Достапни линкови

Играчите и јавноста оптимисти – прва победа дома по три години?


Резултатскиот, а уште повеќе играчкиот дебакл во саботата во Москва каде Русија не совлада со 3-0, се премногу свежи, но најдобрата македонска фудбалска репрезентација нема време за задржување на мислите на она што било. Причина - продолжението на квалификациите за ЕП и вечерашниот меч со Естонија, на Градскиот стадион во Скопје. Се чини натпревар како нарачан за лечење на раните и за прекин на црната серија во квалификациите, во кои од ноември лани доживуваме само порази. Таа серија донесе разочарување во јавноста, која се повеќе го губи трпението и за играчите, но и за селекторот Сречко Катанец. Затоа од нив, иако трите бода нема да го подобрат пласманот, вечерва се очекува само победа. Императив кој пред себе си го поставуваат и самите играчи.

„После шокот против Русија, сега мора да победиме, поквалитетни сме, играме на Градски и треба да ја завршиме таа работа со победа и нови три бода,“

вели Александар Васоски, со чие мислење се согласуваат и другите членови на националниот тим, кои се свесни дека со нов пораз Естонија ќе ни го загрози и петтото место во групата. Тоа би било катастрофа, на која никој не сака ни да помисли, особено поради тоа што вечерва сме фаворити, улога со која според Влатко Гроздановски конечно треба да ја прекинеме три годишната серија без победа на домашен терен.

„Очекувам победа и се надевам дека после подолго време ќе освоиме три бода.“

Слично размислуваат и љубителите на фудбалот, кои не го кријат разочарувањето од резултатите и игрите на националниот тим. Сепак, имајќи предвид дека противникот не е ништо посебно, а и поради тоа што на негов терен ја извојувавме една од двете победи во овие квалификации, сите очекуваат по 11 месечна пауза конечно да го зголемиме бодовното салдо.

„Очекувам да победиме, спрема противникот. Ме загрижува играта на репрезентацијата, нешто не е во ред, но сепак сум оптимист.“
„Очекувам конечно победа.“
XS
SM
MD
LG