Достапни линкови

Скромен човек, кој може да биде близок со секој


Јужнокорејскиот министер за надворешни работи Бан Ки Мун ќе го замени Кофи Анан кога тој кон крајот на годинава ќе ја напушти функцијата генерален секретар на Обединетите Нации. Ки Мун уште треба да го мине гласањето во Генералното собрание, но на ова се гледа како на готова работа, особено откако тој ја доби поддршката од Советот за безбедност. Идниот лидер на Обединетите нации ќе се соочи со комплексни предизвици во организацијата на која често се гледа како место за конфронтации меѓу неразвиените и развиените земји.

На осумнаесет годишна возраст Бан Ки Мун победи на натпреварот за англиски јазик. Наградата беше престој во Соединетите Држави каде што се сретна со тогашниот претседател Џон Кенеди. Тоа бил, како што самиот вели, клучен момент да и се посвети на дипломатијата. Неговата дипломатска кариера трае веќе триесет и шест години. Последните десет во Обединетите Нации.

„Општата претстава за него е дека тој е многу способен администратор и помирувач. Тој навистина може да посредува меѓу луѓето со многу различни ставови и мислења.“

Вели Ја Хјун Ким Хабуш, директорка на Центарот за Корејски истражувања на Универзиетот Колумбија. За Кофи Анан владее мислење дека е доверлив човек со смисла за мисија. Од друга страна Бан Ки Мун често се опишува како скромен човек кој може да биде близок со секој. Јан Вилијамс кој е дописник од Обединетите Нации за магазинот Нејшн смета дека токму ваквиот карактер на Ки Мун беше пресуден тој да го добие гласот на големите сили во Советот за безбедност.

„Можете да забележите дека големите сили во Советот за безбедност често избираат луѓе за кои мислат дека ќе можат да им кажуваат што да прават. Она што е сосема јасно во овој случај е тоа што Ки Мун е личност со интегритет.“

Вели Вилијамс. Меѓу поважните задачи што го чекаат новиот генерален секретар е и онаа за продолжување на реформите во светската организација што во минатата година ги започна Кофи Анан. Притоа новиот лидер ќе треба да се соочи и со голем отпор од моќната бирократија која е обвинувана за неефикасност и корупција.

„Тој многу јасно изјави дека ќе биде активен во врска со реформскиот процес во Обединетите Нации. Мислам дека неговото искуство во светската организација е токму она што треба за продолжување на реформите.“

Оценува експертот Чарлс Армстронг кој наведува дека тоа што Ки Мун е кореец ќе биде предност во справувањето со севернокорејскиот нуклеарен проблем. Бан ки Мун е оженет и има три деца. Една од неговите ќерќи работи за УНИЦЕФ фо Африка.
XS
SM
MD
LG