле пронајдени кај него и вратени на сопствениците.

По целосно документирање на случаите против него ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави, соопштија денеска од МВР.

Службата за Итна медицинска помош во болницата во Кочани има уште неколку понови возила што се користат за транспорт на пациенти до Штип и Скопје, а едно од нив во март минатата година беше тешко оштетено во сообраќајна несреќа при судир на патот Кочани – Штип.

Во Иран погубени четири лица кои шпионирале за Израел

Припадници на Иранската револуционерна гарда

Иранските власти на 4 декември погубија четири лица обвинети дека работеле за израелската разузнавачка агенција Мосад, објави иранската државна новинска агенција ИРНА.

Четворицата егзекутирани затвореници беа обвинети дека добивале оружје и средства во форма на криптовалути од Мосад.

Иранската револуционерна гарда тврдеше дека уапсила неколку лица наводно поврзани со Мосад, обвинувајќи ги за уништување имот и киднапирање ирански граѓани. Се наведува дека членовите имале претходни криминални досиеја и се обиделе да ја нарушат безбедноста на земјата.

Израел и Иран се непријатели со децении.

Иран не го признава Израел и ги поддржува антиизраелските вооружени групи низ целиот регион, како Хезболах и Хамас.

Иран и Израел долго време се обвинуваат за шпионажа.

Израел го гледа Иран како своја најголема закана и постојано се заканува дека ќе преземе воена акција за да го спречи Иран да се здобие со нуклеарно оружје.

Иран негира дека бара такво оружје и ветува остар одговор на каква било агресија од израелска страна.

Остин - Русија е „намерно сурова“ во Украина

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин на состанок на министрите за одбрана во американската воздухопловна база во Рамштајн, Германија, 08 септември 2022 година

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин во саботата обвини дека Русија е „намерно сурова“ во војната во Украина. Тој вели дека Москва намерно гаѓа цивили.

„Со намерна суровост, Русија става цивили и цивилни цели пред огнено оружје“, рече Остин на 3 декември на Регановиот Форум за национална одбрана, што се одржува во Калифорнија.

„Руските напади оставија мртви деца, уништени училишта и уништени болници“, рече тој.

Директорката на американското национално разузнавање, на истиот форум, рече дека борбите во Украина ќе продолжат со намалено темпо во наредните месеци.

Аврил Хејнс рече дека не гледа докази за намалена волја за отпор од страна на украинските сили. Таа вели дека американското разузнавање не видело индикации дека нивото на руско несогласување или противење на војната во Украина може да доведе до промена на владата на претседателот Владимир Путин.

Русија започна инвазија на Украина на 24 февруари.

Бислимоски – Домаќинствата штедат, трошат помалку струја во скапа тарифа

Сметка за струја од ЕВН

Откако се воведени блок тарифите домаќинствата за 16,32 проценти ја намалиле потрошувачката на струја во скапа (висока) тарифа, покажуваат анализите на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ).

Од први јули кога се воведоа блок тарифите, до 31 октомври просечната потрошувачка на струја во висока тарифа изнесувала 244 kWh што е за 16,32 проценти помалку во споредба со истиот период од минатата година кога просечната потрошувачка изнесувала 281 kWh.

„Реформата е успешна, блок тарифите даваат резултати и ја постигнуваат таргетираната цел за рационално користење на електрична енергија. Принципот кој троши повеќе да плаќа повеќе, а кој троши помалку, да плаќа помалку – има ефект“, вели Марко Бислимоски, претседател на регулаторната комисија за енергетика и водни услуги, се наведува во соопштението.

Цени на струја за потрошени по 200 kw/h струја во евтина и во скапа тарифа
Цени на струја за потрошени по 200 kw/h струја во евтина и во скапа тарифа

РКЕ од 1 јули воведе четири блок тарифи со цел да испрати сигнал за рационално користење на струјата. Првиот блок е до 210 kWh, вториот е од 211-630 kWh, третиот е во опсег од 631-1050 kWh и четвртиот е над 1050 kWh. Тие што трошат помалку струја плаќаат и струја по пониска цена.

Временска прогноза - Облачно со повремен слаб дожд

Времето денеска ќе биде претежно облачно со повремен локален дожд со слаб интензитет. Ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец.

Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 7 до 12 степени.

Во Скопје минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 10 степени.

Управата за хидрометеоролошки работи информира дека утрово најстудено со -1 степен е на Попова Шапка, а со измерени девет степени во Гевгелија.

Висината на снежната покривка во 7 часот во Маврови Анови е еден сантиметар.

Во наредните денови следува период на претежно облачно време со релативно високи утрински и дневни температури.

Вчитај повеќе

Што треба да знаете

XS
SM
MD
LG