Достапни линкови

Кљусев остави историски белег и најдиректно учествуваше во македонската независност


На 8 септември во 1991 година, на плоштадот Македонија, академик Никола Кљусев прв на граѓаните им ја честиташе самостојноста на земјава.
Да живее вечно самостојна и суверена Република Македонија, изјави тогаш првбиот премиер на независна Македонија. За време на неговиот мандат беше донесен Устав, Кљусев го промовираше македонскиот денар, а во истиот период беше формирана и армијата на Република Македонија.

Со најголема почит за него и неговите дела зборува академик Блаже Ристоски, негов близок соработник и потпретседател на првата влада на независна Македонија.

„Тој се покажа доволно смел и во некои моменти храбар при своите настапи виза ви особено ЈНА која сеуште ни беше тука, а исто така и во потезите во изградбата на македонската економија, финансиите, армијата, монетарниот систем итн.“

Никола Кљусев беше човек што остави историски белег во државата, рече за него актуелниот премиер Никола Груевски.

„Човек којшто на некој начин директно или најдиректно учествуваше во создавањето на нашата независност.“

Академик Никола Кљусев е роден во 1927 во Штип. Дипломирал на Економскиот факултет во Белград, по што се вработил во институтот за научни истражувањаво индустријата на Македонија во Скопје. Во 1972 година беше избран за редовен професор на Економскиот факултет во Скопје, а 16 години подоцна стана член на Македонската академија на науките и уметностите. Тој ја извршуваше и должноста министер за одбрана во периодот од 1998 до 2000 година. Како познат економист беше раководител на повеќе домашни и странски проекти. Автор е на повеќе книги, монографии и научни студии.

Владата постхумно го прогласи академик Никола Кљусев за заслужен граѓанин на Македонија, а најави и дека ќе покренат иницијативи Институтот за економски истражувања, Домот на Армијата, универзитетот Гоце Делчев во Штип и тамошниот Економски факултет да го носат неговото име.
XS
SM
MD
LG