Достапни линкови

Стручната јавност е против предлогот на Владата за посебно обвинителство за организиран криминал


Едно од прашањата од правосудната област за кое треба да се постигне согласност меѓу партиите е и обвинителството, или дали да има посебно обвинителство за организиран криминал или не. Владата предлага посебно обвинителство за организиран криминал, а опозицијата бара зајакнување на одделот надлежен за гонење на сторителите на дела од областа на организираниот криминал. Стручната јавност е речиси единствена дека е потребно да има посебен оддел, но во рамки на обвинителството. Решението велат, предложено од владата е спротивно и на уставот, во кој е предвидено постоење на еден републички јавен обвинител:

„Постоењето на два обвинители преставува ситуација која што ќе направи големи проблеми во кривичното гонење. Сметам дека ќе се наруши принципот на хиерархија, а тие приниципи се практично принципи во законот за Кривичната постапка. Ако е така тогаш ќе се појави една ситуација дека се противуставни и тие предлози. Ќе постојат два обвинители и ќе постои паралелизам и да не речам, двовластие.“

Изјави поранешниот јавен обвинител Стеван Павлевски.
Адвокатот Јован Јоанидис и поранешен обвинител вели уставот не предвидува посебно обвинителство за организиран криминал, но не ни забранува. Сепак и тој не се согласува со предлозите на министерството за правда:

„Исклучиво политички е како предлог. Бидејќи тогаш тој обвинител би бил исклучиво одговорен на Министерот за правда, односно на Владата, па би можело да се гонат луѓето по директива, а не по сторено кривично дело. Тоа би можело да биде штетно за Македонија и за граѓаните, бидејќи партијата на власт што е, незборам за оваа или онаа влада, туку таа што е, ќе има неограничена можност секого да го гони за било кое дело, кога сака.“

Обвинителот Коста Петровски укажува дека праксата покажува дека во другите земји има посебни оддели во рамки на обвинителствата, а не посебни обвинителства:

„Во западните држави нема посебни обвинителства, може да има посебен обвинител, во рамки на обвинителствата, може да има дирекции како во Романија, во Словенија има оддел, во Србија се наоѓа посебно обвинителство односно во рамките на Окружното Обвинителство, во Италија тоа е дирекција, односно на највисоко ниво тоа е Национално биро за мафија.“
XS
SM
MD
LG