Достапни линкови

Дали Буш ја наметнува обврската за наредниот претседател да продолжи со воените активности?


Американскиот претседател Џорџ Буш неделава го објави предлог буџетот за фискалната 2009-та година, што започнува на први октомври оваа година. Од досега рекордниот буџет од 3, 1 трилиони долари, најголем дел треба да добие Министерството за одбрана, главно за финансирање на воените операции во Ирак и во Авганистан. Дали со ваков предлог буџет, претседателот Буш, кој е на заминување, му ја наметнува обврската и на наредниот претседател да ги продолжи започнатите воени активности?

Според предлог буџетот на американскиот претседател Џорџ Буш, Соединетите Држави и натаму ќе бидат инволвирани во скапите воени операции во Ирак и во Авганистан, дури и по неговото заминување од функцијата. Но, неговиот наследник и не мора да ја прифати ваквата политика, смета Џим Филипс од Херитаџ Фондацијата во Вашингтон.

„Мислам дека администрацијата го прави она за што смета дека на наредната администрација ќе и ги остави сите опции отворени. Демократите, особено во оваа изборна година, ќе сторат се што е во нивна моќ за да ги намалат фондовите за воените операции.“

Филипс додава дека ако во ноември биде избран за претседател демократ, тој сигурно нема да може веднаш да ги повлече војниците, на пример од Ирак, а предлог буџетот на Буш ја овозможува таа флесибилност. Во изминатата година, демократите, кои ја имаат контролата во двата дома на Конгресот, ги отежнуваа намерите на Буш во обезбедувањето пари за Ирак, а таквиот став ќе продолжи и годинава. Со ваквиот став се согласува и Роберт Спицер, професор на државниот универзитет во Њујорк, додавајки дека во оваа изборна година ќе има и многу политички мотивирани одлуки, а оти Буш настојува неговиот курс да продолжи.

„Претседателот Буш јасно стави до знаење и изрази надеж дека кој и да биде нареден претседател, ќе продолжи со инволвирањето во Ирак и ќе го продолжи финансирањето.“

Но, Спицер смета дека и порај буџетскиот предлог на Буш, неговиот наследник веројатно нема до крај да ја следи неговата политика во однос на војните во Ирак и Авганистан.

„Ќе имаме нов претседател во наредната година од едната партија или од другата. Дури и да победи републиканецот Џон Меккејн, кој ја подржува сегашната политика, тој секако ќе има поинаков пристап во врска со Ирак кога ќе ја превземе функцијата. Уште посигурно е дека доколку победи Демократ, со подршка на Конгресот, ќе има поголеми пренамени на фондовите наменети за воените операции.“

Аналитичарите заклучуваат дека, во изминатите 7 години, воените трошоци и даночните намалувања, предизвикаа огромен буџетски дефицит во Соединетите Држави, па наредната администрација во Вашингтон веројатно ќе настојува да ги ограничи давачките за воените операции.
XS
SM
MD
LG