Достапни линкови

Трауми и работа без надомест за враќање на добиената оштета од државата


Припадниците на безбедносните сили кои во 2001 та година застанаа да ја одбранат својата татковина денеска живеат со траумите и повредите здобиени од бојните полиња. Полицаецот Игор Николовски кој бил повреден во левата надколеница од шрапнели од граната во скопско Арачиново раскажува за неговиот живот денеска. Тој вели дека по воениот конфликт многу работи во животот му се промениле,односно како што објаснува Николовски, воените трауми им ги пренеле и на нивните најблиски.

„Јас сум задоволен што имаат трпение и живеат со мене, со тоа што е мој проблем. Да речеме, навечер често пати се случува да не спијам, да се вртам, да ги будам и децата. Сум пробал со лекови, терапија, не помага. Тоа е нешто што ќе си го носам до гроб.“

Со вакви слични проблеми се соочува и Маријан Лазов.Овој припадник на полицијата во 2001 та година бил повреден во пределот на главата на десната слепоочница од снајперско оружје. По ранувањето, како што раскажува Лазов, не добил никаква помош од државата за неговото лекување.

„Во повеќе компании сум бил осигуран, но не сум бил осигуран од МВР од воени дејствија и затоа не ми следува ништо. Бев приморан по ранувањето да одам два три пати на лекување во Бугарија со сопствени средства, затоа што такви машини нема во Македонија.“

За да им се оддолжи на своите бранители, Македонија по завршувањето на конфликтот во 2001 година, ги прифати барањата за отштета на ранетите припадници на безбедносните сили и на семејствата на загинатите,но во 2006 та, државата се премисли за дел од отштетите и реши да си ги бара назад парите кои еднаш им ги даде на припадниците на полициските сили. Токму поради ова работа како што велат Николовски и Лазов кои и денеска сеуште работат како полицајци стравуваат дека нема да можат да ги вратат добиените парични средства.


„Треба да вратам некаде околу 900 илјади денари, а тие во мојот животен стаж нема да бидат исплатени со одбивање на една третина од плата, ќе остане нешто и на моите деца да вратат.“
„Веќе ги изведувам сите служвени задачи без пари, значи сите пари што одат на мојата трансакциона сметка не ги земам, ги зема Република Македонија преку извршител.“


Инаку пред неколку дена Здружението на припадниците на безбедносните сили „Достоинство“, во Собранието го предаде предлог законот за припадниците на безбедносните сили и на тој начин нивната граѓанска иницијатива ќе влезе во собранието.Со предлог законот се бара бесплатно здравство и ослободување од партиципација за сите припадници на македонските безбедносни сили кои што учествувале во оружените дејствија во 2001 година, можност за пет години предвремено пензионирање и признавање на стажот на резервистите во двојно траење.
XS
SM
MD
LG