Достапни линкови

Вести

Скопје: ДПА ќе бара автентично толкување на Законот за амнестија од Собранието

Демократската партија на албанците ќе побара од Собранието автентично да го толкува Законот за амнестија и решавање на статусот на сите учесници во конфликтот од 2001 година во пакет, истакна Генералниот секретар на партијата, Имер Алиу. Според него со процесурањето на хашките случаи се крши законот за амнестија. Од партијата уште еднаш побараа, Собранието да ја стави на дневен ред декларацијата за признавање на Косово. Тоа ќе допринесе за стабилноста на Македониј и регионот, оцени Алиу.

види ги сите денешни вести

Макрон ја потврди перспективата за членство на Западен Балкан во ЕУ

Францускиот претседател Емануел Макрон.

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека треба да се испрати јасна порака до Западен Балкан дека постои перспектива за членство, но наведе дека е потребно да се преземат реформи во рамките на Европската унија за да се овозможи прием на нови членки.

„Европа не може да му сврти грб на Западен Балкан. Западен Балкан географски и историски, во однос на трагичноста и ветувањата за иднината, се наоѓа во срцето на европскиот континент. Тие носат лузни кои не потсетуваат на кревкоста на мирот, но и на силата на ЕУ“, рече Макрон.

„Треба да ги преиспитаме нашите односи со Западен Балкан и да дадеме јасна и искрена перспектива за пристапувањето“, додаде Макрон.

Францускиот претседател овие тврдења ги изнесе на пленарната седница на Европскиот парламент (ЕП), зборувајќи за приоритетите на француското шестмесечно претседателство кое започна на 1 јануари 2022 година.

Сепак, тој нагласи дека во сегашните услови Европа не е таа што може да прифати нови членки.

„Ова не е Европа која може да има 31, 32 или 33 членки. Ќе се лажеме себеси ако така мислиме“, рече тој нагласувајќи ја потребата од промени во ЕУ кои ќе овозможат „побрзи, појасни и поефикасни одлуки“.

Макрон најави иницијатива за организирање конференција за Западен Балкан, која според него ќе следи по одржувањето на Конференцијата за иднината на Европската унија.

Конференцијата за иднината на Европа е серија од дебати и дискусии со кои ќе им се овозможи на луѓето од цела Европа да ги споделат своите идеи и да помогнат во обликувањето на заедничката иднина.

Станува збор за предлог на Европската комисија и на Европскиот парламент, кој датира од 2019 година и има за цел да ја види среднорочната и долгорочната иднина на ЕУ и какви реформи треба да се преземат во нејзините политики и институции.

Ердоган во наредните недели ќе ја посети Украина

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ќе ја посети Украина во рок од неколку недели за да се обиде да ги смири растечките тензии со Русија, изјави денеска неговиот помошник за надворешна политика.

Советникот за надворешна политика Ибрахим Калин рече дека Ердоган ќе отпатува во Украина во следните неколку недели за да разговара со претседателот Володимир Зеленски и дека ќе остане во близок контакт со Русите.

Советникот на турскиот претседател изјави дека Ердоган разговарал со рускиот претседател Владимир Путин, но и со украинскиот претседател Володомир Зеленски.

„Всушност, тој дури ги покани и да дојдат во Турција. Турција останува на располагање за секоја улога што може да ја одигра во намалувањето на тензиите меѓу Русија и Украина“, рече Калин.

Членката на НАТО Турција не ја призна руската анексија на украинскиот полуостров Крим во 2014 година.

Тензиите меѓу Западот и Русија се зголемуваат во последните недели поради стравот на западните земји од руска инвазија на Украина.

Лајчак и Ескобар најверојатно наскоро во посета на Белград и Приштина

Специјалниот претставник на Европската унија (ЕУ) за дијалог Србија-Косово Мирослав Лајчак и специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан Габриел Ескобар.

Специјалниот претставник на Европската унија за српско-косовски дијалог, Мирослав Лајчак, на почетокот на февруари најверојатно ќе ги посети Белград и Приштина, според неофицијални информации во Брисел.

Од овие извори, Лајчак за време на посетата треба да оствари средба и со специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар.

Иако Брисел наведува дека деталите за средбата се уште се подготвуваат, а според прелиминарниот план посетата на Лајчак и Ескобар е планирана за 1 и 2 февруари, додека прва станица би бил Белград.

Покрај сеопфатните напори за заживување на процесот на преговори за нормализација на односите, европскиот и американскиот посредник, според нашите сознанија, ќе го покренат и прашањето за гласањето на српските граѓани на Косово во изборниот процес во Србија.

Со оглед на одлуката на косовската влада со која на косовските Срби им беше дозволено да гласаат на уставниот референдум на 16 јануари само по пошта или во Канцеларијата за врски, се прават напори да се најде можно решение пред одржувањето на парламентарните и претседателските избори во Србија закажани за 3 април.

ЕУ изрази жалење што косовските власти го оневозможија гласањето на српските граѓани на Косово за уставниот референдум во Србија.

Според портпаролот на ЕУ, Питер Стано, и покрај тоа што нема договор сепак „се уште постои воспоставена практика“ според која од 2012 до 2020 година косовските Срби можат да гласаат на Косово, а гласовите ги собира ОБСЕ.

Мирослав Лајчак последен пат ги посети Косово и Србија во ноември минатата година.

Макрон - ЕУ мора да ја дефинира безбедносната политика кон Русија

Францускиот претседател Емануел Макрон зборува во Парламентот на ЕУ во Стразбур, Франција.

Земјите од Европската унија мора да се погрижат блокот да ја дефинира и брани својата безбедносна политика кон Русија, изјави францускиот претседател Емануел Макрон во Европскиот парламент во Стразбур, на почетокот на француското претседателство со ЕУ.

„Безбедноста на нашиот континент е неделива“, рече Макрон, мислејќи на Русија.

Тој додаде дека Европејците мора да ги дефинираат сопствените безбедносни стандарди и да се погрижат тие да се почитуваат.

Во својот говор Макрон рече и дека ЕУ мора да ги преиспита односите со земјите од Западен Балкан.

Францускиот претседател им порача на пратениците дека Европската унија и Британија мора да најдат „пат на доверба“ во ерата по Брегзит.

„Ништо нема да го доведе во прашање пријателството што нè поврзува со нашите британски пријатели“, рече Макрон во говорот, но додаде дека градењето доверба бара британската влада со „добра волја“ која го исполнува она што го договори со ЕУ.

Продолжува протокот на сурова нафта од Ирак во Турција

нафтоводот Киркук-Џејхан.

Турскиот државен нафтен оператор денеска соопшти дека протокот на сурова нафта продолжува преку нафтоводот што ги поврзува ирачките енергетски полиња со меѓународните пазари, пренесе АФП.

Експлозијата во вторникот долж нафтоводот Киркук-Џејхан во јужна Турција, ги зголеми меѓународните цени на сурова нафта на највисоко ниво во последните седум години.

Нафтоводот вообичаено носи повеќе од 450.000 барели дневно од нафтените полиња во северен Ирак до турското пристаниште во Средоземното Море.

Турскиот државен нафтен оператор Ботас рече дека пожарот бил целосно изгаснат доцна во вторникот, но не даде никакви индикации што ја предизвикало експлозијата.

„Екипите на Ботас ги презедоа сите неопходни мерки на претпазливост и протокот на нафта продолжи“, соопшти компанијата.

Официјални лица во близина на местото на експлозијата, во градот Кахраманмарас, рекоа дека раните наоди покажале дека прекинот и последователната експлозија биле предизвикани од „електричен столб што се превртел при неповолни временски услови“.

Инцидентот се случи за време на обилни снежни врнежи во ретко населениот регион во јужна Турција.

Шефот на СЗО - Пандемијата е далеку од завршена

Генералниот директор на СЗО Тедрос Аданом Гебрејесус одржа прес-конференција во Женева.

Пандемијата на КОВИД-19 „ни одблизу не е завршена“, изјави шефот на Светската здравствена организација (СЗО), додека омикрон варијантата предизвикува рекорден број на инфекции.

Тедрос Аданом Гебрејесус предупреди против идејата дека варијантата Омикрон претставува помал ризик само затоа што се чини дека предизвикува поблаги симптоми.

„Омикрон можеби е помалку тежок, во просек, но наративот дека е лесна болест е погрешен“, рече тој пред новинарите од седиштето на СЗО во Женева.

„Не правете грешка: омикрон предизвикува хоспитализации и смртни случаи, а дури и послабите случаи ги преплавуваат здравствените установи“, додаде тој.

Високо заразната варијанта Омикрон сега е доминантна во поголемиот дел од светот, предизвикувајќи рекордни инфекции од Бразил до Франција.

Податоците сугерираат дека постоечките вакцини против КОВИД се помалку ефикасни во спречувањето на инфекциите со омикрон во споредба со претходните соеви, но вакцините сепак обезбедуваат силна заштита од тешка болест и смрт.

САД ја зголемуваат воената помош за Украина додека растат тензиите со Русија

Грбот на Стејт департментот на САД.

Додека американскиот државен секретар Ентони Блинкен е во посета на Украина, администрацијата на претседателот Џо Бајден денеска соопшти дека обезбедува дополнителни 200 милиони долари воена помош за земјата поради зголемените стравувања од руска инвазија, пренесува АП.

Висок претставник на американскиот Стејт департмент рече дека помошта била одобрена кон крајот на декември, како дел од напорите на САД да ѝ помогнат на Украина да се заштити.

Сепак, американската администрација до денеска одбиваше да коментира. Службеникот, кој не беше овластен за јавни изјави пред состаноците на Блинкен во Киев, зборуваше под услов да остане анонимен.

„Ние сме посветени на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и ќе продолжиме да ѝ ја даваме на Украина потребната поддршка“, рече функционерот. Тој не ја наведе содржината на пакетот за помош.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен пристигна во Киев на 19 јануари, во знак на поддршка поради зголемените стравувања дека руската инвазија на Украина може да биде неизбежна.

Блинкен ќе разговара со украинскиот претседател Володомир Зеленски во Киев, пред средбите со неговите британски, француски и германски колеги во Берлин.

Тој во петок во Женева ќе се сретне со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

Русија повеќе пати негираше какви било планови за напад на соседна Украина.

Воената алијанса предводена од Русија го заврши повлекувањето од Казахстан

Војници на ЦСТО во Казахстан.

Војниците на Организацијата на Договорот за колективна безбедност (ЦСТО) предводена од Русија го завршија своето повлекување од Казахстан, каде беа поканети од владата на оваа централноазиска земја по смртоносните протести во најголемиот град на земјата Алмати, на почетокот на јануари.

Рускиот амбасадор во Казахстан, Алексеј Бородавкин и генералот Андреј Сердјуков, кој ја предводеше мисијата на ЦСТО во Казахстан, на 19 јануари изјавија дека „мировната операција“ е завршена и дека „сите“ војници ја напуштиле поранешната советска република.

Руски, ерменски, киргистански и таџикистански војници беа испратени во Казахстан по малите протести против зголемувањето на цената на горивото во градот Жанаозен, што предизвикаа масовни антивладини протести низ земјата богата со нафта и кои доведоа до смртоносни судири во Алмати и на други места.

Казахстанскиот претседател Касим Жомарт Токаев тогаш изјави дека „20.000 терористи обучени во странство“ го нападнале Алмати и покани војници од земјите-членки на ЦСТО за да ја „стабилизираат“ ситуацијата во земјата.

Токаев не откри никакви докази за присуство на „терористи“ во земјата или за поттикнување на протестите.

Казахстанските власти соопштија дека за време на протестите биле убиени речиси 227 лица, вклучително и 19 службеници за спроведување на законот.

Активистите за човекови права велат дека бројот на загинати е можно да биде многу поголем, бидејќи голем број луѓе се водат за исчезнати по немирите.

Талибанците ги повикаа муслиманските земји да ја признаат нивната влада

Afghanistan - Mohammad Hasan Akhund acting prime minister of Taliban government

Вршителот на должноста талибански премиер ги повика муслиманските нации да бидат први кои официјално ќе ја признаат владата што ја презеде власта во Авганистан во август 2020 година.

„Ги повикувам муслиманските земји да бидат први и официјално да не признаат. Се надевам дека тогаш ќе можеме брзо да се развиваме“, рече Мохамед Хасан Ахунд на конференцијата во Кабул посветена на огромната економска криза во земјата.

„Не сакаме ничија помош. Не ја сакаме за официјални лица“, рече Ахунд, мислејќи на дипломатското признавање.

„Го сакаме тоа за нашата јавност“, додаде тој тврдејќи дека талибанците ги исполниле сите неопходни услови за враќање на мирот и безбедноста.

Ниту една земја сè уште не ја признала талибанската влада, гледајќи како овој пат кога со неа ќе владеат тврдокорните исламисти - познати по кршењето на човековите права за време на нивниот прв пат на власт помеѓу 1996 и 2001 година.

Иако талибанците ветуваа помек начин на владеење, жените беа главно исклучени од владиното вработување, а средните училишта за девојките останаа главно затворени.

Талибанците ја презедоа власта во август минатата година за време на повлекувањето на американските воени сили од Авганистан. Кога талибанците влегоа во Кабул, авганистанската влада ја предаде власта, а претседателот Ашраф Гани ја напушти земјата.

Премиерот на Црна Гора: малцинска влада е измама

Премиерот на Црна Гора Здравко Кривокапиќ

Премиерот на Црна Гора Здравко Кривокапиќ остро се спротивстави на најавата за формирање малцинска влада и проектот го нарече измама. Малцинска влада предложи вицепремиерот на Кривокапиќ и лидерот на Граѓанското движење на Ура Дритан Абазовиќ. Премиерот Кривокапиќ оцени дека ваквата влада треба да ја поддржат корумпираните политичари на претходната власт од Демократската партија на социјалистите, која сега е во опозиција. „Има само две решенија за излез од турбулентната ситуација. Едната е промоција на актуелната власт. А најфер начин се предвремени парламентарни избори кои би се одржале во мај заедно со локалните“, рече Кривокапиќ по повод најавата на вицепремиерот Абазовиќ за формирање нова, малцинска влада и гласањето недоверба на постојната.

Пицула: ЕУ мора да ја услови финансиската помош за Западен Балкан

Абазовиќ на 17 јануари објави предлог за излез од политичката криза, што значи дека идната малцинска влада ќе биде составена од дел од сегашната влада и опозициските партии, но не и најголемите парламентарни групи собрани околу владејачкиот Демократски фронт и опозициската Демократска партија на социјалистите. Истовремено, Абазовиќ рече дека сепак очекува поддршка во парламентот за таа идеја од Демократскиот фронт и Демократската партија на социјалистите.

Црна Гора ќе им исплати по 300 евра на луѓето чии имиња беа објавени дека се во самоизолација

Владата на Здравко Кривокапиќ беше избрана на 4 декември 2021 година со гласовите на просрпскиот Демократски фронт, Демократите и Граѓанското движење Ура. Демократскиот фронт уште од почетокот остро ја критикуваше Владата, но никогаш не го официјализираше барањето за нејзина смена. Во декември 2021 година, сите партии од владејачкото мнозинство го поддржаа буџетот на Владата за оваа година.

Вучиќ и Ердоган: важно е да се зачува мирот на Балканот

Претседателите на Турција и Србија Реџеп Таип Ердоган и Александар Вучиќ, Анкара, 18.01.2022.

Претседателите на Турција и Србија Реџеп Таип Ердоган и Александар Вучиќ во Анкара оценија дека соработката меѓу двете земји е одлична и дека зачувувањето на мирот и стабилноста на Западен Балкан е од клучно значење.
Говорејќи на заедничката прес-конференција по средбата меѓу двајцата лидери и седницата на Високиот совет за соработка Србија-Турција, Ердоган рече дека поддршката на Србија за суверенитетот и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина е многу важна за мирот и стабилноста во регионот. Ердоган рече дека „императив е сите страни да се воздржат од преземање чекори што му штетат на територијалниот интегритет на БиХ и сите да се однесуваат одговорно“.

Ердоган - Турција ќе биде присутна во БиХ ако тоа го сакаат Бошњаците, Србите и Хрватите

„На средбата уште еднаш силно и одлучно го потврдивме значењето што им го придаваме на мирот и стабилноста на Балканот. Разменивме мислења за политичката криза во БиХ. Очигледно е дека треба да работиме заедно со меѓународната заедница за да се надмине ова криза“, рече Ердоган. Ердоган рече дека постигнал договор со Вучиќ да организира заедничка средба со сите членови на Претседателството на БиХ по изборите во Србија на 3 април. Средбата може да биде во Белград, можеби во Истанбул, наведе Ердоган.

Вучиќ- Србија не се согласува со одлуката на САД за санкции за Додик

Вучиќ изјави дека зачувувањето на мирот и стабилноста на Балканот е од најголема важност и за Србија и за Турција, и додаде дека тој и Ердоган „се обидуваат да ги турнат своите земји напред, а не назад во минатото“. Тој изјави дека стабилноста, мирот, разговорите и почитувањето на Дејтонскиот договор се од суштинско значење за Босна и Херцеговина.

Побарано сведочење од Трамп и неговите деца поради „значајни докази“ за измама

Доналд Трамп заедно со неговите деца Ерик (Л) Иванка и Доналд Џуниор (Д) пристигнуваат на прес-конференција во кулата Трамп во Њујорк, 11 јануари 2017 година

Јавниот обвинител на Њујорк Летиција Џејмс презеде правна постапка за да го принуди поранешниот претседател Доналд Трамп и двете негови деца, Доналд Трамп, Џуниор и Иванка Трамп, да се појават на сведочење како дел од тековната истрага за финансиските зделки на Организацијата Трамп. „Повеќе од две години, Организацијата Трамп користи тактики за одложување и судски спорови во обид да спречи легитимна истрага за нејзините финансиски зделки“, изјави Џејмс, наведувајќи: „Досега во нашата истрага откривме значајни докази кои укажуваат на тоа дека Доналд Трамп и Организацијата Трамп лажно и со измама вреднувале повеќе средства и погрешно ги прикажувале тие вредности на финансиските институции за економска корист“.

Зошто е важно Трамп да биде суден?

Њујоршките обвинители истражуваа дали Трамп и неговата компанија за недвижнини ги доведоа во заблуда банките и даночните службеници за вредноста на неговите средства за да добијат поволни услови за заем или да создадат даночни заштеди. Канцеларијата на јавниот обвинител сѐ уште нема донесено конечна одлука за тоа дали доказите собрани досега ќе резултираат со правна постапка, но наведе дека „основите за продолжување на истрагата се очигледни“. Претходно овој месец, адвокатите на Трамп поднесоа барање за спречување на судските покани, тврдејќи дека предлогот претставува „закана за демократијата“ и дека е политички мотивиран. Синот на Трамп, Ерик, кој е извршен потпретседател на Организацијата Трамп, беше интервјуиран од канцеларијата на Џејмс за ова прашање во октомври 2020 година. Поранешниот претседател се соочува со повеќе правни битки.

Бајден на годишнината од упадот во Капитол- Трамп создаде мрежа од лаги

Во Вашингтон, тој се обидува да ја спречи конгресната истрага предводена од демократите да пристапи до записите на Белата куќа за немирите на 6 јануари од страна на неговите приврзаници во Капитол. Во јули, Организацијата Трамп и нејзиниот долгогодишен директор за финансии, Ален Вајселберг, се изјаснија за невини пред судот во Њујорк по 15 обвиненија за измама и затајување данок. Неговото судење треба да започне кон средината на оваа година. Трамп, исто така, со години се бори да спречи објавување на неговите даночни пријави до обвинителството.

Во Москва разговори меѓу претседателите на Русија и на Иран

Претседателите на Русија и на Иран Владимир Путин и Ебрахим Раиси

Рускиот претседател Владимир Путин денеска во Москва ќе му биде домаќин на неговиот ирански колега Ебрахим Раиси. Тоа ќе биде трета посета на Раиси надвор од Иран -- по Таџикистан и Туркменистан -- откако го презеде претседателството во август 2021 година, и прва посета на ирански претседател во Русија од 2017 година. Москва и Техеран имаат силни политички, економски и воени врски и му се клучни сојузници на сирискиот претседател Башар ал Асад во децениската граѓанска војна во неговата земја. Путин и Раиси ќе разговараат за „цел опсег на прашања на билатералната соработка“, вклучително и нуклеарниот договор од 2015 година, со кој беа укинати западните економски санкции во замена за ограничување на нуклеарната програма на Техеран, се вели во соопштението на Кремљ.

Европските сили ја истакнаа „итноста“ на разговорите за нуклеарниот договор со Иран

Иранската страна соопшти дека Раиси ќе биде во дводневна посета на Русија заедно со министрите за нафта, надворешни работи и економија на земјата. Руски пратеник им изјави на новинарите дека Раиси утре ќе зборува во Долниот дом на парламентот, Државната Дума, додека руската новинска агенција ТАСС објави дека иранскиот претседател ќе се сретне со верските поглавари во главната џамија во Москва.

Блинкен во Киев на средба со Зеленски

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен пристигна во Киев каде што ќе се сретне со претседателот на Украина Володимир Зеленски и со министерот за надворешни работи Дмитро Кулеба. Блинкен потоа заминува за Берлин на состанок со германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок, по што ќе следи состанок со Трансатлантската четворка во која се вклучени САД, Британија, Франција и Германија. Блинкен „ќе разговара за неодамнешните дипломатски ангажмани со Русија и заедничките напори за одвраќање на евентуална руска агресија врз Украина, вклучувајќи ја и подготвеноста на сојузниците и партнерите да наметнат санкции врз Русија“.

Во Украина во услови на потенцијална руска инвазија „нема хистерија“

Бајден предупреди на тешки економски последици за Москва доколку Русија, која има трупи во близина на границите на Украина, го нападне својот сосед. Русија негираше какви било планови за напад.

Бајден му вети на Зеленски дека ќе дејствува решително ако Русија ја нападне Украина

Блинкен во вчерашниот телефонски разговор со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров укажал на важноста од продолжување на дипломатските напори за деескалација на тензиите кои настанаа по акумулацијата на руската армија во близина на Украина. Вчера шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров по разговорите во Москва со министерката за надворешни работи на Германија Аналена Бербок изјави дека Русија би го поздравила учеството на Соединетите држави во решавањето на кризата околу Украина.

Макрон во ЕП ќе ги претстави насоките на француското претседателство со ЕУ

Францускиот претседател Емануел Макрон зборува на церемонијата на оддавање почит на починатиот претседател на Европскиот парламент Дејвид Сасоли, Стразбур, 17 јануари 2022 година.

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска во Европскиот парламент ќе ги претстави насоките и целите на француското шестмесечно претседавање со Советот на Европската унија. Неговиот говор во Стразбур будно ќе го следат и Брисел и другите земји-членки на ЕУ, бидејќи францускиот претседател ќе се обрати во име на сите 27 земји на Унијата, соопшти Елисејската палата. За време на својот говор, Макрон ќе го спомене она што веќе го кажа детално на 9 декември, а идејата водилка е да се зајакне европскиот суверенитет, велат извори блиски до неговиот кабинет.

Макрон ги презеде уздите на ЕУ додека го чекаат избори

Францускиот претседател ќе изрази надеж дека брзо и конкретно ќе се постигнат резултати за решавање на неколку прашања, како минималната плата, данокот на јаглерод и реформата на Шенген зоната со цел подобра борба против нерегуларната миграција. Макрон ќе го спомене „уникатниот пат на Европа“ кој треба да биде сила за стабилност во „турбулентен меѓународен контекст“ особено обележан со тензиите меѓу Русија и Украина на границите на ЕУ, додаваат истите извори.

Макрон е популарен кај 38 насто Французи


Се проценува дека говорот на Макрон ќе има голема национална димензија, бидејќи тој е голем фаворит во анкетите на јавното мислење во Франција на претседателските избори закажани за април, иако сѐ уште не е официјално номиниран. Францускиот претседател, на власт од мај 2017 година, кој тогаш ја прослави својата изборна победа со звуците на химната на ЕУ, е убеден Европеец кој се противи на национализмот и популизмот. Говорот на Макрон треба да трае околу 20 минути, по што ќе следуваат прашања од членовите на Европскиот парламент.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG