Достапни линкови

Без финансиски средства за подготовки очекувањата не се високи


По скоро две децениски заборав, македонската спортска јавност лани го обнови интересот за боксот. Најзаслужен за тоа беше моментно нашиот најдобар боксер Вели Мумин кој на Европското првенство освои бронзен медал, што го промовираше во спортист на годината, а на боксерските работници, по многуте ветувања, им влеа надеж дека државата конечно ќе се заинтересира за племенитата вештина. Но, како што е случај кај нас, се остана на зборови, а спортот кој благодарение на Русевски, Реџепоски..., ни е еден од најтрофејните, пак е во неблагодарна ситуација и со неизвесна иднина.

„Македонскиот бокс се движи наназад. Многу повеќе се постигна во однос на тоа колку дава државата и федерацијата. Без да се обезбедат финансиски услови, нема напредок. Ние сме ограничени со успесите, затоа што немаме толку средства колку што се потребни,“

вели селекторот Руждија Калач, кој со овие маки е соочен пред Светското првенство кое од 18 октомври ќе се одржи во Чикаго (САД). Таму Македонија ќе настапи со Вели Мумин, Наси Хани и Примислав Димовски, од кои, имајќи ги предвид скрпените подготовки, не може да се очекува голем резултат. Сепак, тие не се прв пат во ваква ситуација, па затоа пред Мундијалот целта е едно четвртфинале, односно виза за Олимпијадата во Кина, за што најголеми шанси му се даваат на Мумин. Благодарение на минатиот труд, но и на надежта во поволната жребка, т.е. одбегнувањето на силните противници од Европа.

„Жрепката е голем фактор во овој спорт. Ако не одите веднаш на Украинец, Русин, Бугарин, Французин, тие се многу подобри од нас,“

додава Калач, со чие мислење се согласува и самиот Мумин. Тој признава дека не е во потребната форма, но верува дека досегашното искуство ќе му помогне да ја оствари целта, па ако се укаже шанса и нешто повеќе од тоа.

„Од јануари па до сега немаме некои приперми како што имавме пред тоа. Не дека претходно имав подобри услови за тренинг и спаринг партнери, но годинава беше многу послаба. Не може да се каже да се очекува некој голем резултат. Се надевам дека до осмо место за квалификации за олимпијада би ги остварил. Би бил задоволен и со осмо место, а ако има место и за медал би се изборил,“

изјави Вели Мумин, кој на предходното СП во Бангкок беше петти.
XS
SM
MD
LG