Достапни линкови

Експертите не се оптимисти поради малиот пазар на капитал


Дел од домашните берзански експерти сметаат дека поради малиот пазар нема голема можност за формирање на нова берза за тргување со акции во Македонија. Според Евгениј Зографски поранешен директор на Македонската берза, a актуелен професор на Американскиот Колеџ во Скопје најнапред е потребно да се направи детална анализа за исплатливост со оглед на законската одредба според која потребни се 500 илјади евра за формирање на берза. Зографски потенцира дека моменталното зголемено тргување со акции најверојатно иницираат вакви најави:

„Од аспект на сегашниот момент на пазарот капитал во кој навистина се случува вистински „бум“, претпоставувам дека зад ова стојат некои акционери кои увиделе дека може да се направи профит од формирање на нова берза, меѓутоа тоа не е едноставен процес, тој е долготраен, бидејќи пред 12 години кога се формираше оваа сегашна берза тој процес траеше најмалку 12 месеци.“

Потенцира професор Зографски. Со ова се согласува и Верица Хаџи Василева Маркова партнер во консултантската куќа ААГ и поранешен брокер. Таа смета дека тоа е нереационална идеја поради ограниченоста на пазарот и додава дека онаму каде што функционираат повеќе берзи веќе постои тенденција тие да се спојуваат:

„Сведоци сме дека на глобално ниво доаѓа до консолидација на берзите, тие гледаат едни со други да се спојуваат, а тоа е поврзано најверојатно со глобализацијата на пазарите и на економските текови.“

Објаснува Маркова. Наспроти експертите кои неверуваат во потенцијалот на македонскиот пазар за тргување со акции, идејата за можно формирање на нова берза во Македонија ја подржуваат од Сојузот на стопански комори пренесувајќи го имено ставот на нивните членки. Никола Ефтимов од Сојузот на стопански комори изјавува:

„Ја подржуваме оваа иницијата бидејќи генерален впечаток во изминатиов период дека Македонската берза во моментов ја контролираат одредена група на луѓе и банки кои што строго контролираат цени на одредени хартии од вредност.“

Вели Ефтимов.
Инаку интензивното тргување со акции на актуелната и единствена „Македонска берза„ иницираше подготовка на нови правила. Имено во„Македонска берза“ изјавуваат дека правилата кои во моментов ги разгледува и Комисијата за хартии од вредност, се однесуваат на намалување на можностите за шпекулативно зголемување на акциите. Според експертите, најавата е оправда:

„Тоа е правилен потег од аспект на зачувување на интересите на инвеститорот.“

Вели професор Евгениј Зографски.
XS
SM
MD
LG