Достапни линкови

Вести

Медведев вети помош за Будистите

Рускиот претседател Дмитриј Медведев им вети на монасите од најголемиот будистички храм во земјата, дека владата, и покрај економската криза ќе им помогне и дека не треба да прифаќаат странска помош.
Тој денеска го посети најголемиот будистички храм во земјата, Иволгинскиот манастир во источен Сибир. Во Русија има околу 1 милион Будисти.

види ги сите денешни вести

Од „Макекспрес превоз“не знаат до кога ќе траат протестите

Протест на приватните автобуски превозници

Од приватниот автобуски превозник, „Макекспрес“, кој до неодамна беше дел од јавниот превоз во Скопје велат дека не се организатори на протестите и не знаат до кога ќе траат протестите, дали ќе се прошират на други улици и во кој формат ќе се протестира. Апелираат политичките партии да не ги злоупотребуваат претпријатието и превозниците за политички препукувања и поени.

Директорот на „Макекспрес превоз“, Милорад Димитријевски во писмено соопштение наведува дека претпријатието останува да биде силна поддршка на превозниците кои им ја дале довербата да го штитат нивниот интерес, и додава дека тоа го прават преку поднесување тужби до надлежните институции и користење на сите законски алатки со цел долгот да не се забошоти и парите за извршената работа да бидат наплатени.

Приватните превозници од „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ трет дел по ред го блокираат Скопје оти Јавното сообраќајно претпријатие и Град Скопје им должат пати. Тие останаа без дозволите да вршат јавен превоз поради што се решија на блокади на три големи крстосници во главниот град.

Димитријевски во име на превозниците им се извинува на граѓаните за настанатиот метеж по улиците и ја повикува градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, да седне на преговарачка маса за наоѓање на соодветно решение за проблемот.

Претходно директорот на приватниот превозник „Слобода превоз“, Ленин Јовановски, најави дека се повлекува од протестот на приватните автобуси. Тој вели дека блокадите на Скопје продолжуваат и покрај неговото повлекување.

Град Скопје под чија капа е јавниот превоз во градот, бара Министерството за внатрешни работи да ги расчисти блокадите.


Во Иран осудени на смрт 5 лица за смртта на член на милицијата Басиџ

Архивска фотографија - протести во Иран по смртта на Махса Амини.

Иранските власти осудија на смрт пет лица за убиство на припадник на паравоените сили Басиџ за време на протестите во земјата.

Судот во Иран на 6 декември соопшти дека исто така се осудени 11 други лица на затворски казни за нивната улога во смртта на Рухола Аџамијан, кој бил дел од милицијата Басиџ, волонтерски огранок под Исламската револуционерна гарда.

Од 11-те осудени лица на затворски казни, тројца биле малолетни.

Осудените негираат дека сториле злосторство, велејќи дека само учествувале на протестите за смртта на младата Махса Амини, која почина додека беше во притвор поради наводно неправилно носење шамија на главата.


Неколку од обвинетите добија обвиненија за „корупција на земјата“, која се казнува со смрт и често се израмнува во случаи за шпионажа или обиди за соборување на иранската влада.

Случаите се решаваа во рок од шест дена и по три судски рочишта.

Обвинителите соопштија дека 27-годишниот убиен член на Басиџ бил соблечен гол и убиена од група ожалостени лица кои оддавале почит на убиен демонстрант.

Организациите за човекови права остро се спротивставија на смртните казни што беа изречени против демонстрантите во Иран, по како што велат „лажните судења“.

Во Иран неколку месеци има немири додека луѓето протестираа на улиците по смртта на Амини на 16 септември. Полицијата им се спротивстави на протестите со смртоносна сила.

ФИФА ја казни српската репрезентација со 20 илјади франци

Селекторот на Србија Драган Стојковиќ на прес-конференцијата во Катар

Фудбалскиот сојуз на Србија е казнет со 20.000 швајцарски франци (20.235 евра) поради знамето што беше истакнато во нивната соблекувална пред натпреварот против Бразил на Светското првенство на 24 ноември.

Според соопштението Меѓународната федерација на фудбалски асоцијации (ФИФА), бил прекршен членот 11 од Дисциплинскиот кодекс на ФИФА и членот 4 од Правилникот на Светското првенство на ФИФА.

На 26 ноември ФИФА покрена постапка против Србија по наводите дека во соблекувалната на Србија по мечот со Бразил било истакнато знаме на кое Косово е дел од Србија.

Косово прогласи независност од Србија во 2008 година, но официјален Белград не ја признава независноста на својата поранешна покраина.

На 5 декември, по втор пат за време на Светското првенство, ФИФА покрена дисциплинска постапка против Фудбалскиот сојуз на Србија. Новата процедура се однесува на тоа дали Фудбалскиот сојуз на Србија СС прекршил три члена од кодексот на натпреварот Србија-Швајцарија одигран на 2 декември, а кои се однесуваат на несоодветно однесување на играчите и официјалните лица, дискриминација и ред и безбедност на натпреварите, се вели во соопштението на ФИФА.

ФИФА допрва треба да одлучува за втората жалба.

Двете жалби на ФИФА против Србија беа поднесени од Фудбалскиот сојуз на Косово, оценувајќи дека станува збор за националистички инциденти.

Покрај Србија, казнета е и Хрватска за навреда на Милан Борјан, голманот на Канада на натпреварот меѓу Хрватска и Канада. Тие ќе треба да платат 50.000 франци за „користење зборови и предмети за да се пренесе порака што не е соодветна за спортски настан“.

Покрај нив и Саудиска Арабија беше казнета за голем број жолти картони на мечевите со Аргентина и Мексико и ќе плати 15.000 франци.

Трошоците за живот зголемени за 19,5 проценти

Државниот завод за статистика пресмета дека инфлација во ноември изнесувала 19,4 проценти, односно за толку се зголемени трошоците на живот во споредба со истиот месец лани. Тоа значи дека ако нешто минатата година ве чинело Цените на мало за една година пораснале за 15,2 проценти, објави денеска Државниот завод за статистика.

Во однос на октомври, кај трошоците на живот се бележи зголемување од 0,5 проценти, а кај цените на мало за 0,2 проценти. Во однос на минатиот месец за неколку проценти се поскапени алкохолните пијалоци, месото, рибата и морските плодови, млекото, газираните пијалоци и минералната вода, сокови, сирење и урда, како и кафе, чај, како, јајца, шеќер, џем, чоколади.

Намалување на трошоците на животот е забележано кај свежото и разладеното овошје за 8,9 проценти и кај маслото и маснотиите за 5 проценти.

Денеска со информација за минималната потрошувачка кошничка излезе и Сојузот на синдикати на Македонија. Според нивната пресметка, во ноември за минималните трошоци на едно четиричлено семејство биле потребни 51.714 денари од кои за храна минимум 19.518 денари, а за режиски трошоци 12.983 денари што е повеќе од половина од синдикалната минимална кошничка.

ЗЕЛС бара општините да не се враќаат на слободен пазар на струја

Општините да поднесат приговор до ЕВН на одлуката да се снабдуваат со струја на либерален пазар. ЕВН, како компанија снабдувач со струја, испратила допис до општините по одлуката на Владата за прогласување кризна состојба во снабдувањето со струја.

Допис добиле оние општини кои до 1 јануари 2022 година не биле мали потрошувачи, а потоа со реализирана промена на корисник се стекнале со таков статус. Тие најдоцна до 1 јануари 2023 година да почнат да се снабдуваат со струја на либерален пазар.

Од ЗЕЛС велат дека општините во оваа енергетска криза се доведуваат до работ на егзистенцијата и дека средствата наместо за проекти и подобрување на услугите за граѓаните треба да ги трошат за плаќање на огромни суми за струја.

„Општините и доколку би сакале да ја реализираат оваа мерка би се соочиле со обемни тендерски постапки и претходно спроведување на ребаланс на буџетoт е што и во идеални услови за реализација би биле потребни најмалку три до четири месеци“, се вели во соопштението од ЗЕЛС.

Регулираниот пазар на струја, што досега го користеа и речиси сите општини, е наменет за струја за граѓаните и малите фирми.

Меѓу уапсените за државен удар во Германија има и Русинка

Берлин, Германија - Полицијата ја обезбедува областа откако 25 осомничени членови и поддржувачи на екстремно десничарска група беа приведени за време на рациите низ Германија, 7 декември 2022 година.

Меѓу уапсените членови и поддржувачи на екстремно десничарска терористичка групи во Германија има и една Русинка. Германските власти денеска уапсија 25 осомничени поврзани со движењето Рајхсбургер, кое наводно имало за цел да ја собори владата.

Според германските обвинители, приведената руска државјанка е осомничена дека помагала во неуспешни обиди за воспоставување контакт меѓу потенцијалниот лидер на групата и руски функционери.

Руската амбасада во Берлин негираше каква било поврзаност со групата, додека портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков ги нарече апсењата внатрешно прашање на Германија.

Германското обвинителство соопшти дека осомничените се обвинети дека се подготвувале, од крајот на ноември 2021 година, да извршат дејствија врз основа на нивната идеологија.

Движењето Рајхсбургер се појави во Германија во 1980-тите. Во 2017 година, во Германија имаше над 16.000 поддржувачи. Рајхсбургер се сметаат себеси за граѓани на германскиот Рајх , ова официјално име, со мали варијации, го носела монархистичка Германија до 1918 година итн. Вајмарска Република во 1919–1933 година и нацистичка Германија. Рајхсбургер издаваат алтернативни лични карти и возачки дозволи на непостоечка држава.

Разрешените функционери може да останат без апанажа

Седница на Уставен суд

Уставниот суд е на чекор да го укине правото на функционерите кои сами си даваат оставка или се разрешени од функциите да користат апанажа. Судот денеска поведе постапка за членот 22 од Законот за плати и надоместоци на избрани и именувани лица кој им го овозможува ова право. Ова право им овозможува на функционерите откако ќе си дадат оставка или бидат разрешени да поднесат барање и да си ја земаат платата и до година дена, а не се веќе на функција.

„Во членот за кој е поведена постапка е предвидено дека пратеник, функционер и раководен работник кој поднел оставка или е разрешен од должноста пред истекот на времето за кое е избран, именуван или назначен, ги има правата на остварување на плата по престанувањето на функцијата. Лицата додека го остваруваат правото на плата, имаат право и на надоместок за користење на годишен одмор, според став 2 од членот 22 од Законот.“

Ваков случај имаше пред четири години кога апанажа побараа членовите на ДИК кои во 2017-та година сами си поднесоа оставки под притисок на јавноста и тогашниот американскиот амбасадор Џес Бејли кој јавно ги искритикува дека си изгласале бонуси за локалните избори во висина од четири дополнителни плати.

Зеленски -личност на годината според „Тајм“

Украинскиот претседател Володимир Зеленски е прогласен за личност на годината од страна на американското списание „Тајм“. Магазинот му го додели тоа признание на 7 декември поради неговиот отпор кон руската инвазија на неговата земја.

„Овогодишниот избор беше најјасниот досега“, напиша во средата главниот уредник на списанието, Едвард Фелсентал.

„Без разлика дали битката за Украина го исполнува човекот со надеж или страв, светот тргна во чекор со Володимир Зеленски во 2022 година“, рече тој.

Зеленски, кој беше комичар пред да стане политичар е избран за претседател на Украина во 2019 година.

Тој работи без прекин од почетокот на руската инвазија на 24 февруари за да го инспирира отпорот на неговата земја и да ја зајакне меѓународната поддршка за Украина.


Фелсентал истакна дека одлуката на Зеленски кога започна војната „да не бега од Киев, туку да остане и да собере поддршка - била судбоносна“.

„За докажувањето дека храброста може да биде заразна како стравот, за охрабрување на луѓето и земјите да се обединат во одбраната на слободата, за потсетување на светот на кревкоста на демократијата и мирот, Володимир Зеленски и духот на Украина се личности на магазинот Тајм за 2022 година“, вели уредникот на Тајм.

Секоја година, речиси еден век, Тајм избира „личност на годината“, поединецот кој најмногу го променил светот во изминатите дванаесет месеци. Признанието почнало да се доделува во 1927 година.

Над 150 повредени во судир на возови во Шпанија

Архивска фотографија од судир на возови во Шпанија, мај 2022

Најмалку 155 луѓе се повредени во судир на два воза на периферијата на Барселона, соопштија шпанските власти. Несреќата се случила утринава пред 8 часот во регионот Каталонија во североисточна Шпанија.

Локалните медиуми јавија дека возовите оделе во ист правец и се судриле додека едниот бил паркиран на станица. Каталонската полиција истражува како дошло до инцидентот. Службата за итни случаи на Твитер објави дека несреќата се случила на станицата Монткада и Рексак – Манреса на околу 12 километри од центарот на Барселона.

Три лица биле пренесени во болница. Железничкиот сообраќај накратко бил прекинат на неколку линии, соопшти регионалната влада.


Опишувајќи го моментот на судирот, една патничка за изданието Сер Каталонија рекла дека доживеала „страшен удар“ и дека „луѓето врискале“. Друга патничка за Би Би Си рекла дека видела луѓе „со исекотини од ударот“.

Шпанската министерка за сообраќај Ракел Санчез рече дека внимателно ја следи ситуацијата и им посака „брзо закрепнување“ на повредените.

Спасовски - МВР поддржува борба против криминал и корупција

Министерството за внатрешни работи стои на располагање да ги поддржи сите активности за борба против криминалот и корупцијата, порача денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Тој при денешната посета на Струмица одговараше на новинарски прашања за критиките упатени од американската амбасадорка Анџела Агелер во однос на корупцијата во земјава и за тоа што САД испраќа тим за санкции во Скопје.

Министерот вели дека го поддржува апсолутно сето она што беше изнесено од страна на амбасадорката на САД, но и од други релевантни фактори.

„Тоа практично е приоритет и на Владата и тој приоритет мора до крај да биде реализиран и во секоја пора од македонското општество да се навлезе, да се реализира и секој еден што навистина се занимава со криминал од било каков тип да сноси сериозна одговорност“, изјави министерот Спасовски.

Од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ побараа Спасовски да си даде оставка.

„Странски извршители да гонат криминал, а не домашни е јавен пораз и доказ дека МВР продуцира криминал“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Амбасадорката на САД во Северна Македонија, Анџела Агелер, вчера објави дека во земјава пристигнал тим за санкции од Вашингтон кој е тука за поагресивен преглед на минатите и сегашните корумпирани актери.

На темата „корумпирани актери“ зборуваше и министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој вели дека корупцијата во земјава не е само на ниво на политика, туку е на секое ниво.

Тој го поздрави овој засилен ангажман на САД во поддршка на институциите за владеење на правото и за борба против корупцијата.

Османи вели дека ДУИ се подготвени да предложат закон со којшто ќе бараат институционална проверка на секој кандидат за носител на јавна функција.

Месечните трошоци за едно семејство за 300 евра повисоки од лани

Маркет во Скопје.

Минималните месечни трошоци на едно четиричлено семејство во ноември изнесувале 51.714 денари и се за 200 денари зголемени во однос на октомври.

За да го протурка месецот, на едно четиричлено семејство сега му требаат скоро 300 евра повеќе отколку во ноември минатата година, што е колку уште една минимална плата. Инфлацијата во Македонија е скоро 20 отсто. Официјалните податоци покажуваат дека семејство со една просечна и една минимална плата нема доволно пари да ја наполни потрошувачката кошничка. Просечната плата е околу 32.500 денари, а минималната 18 илјади денари.

Според пресметките на Сојузот на синдикати на Македонија, за храна во ноември биле потребни минимум 19.518 денари, а за режиски трошоци 12.983 денари што е повеќе од половина од синдикалната минимална кошничка.

Останатите средства, односно 3.668 денари се минимум потребни за превоз, 2.986 денари за хигиена и 2.250 денари за облека или обувки. За културни активности, според синдикалната минимална кошничка, остануваат 1.067 денари, а за здравствени услуги само 799 денари.

Јовановски се повлекува од протестите, блокадите остануваат, а Град Скопје бара МВР да реагира

Протест на приватните превозници на автобуси во Скопје

Директорот на приватниот превозник „Слобода превоз“, Ленин Јовановски, се повлекува од протестот на приватните автобуси кои до неодамна беа дел од јавниот превоз во главниот град. Тој вели дека се повлекува оти неговото име премногу се злоупотребува, но останува да биде директор на „Слобода превоз“.

Блокадите на Скопје продолжуваат и покрај неговото повлекување.

Град Скопје под чија капа е јавниот превоз во градот, бара Министерството за внатрешни работи да ги расчисти блокадите, кои траат трет ден по ред.

Секретарот на Град Скопје, Зоран Глигоров читајќи пишана изјава, повика МВР да реагира, бидејќи приватниот личен интерес е на штета на граѓаните. Тој потоа ги избегна новинарските прашања.

Приватните превозници од „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ протестираат оти Јавното сообраќајно претпријатие и Град Скопје им должат пати. Тие останаа без дозволите да вршат јавен превоз поради што се решија на блокади на три големи крстосници во главниот град.

Град Скопје сега им нуди на приватните превозници индивидуално да склучат договор за превоз со Градот или да формираат нови здруженија, оти „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ немаат право повторно да се пријават.

Столтенберг: Русија се обидува да ги замрзне борбите во Украина пред пролетна офанзива

генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг

Русија се обидува да ги замрзне борбите во Украина во текот на зимата за да ги зголеми своите сили за нова офанзива на пролет, изјави денеска генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. „Она што сега го гледаме е дека Русија се обидува да наметне некаков вид замрзнување на војната, макар и само за кратко време, со цел да се прегрупира, закрепне и потоа да се обиде да започне поголема офанзива следната пролет“, рече Столтенберг, наведувајќи дека членките на НАТО продолжуваат да ја снабдуваат Украина со оружје и покрај загриженоста за можното исцрпување на залихите на Западот.

Руски напади со беспилотни летала и артилериски оган во централна Украина

Најтешките борби во моментов се водат околу источниот град Бахмут, кој руските сили се обидуваат да го освојат со месеци. САД очекуваат борбите да продолжат со „намалено темпо“ во наредните месеци бидејќи двете страни ќе се обидат да ги обноват своите сили. Генералниот секретар на НАТО оцени дека во моментов не се исполнети условите за мирно решавање на конфликтот, бидејќи Русија „не покажала знаци на посветеност на преговорите со почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина“.

Лажни се и новите пријави за бомби во школи и Народна банка

Архивска фотографија 0 Полиција пред скопската гимназија Јосип Броз поради дојава за бомба, Скопје.

Министерството за внатрешни работи (МВР) соопшти дека се лажни пријавите за бомби кои денеска биле испратени во училишта во Скопје и Народна банка.

Полицијата по добиените пријави ги евакуирала објектите, направила детални антитерористички проверки и утврдиле дека пријавите се лажни, соопшти МВР.
Претходно, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски потврди дека утрово имало дојави за поставени експлозивни направи во девет училишта и во Народна банка

„Ова е класичен пример на хибридни закани. За среќа што тоа се напади што доаѓаат по електронски пат, односно дојави и што безбедноста апсолутно не се нарушува, посебно да земеме предвид дека НБ е 24 обезбедена“, изјави Спасовски, по денешната посета и средби во СВР – Струмица.

На 5 декември малолетник од Скопје доби кривична пријава за сторено кривично дело „тероризам”, поради испраќање на една од лажните дојави за бомби во скопски училишта.

Во изминатите два месеци имаше повеќе пријави за поставени бомби во скопски училишта, за кои полицијата утврди дека се лажни. Пред два дена имаше пријави и за поставени бомби во Кавадарци. Досега сите дојави за бомби беа лажни.

ЕУЛЕКС ја следи ситуацијата на северот на Косово

ЕУЛЕКС на Косово

Шефот на ЕУЛЕКС Ларс-Гунар Вигемарк изрази загриженост за вчерашните инциденти на северот на Косово и изјави дека мисијата заедно со косовската полиција и КФОР ја следи ситуацијата. „Загрижени сме поради вчерашните инциденти на северот на Косово. Секој протест мора да биде мирен и сите мора да останат мирни и воздржани. ЕУЛЕКС ќе продолжи да ја следи ситуацијата во тесна координација со косовската полиција, НАТО и КФОР“, наведе тој. Косовската полиција во вторникот објави дека „маскирани лица, групи и осомничени ги оштетиле канцелариите на општинските изборни комисии на северот на Косово“, користејќи „опасни средства, вклучително и рачни гранати од југословенско производство“.

Инциденти за време на подготовките за избори на северот на Косово

Инцидентите се случиле додека полицијата ги придружувала службениците на Централната изборна комисија на отворањето на општинските изборни комисии. Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека присуството на полицијата ќе биде зголемено на север. Според него, нападите таму ги вршат „криминални банди“, кои се „платени и диригирани од Србија“. Општините на северот на Косово од почетокот на ноември се без градоначалници, кои поднесоа оставки во знак на противење на одлуката на Владата на Косово да ги пререгистрира автомобилите со српски регистарски таблички на север. Претседателката на Косово, Вјоса Османи, за 18 декември ги закажа изборите за градоначалници на четири општини на северот на Косово.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG