Достапни линкови

Експертите не очекуваат промена на политиката на САД кон Балканот


Соединетите Држави остануваат наш стратегиски партнер, е ставот на македонското министерство за надворешни работи коментирајќи ги вчерашните избори во САД и промената на мнозинството во преставничкиот дом на американскиот Конгрес, во корист на досега опозиционата демократска партија наспроти републиканците на претседателот Џорџ Буш. Шпреса Јусуфи портпарол на Министерството за надворешни работи изјавува:

„Ние ја почитуваме волјата на граѓаните при демократски избори во било која земја вклучително и САД и истовремено продолжуваме со добрите односи со Соединетите Американски Држави како наш стратешки партнер.“

Позитивно влијание за Македонија со оглед на идеологијата на демократите во однос на приемот на земјава во НАТО, на овој начин пак домашните експерти гледаат на промената во американскиот Конгрес, па во оваа насока професорот по меѓународна политика и меѓународни односи на Правниот Факултет Денко Малевски објаснува:

„Кај републиканците беше проблемот бидејќи тие се „потврди“ и повеќе на НАТО гледаа како воена организација, додека кај демократите тоа е веќе поинаков НАТО за разлика од она време на Студената војна, така да може да кажеме дека тоа може и позитивно да се рефлектира врз приемот на Македонија во НАТО.“

Професор Малески додава дека што се однесува до понатамошната комуникација меѓу Македонија и Соединетите држави, поголеми промени не треба да се очекуваат. Реформите што се бараат од нас, вели тој ќе останат и како политика на демократите:

„Нашата комуникација со Америка ќе продолжи и нема битно да се промени, освен и натаму да не потикнат во реформи на армијата, здружување во НАТО и да се воспостави некаков безбедносен прстен.“

Со оглед на постигнатата стабилност на Балканот, за разлика од времето на владеењето на демократите во чија политика тој доминираше, професорот Малески зборувајќи за можните промени во однос на надворешната политика, смета дека регионов ќе остане на нивната агенда, но без позначајна посветеност, освен решавањето на Косовоското прашање. Според него сепак во фокусот на интересот ќе бидат Ирак и Авганистан:

„Ќе мораат да се ангаржираат околу Косово, но лично негледам дека ќе има некоја битна промена во однос на Балканот.“

Забележува професор Малески.
XS
SM
MD
LG