Достапни линкови

Македонија единствен пример во светот каде што се ограничува новинарската работа, сметаат експертите


Ограничувањата за предвремено започнување на изборната кампања ги збуни политичките партии. Иако повеќето од политичарите сметаат дека 20 дена се сосема доволен период за претставување на потенцијалните кандидати, тие сепак не се согласуваат со новините со кои се забрануваат сите форми на медиумско претставување на политичките субјекти надвор од тој период, освен како што се посочува во дневно-инфрмативните програми.

„Сметам дека ќе згрешиме ако не дозволиме појава на кандидатите, се разбира и без она што значи почеток на предвремена медиумска кампања,“

вели Весна Бендевска од Социјалдемократскиот сојуз.

И Либералнодемократската партија ја поддржуваат идејата за промоција на кандидатите во законски утврдениот рок од 20 дена, но сметаат дека треба прецизно да се дефинира што значи пропаганда, а што медиумски настап на кандидатите.

„Сметам дека преку дијалог најдобро ќе може да се спротистават аргументите, дали такви дебатни емисии влегуваат во пропаганда, тоа не е разјаснето прашање,“

изјави Роза Кареска Топузовска од ЛДП.

Џеват Адеми од Демократската Унија за интеграција признава дека измените во изборниот законик за кои токму пратениците дадоа зелено светло, не се најповолното решение.

„Не сум многу сигурен дека со овие измени ќе придонесеме во стварање клима за релаксирано претставување и релаксирано предизборие.“

Упатените во оваа област жестоко реагираат на ваквите ограничувања. Според Робето Беличанец од Асоцијацијата за развој на медиумите со ова се ограничува новинарскиот труд. Ваков вид ограничувања вели тој не е забележан во ниту една земја во светот:

„Направиле некое решение коешто никому не користи. Сета новинарска работа би требало да биде слободна, огрничувачки е и не знам дека има таков пример било каде во светот.“

Беличанец посочува дека токму овие ограничувања врз слободата на печатот и врз информирањето воопшто можат да влијаат на конечниот извештај на Меѓународната заедница која го мониторира целиот избирачки процес:

„Ваквиот начин на елиминирање на кандидатите од јавната сцена мислам дека оди во прилог на оние коишто се на власт.“

Според измените на изборната регулатива, медиумското изборно претставување пред официјалното започнување на изборната кампања не е дозволено. За изборно медиумско претставување се сметаат сите облици на промоција на партиски ставови и програми,како и негативна кампања за нив, учество во програмите на претставници од политички партии и на потенцијални кандидати на теми кои се или не се директно поврзани со изборите, но може да влијаат на изборниот процес.
XS
SM
MD
LG