Достапни линкови

Вести

Виена: Генерална конференција за иранската нуклеарна програма

Во Виена денеска започна генералната конференција на Меѓународната Агенција за Атомска Енергија, на која главна тема е иранската нуклеарна програма. Се очекува делегациите од арапските земји да побараат акција и против Израел поради сомневањата дека има нуклеарен арсенал.

види ги сите денешни вести

Бугарската истрага утврди дека возачот на „Беса Транс“ е одговорен за несреќата

Автобуската несреќа во Бугарија.

Шефот на бугарската националната истражна служба, Борислав Сарафов изјави дека возачот на автобусот е крив за несреќата на автопатот Струма во која загинаа 45 лица.

„Причината е губење контрола врз автобусот од страна на возачот. И големата, да речеме, несоодветна, но не и над дозволеното брзина“, изјави Сарафов за БГНЕС по затворање на случајот.

Сега, според него, останува да се изврши судска наредба во Северна Македонија и да се известат роднините на жртвите оти имаат право да направат увид во материјалите.

На 23 ноември 2021 година во раните утрински часови, автобусот на „Беса Транс“ којшто од Истанбул се враќаше со туристи, удри во ограда на автопатот Струма, кај селото Боснек, при што загинаа 45 лица, од кои 12 деца, а седуммина преживеаја.

Паралелно на ова, Основното јавно обвинителство Скопје постапува во предмет кој се однесува на работењето на правниот субјект - организатор на патувањето, односно фирмата Беса транс, како и постапувањето на други надлежни органи.

Бугарските обвинители по несреќата соопштија дека аутопсиите на жртвите покажале дека сите загинати починале од задушување, а не од ударот, односно дека биле живи во моментот на избувнување на пожарот. Уште на почетокот водечка верзија беше дека станува збор за човечка грешка.

Десет дена по несреќата, со воени авиони од Бугарија беа донесени посмртните останки на загинатите во несреќата. Повредените патници и беа сместени во софиската болница „Пирогов”, а неколку денови по несреќата, во зависност од сериозноста на повредите, беа пренесени на скопските клиники.

По несреќата беа прогласени денови на жалост и во Македонија и во Бугарија. А неколку општини и Град Скопје, од каде што се потекнувале жртвите, дел од својот буџет одделија за помош на семејствата на жртвите.

Франција и Германија со предупредување до Русија за Украина

Францускиот претседател Емануел Макрон

Францускиот претседател Емануел Макрон предупреди дека Русија ќе плати „многу висока“ цена доколку ја нападне Украина, инсистирајќи дека Париз е обединет со Берлин за потребата од „деескалација“.

„Франција и Германија нема да го напуштат дијалогот со Русија, но, ако има напад, ќе има одмазда и цената [за Русија] ќе биде многу висока“, рече Макрон на заедничката прес-конференција со германскиот канцелар Олаф Шолц во Берлин.

Соединетите Држави и нивните западни сојузници преземаат чекори за да се спротивстават на трупањето на околу 100.000 или повеќе руски војници во близина на границата со Украина, поради стравувањата дека земјата ќе го нападне нејзиниот сосед.
Шолц рече дека неопходно е сега да се направи сè за да се осигура дека ситуацијата се развива поинаку отколку што понекогаш се стравува во моментов.

„Затоа, очекуваме јасни чекори од Русија кои придонесуваат за деескалација на ситуацијата и сите се согласуваме дека воената агресија би имала сериозни последици“, додаде канцеларката.

Макрон рече дека телефонски ќе разговара со рускиот претседател Владимир Путин на 28 јануари. Разговорите ќе бидат дел од „потребниот дијалог“ со Русија и ќе дадат шанса да се добие „појаснување“ за стратегијата на Москва за Украина, рече тој.

Руската амбасада со реакција на изјавите на министерката Петровска

Зградата на руската амбасада во Скопје

Руската амбасада во земјава денеска соопшти дека со изненадување се запознале со изјавите дадени последниве денови од министерката за одбрана Славјанка Петровска. Реакцијата, како што појаснуваат од амбасадата, се однесува на изјавите на Петровска за „поставувањето на вооружените сили од страна на Руската Федерација што е провокативно и има дестабилизирачко дејствување“ (интервју за ТВ24 од 23 јануари) и „изготвување на анализи за можностите за потенцијално учество“ на Армијата на РСМ во случај на „руската инвазија на Украина“ (интервју за ТВ Телма од 24 јануари).

„Го обрнуваме вниманието на апсолутно јасните изјави на руското раководство- Русија никогаш никаде не му се заканувала на украинскиот народ и нема намера да презема никакви агресивни дејствија. Со други зборови, нема да извршиме напад, инвазија или да ја погодиме Украина. Во однос на руските трупи- тие се движат низ сопствената територија и имаат целосно право на тоа“, наведуваат од амбасадата на нивната официјална страна на Фејсбук.

Што се однесува до Украина, како што се посочува во соопштението, Киев продолжува тврдоглаво да ги избегнува своите обврски од Договорите од Минск, кои вклучуваат, особено, воспоставување директен дијалог со Донецк и Луганск и внесување во Уставот посебен статус на Донбас.

„Доследно и целосно спроведување на „Пакетот мерки“ од Минск од 2015 година како безалтернативна основа за разрешување е неопходен услов за решавање на внатреукраинската криза. Го гледаме ризикот дека Украина ќе стане поинтегрирана во НАТО, дури и без да добие формален статус на членка на алијансата. Тоа е она што директно влијае на безбедносните интереси на Русија. Постигнувањето на пресврт во оваа ситуација е во фокусот на нашето внимание. Ова е основата на нашите предлози за обезбедување цврсти, правно обврзувачки гаранции за безбедност од страна на САД и НАТО“, посочуваат од амбасадата.

Од руската амбасада воедно изразуваат надеж дека Петровска, како што порачуваат, ќе ја земе предвид реалната состојба при поставувањето на приоритетите за работата на министерството на чело со неа.

Петровска изјави дека земјава во целост го поддржува суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и дека институциите ги следат случувањата во и околу Украина поврзани со поставувањето на вооружените сили од страна на Руската федерација долж границата.

„Поставувањето на вооружените сили од страна на Русија е провокативно и дестабилизирачко дејствување што ја намалува безбедноста на европскиот континент“, рече Петровска и додаде дека токму стабилноста на Европа треба да биде целта на сите“ изјави Петровска во дневникот на ТВ24.

Таа додаде дека земјава ги поддржува напорите на НАТО и ОБСЕ за надминување на тензичната ситуација.

Западот презема чекори за да се спротивстави на руското засилување од околу 100.000 или повеќе војници во близина на границата со Украина. Соединетите држави и НАТО претходно му порачаа на рускиот претседател Владимир Путин да се повлече од границите на Украина, предупредувајќи дека рускиот напад ќе предизвика штетни економски санкции, како и засилено присуство на НАТО во Источна Европа.

Рекорден број на 2341 случај на ковид, починати 21 лице

Тестирање за Ковид-19

Министерството за здравство информира, согласно податоците од Институтот за јавно здравје дека во последните 24 часа направени се 6.193 тестови, а регистрирани се 2.341 нов случај на Ковид-19. Од вкупниот број на позитивни (2.341), регистрирани се 308 реинфекции, од кои една втора реинфекција.

Оздравени се 1470 пациенти, а починати се 21 лице: 10 починати лица од Скопје (51г, 68г, 73г, 76г, 78г, 78г, 78г, 86г, 91г и 95г), по 2 починати од Тетово (66г и 79г), Велес (74г и 83г) и по едно починато лице од Гевгелија (82г), Кавадарци (52г), Крива Паланка (74г), Куманово (81г), Македоснка Каменица (88г), Охрид (74г) и Струмица (57г). Пријавените лица се починати во болнички услови.

Согласно Регистарот на умрени лица со дијагноза Ковид-19 од Мој Термин, пријавено е едно починато лице, од Штип (83г), со датум на смрт на 19.01.2022г. во болнички услови. Дополнително од страна на ОБ Гевгелија пријавени се 4 лица (по две лица од Дојран и Гевгелија). Починатите лица се на возраст од 74 – 91г. Починати во претходните две недели. Сите се починати во болнички услови. Од вкупниот број на починати лица осум лица се целосно вакцинирани, а кај 23 се регистрирани коморбидитети.

Досега во земјата се направени вкупно 1.755.926 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 259.328, бројот на оздравени пациенти е 230.206, на починати е 8.266, а бројот на активни случаи изнесува 20.856.

Радев со Ковачевски разговарал за впишувањето на македонските Бугари во Уставот

Macedonia- Prime Minister Dimitar Kovachevski meets with Bulgarian President Rumen Radev

Бугарскиот претседател Румен Радев пред премиерот Димитар Ковачевски изразил очекување за зголемена доверба меѓу Софија и Скопје за да се олесни работата за нерешените политички прашања, кои го попречуваат почетокот на преговорите на Северна Македонија за членство во Европската Унија, соопшти неговиот кабинет. Радев, како што се наведува во соопштението, порачал дека впишувањето на македонските Бугари во Уставот на Северна Македонија, гарантирањето на нивната рамноправност, со другите народи во земјата, ќе даде поттик и можност Бугарија да ја отвори вратата за почетокот на преговорите за членство.

„Заедно со тие механизми, кои ги разгледувавме и претходно во пакетот 5+1, веќе 4+1, ќе имаме неповратност и јасни механизми, кои ќе гарантираат и отстранување на јазикот на омраза од двете страни“, истакна Радев.

Радев, како што се наведува во соопштението, изразил надеж дека ќе има временска рамка со краткорочни задачи кои Скопје и Софија треба да ги решат пред земјата да ни даде „зелено светло“ за почеток на преговори.

Ковачевски, како што соопшти владината прес-служба, изразил задоволство од резултатите на заедничката седница со Владата на Република Бугарија, со што, според соопштението, двете земји започнуваат еден нов процес на соработка со цел да се обезбеди интензивирање и продлабочување на добрососедските односи во многу области.

„Ќе се залагаме за дијалог, рекол Ковачевски, со почитување на европските вредности и со почитување на достоинството на македонските граѓани и на граѓаните на Бугарија. Од резултатите и соработката, низ искрен дијалог, се очекува да се создадат услови за поместување во процесот на интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ, во кој Бугарија и нејзиното искуство од петнаесетгодишното членство во ЕУ може да ја преземе улогата на лидер во поддршката за евроинтеграцијата на Северна Македонија“, истакнал премиерот.

Македонскиот Владин тим предводен од Ковачевски е во дводневна посета на Софија, а денеска беше одржана заедничка седница на владите на Република Северна Македонија и на Република Бугарија во резиденцијата „Бојана“.

САД најавуваат можни санкции за Русија

Илустрација

САД и Европа се подготвени да воведат „масивни“ санкции и контрола на извозот во Русија со цел да го одврати Кремљ од потенцијален напад на Украина, изјавија високи претставници на американската администрација.

„Опциите за контрола на извозот што ги разгледуваме заедно со нашите сојузници и партнери ќе ги погодат доста тешко стратешките амбиции на Путин да ја индустријализира неговата економија“, рече еден официјален претставник.

Друг претставник на американската администрација рече дека Вашингтон работи со Брисел и другите партнери на создавање планови за вонредни ситуации доколку Русија одлучи да го прекине гасот за Европа. Русија обезбедува околу 35 отсто од европските потреби за природен гас, кои се особено акутни во зимските месеци.

Цените на европскиот природен гас веќе се блиску до рекордно високо ниво во услови на слабо снабдување. Руското прекинување може да има сериозно влијание врз европската економија.

САД разговараат со земјите од Блискиот Исток и Северна Африка за испраќање повеќе резерви во Европа, рече вториот висок претставник на американската администрација. САД исто така, бараат да го зголемат производството на течен природен гас во Европа, додаде официјалниот претставник.

Западот презема чекори за да се спротивстави на руското засилување од околу 100.000 или повеќе војници во близина на границата со Украина. Соединетите држави и НАТО претходно му порачаа на рускиот претседател Владимир Путин да се повлече од границите на Украина, предупредувајќи дека рускиот напад ќе предизвика штетни економски санкции, како и засилено присуство на НАТО во Источна Европа.

Ковачевски до Радев: Ќе се залагаме за дијалог со почитување на достоинството на двата народи

Премиерот Димитар Ковачевски денеска во Софија на средба со бугарскиот претседател Румен Радев.

Премиерот Димитар Ковачевски денеска во Софија оствари средба со бугарскиот претседател Румен Радев. На средбата, како што соопшти владината прес-служба, Ковачевски изразил надеж дека со конституирањето на највисоките државни институции после изборите, како и новиот состав на Владата во Скопје претстои период на политичка стабилност во двете земји за постигнување напредок во билатералните односи и во отворањето на заедничката европска перспектива на двете земји.

Ковачевски воедно изразил задоволство од резултатите на заедничката седница со Владата на Република Бугарија, со што, според соопштението, двете земји започнуваат еден нов процес на соработка со цел да се обезбеди интензивирање и продлабочување на добрососедските односи во многу области.

„Ќе се залагаме за дијалог со почитување на европските вредности и со почитување на достоинството на македонските граѓани и на граѓаните на Бугарија. Од резултатите и соработката, низ искрен дијалог, се очекува да се создадат услови за поместување во процесот на интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ, во кој Бугарија и нејзиното искуство од петнаесетгодишното членство во ЕУ може да ја преземе улогата на лидер во поддршката за евроинтеграцијата на Северна Македонија“, истакнал премиерот.

Во разговорот, како што се наведува, било истакнато дека средбите на високо и највисоко ниво испраќаат силна и јасна порака до јавноста и во таа насока премиерот Ковачевски и претседателот Радев се согласија дека свој придонес во таа насока се очекува и од сите идни средби на највисоко политичко ниво.

На средбата, како што соопшти владината прес-служба, Ковачевски бил придружуван од Артан Груби, прв заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Славица Грковска, вицепремиерка за политики за добро владеење, Бујар Османи, министер за надворешни работи, Фатмир Бесими, министер за финансии, Горан Милевски, министер за локална самоуправа, Бисера Костадиновска Стојчевска, министерка за култура, и Адмирим Алити, министер за информатичко општество и администрација.

Македонскиот Владин тим предводен од премиерот Димитар Ковачевски е во дводневна посета на Софија, а денеска беше одржана заедничка седница на владите на Република Северна Македонија и на Република Бугарија во резиденцијата „Бојана“.

Во Србија рекордни 19.901 заразени со ковид

Луѓе чекаат да се тестираат за ковид во Србија.

Во Србија во последните 24 часа се потврдени 19.901 случај на Ковид-19, што претставува највисок број на заболени за еден ден од почетокот на пандемијата. Како последица на вирусот починале 34 лица. На болничко лекување се 3.114 лица, а на респиратори се 131 пациент.

Досега најголем број на новозаболени во земјата имаше на 18 јануари, односно 18.006.



Османи го прифати барањето на Милошоски и ќе присуствува на Комисијата за надворешна политика

Министерот за надворешни работи Бујар Османи

Министерот за надворешни работи Бујар Османи в петок на 28 јануари ќе присуствува на седница на собраниската Комисија за надворешна политика, информираа од МНР.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието и претседател на Комисијата за надворешна политика Антонијо Милошоски претходно денеска информира дека преку писмо побарале Османи да дојде на седница на собраниската Комисија и да ги достави одговорите кои што македонската страна ги има испратено до официјална Софија за таканаречениот „план 5+1“. Тој додаде дека Османи во декември го одбил нивното барање, што, како што посочи Милошоски, е негова законска обврска за отчет пред Парламентот.

„Ова го бараме затоа што сметаме дека не е транспарентно и не е демократски доколку пратениците во софиското Собрание знаат она што македонските пратеници не го знаат и македонската јавност има право преку претставниците во Законодавниот дом да дознае за што се работи. Дали има нешто да се крие или има нешто да се разговара со сите пратеници“, изјави Милошоски.
Во писменото барање се предлага седницата да биде отворена за јавноста. Таканаречениот план 5 плус 1 го претстави бугарскиот претседател Румен Радев.

Македонскиот Владин тим предводен од премиерот Димитар Ковачевски беше во дводневна посета на Софија, а денеска беше одржана заедничка седница на владите на Република Северна Македонија и на Република Бугарија во резиденцијата „Бојана“.

Заедничките конференции се случуваат откако двете земји избраа нови влади, но преговорите за спорот меѓу двете земји траат откако Бугарија почна да ја блокира македонската европска интеграција во 2020 година, најпрво со инсистирање на теми поврзани со историјата и јазикот.

Иако двете земји во 2017 година го потпишаа договорот за Добрососедство, Софија во 2019 година го блокираше почнувањето на преговорите на Северна Македонија со Европската унија.

Отпуштен шефот на казахстанската изборна комисија, роднина на Назарбаев

Берик Имашев

Казахстанскиот претседател Касим Жомарт Токаев отпушти уште еден роднина на неговиот претходник, Нурсултан Назарбаев по смртоносните протести што ја зафатија централноазиската нација претходно овој месец.

Шефот на Централната изборна комисија, Берик Имашев е сменет од Нурлан Абдиров.61-годишниот Имашев раководеше со Централната изборна комисија од септември 2016 година. Неговата ќерка Аида Имашева е мажена за внукот на Назарбаев, Нурали Алиев.

Протестите поради ненадејното зголемување на цената на горивото брзо се проширија низ Казахстан и доведоа до насилни судири во најголемиот град во земјата, Алмати и на други места.

Економското незадоволство на демонстрантите брзо беше проследено со пошироки народни повици против корупцијата, политичката стагнација и широко распространетата неправда.

Голем дел од нивниот гнев беше насочен и кон Назарбаев, кој владееше со Казахстан од 1989 година пред да ја предаде власта. Сепак, нашироко се веруваше дека тој ја задржува контролата зад сцената.

Казахстанските власти соопштија дека 227 лица, вклучително и 19 службеници за спроведување на законот, биле убиени за време на немирите низ целата земја

Русија со воени вежби во близина на Украина

Руските воени вежби

Русија ги започна воените вежби во близина на Украина во кои учествуваат илјадници војници и десетици воени авиони. Кремљ претходно го обвини Вашингтон за „ескалација на тензиите“ со тоа што подготвува контингент американски војници за распоредување во Европа, поради постојаните стравувања дека Москва ќе го нападне нејзиниот сосед.

Западот презема чекори за да се спротивстави на руското засилување од околу 100.000 или повеќе војници во близина на границата со Украина, при што американскиот претседател Џо Бајден се консултира со сојузничките европски лидери, а Пентагон објави дека става во сила до 8.500 американски војници на „зголемена тревога“ за потенцијално распоредување за да се зајакне присуството на НАТО во регионот.

Руската војска денеска соопшти дека започнала вежби во кои учествуваат околу 6.000 војници и најмалку 60 борбени авиони во регионите Ростов и Краснодар во близина на Украина и во полуостровот Крим врз кој беше извршена анексија од Москва во 2014 година.

Портпаролот Дмитриј Песков рече дека „САД ги ескалира тензиите“ и предупреди дека Кремљ ги следи „овие акции на САД со голема загриженост“.
Нема индикации колку долго ќе траат руските вежби.

Соединетите држави и НАТО му порачаа на рускиот претседател Владимир Путин да се повлече од границите на Украина, предупредувајќи дека рускиот напад ќе предизвика штетни економски санкции, како и засилено присуство на НАТО во Источна Европа.

Француски турист осуден на 8 години затвор во Иран

Иран -- Една од последните фотографии на францускиот турист Бенџамин Бриер кој е затворен во Иран.

Францускиот турист Бенџамин Бриер, кој од пролетта минатата година е приведен во Иран под обвинение за шпионирање, е осуден на осум години затвор од страна на иранскиот суд, пренесуваат француските медиуми.

Неколку француски медиуми го цитираа адвокатот на Бриер како вели дека казната била изречена на 25 јануари.

Бриер беше обвинет за шпионирање и пропаганда против Иран, откако беше уапсен во мај 2020 година кога леташе мини-хеликоптер на далечински управувач во пустината во близина на границата меѓу Туркменистан и Иран. Осудените за шпионирање во Иран се казнуваат со смрт.

Неговото семејство вели дека тој е невин турист кој тргнал на пат во 2018 година од Скандинавија кон Иран со неговото камперско комбе.

Кон крајот на декември, 36-годишниот Французин кој се наоѓа во затворот Валикабад во градот Машхад во североисточен Иран, започна штрајк со глад во знак на протест против неговото затворање.

Лондонската полиција ќе ги истражува наводите за забавите на Даунинг Стрит

Британскиот премиер Борис Џонсон се соочува со обвинувања за наводни забави организирани на Даунинг Стрит за време на ковид рестрикциите во 2020 година.

Лондонската полиција започна истрага за забавите во резиденцијата на премиерот Борис Џонсон и во владините оддели за време на заклучувањето поради ковид пандемијата.

Комесарот на метрополитенската полиција Кресида Дик денеска изјави дека Скотланд Јард истражува „голем број настани“ откако еден ден претходно се појавиле нови наводи дека Џонсон ги прекршил правилата за заклучување, што тој ги наметнал, со присуство на роденденска забава во јуни 2020 година во неговатата резиденција на Даунинг Стрит.

Тоа се надоврза на долгата листа на наводни за прекршувања на рестрикциите на Даунинг Стрит, вклучително и за забавата „донесете сопствен алкохол“, за која Џонсон рече дека присуствувал на неа мислејќи дека станува збор за работен собир.

Наводите за „партигејт“ налутија многу Британци кои беа со месеци затворени во 2020 и 2021 година за да го спречат ширењето на КОВИД-19, предизвикувајќи ја најтешката криза во премиерскиот мандат на Џонсон, а беа поттикнати и повици за негова оставка.

Високиот државен службеник, Сју Греј, исто така води истрага за низата наводи и се очекува наскоро да ја објави.

Велика Британија е меѓу европските земји кои се најтешко погодени од пандемијата, со повеќе од 16 милиони инфекции и 154.000 смртни случаи.

Милошоски го повика Османи да достави одговори пред Комисијата за надворешна политика

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на собраниската Комисија за надворешна политика Антонијо Милошоски изјави дека преку писмо побарале од министерот за надворешни работи Бујар Османи да дојде пред Комисијата за надворешна политика во Собранието и да ги достави одговорите кои, како што се наведува, македонската страна ги има испратено до официјална Софија за таканаречениот „план 5+1“.

Милошоски вели дека во писменото барање се предлага седницата да биде отворена за јавноста и да се одржи што е можно поскоро, односно во периодот меѓу 26 јануари и 15 февруари оваа година.

„Ова го бараме затоа што сметаме дека не е транспарентно и не е демократски доколку пратениците во софиското Собрание го знаат она што македонските пратеници не го знаат и македонската јавност има право преку претставниците во Законодавниот дом да дознае за што се работи. Дали има нешто да се крие или има нешто да се разговара со сите пратеници“, вели Милошоски.

Барањето на Милошоски доаѓа додека македоснкиот Владин тим предводен од премиерот Димитар Ковачевски е во дводневна посета на Софија, а денеска беше одржана заедничка седница на владите на Република Северна Македонија и на Република Бугарија во резиденцијата „Бојана“.

На заедничката седница беа потпишани три меморандуми за земјоделство, за мали и средни претпријатија и за железничката линија Скопје-Софија.

Иако новите премиери на владите на двете земји Димитар Ковачевски и Кирил Петков на нивната втора прес конференција во последниве две недели, повеќе зборуваа за економски теми, Петков најави и нов пристап во историската комисија.

Ковачевски изјави дека во однос на политичките прашања, критериум за успешност ќе биде доколку низ разговор на сите комисии и низ политички дијалог меѓу владите, постигнат договор, со што во догледен период би била одржана прва меѓувладина конференција за Северна Македонија со ЕУ.

Милошоски вели дека Османи има законска обврска да се обрати пред Комисијата за надворешна политика.

„Сметам дека со порака преку јавноста, освен со писмено барање, ќе успееме да ги доведеме министрите во Собранието каде што имаат законска надлежност да дадат отчет за нивната работа, а Собранието да биде надзор и контрола“, нагласи Милошоски.

Заедничките конференции се случуваат откако двете земји избраа нови влади, но преговорите за спорот меѓу двете земји траат откако Бугарија почна да ја блокира македонската европска интеграција во 2020 година, најпрво со инсистирање на теми поврзани со историјата и јазикот.

Почина македонскиот диригент и композитор Александар Џамбазов

Маестро Александар Џамбазов.

Почина композиторот и диригент, маестро Александар Џамбазов на 85 годишна возраст. Тој беше автор на голем број дела од класичната музика, меѓу кои „Рапсодија за Скопје“, „Седум танцови варијации“ за пијано и оркестар, хорски композиции, голем број детски песни...

Роден на 3 февруари 1936 година во Скопје, Џамбазов музичка академија завршил во Белград, по што скоро целата кариера ја минува на работа во Македонската радио-телевизија како диригент на Танцовиот и Ревискиот оркестар.

Џамбазов има реализирано бројни концерти во живо, а добитник е на десетици награди. Тој беше иницијатор и долгогодишен диригент на фестивалот за деца „Златно Славејче“ во Скопје.

Сојузот на композитори на Македонија (СОКОМ) денеска „со огромно жалење“ соопшти дека починал Џамбазов кој беше долгогодишен член на СОКОМ.

Тој е втемелувач на македонската детска и популарна музика со голем број на изведенки, снимени, печатени и наградени дела во земјата и странство, истакнат општествен деец во целокупната музичка култура за што е добитник на 40 стручни и општествени награди и признанија во Македонија и во поранешна СФР Југославија, наведуваат од СОКОМ.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG