Достапни линкови

Вести

Камбера: Над 65 лица загинале во пожарите во Австралија

Во Австралија над 65 лица ги загубиле животите во пожарите што во последните 15 денови го зафатија северозападниот дел на земјата. Уништени се и 650 куки .Армиските трупи се распоредени за да им помогнат на илјадниците пожарникари кои се обидуваат да ги контролираат огнените стихии, предизвикани од рекордно високите температури.

види ги сите денешни вести

Џафери немал надлежност да побара одговорност од пратениците

Претседателот на Собранието Талат Џафери

Претседателот на Собранието Талат Џафери не го оправдува однесувањето на претседателот на Комисијата за европски прашања Арбер Адеми на седница пред два дена, но вели дека сепак овој настан бил испровоциран. Џафери денеска одржа брифинг со новинари.

„Немам надлежност да побарам одговорност, тоа се пратеници, а не службеници. Поуката е дека тоа не смее да се случува во Собрание, а нема да се случи доколку тој што е пратеник си седи на место“, рече Џафери, додавајќи дека инцидентот не го предизвикал Адеми, туку, како што рече „тие кои отидоа на говорница и кои го искорнаа микрофонот“.

Џафери вели дека никој не треба да реагира така, ни власта, ни опозицијата.

„Тој е поединец, не оправдувам, туку упатувам порака да не се повторува, да не се случува, а нема да се случи ако никој не испровоцира. Ова е Законодавен дом тие се пратеници и имаат индвиидуална одговорност, тоа се прописите“, рече Џафери.

На видео снимка од седницата во понеделникот можеше да се види како при жестока кавга меѓу координаторот на ДУИ и претседател на комисијата за европски прашања Арбер Адеми и опозициските пратеници Антонијо Милошоски и Халин Снопче летаа филџани и пластични шишиња.

Според Џафери, настанот треба да се гледа во целина, а не само во „исечоци“. Тој информира дека имал средба и со европратениците и ги известил за инцидентот, им дал и интегрална снимка од собраниската режија за да ја оценат ситуацијата.

Прашан во однос на барањето на ВМРО-ДПМНЕ и Левица на Комисијата да се расправа за разговорите со Бугарија, Џафери рече дека при поднесување на иницијативата не е испочитувана процедурата за доставување на материјалот до соодветното тело. Џафери вели дека пратениците на 24-ти пратиле заклучоци од Брисел до Комисијата за европски прашања, а Деловникот пропишува сите нешта да се доставуваат преку претседателот на Собранието, а тој аков материјал не примил.

Во однос на денешната седница за пратенички прашања и за утрешната поднесена интерпелација за него, Џафери рече дека очекува атмосферата да биде парламентарна, без оглед кој ќе биде видот и начинот на поставување на прашањето.
Два дена во Собранието на седницата на Комисијата за европски прашања пратениците се обраќаа на висок тон, се довикуваа и тропаа по масите.

ССМ денеска повисоки плати побара пред Министерството за администрација

Протест на ССМ пред Министерството за информатичко општество и администрација

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) денеска протестираше пред Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА). ССМ една недела е во генерален штрајк, а секој ден протестира пред различни институции со барање да им се исполни ветеното линеарно зголемување на платите за 2.806 денари во јавниот сектор од 1 јули.

„МИОА беше дел од тимот што преговараше за тие 2.806 денари линеарно зголемување на платите на сите работници и враќање на регресот во јавниот сектор од 30 до 100 проценти за сите работници. Затоа денеска го повикуваме министерот за информатичко општество доколку навистина се стремат за нова методологија, за реформи во администрацијата, за нов закон за плати за административните работници, нека повели, ние сме пред неговото министерство, нека ни достави ако има искрени намери и не се купува време“, изјави лидерот на ССМ Дарко Димовски.

Тој апелираше и до централната и до локалната власт да им ги зголемат платите на сите работници во, како што рече, ова тешко време со двоцифрена инфлација и секаков вид кризи.

Штрајкот ќе го продолжат и во наредните денови и ќе бидат пред вратите на министерствата кои имаат надлежности за платите, како и во локалните самоуправи, рече Димовски.

За време на протестите ССМ поставува празни столчиња пред институциите за да ги потсети функционерите дека треба да бидат усвоени синдикалните барања

Бајден – Американското воено присуство во Европа ќе станува сè поголемо

Американскиот претседателот Џо Бајден и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на самитот на Алијансата во Мардид, 29 јуни, 2022

Американскиот претседателот Џо Бајден изјави дека Соединетите Држави ќе го променат својот воен став во Европа поради заканите кои произлегуваат од руската инвазија на Украина. Тој вели дека американското воено присуство во Европа ќе стане поголемо, како реакција на НАТО на заканите од Москва.

Говорејќи денеска при пречекот од страна на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на самитот на Алијансата, Бајден рече дека Соединетите Држави ќе го зголемат бројот на бродови уништувачи што ги имаат во Шпанија на шест од четири, дека Вашингтон ќе испрати два дополнителни Ф- 35 ескадрили во Британија и ќе формира Штаб на 5-та армија во Полска. Понатаму Бајден вели дека ќе испрати повеќе „воздушна одбрана и други капацитети“ во Германија и Италија, а САД ќе ги засили своите воени средства и во Романија и балтичкиот регион.

Бајден вели дека „Алијансата денес е повеќе потребна отколку што некогаш била“. Тој додаде дека НАТО ќе се зајакне во сите правци и во секој домен - копно, воздух и море.

Референдум за приклучување на Керсон кон Русија

Руски војници во Керсон

Воената администрација во окупираниот украински град Керсон, поставена од Москва, соопшти дека се подготвува да одржи референдум за приклучување кон Русија.

„Да, ние се подготвуваме за референдум и ќе го одржиме“, рече Кирил Стремусов, заменик-шефот на воената и цивилната администрација на Керсон во видеото објавено на Телеграм.

Стремусов рече дека Керсон треба да стане „полноправна членка“ на Русија.

Официјалните лица, поставени од Русија, рекоа дека нивните безбедносни сили го уапсиле градоначалникот на Керсон, Ихор Колихаев на 28 јуни, откако тој одбил да ги следи наредбите на Москва. Локален функционер рече дека градоначалникот бил киднапиран.

Керсон, важно пристаниште на Црното Море, е целосно под руска контрола од почетокот на март, само неколку недели откако Москва ја започна својата неиспровоцирана инвазија на Украина.

Двајца Мексиканци обвинети по смртта на мигранти во камион во Тексас

Камионот во кој се пронајдени тела на мигранти.

Двајца мажи се обвинети по смртта на 51 мигрант пронајдени во приколка од камиот во Сан Антонио, Тексас. Ова е еден од најсмртоносните инциденти досега во трговијата со луѓе долж границата меѓу САД и Мексико.

Обвинети се Хуан Клаудио Д’Луна-Мендез и Хуан Франциско Д’Луна-Билбао за „незаконско поседување оружје додека нелегално престојувале во САД“, соопшти судот.

Кривичните пријави се поднесени во понеделникот, истиот ден кога мигрантите биле пронајдени во камион во кој немало клима и вода.

Властите успеале да ги лоцираат мажите откако ја следеле адресата на која бил пријавен камионот и забележале дека возило ја напушта куќата.

Возачот е идентификуван како Д'Луна-Билбао и имал огнено оружје во автомобилот, се вели во соопштението.

Во истата куќа, полицијата забележала друг камион чиј возач, помлад маж, бил идентификуван како Д'Луна-Мендез.

Двајцата се мексикански државјани кои илегално престојуваат во САД.

Третиот осомничен, опишан како американски државјанин, кој го управувал камионот, исто така, е приведен и се очекува да му биде поднесена кривична пријава, но тој е во болница од вторникот вечерта, според мексиканските власти.

Најмалку 22 лица, чии тела беа пронајдени во камионот, се мексикански државјани. Меѓу загинатите има седум Гватемалци и двајца од Хондурас. Но идентификацијата на починатите оди тешко, оти пронајдените жртви се без документи за идентификација, а во еден случај жртвата имала украдена лична карта. Се препоставува дека жртвите се од оддалечени села во кои нема телефонска услуга за да се стигне до членовите на семејствата и да се утврдат исчезнатите мигранти. Податоците за отпечатоци од прст треба да се споделат и да се усогласат од различни влади.

Мигрантите починале во камионска приколка во Сан Антонио, Тексас, каде температурата тој ден достигнала 39,4 степени Целзиусови.

Сан Антонио, кој е на 250 километри од американско-мексиканската граница, е главната транзитна рута за шверцерите на луѓе.

САД ја зајакнаа кампањата за вакцинација против мајмунски сипаници

Американските здравствени власти, како одговор на појавата на мајмунски сипаници, која значително расте, ги проширија групите на луѓе на кои им беше препорачано да се вакцинираат против вирусот.

Тие, исто така, рекоа дека ќе обезбедат повеќе вакцини против мајмунски сипаници, ќе работат на проширување на тестирањето и ќе преземат други чекори за да се спречи епидемија, објави Асошиејтед прес

Здравствените власти на САД вчера објавија дека веднаш ќе дистрибуираат 56.000 дози вакцини против мајмунски сипаници, пет пати повеќе од досега дистрибуираните, во областите каде што ширењето на оваа инфекција е високо, пренесува Aгенцијата франс прес.

„Се прошируваат групите луѓе на кои им се препорачува да се вакцинираат“, рече Рошел Валенски, директор на Американскиот центар за превенција и контрола на болести.

Ова се однесува, како што е наведено, за мажи кои имале сексуални односи со други мажи и оние кои неодамна имале повеќе сексуални партнери на места каде што е познато присуството на мајмунски сипаници или во област каде што болеста се шири.

„Од почетокот на мај во светот се пријавени околу 4.700 случаи на мајмунски сипаници, од кои 306 во САД, а досега нема смртни случаи“, изјави Рошел Валенски.

Владата на САД досега дистрибуираше повеќе од 10.000 дози, а вчера дистрибуираше дополнителни 60.000 дози од вакцината против мајмунски сипаници, изјави претставник на Министерството за здравство. Оваа вакцина се дава во две дози.

Американските власти соопштија дека подготвуваат 240.000 дополнителни дози од вакцината за следните недели и ветија повеќе од милион дози во наредните месеци.

Повеќето од заразените се мажи кои имале секс со мажи, но здравствените власти посочуваат дека секој може да добие мајмунски сипаници.

Холандските земјоделци го пробија полицискиот кордон пред куќата на министерката за животна средина

Протест на холандски фармери

Земјоделците, кои протестираат против новите предложени еколошки регулативи во Холандија, со трактор го пробија полицискиот кордон пред куќата на министерката за животна средина Кристијана ван дел Вал-Зехелинг доцна синоќа.

Во инцидентот кој се случи во градот Хиерден, источно од Амстердам, беше оштетено полициско возило и истурена цистерна со кашеста материја, објави синоќа полицијата на Твитер. Опишувајќи ја ситуацијата како заканувачка и неприфатлива, полицијата соопшти дека биле поминати сите граници.

По кратко време протестот бил вратен под контрола, а министерката не била дома во време на инцидентот, изјавил нејзиниот портпарол за новинската агенција АНП.

Претходно, земјоделците протестираа пред холандскиот парламент во Хаг со десетици трактори и две крави против владиниот план за намалување на штетните емисии.

Како и во понеделникот, блокадите на патиштата предизвикаа големи сообраќајни застои во делови од земјата. Земјоделците исто така запалија многу сено на страна од автопатот, па чадот сериозно ја намали видливоста за возачите.

Премиерот Марк Руте ги осуди постапките на демонстрантите.

„Во оваа земја не е прифатливо да се создаваат опасни ситуации, да се блокираат патишта и да се заплашуваат политичари“, рече Руте во Хаг.

„Ова отиде предалеку“, рече тој.


Според новиот предлог, Холандија планира да ги намали емисиите за 70 отсто во заштитените области. Според проценките на холандската влада, ова може да доведе до затворање на 30 отсто од сточарските фарми, со оглед на огромната улога на земјоделството во производството на азотни емисии.

Столтенберг - Русија претставува директна закана за нашата безбедност

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

НАТО се соочува со својот најголем предизвик од Втората светска војна, за време на војната на Русија во Украина, изјави на 29 јуни генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг. Тој додаде дека Москва претставува директна закана за безбедноста на земјите-членки на Алијансата.

Пристигнувајќи на вториот ден од самитот на НАТО во Мадрид, на кој се очекува да се усвои нов стратешки план клучен за иднината на Алијансата, Столтенберг рече дека самитот се случува среде најсериозната безбедносна криза со која се соочивме. Тој додаде дека ова ќе биде историски и трансформативен самит.

„Јасно ќе кажеме дека Русија претставува директна закана за нашата безбедност“, рече Столтенберг.

Шефот на НАТО вели дека Алијансата ќе се договори за одвраќање, за да може да распореди повеќе борбени формации и да добие повеќе однапред поставена опрема до следната година во Источна Европа.

Столтенберг, исто така, рече дека очекува брза ратификација на приклучувањето на Шведска и Финска во воената алијанса, откако Турција се согласи на тоа.

Двете земји аплицираа за членство во алијансата во средината на мај.

„По поканата ни треба процес на ратификација во 30 парламенти. За тоа секогаш е потребно извесно време, но очекувам и тоа да оди прилично брзо, бидејќи сојузниците се подготвени да се обидат тој процес на ратификација да се случи што е можно побрзо“, рече Столтенберг.

Денеска се очекува украинскиот претседател Володимир Зеленски да се обрати на Самитот преку видео-врска.

На првиот ден од самитот, Турција се согласи да го укине своето противење на кандидатурите за членство во НАТО поднесени од Финска и Шведска по руската инвазија на Украина.

Финска и Шведска минатиот месец поднесоа барање да се приклучат на воената алијанса, но нивните кандидатури беа задржани од Турција, која ги обвини двете нации, особено Шведска, дека им нудат безбедно засолниште на курдските милитанти кои водат бунт против турската држава.

Ситуацијата во Лисичанск е многу тешка, велат украинските власти

Лисичанск

Руските сили продолжуваат со неселективни напади на градот Лисичанск, а регионалните власти ја опишаа ситуацијата како „многу тешка“. Лисичанск е последното украинско упориште на исток.

„Руските сили се обидуваат да го опколат градот“, соопшти Генералштабот на вооружените сили на Украина на 29 јуни.

Британското Министерство за одбрана во својот дневен билтен за разузнавање на 29 јуни соопшти дека руските сили продолжуваат да напредуваат во нивните напори да го опколат Лисичанск. Се наведува дека од 25 јуни, руските сили напреднале уште 2 километри во близина на нафтената рафинерија Лисичанск, јужно од градот.

Шефот на воената администрација во Луганск, каде што се наоѓа Лисичанск, исто така извести за зголемена воена акција.

„Русите го користат секое оружје што им е достапно и без да разликуваат дали целите се воени или не - училишта, градинки, културни институции“, рече гувернерот на Луганск Серхи Гајдеј.

Тој додаде дека ситуацијата во Лисичанск наликува на онаа во неговиот збратимен град Сјевјеродонецк каде што руските сили почнаа да уништуваат зграда по зграда. Сјевјеродонецк падна во рацете на Русија на 25 јуни.

„Ситуацијата во Лисичанск е многу тешка. Сè се уништува“, рече Гајдеј на телевизија.

Има извештаи за напади и во други градови.

Градоначалникот на јужниот град Миколаив, Олександар Сенкевич, изјави дека на 29 јуни изутрината била погодена катна станбена зграда и дека таму работат спасувачите.

Во регионот на Днепропетровск, кон исток на Украина, шефот на регионалната администрација, Валентин Резниченко, рече дека телата на маж и жена биле пронајдени закопани под урнатините на зградата што беше погодена од руски проектил претходниот ден.

Тој претходно изјави дека Русија на 28 јуни истрелала шест проектили во регионот, од кои три биле соборени.

Одделно, властите поставени од Русија изјавија дека нивните безбедносни сили го приведоа градоначалникот на градот Херсон, Ихор Колихаев на 28 јуни, откако тој одби да ги следи наредбите на Москва. Локален функционер рече дека градоначалникот бил киднапиран.

Херсон, пристанишен град на Црното Море, се наоѓа северозападно од полуостровот Крим, анектиран од Русија.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во неговото редовно вечерно видео обраќање повторно ја обвини Русија дека намерно гаѓа цивили. Тој го посочи нападот во Кременчук, врз преполн трговски центар каде што загинаа најмалку 18 луѓе, а десетици се уште се води како исчезнат.

Британското Министерство за одбрана во својот дневен билтен за разузнавање, пак, соопшти дека постои „реална можност“ ракетниот напад врз трговскиот центар Кременчук да бил наменет да погоди блиска инфраструктурна цел.

Во извештајот се вели дека недостатокот на прецизност на Русија во изведувањето на напади од долг дострел претходно резултирал со инциденти со масовни цивилни жртви, вклучително и на железничката станица Краматорск на 9 април.

Во британскиот извештај се вели дека е „многу веројатно“ руските напади да продолжат да предизвикуваат дополнителни цивилни жртви со оглед на тоа што на Русија и недостасува помодерно прецизно оружје и има професионални недостатоци на плановите за таргетирање.

Двајца убиени во престрелка во банка во Канада, шестмина полицајци ранети

Архивска фотографија - Полицајци патролираат по улица во Канада

Канадската полиција убила две лица за време на вчерашната престрелка во банка во Британска Колумбија, шестмина полицајци се ранети, а околните домови биле евакуирани, откако била откриена можна експлозивна направа, соопшти полицијата.

Инцидентот се случил во Банката на Монтреал во градот Саанич на Островот Ванкувер, во близина на границата со САД.

Двајцата убиени биле „тешко вооружени“, а првичните извештаи сугерираат дека носеле панцири, изјави шефот на полицијата во Саанич, Дин Дати на прес-конференција, додавајќи дека нема дополнителни информации за нив.

Шестмина полицајци се пренесени во болница со прострелни рани.

„Во овој момент очекуваме некои полицајци да бидат пуштени на домашно лекување откако ќе им биде укажана помош, додека други кои се здобија со многу сериозни повреди се однесени на операција“, рече тој.

Пендаровски ја предводи државната делагација на Самитот на НАТО во Мадрид

Претседателот Стево Пендаровски и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во Брисел, 28 јуни 2021

Претседателот Стево Пендаровски ја предводи државна делегација што денеска и утре ќе учествува на Самитот на НАТО во Мадрид. Во состав на државната делегација се министерката за одбрана Славјанка Петровска и шефот на дипломатијата Бујар Османи.

Претседателот Пендаровски вчера присуствуваше на свечената вечера, која во чест на лидерите на земјите членки на НАТО, учесници на Самитот, ја приредија шпанскиот крал Фелипе Шести и неговата сопруга, кралицата Летиција.

Шефот на државата и врховен командант на Вооружените сили денеска и утре ќе учествува на состаноците на Северноатлантскиот совет, што се одржуваат на ниво на шефови на држави или влади.

Претседателот Пендаровски, денеска, во придружба на сопругата, ќе присуствува на неформалната трансатлантска вечера на ниво на шефови на држави или влади, која ја приредува шпанскиот премиер Педро Санчез, информираат од Кабинетот на шефот на државата.

Во рамки на учеството на Самитот на НАТО, предвидено е претседателот Пендаровски да оствари повеќе билатерални средби.

Министерката за одбрана Славјанка Петровска, пак, за време на Самитот ќе учествуваат на панел-дискусија на тема „Придонесот на НАТО за безбедноста и стабилноста во неговото соседството“.

Во текот на денешниот ден, Петровска ќе учествува на работна вечера на министрите за одбрана на земјите членки на НАТО на која ќе се разговара за влијанието на хибридните закани во земјите од Западен Балкан.

На претстојниот Самит на НАТО главна тема ќе биде усвојувањето на новиот Стратешки концепт на НАТО, кој ќе биде патоказ во наредните десетина години, базирајќи се на новата безбедносна реалност, а со цел прилагодување на промените во светот за зачувување на безбедноста на своите над една милијарда граѓани.

На самитот ќе се дискутира и за зајакнување на капацитетите за одвраќањето и одбраната, за апликациите на Шведска и Финска, за идната поддршка на Украина, за безбедносни прашања на денешницата и за останати важни прашања со кои се соочува Алијансата, соопштуваат од Министерството за одбрана.

Временска прогноза – Многу топло со висок УВ индекс

Времето денеска ќе биде сончево и топло, попладне со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец. УВ индексот ќе биде 9

Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 20, а максималната ќе достигне од 29 до 36 степени.
Во Скопје сончево и топло со максимална температура до 35 степени.

Продолжува периодот на многу топло време. Во попладневните и вечерните часови ќе има развој на нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи, а локално ќе има услови за појава на краткотрајно невреме.

Поради високите температури што деновиве ја зафатија државата, Министерството за здравство објави препораки за заштита. На граѓаните им се советува да престојуваат повеќе во затворени простории, да се носи светла и лесна облека, да се внесуваат големи количества течности и при влегување во возило, потребно е тоа одреден период да се проветри.

Треба да се внимава и да се преземаат соодветни мерки за заштита од УВ зрачењето. Се препорачува да се избегнуваат производи кои не се термички обработени, а хронично болните лица редовно да ја земаат препишаната терапија, во консултација со матичните лекари.


Турција ги поддржа кандидатурите на Финска и Шведска за НАТО

Финскиот претседател Саули Ниинисто

Финскиот претседател Саули Ниинисто изјави дека Турција се согласила да ги поддржи кандидатурите на Финска и Шведска за влез во НАТО. Ниинисто рече дека пробивот дошол откако трите земји денеска потпишале заеднички меморандум„за да дадат целосна поддршка против заканите по меѓусебната безбедност“.

Ниинисто, шведската премиерка Магдалена Андерсон и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган се состанаа во Мадрид на првиот ден од самитот на НАТО.

Финска и Шведска минатиот месец поднесоа барање да се приклучат на воената алијанса, но нивните кандидатури беа задржани од Турција, која ги обвини двете нации, особено Шведска, дека им нудат безбедно засолниште на курдските милитанти кои водат бунт против турската држава.

САД со нови санкции против руската одбранбена индустрија

Илустрација

САД денеска воведоа санкции за 70 ентитети, вклучително и руската одбранбена компанија Ростек и 29 поединци, со цел како што соопштија, да ја намалат способноста на Русија да развива и распоредува оружје.

Новите санкции, кои исто така забрануваат увоз на руско злато, беа објавени од Канцеларијата за контрола на странски средства на Министерството за финансии на САД и се во рамки на договорите постигнати за време на самитот на Г7 оваа недела.

Американскиот секретар за финансии Џенет Јелен во соопштението посочува дека САД ја потврдиле својата посветеност да работат со партнерите и сојузниците „за да наметнат дополнителни строги санкции како одговор на руската војна против Украина“.

„Широките мултилатерални обврски и активности на членките на Г7 оваа недела дополнително го прекинаа пристапот на Руската Федерација до технологијата што е од клучно значење за нивната војска. Таргетирањето на руската одбранбена индустрија ќе ги деградира способностите на [претседателот Владимир] Путин и дополнително ќе ја попречи неговата војна против Украина, која веќе е зафатена од лош морал, нарушени синџири на снабдување и логистички неуспеси“, порачува Јелен.

Лидерите на групата седум најразвиени економи во светот Г7 ветија дека ќе одржат меѓународна конференција за собирање средства за повоена обнова на Украина. За време на нивниот Самит во Германија тие ја осудија руската инвазија на Украина како „незаконска и неоправдана“.

Бугарија протерува 70 руски дипломати

Илустрација

Бугарскиот премиер во оставка Кирил Петков денеска информира дека
земјата ќе протера 70 руски дипломати кои работеле против интересите на Бугарија. Министерството за надворешни работи соопшти дека вербалната нота со имињата на 70-те дипломати веќе и е предадена на амбасадорката на Русија, Елеонора Митрофанова.

„Сакам да им порачам на сите странски земји, не само на руската, дека сите оние кои работат против интересите на Бугарија ќе бидат отповикани да се вратат во земјата од која дојдоа“, рече Петков.

Тој одби да даде повеќе детали за активностите на дипломатите, бидејќи, како што рече, информациите се доверливи.

„Можам да кажам дека повеќето од нив работеа директно за странски служби и нивната дипломатска улога беше само параван“, рече Петков.

Тој додаде дека овие 70 лица имале различни службени улоги во амбасадата на Руската Федерација, но извршувале несвојствени активности за овие дипломатски позиции.

„Ова во никој случај не е агресија против рускиот народ- немаме ништо против него. Само кога странските влади се обидуваат да работат и да се мешаат во внатрешните работи на Бугарија, имаме јасни институции кои ќе се спротивстават на овој вид на акции. И во недела ние очекуваме полн авион со 70 места да се врати во Москва“, додаде Петков.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG