Достапни линкови

Опозицијата против, експертите ја поддржуваат одредбата владата да одлучува за војници во мисии


Измените на законот за одбрана кои вчера ги поддржа владиното мнозинство, а со кои се дава можност Владата, а не Собранието да одлучува за испраќање мировни сили надвор од земјава, за опозицијата се обид да се намали транспарентноста на процесот. Пратеничката Цветанка Иванова од Социјалдемократскиот Сојуз посочува дека вакви законски решенија нема ниту во земјите членки на НАТО.

„Не треба да се брза со вакви решенија, затоа што и самите кажуваат дека ваквата одредба би се применувала по влегувањето во НАТО. Сметаме дека со овие измени се губи транспарентноста и јавната дебата при упатување на мировни мисии,“

изјави Иванова.

Меѓудругото, законските измени според СДСМ претставуваат и упад врз надлежностите на претседателот на државата кој е воедно и врховен командант на Армијата.

„Со ова практично, бидејќи според Уставот во одбраната има поделена надлежност, Врховен командант е претседателот на државата, сметаме дека се прави упад во надлежностите на претседателот на државата.“

Дел од експертската јавност оценува дека можноста Владата да одлучува кога и каде ќе бидат испратени македонските мировници е добра. Според аналитичарот Благоја Марковски тоа ќе ја скрати долгата процедура.

„Мислам дека ова е позитивно и дека со ништо не се навлегува во Уставни прекршувања. Многу се олеснуваат процедурите за донесување одлуки и се забрзува времето за испраќање мисии.“

Според Марковски ваквата постапка е честа практика и во други земји. Нема сомневање дека транспарентноста на процесот ќе биде оневозможена поради тоа што одлуката ќе ја носи потесно тело, а не Собранието како досега, вели Марковски

„Тоа што оваа одлука се носи во потесен круг во однос на Собранието не би требало да претставува проблем, бидејќи на крајот на краиштата и во Собранието мнозинство се претставниците на власта.“

Опозицијата вчера не ги поддржа измените на законот за одбрана. Но, откако за истите позитивно се изјаснија 81 пратеник, измените беа донесени.
XS
SM
MD
LG