Достапни линкови

Борба против неморалните содржини на Интернет или ограничување на слободата на говорот?


Иранските Интернет новинари, како и активистите за човекови права го осудуваат предлог законот во иранскиот парламент, според кој, смртната казна се проширува за т.н. онлајн криминал. Критичарите велат дека законот е уште еден обид на иранските власти за спречување на слободата на говорот и информациите на Интернет.

Во случај иранскиот Парламент да го одобри предлог законот со кој се прошируваат казните за прекршоци против општеството на интернет, некои ирански блогери би можеле да бидат осудени на смрт. Предлог законот е оценет како застрашувачки од организацијата Репортери без граници од Париз. Во него се предвидува проширување на смерната казна за оние кои промовираат корупција, проституција и одметнување на интернет. Мохамед Сеифзадех, адвокат од Техеран и основач на Центарот за одбрана на човековите права за Радио Фарда вели дека легислативата се донесува за да се забрани слободата на говорот и слободната циркулација на информации. Ова не е прв случај иранските власти да стават рестрикции на содржините што се достапни на Интернет. Многу политички веб сајтови, па дури и музички сајтови се забранети од властите, иако властите велат дека ги филтрираат само сајтовите со неморални содржини, како на пример оние кои содржат порнографија. Покрај тоа, иранските интернет корисници се соочуваат и со спор интернет, што според набљудувачите е намерно предизвикана ситуација од иранските власти. Според Сеифзадех, најновите мерки се насочени кон блогерите кои се многу популарни меѓу младите Иранци.

,,Предлог законот е насочен кон блогерите и треба да делува превентивно за оние кои сакаат да пишуваат блогови. Поради тоа што немаме закони против блогирањето, властите го додадоа тој збор кон сите сериозни криминани дела што им овозможува да преземаат остри мерки против блогерите.”

Судот во Техеран во 2005 година го обвини блогерот Мохтаба Саминеџад за навреда на пророкот, за што следува смртна казна во Иран. Сепак, на крајот Саминеџад беше ослободен од судот. Според групите за човекови права и правни експерти новиот закон би можел да го зголеми бројот на смртни казни во Иран. Исламската република веќе е критикувана за бројот на смртни казни, којшто во 2007 година изнесуваше 317.
XS
SM
MD
LG