Достапни линкови

Договорена е наредна средба на 14 октомври во Брисел


На синоќа завршените директни разговори делегациите на Белград и на Приштина усвоија таканаречена Њујоршка декларација и се договорија наредната, исто така, директна средба да ја одржат на четиринаесетти октомври во Брисел. Посредничката тројка, повторувајќи дека сегашниот статус кво за Косово е неодржлив, изрази задоволство од тоа што двете страни се подготвени за натамошни директни разговори.

Со Њујоршката декларација што ја прифатија и двете делегации во присуство на посредничката тројка се предвидува сегашниот преговарачки процес да трае до десетти декември годинава. Исто така во неа се наведува дека министрите на Контакт групата бараат од Белград и од Приштина да изнесат реални предлози и еднострано да не го блокираат напредокот на процесот. Соопштено е дека двете делегации прифатиле дека насилството, провокациите и застрашувањето би претставувале голема опасност за процесот, како и за стабилноста и безбедноста во регионот.

„Атмосфрета беше конструктивна. Белград ја претстави и ја образложи неговата визија за суштинска автономија на Косово, а Приштина ја понуди својата визија за пријателство и соработка меѓу две независни држави. Тие сепак ја прифатија Њујоршката декларација.“

Изјави по состанокот ервропскиот претставник во тројката Волфганг Ишингер. Американскиот претставник Френк Визнер пак изрази уверување дека е можно до десетти декември да дојде до извесен напредок, односно до вистински преговори за статусот на Косово.

„Задоволни бевме што слушнавме од страните дека ги поздравуваат директните преговори и оти сакаат да ги продолжат. Ги потсетивме дека процесот мора да оди напред и оти имаме намера на десетти декември да го претставиме нашиот извештај. “

И за рускиот претставник во посредничката тројка Александар Боцан Храшченко процесот е неповратлив и затоа е битно двете страни да изнајдат заедничко решение:

„Можеби позициите на двете страни во овој момент не се многу охрабрувачки, но тие сериозно мислат како да воспостават доверба и соработка. Секако во оваа фаза нивните визии се различни, но тие се подготвени да разговараат. “

Њујоршката декларација, сепак не минала без забелешки. Нив веќе ги најави српскиот премиер Воислав Коштуница кој изјави дека во неа имало некои ставови кои не можат да доведат до успех на преговорите и оти за нив Контакт групата ќе биде писмено известена. Од друга страна, косовскиот премиер Агим Чеку уште еднаш стави до знаење дека не прифаќа преговори за независноста на Косово, бидејќи тоа за Приштина веќе било готова работа.
XS
SM
MD
LG