Достапни линкови

Власта ќе ги презентира идните активности, а опозицијата ќе напаѓа


Во пресрет на собраниската седница во петок на која мандатарот Никола Груевски ќе ја презентира владината програма и на која ќе се гласа за составот на новата влада во партиите, подготовки. Од ВМРО-ДПМНЕ најавуваат дека акцентот ќе се стави на образложување на активностите што планира да ги преземе новата влада:

„Тоа се предизвиците во делот на економијата, подигнување на стандардот, малиот број на странски инвестиции, понатаму она што се однесува на европската интеграција и спроведувањето на Рамковниот Договор. Значи ќе ги констатираме оние состојби кои што ги имаме во моментов и ќе се кажат главните визии кои ќе бидат стожер на програмата на ВМРО ДПМНЕ на Никола Груевски.“

Изјави Влатко Ѓорчев пратеник од ВМРО – ДПМНЕ. Подготовки и кај нивниот коалициски партнер Новата социјалдемократска партија:

„Ние ќе имаме средба со нашите тројца кандидати за министри, за да видиме што може од нивен аспект опозицијата да ,,нападне,, и врз основа на тоа да подготвиме одредени аргументи за да ги одбраниме конкретно нашите министри. Сепак, ова ќе биде ново искуство за седумте наши пратеници кои досега немале искуство во Парламентот.“

Информира Иван Анастасовски од НСДП.
Јани Макрадули од опозицискиот Социјал демократски сојуз вели, ќе укажеме на негативните работи:

„Ќе се обидеме да им ги пренесеме на граѓаните нашите мислења каква е програмата на владата и кои се луѓето кои треба таа програма да ја спроведат. За нас, и она што на изборите го зборувавме, политичката понуда се состои и од програма, но и од луѓе кои треба да ја спроведат, но остана само програмата на ВМРО ДПМНЕ која се преточи во програма на Владата што значи дека другите коалициони партнери не учествувале, а луѓето кои треба да ја спроведат, според нас немаат капацитет за таа програма да ја спроведат.“

Во меѓувреме ДУИ се подготвува за протести поради незадоволството бидејки е партија која доби најмногу гласови од албанскиот блок, а не е дел од Владата.
XS
SM
MD
LG