Достапни линкови

Вести

Пакистан: Успешен тест на ракета со краток дострел

Пакистан успешно тестираше нова верзија на ракета способна да носи нуклаерна глава од краток дострел. Хатф 3 има дострел од 290 километри. Армијата на Пакистан минатиот месец тестираше и две ракети од среден дострел.

види ги сите денешни вести

Судот одлучи Ѓоковиќ да биде депортиран од Австралија

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ.

Најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ го загуби обидот да избегне депортација од Австралија, откако Федералниот суд ја одби неговата жалба да остане во земјата и да ја брани титулата на Австралија опен.

Пресудата на главниот судија Џејмс Алсоп дојде по едногласна одлука на тројцата судии кои расправаа за случајот во Мелбурн на 16 јануари.

Судиите ја потврдија одлуката донесена на 14 јануари од страна на министерот за имиграција за укинување на визата на 34-годишниот Србин поради јавен интерес.

Одлуката најверојатно значи дека Ѓоковиќ, кој не е вакциниран против СОВИД-19, ќе остане во притвор во Мелбурн додека не биде депортиран.

Предизвикот на играчот беше префрлен на повисокиот суд откако министерот за имиграција Алекс Хок му ја блокираше визата, која првично беше укината кога тој слета на аеродромот во Мелбурн минатата недела, со што настана сагата што ја налути српската влада и многу Срби.

Судијата на 10 јануари му ја врати визата поради процедурални причини, откако таа беше укината првиот пат, но Хок на 14 јануари рече дека ги користел своите дискрециони овластувања за прашањата за виза за да ја укине визата на Ѓоковиќ „поради здравствени причини, врз основа на дека е во јавен интерес да се стори тоа“.

Ѓоковиќ изјави дека е „многу разочаран од одлуката на судот“, но дека ќе ја почитува.

„Ќе одвојам малку време да се одморам и да се опоравам пред да дадам дополнителен коментар на оваа тема. Многу сум разочаран од одлуката да ми биде укината визата бидејќи тоа значи дека не можам да останам во Австралија и да учествувам на Австралија опен“, рече Ѓоковиќ.

„Ја почитувам одлуката на судот и ќе соработувам со надлежните институции за моето заминување од земјава“, рече тој и додаде дека му е непријатно што е во центарот на вниманието во последните недели.

Времето денеска сончево со слаб ветер

Сончево време.

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност и со слаб ветер со променлив правец. Претпладне низ одредени котлини ќе има појава на магла.

Минималната температура ќе биде во интервал од -9 до 0, а максималната од 3 до 9.

Во Скопје времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со слаб ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -4, а максималната ќе достигне 6.

Македонската ракометна репрезентација загуби од Црна Гора

Македонската ракометна репрезентација на Европското првенство во Дебрецин.

Македонската ракометна репрезентација беше поразена од Црна Гора со 28:24 во вториот натпревар на Европското првенство во Дебрецен, со што ги загуби шансите за пласман во втората натпреварувачка фаза, откако во првиот натпревар во четвртокот беше поразена и од Словенија.

Последниот натпревар од групата Македонија треба да го одигра против Данска која во моментов е на првото место во А групата.

За играч на денешниот меч беше избран голманот на Црна Гора Небојша Симиќ кој натпреварот го заврши со 13 одбрани. Најефикасни во македонската репрезентација беа Велковски со шест и Кузмановски кој постигна пет голови.

Филип Миркуловски по натпреварот изјави дека како репрезентација одиграле без срце и душа и дека без тоа не може да се победува.

Селекторот на репрезентацијата Кирил Лазаров рече дека биле направени „безброј грешки“ во играта и дека поразот е апсолутно заслужен.

Последниот натпревар на македонската репрезентација против Данска ќе биде одигран во понеделник на 17 јануари.

1.635 нови позитивни на коронавирус, 9 починати

Илустративна фотографија.

Во изминатото деноноќие се регистрирани 1.635 нови случаи на КОВИД-19, а девет лица починале сите во болнички услови, соопшти Министерството за здравство.

Направени се 7.564 тестирања во изминатите 24 часа. Најмногу нови случаи има во Скопје – 785, Битола 110, Прилеп 121, Куманово 78, Кавадарци 44, Кичево 47...

Од вкупниот број на позитивни, регистрирани се 184 реинфекции.

Од друга страна, регистрирани сe 1.276 оздравени пациенти, со што гројот на активни случаи во моментов е 15.576.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во Северна Македонија од почетокот на епидемијата изнесува 243.284, бројката на оздравени пациенти е 219.616, на починати е 8.092.

Косово усвои Резолуција против одржување на српскиот референдум

Архивска фотографија - седница на косовскиот парламент.

Со 76 гласа пратениците во косовското Собрание ја усвоија Резолуцијата против одржување на референдумот на Србија на 15 јануари на територијата на Косово.

Во Резолуцијата, меѓу другото, се наведува дека единствен став на Собранието на Косово е дека со организирањето на референдумот на Србија на територијата на Косово, се нарушува суверенитетот и уставниот поредок на Косово и дека е спротивно на Уставот и законите на Косово и меѓународните стандарди.

Од Владата се бара да ги преземе неопходните активности за да спречи кршење на суверенитетот и уставниот поредок на Косово.

Заклучено е и дека припадниците на српската заедница на референдумот во Србија можат да гласаат по пошта или во Канцеларијата за врски на Србија со Косово во Приштина, а отворањето на избирачките места би било прекршување на законот и Уставот на Косово.

Се очекува меѓународната заедница да ги поддржи „легитимните права и принципиелниот пристап на Косово, бидејќи само еднаков третман на сите земји во регионот може да обезбеди стабилност, демократија и европски дух“.

Вонредната седница во Собранието на Косово расправаше за прашањето за одржувањето на српскиот референдум на барање на косовскиот премиер Албин Курти, откако меѓународната заедница на 14 јануари побара од косовската Влада да го дозволи референдумот и „да им дозволи на Србите во Косово да го остварат своето право на глас на изборите и изборните процеси“.

Во заедничка изјава Франција, Германија, Италија, Обединетото Кралство, САД и Европската унија, на 14 јануари ја повикаа косовската влада да дозволи одржување на српски референдум за Косово.

„Ги повикуваме владите на Косово и Србија да се воздржат од дејствија и реторика кои предизвикуваат тензии и конструктивно да се вклучат во дијалогот преку ЕУ“, се наведува меѓу другото.

Утре напладне ќе продолжи седницата за избор на нова Влада

Седница на Собранието на Македонија за избор на новата Влада предводена од мандатарот Димитар Ковачевски. 15.01.2022.

Утре во 12 часот ќе продолжи седницата за избор на новата Влада. Собранието ја започна расправата за изборот на новата Влада по експозето на мандатарот Димитар Ковачевски, кој рече дека фокусот на владината програма е на граѓаните, економијата и на справување со последиците од пандемијата и енергетската криза. Тој додаде дека не се потребни нови избори, а најави зголемување на пензиите и раст на минималната и просечната плата и реформи во образованието. Во однос на спорот со Бугарија, Ковачевски рече дека разговорите ќе продолжат и ќе бидат интензивирани без да биде загрозен идентитетот на народот.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ критикуваше дека станува збор за Влада која ќе ги продолжи политиките на досегашниот премиер Зоран Заев и дека не може да понуди нови перспективи и реформи. Тие предупредија за можно предавство во преговорите со Бугарија. Опозициските пратеници рекоа дека излез од ситуацијата се брзи предвремени парламентарни избори.

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова во своето излагање рече дека оваа Влада е во тешка легитимациска криза. Таа посочи дека оваа Влада не може да наследи легитимет од претходна бидејќи, бидејќи, како што рече, премиерот и претседател на СДСМ не заминал од функцијата заради нова функција или болест, туку зарди одговорност.

„Се прашувам што мислат граѓаните за учество на Алтернатива во Владата. Исто така, министрите кои беа носители на кандидатските листи ги нема. Се повикувате на НАТО, но ја нема министерката за одбрана Радмила Шекеринска, која беше персонификација на НАТО, не знам дали е разрешена или е од лични причини“, рече Силјановска.

Пратениците на владејачката СДСМ зборуваа дека политиките на досегашната Влада биле правилни и добри во време на пандемија и еконмска криза.

Пратениците од Алијанса за Албанците критикуваат дека изборот на министри на Ковачевски е многу лош, а дека за нив зборувале бројните афери.

Од ДУИ рекоа дека резултатите на локалните избори бил тест за министрите од оваа партија, за што, според нив, говореле резултатите во нивна корист.

Собранието утре ќе ја продолжи седницата на која се дебатира за новата Влада, а за која пратениците ќе гласаат најдоцна до полноќ.

За избор на Владата е потребно просто мнозинство од 61 глас, а доколку биде изгласана Владата на Ковачевски, ќе биде единаесеттата од прогласувањето на независноста на државата во 1991 година.

Димитар Ковачевски беше избран за лидер на СДСМ откако претходниот претседател на партијата Зоран Заев поднесе оставка по изборниот пораз на локалните избори кои се одржаа во октомври 2021 година. Заев тогаш истовремено даде оставка и од премиерската функција.

Ковачевски го доби мандатот за составување на новата Влада од претседателот Стево Пендаровски. Новата владина коалиција е составена од СДСМ со нивните предизборни коалициски партнери, ДУИ и ДПА, а потоа се приклучи Алтернатива со што вкупно 64 пратеници ја поддржуваат владата.

Двајца членови на поширокото семејство на Назарбаев поднесоа оставки

Нурсултан Назарбаев.

Двајца членови на поширокото семејство на поранешниот казахстански претседател Нурсултан Назарбаев поднеле оставка од раководството на државните компании за транспорт на нафта и гас, соопшти на 15 јануари суверениот фонд на оваа централноазиска држава.

Назарбаев, кој беше лидер на Казахстан три децении пред неговата оставка во 2019 година, ги задржа огромните овластувања сѐ до минатата недела, кога неговиот наследник Касим-Жомарт Токаев ја презеде функцијата од Назарбаев како шеф на Советот за национална безбедност во услови на насилните немири.

81-годишниот поранешен лидер не се појави во јавноста од избувнувањето на протестите на 4 јануари, а критичките коментари на Токаев за него поттикнаа сугестии за внатрешна борба за моќ во Казахстан.

На 15 јануари, суверениот фонд Самрук-Казина објави во соопштение дека Каират Шарипбаев и Димаш Досанов се откажале од функцијата како главни директори на државната компанија за нафтоводи КазтрансОил и операторот на гасоводот за природен гас „КазакГаз“.

Шарипбаев е во брак со најстарата ќерка на поранешниот претседател Дарига Назарбаева, објави нејзиниот син на социјалните мрежи. Ниту Шарипбаев ниту Дарига Назарбаева не дадоа коментари за нивната врска.

Досанов е сопруг на Алија Назарбаева, најмладата ќерка на Назарбаев. Самрук-Казина не ги наведе причините за нивните оставки. Токаев оваа недела рече дека сака соработниците на Назарбаев да го споделат своето богатство со јавноста со редовни донации за новата добротворна фондација.

Вонредна седница на косовското Собрание за референдумот во Србија

Архива - косовскиот премиер Албин Курти во Собранието на Косово.

На денешна вонредна седница пратениците во Собранието на Косово расправаат за прашањето за одржувањето на српскиот референдум за промена на Уставот на територијата на Косово.

Седницата се одржува на барање на косовскиот премиер Албин Курти, откако меѓународната заедница на 14 јануари побара од косовската Влада да го дозволи референдумот и „да им дозволи на Србите во Косово да го остварат своето право на глас на изборите и изборните процеси“.

Премиерот Курти во воведното обраќање пред пратениците рече дека Уставот предвидува дека сите граѓани се еднакви пред законот и повтори дека правото на српската заедница да гласа на српскиот референдум не е повредено, односно дека тоа може да го сторат по пошта или во Српската канцеларија за врски.

Србија, која го смета Косово за дел од својата територија, инсистира да се отворат избирачките места во српските области на Косово.

Досега во Косово се одржаа парламентарни и претседателски избори, а гласачките ливчиња беа собрани од страна на Мисијата на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ).

„Косовските Срби во последните години не гласаа како гласачи од странство, туку како да се внатре во земјата (Србија). Погрешната практика во последните години не го оправдува продолжувањето на повторените грешки. Косово е независна и суверена држава и треба да се третира како таква“, рече Курти.

Курти ја претстави и резолуцијата за која би требало да се гласа, во која се изнесува ставот против одржување на српскиот референдум на Косово, односно дека тој став е поддржан од целиот политички спектар на Косово.

Опозициската Демократска партија на Косово не присуствува на вонредната седница иако го поддржува ставот на Владата да не дозволи организирање на српски референдум. Од оваа партија претходно беше соопштено дека премиерот Курти сака да избегне одговорност на вонредната седница на Собранието на Косово.

Инаку, водечките албански партии на Косово изјавија дека не поддржуваат одржување референдум за Србија на територијата на Косово.

Лидерот на опозицискиот Демократски сојуз на Косово (ЛДК), Лумир Абдиџику, го повтори ставот на неговата партија против одржување на српски референдум во Косово.

„ЛДК очекува, го поздравува и поддржува целосното почитување на Уставот и нашиот уставен поредок“, рече тој.

Но, тој го критикуваше косовскиот премиер Курти за свикувањето на седницата, наведувајќи дека тоа е непотребно и дека тоа е негов обид да се скрие зад пратениците.

Претседателот на пратеничката група Српска листа Игор Симиќ повика да се прекине „антисрпската кампања“ и да се дозволи српскиот референдум.

По говорот на Симиќ, пратениците на Српската листа ја напуштија собраниската сала со образложение дека „не сакаат да ѝ дадат легитимитет на седницата“.

Вонредната седница во Косово беше свикана откако во заедничка изјава Франција, Германија, Италија, Обединетото Кралство, САД и Европската унија, на 14 јануари ја повикаа косовската влада да дозволи одржување на српски референдум за Косово.

„Ги повикуваме владите на Косово и Србија да се воздржат од дејствија и реторика кои предизвикуваат тензии и конструктивно да се вклучат во дијалогот преку ЕУ“, се наведува меѓу другото.

Продолжи седницата за избор на нова Влада

Седница на Собранието на Македонија за избор на новата Влада предводена од мандатарот Димитар Ковачевски. 15.01.2022.

Собранието денеска расправа за изборот на новата Влада предводена од мандатарот Димитар Ковачевски. По редовната пауза, седницата продолжи околу 16 часот, а за изборот на новата Влада пратениците треба да гласаат најдоцна до утре на полноќ.

Ковачевски денеска ја претстави програмата на новата Влада, која рече дека треба да даде решенија за актуелните проблеми како енергетската криза и во економијата, но дека ќе бидат посветени на борбата против корупцијата и на продолжување и интензивирање на преговорите за спорот со Бугарија. Опозициските пратеници од друга страна рекоа дека оваа влада нема легитимитет и побараа брзи предвремени избори. Ковачевски рече дека граѓаните се уморни од политичката ситуација и да гласаат на уште едни избори.

За избор на Владата е потребно просто мнозинство од 61 глас, а доколку биде изгласана Владата на Ковачевски, ќе биде единаесеттата од прогласувањето на независноста на државата во 1991 година.

Пратениците на опозицијата рекоа дека оваа Влада ќе го продолжи неуспехот на претходната и дека не може да понуди ништо ново со стари и истрошени кадри. Тие рекоа дека оваа Влада ќе биде со краток рок и според нив брзо ќе се оди на предвремени парламентарни избори.

„Оваа Влада брзо ќе се соочи со вистината и сама ќе си ги покаже своите аномалии недостатоци и мани. Многу скоро на површина ќе исплива сета неспособност, криминал корупција и нефункционалност, рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски.

Пратениците од владејачкото мнозинство рекоа дека новата Влада ќе го задржи позитивниот курс на претходната и дека легитимитетот го црпат од гласањето на парламентарните избори во 2020 година.

Дарко Каевски од СДСМ смета дека граѓаните на предвремените парламентарни избори во 2020 година недвосмислено ѝ дале поддршка за владејачката коалиција да ја води државата.

„На тие избори СДСМ доби силна поддршка и мандат од граѓаните во наредните четири години да ги спроведе сите оние принципи и мерки за коишто се залагаше во предизборната кампања, а потоа беа преточени во владината програма“, рече Каевски.

Пратеникот на ДУИ Арбр Адем рече дека треба „да ги заскукаме ракавите заедно и да ја однесеме државата таму каде што припаѓа – во големото европско семејство“.

„Поддршката за продолжување на работата на оваа влада подразбира токму реализација на оваа цел која за нас претставува важна стратешка определба без друга алтернатива“, рече Адеми.

Димитар Ковачевски беше избран за лидер на СДСМ откако претходниот претседател на партијата Зоран Заев поднесе оставка по изборниот пораз на локалните избори кои се одржаа во октомври 2021 година. Заев тогаш истовремено даде оставка и од премиерската функција.

Ковачевски го доби мандатот за составување на новата Влада од претседателот Стево Пендаровски. Новата владина коалиција е составена од СДСМ со нивните предизборни коалициски партнери, ДУИ и ДПА, а потоа се приклучи Алтернатива со што вкупно 64 пратеници ја поддржуваат владата.

Пекинг ги критикува санкциите на Вашингтон кон Техеран

Илустративна фотографија - Знамињата на Иран и Кина.

Кина го повтори своето противење на санкциите на САД против Иран, додека истовремено објави дека Пекинг и Техеран започнале 25-годишен договор за соработка со цел зајакнување на економските и политичките врски.

На состанокот на 14 јануари во градот Вукси, во провинцијата Џиангсу, кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји, исто така, ги поддржа напорите за оживување на нуклеарниот договор од 2015 година меѓу големите сили и Иран.

Резимето на средбата меѓу Ванг и иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амир-Абдолахиан беше објавено на 15 јануари на веб-страницата на кинеското Министерство за надворешни работи.

Ванг рече дека САД првенствено се виновни за тековните тешкотии со Иран, кои еднострано се повлекле од нуклеарниот договор од 2015 година меѓу големите сили и Иран.

Најавата за спроведување на пактот доаѓа додека во Виена продолжуваат разговорите за обновување на иранскиот нуклеарен договор од 2015 година. Извор близок до разговорите изјави дека во индиректните разговори меѓу САД и Иран остануваат многу нерешени прашања.

САД го поздравија апсењето на хакери во Русија

Слика од приведувањето на ФСБ на руски хакери од групата РЕвил.

Соединетите Држави го поздравија потегот на Русија за апсење на наводни членови на озлогласена хакерска група, вклучително и поединецот осомничен дека стои зад минатогодишниот напад врз американскиот оператор на гасовод.

„Задоволни сме со овие првични акции“, рече висок претставник на 14 јануари, додавајќи дека САД очекуваат Русија да ги гони наводните хакери.

Федералната служба за безбедност (ФСБ) претходно истиот ден објави дека на барање на САД уапсила 14 осомничени членови на „Содинокиви/РЕвил“.

Осомничените се уапсени во Москва, Санкт Петербург, како и во други региони преку заедничка истрага на ФСБ и Министерството за внатрешни работи.

За едно од уапсените лица се тврди дека стои зад нападот во мај кон „Колонијал Пајплајн“ рече високиот претставник на администрацијата на САД.

Нападот ја принуди компанијата превентивно да го затвори својот гасовод, кој се протега од Тексас до Њу Џерси и испорачува речиси половина од транспортните горива за брегот на Атлантикот, со што беше предизвикан привремен недостиг на гориво.

Тоа помогна сајбер безбедноста да дојде на врвот на агендата на самитот во Женева еден месец подоцна меѓу претседателот на САД Џо Бајден и рускиот претседател Владимир Путин.

АД ЕСМ од следната недела го презема управувањето со БЕГ и топлификација Скопје Север

Илустративна фотографија - парно греење.

АД Електрани на Северна Македонија следната недела официјално ќе го преземе управувањето со БЕГ и топлификација Скопје Север, сооошти АД ЕСМ.

Од АД ЕСМ наведуваат дека согласно Уредбата која Владата ја донела на вчерашната седница во врска со кризата настаната во снабдувањето со топлинска енергија и дополнителните одлуки кои ќе следуваат, АД ЕСМ ќе го преземе работењето со БЕГ до завршувањето на кризата со снабдување со топлинска енергија.

„Преземањето и управувањето со трите субјекти на БЕГ (Производство, Дистрибуција и Снабдување) и со топлификација АД Скопје Север се очекува во текот на претстојната недела, откако АД ЕСМ ќе ги добие од страна на Владата потребните одлуки и задолженија за спроведување на преземањето“, се вели во соопштението на АД ЕСМ.

Во соопштението исто така се вели дека АД ЕСМ потпишло договор со друштвото за производство на електрична и топлинска енергија ТЕ-ТО АД Скопје и дека со тој договор ќе го зголеми обемот на производство на електрична и на толинска енергија, односно дека ќе работи со максимален капацитет седум дена во неделата, наместо како што било досега кога работел пет дена.

„Електричната енергија ќе ја презема АД ЕСМ, додека зголеменото количество топлинска енергија кое произлегува од процесот ќе се испорачува кон БЕГ и Скопје Север, односно во топлинската мрежа во градот Скопје. Греењето во градот Скопје нема да се исклучува во вечерниот термин до 22.00ч. како што беше утврдено досега, туку топлинска енергија за корисниците ќе се испорачува до 01.00ч. До денот на преземањето на БЕГ од страна на АД ЕСМ, сите трошоци за испораката на греењето во Скопје ќе ги сноси ТЕ-ТО“, велат од АД ЕСМ.

Нови блокади во Србија против рудници за литиум

Serbia, Belgrade -- Protest and blockade of of the international highway with a request to ban the exploitation of lithium, January 15 2022

Еколошки активисти и граѓани и денеска ги блокираат патиштата на неколку локации во Србија, барајќи забрана за ископ на литиум.

Блокиран е меѓународниот автопат во Белград кај Сава центарот и мостот Газела. Блокади се најавени и во Лозница, во западна Србија, каде што е блокиран граничниот премин Трбушница со Босна и Херцеговина и на неколку други локации во Србија.

Активистите и граѓаните кои се противат на експлоатацијата на литиумот сметаат дека производството на таа руда би ја загрозило животната средина.

На блокади повикаа еколошките организации, а им се приклучија и некои опозициски партии, како иницијативата „Да не го давиме Белград“.

Како што е наведено, барањата се да биде објавено сето она што е потпишано со мултинационалната компанија за ископ на литиум Рио Тинто, како и Владата да ја укине уредбата за просторниот план со кој се предвидува изградба на проектот „Јадар“.

Проектот „Јадар“ за експлоатација на литиум од минералот јадарит е планиран во долината на реката Јадар, кај Лозница во западна Србија.

Претставници на неколку еколошки здруженија на 12 јануари ги поднесоа барањата до Владата на Србија.

Златко Кокановиќ од Здружението „Не го даваме Јадар“ тогаш нагласи дека не е важно само да се отстрани Рио Тинто.

„Бараме да нема рудници за литиум и да се воведе трајна забрана за литиум и слични минерали во долината Јадар и на други места во Србија“, рече тој.

Два дена подоцна, на 14 јануари, претставници на еколошките здруженија ѝ предадоа на Владата на Србија 290.000 потписи од онлајн петицијата насловена „Рио Тинто, марш од Дрина“.

Претставникот на ова движење Саво Манојловиќ побара покрај укинување на Просторниот план за проектот „Јадар“ и воведување мораториум за експлоатација на литиум и бор во траење од 20 години.

„Доколку не постои овој Просторен план, нема законска обврска на Србија да го обесштети Рио Тинто“, рече Манојловиќ пред Владата на Србија.

Тој изјави дека Владата и Собранието имаат рок да ги реализираат своите барања до 20 јануари, а во спротивно ќе почнат да собираат 30.000 потписи за народна иницијатива.

Северна Кореја лансираше две ракети од воз

Лансирање проектил од воз на неоткриена локација во Северна Кореја, 14 јануари 2022 година.

Северна Кореја од воз истрела две ракети со краток дострел, објавија државните медиуми на 15 јануари, со што ова е трет ракетен тест од почетокот на годината и покрај американските санкции.

Овие тестови спроведени на 14 јануари, беа организирани за проверка и оценување на управувањето со процедурите за работата на железницата, објави официјалната новинска агенција КЦНА.

Лансирањето на 14 јануари беше направено по одлуката на Вашингтон од 12 јануари да воведе нови санкции против петмина граѓани на Северна Кореја, откако беа направени претходните два теста на хиперсонични ракети.

Лансирањето на 14 јануари покажа висока способност за маневрирање и висока стапка на успех, соопшти КЦНА.

Ова е трето тестирање на ракета на Северна Кореја по двата успешни теста кои Пјонгјанг ги опиша како хиперсонични. Првиот беше направен на 5 јануари и вториот, кој лично го надгледуваше севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, беше на 11 јануари.

Како одговор, САД оваа недела воведоа нови санкции кон Пјонгјанг. Американскиот државен секретар Антони Блинкен рече дека Северна Кореја веројатно се обидува да привлече внимание со оваа серија лансирања на ракети.

Пјонгјанг ги обвини САД дека намерно се обидуваат да ја „затрујат“ ситуацијата.

САД ја обвинија Русија дека подготвува операција под „лажно знаме“ во Украина

Илустративна фотографија - војници во Украиниа.

Русија планира да изврши чин на провокација со цел да направи изговор за инвазијата на Украина, изјави американски претставник.

Портпаролот на Пентагон рече дека руските оперативци планираат „операција под лажно знаме“ за да и дозволат на Москва да ја обвини Украина за заговор за напад. (Операција под лажно знаме „false-flag operation“ е тајна операција кој се спроведува на начин за да се мисли дека ја спроведува некој друг.)

Русија ги отфрли овие тврдења, кои доаѓаат по неколкунеделните американско-руски разговори со цел да се смират тензиите.

На 14 јануари Украина ја обвини Русија дека стои зад сајбер напад на десетици нејзини официјални веб-страници.

Пред да биде блокиран пристапот до страницата, се појави порака со предупредување Украинците да се „подготват за најлошото“. Пристапот до повеќето интернет страници беше вратен за неколку часа.

САД и НАТО го осудија нападот и понудија поддршка за Украина. Русија не го коментираше хакирањето.

Портпаролот на Пентагон Џон Кирби зборуваше пред новинарите за, како што рече, плановите на Русија, односно дека нејзини оперативци треба да ја спроведат операцијата што ја нарекуваме „лажно знаме“,

„Операција дизајнирана да изгледа како напад врз нив или врз луѓе што зборуваат руски во Украина како изговор за влез“, рече тој.

Оперативците се обучени за урбана војна и употреба на експлозиви за извршување на акти на саботажа против проруските бунтовници, соопштија американските власти.

Министерството за одбрана на Украина соопшти дека слични акти се подготвуваат против руските војници стационирани во отцепениот регион Придњестровје во Молдавија.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков на ваквите тврдења одговори опишувајќи ги извештаите како неосновани и „непотврдени“.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG