Достапни линкови

Американското лидерство е неопходно за Балканот


Европски неуспех на Балканот, е насловот на анализата на Едвард Џозеф, визитинг професор на Универзитетот Џон Хопкинс во врска со престојот на американскиот потпретседател Џозеф Бајден на Балканот.

Малкумина американци го разбираат подобро Балканот од потпретседателот Џозеф Бајден кој имаше храброст в лице да му каже на последниот српски диктатор Слободан Милошевиќ дека е воен злосторник, пишува Едвард Џозеф кој десетина години служеше на Балканот на повеќе позиции во Обединетите нации, ОБСЕ и во Меѓународната кризна група, додавајќи дека проблемот е во тоа што за оваа посета на еден американски потпретседател требаше да минат девет години од паѓањето на Милошевиќ од власт, декада од интервенцијата на НАТО на Косово и четиринаесет години откако со помош на американската дипломатија заврши војната во Босна.

Тажно, но Бајденовата посета на Србија, Косово и особено на Босна е повеќе од потребна. Причината е едноставна: Европа се уште не е способна да си ги реши сопствените безбедносни проблеми. Брисел, кога ќе го притиснат прашањата од Балканот, во најдобра случај е индиферентен, а во најлош е поделен. Пет земји на Европската унија се уште го немаат признаено Косово, а Унијата нема ефикасна политика спрема Босна, оставајќи го Вашингтон да лобира за некои чекори кои би можело да ја доведат таа земја во Унијата.
Традиционално, како на Балтикот, НАТО дава заштита од надворешните закани. На Балканот, например во Босна и во Македонија, НАТО претставува гаранција за внатрешната кохезија...
Американското водство останува неопходно во регионот. За среќа тоа е и добредојдено. Бајден ќе добие топол прием во сите три земји, вклучувајќи и ги лидерите на Србија кои се нестрпливи да почнат ново поглавие на односите со Соединетите држави, смета Едвард Џозеф, наведувајќи дека и покрај тоа предизвиците со кои ќе се соочи Бајден ќе бидат многу сериозни и комплексни. Најакутни се во Босна поради хроничните етнички поделби. Во минатата година, за прв пат по завршувањето на војната, се појави страхувањето од обновување на конфликтот. Според Џозеф, тоа најдобро може да се реши со преговори меѓу трите ентитети за уставот што пак, како што наведува, ќе бара нешто што ќе ја награди таквата нивна соработка. Тоа би можело да биде забрзаното членство во НАТО.

Традиционално, како што е например на Балтикот, НАТО дава заштита од надворешни закани. Во поделениот Балкан, например во Босна и во Македонија, НАТО претставува гаранција за внатрешната кохезија. За разлика од членството во Европската унија, влезот во НАТО е нешто што Босна, со интензивна помош, ќе може да го постигне до следниот самит на Алијансата кон крајот на идната година. Членството во НАТО беше попатна станица и за сите источно европски земји кои сега се во Европската унија. Клучната цел на престојот на Бајден на Косово и во Србија е промоција на внатрешните демократски процеси и соработка со меѓународните фактори. Вашингтон би требало да ја поддржи и нивната желба за приклучување кон евроатлантските институции. Затоа, како што заклучува Едвард Џозеф, се додека Европа конечно не покаже волја и капацитет да се справи со проблематичниот регион, американското лидерство ќе остане незаменливо.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG