Достапни линкови

МВР тврди дека нема нарушување на безбедносната состојба, а експертите повикуваат на претпазливост


Денешниот инцидент во Скопје кога во вооружен грабеж на возило на Македонски пошти биле повредени четири лица, од кои едно потешко, според Министерството за внатрешни работи е изолиран и не би требало да предизвика влошување на безбедносната ситуација во земјава. Засега полицијата нема информации за евентуална опасност од дестабилизација на состојбата.

„Според сознанијата со кои располага МВР и од проценките што се прават од другите институции задолжени за безбедноста, не постојат индиции за некакви поголеми нарушувања.“

изјави Иво Котевски, портпарол на МВР.
Но, во период кога земјава се наоѓа во политичка криза и под голем притисок да се реши грчко-македонскиот спор со името пред самитот на НАТО, а се уште се отворени прашањата околу признавањето на Косово и демаркацијата на границата, експертите предупредуваат дека на земјава и претстои тежок период во кој без помош од меѓународната заедница ќе биде невозможно да се справиме со безбедносните ризици.

„Криза ќе има во Македонија, но тоа ќе биде некој вид контролирана внатрешна криза, со помош на меѓународниот фактор. Се случуваат разбојништва и тоа не е нешто ново во Македонија, тоа се случувало и порано, меѓутоа тие проблеми сега можат да зачестат, да бидат многу порадикални.“

изјави проф Имер Исмаили, проф.на Штуловиот Универзитет
Со овој став се согласува и проф. Стефан Буџаковски од Факултетот за општествени науки кој смета дека и денешниот инцидент кај Бит пазар е предзнак дека безбедносната ситуација во земјава се влошува.

„Ќе се почне со тој урбан тероризам, со поситен тероризам, кој ќе влијае врз граѓаните можеби во притисокот за одредена опција да ја прифатат. Бидејќи тоа е одредено психолошко дејство кај граѓаните за да прифатат одредена опција.“

Експертите посочуваат дека во периодот кој претстои политичарите треба да се однесуваат поодговорно и дека токму од нивните одлуки зависи дали Македонија ќе остане имуна на безбедносните предизвици.
XS
SM
MD
LG