Достапни линкови

Иван Штериев, извршен директор на македонската берза. Во следниот период инвеститорите ќе бидат порационални


Господине Штериев доколку направиме краток осврт на она што се случуваше во 2008 година и доколку продолжи трендот на опаѓање на берзанските индекси, како што тоа се случува во јануари, може ли да се очекува поактивно тргување во 2009?

Па, добро, пред да одговорам директно на прашањето сметам дека е потребно заеднички да се потсетиме дека изминатите четири години на македонската берза беше евидентиран позитивен развоен циклус, односно периодот 2005 2007 година дефинитивно го карактеризираме како период со експлозивен бум, пораст на нивото на цените и прометите, период во кој инвеститорите ја препознаа берзата како место за оплодување на вишоците на средства. 2008 година беше една радикална пресвртница во негативните движења, во смисла на тоа што прометот се намали годишен за околу 70 проценти, главниот индекс МБИ 10 исто така падна за околу 73 проценти. Причините за тоа се комплексни, но сепак главно влијание е светската финансиска криза која преку регионалните инвеститори се почувствува и на нашата берза. Оттука, тука е и одговорот за 2009 година, тоа ќе биде година на преоценување на настанатите состојби. Инвеститорите дефинитивно многу внимателно ќе следат како котираните компании и другите компании ќе се тргуваат на берзата, ќе се прилагодат на овој нов амбиент на стопанисување, какви ќе бидат макроекономските показатели. Во секој случај тоа ќе важи и глобално, но ќе не тангира и нас, во период сме на преоценување на концептите за вреднување на средствата, тоа значи на цените на хартии од вредност. Инвеститорите ќе бидат со помали очекувања отколку во претходниот период на берзански бум, а нивните одлуки ќе бидат порационални, сите ќе очекуваат добри вести, но во секој случај ќе се реагира попретпазливо отколку во претходниот период.

Каде ја гледате перспективата за тргување во услови на светска финансиска криза?

Дефинитивно нашата берза е максимално вклопен во регионалните финансиски текови, а оттука и со глобалните текови. Имаме висок степен на интеграција, што во принцип е нов квалитет и добар потенцијал. Е сега, во услови на вакви турбуленции, тоа значи и увезување на екстерни шокови како што покажа минатата година, но во принцип опоравувањето на светските и регионалните берзи ќе се почувствува и кај нас. Друга работа е со која динамика тоа ќе се случи пошироко од македонската берза. Како што реков, пазарите се циклични. Оптимизмот секогаш може да преовлада и инвеститорите да ги препознаат примамливите можности за оплодување на своите средства преку вложување во акциите што се тргуваат не берзата. Креаторите на економската политика исто така тоа го посакуваат и останува да видиме во кој правец тоа ќе оди и со каква динамика.
XS
SM
MD
LG