Достапни линкови

Дали Русија станува индифирентна на светското мислење?


Кремљ потроши години за подобрување на својот имиџ на Западот и за да се постави како рамноправен партнер во главните светски организации. Но, поради последните акции на Москва, конфликтот со Грузија и признавањето на Јужна Осетија и Абхазија, критиките однадвор се зголемија, а односите меѓу Русија и западот се влошија. Прашањето е - дали Русија која бележи подем и повторно обновување, станува индифирентна во однос на светското мислење?

Под претседателството на Владимир Путин, Русија сакаше да го подигне својот меѓународен углед. Земјата активно се залагаше за членство во Светската трговска организација, претседаваше со Групата Осум најразвиени земји и успешно лобираше за правото да биде домаќин на Олимписките Игри во Сочи. Но, со влегувањето во Грузија и признавањето на грузиските сепаратистички региони Јужна Осетија и Абхазија, Русија ги става под знак прашалник односите со Западот. Според Фјодор Лукјанов, главен уредник на магазинот „Русија во глобалните односи“ настаните претставуваат промена на надворешната политика на Москва:

,,Москва е секако загрижена, но многу помалку отколку во минатото. Мислам дека Русија заклучи дека ако игра по правилата на Западот ќе биде поразена. Русија чувствува дека Западот не е подготвен, ниту заинтересиран да ја смета за еднаков партнер. Па Русија се определи за друго сценарио.”

смета Лукјанов. Русија веројатно очекуваше да биде критикувана за постапките во Грузија, но според Пол Куин Џаџ од Меѓународната кризна група, Москва е можеби изненадена од единството на Западот:

,,Од една страна не мислам дека на Путин му е многу грижа, затоа што тој се раководи од неговиот инстинкт и се смета за цврст човек.Но, мислам дека ќе биде малку потешко отколку што очекуваше.
Мислам дека погрешно ја процени реакцијата на НАТО. Изгледаше уверено дека ќе успее да го подели НАТО, но не успеа во тоа.“


Амбицијата на Русија е да создаде биполарен свет, во кој Москва ќе биде контрабаланс на Соединетите Држави, смета Олга Криштановскаја од Институтот за социологија при Руската Академија на Науките. Според неа, тајмингот за кризата е внимателно одбран:

,,Лидерот во светот, Соединетите Држави се наоѓаат во економска криза и пред промена на раководството. Русија, од друга страна, има економски раст, цената на нафтата е висока. Глобалните услови се такви што и овозможуваат на Русија да се надева дека ќе биде сметана за лидер во вториот свет, иако границите на овој втор свет сеуште се нејасни.”

изјавува Криштановскаја. Иако, сеуште е рано да се прогнозира исходот од кризата, едно е јасно - таа претставува точка за пресврт во односите на Русија со Западот.
XS
SM
MD
LG