Достапни линкови

Вести

Приштина: Уапсени десетина Албанци кои го блокирале влезот на УНМИК

Косовската полиција денеска уапсила десетина албанци кои го блокирале влезот на УНМИК во Приштина во знак на протест поради разговорите со Белград за идниот статус на Косово. Демонстратите барале итно и безусловно признавање на косовската независност. Инаку, денеска во Приштина се очекува специјалниот пратеник на Обединетите нации за статусот на Косово Марти Ахтисари.

види ги сите денешни вести

Балтичките држави ќе испратат оружје во Украина

Естонија ќе испрати противоклопни ракети, а Латвија и Литванија ќе испратат против-воздушни ракети

Естонија, Летонија и Литванија најавија дека ќе и обезбедат на Украина противоклопни и против-воздушни ракети за да и помогнат на земјата во случај на можна руска инвазија. Трите балтички земји и нивните сојузиници во НАТО го објавија планот во денешната заедничка изјава.

„Земајќи го предвид зголемениот воен притисок на Русија во и околу Украина, балтичките земји одлучија да одговорат на украинските потреби и да обезбедат дополнителна помош поврзана со одбраната“, се вели во соопштението.

Во него се додава дека оваа помош дополнително ќе ја подобри способноста на Украина да ја брани својата територија и население во случај на можна руска агресија. Ројтерс, цитирајќи три извори запознаени со ситуацијата, објави дека трите балтички држави добиле дозвола за трансфер на оружје претходно оваа недела од Соединетите држави. Естонија ќе испрати противоклопни ракети, а Латвија и Литванија ќе испратат против-воздушни ракети.

Овој потег доаѓа кога односите меѓу Москва и Вашингтон и неговите сојузници се на ниска точка. Соединетите Држави и НАТО предупредија дека зголеменото масовно трупање на повеќе од 100.000 војници во близина на границите на Украина е можен вовед во инвазија.

Москва, која негира дека сака да ја нападне Украина како што го стори тоа во 2014 година, побара гаранции дека НАТО нема да дозволи поранешните советски држави како Украина да влезат во западниот воен сојуз. Вашингтон и НАТО водеа разговори со Русија, но дипломатските напори досега не успеаја да ги одмрзнат тензиите.

Нови 2.071 заразени со ковид, вкупно 11 починати

Пункт за тестирање за коронавирус во Скопје

Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа се направени 6.010 тестови, а регистрирани се 2.071 нов случај на ковид19. Од нив најмногу во Скопје – 1.047, а потоа следуваат Битола – 178, Кавадарци – 89, Куманово – 73, Тетово - 66, Гевгелија – 63, Прилеп – 47, Кочани – 42, Велес – 41, Гостивар – 39, Неготино – 37, Струмица – 33, Кичево и Ресен – по 28, Охрид, Берово и Валандово – по 25, Делчево – 24, Штип – 22, Струга и Радовиш - по 21, Свети Николе – 14, Крушево и Демир Хисар – по 11 и Богданци – 10. Неколку други градови имаат по едноцифрена бројка на новозаразени. Од вкупниот број на позитивни регистрирани се 275 реинфекции.

Во текот на изминатите 24 часа регистрирани се девет починати лица на возраст од 54 до 91 година. Од министерството информираат дека согласно регистарот на умрени лица со дијагноза ковид-19 од Мој Термин, пријавени се две починати лица од Скопје на 84 и 88 години. Од вкупниот број на починати лица четири лица се целосно вакцинирани. Во последните 24 часа регистрирани сe 1.450 оздравени пациенти.

Со ова вкупната бројка на ковид дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 252.947, бројот на оздравени пациенти е 225.056, на починати е 8.177, а бројот на активни случаи изнесува 19.714.

Влада- ЕСМ го презема управувањето и со топланата Скопје Север

Владата на денешната петта седница врз основа на овластувањата од прогласената кризна состојба во снабдувањето со топлинска енергија, го одобри договорот со кој Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) се стекна со право да управува со сите деловни активности на топланата Скопје Север АД - Скопје, со сите трансакциски сметки на Скопје Север АД - Скопје како и со наменската сметка која што топланата ќе ја отвори исклучиво за потребите на овој Договор за деловно техничка соработка. Ова вечерва го соопштија од владината прес служба.

Инаку ЕСМ од денеска го преземе управувањето со топлинската енергија од Балкан енерџи груп БЕГ. Министерот за економија Крешник Бектеши рече дека владата ќе префрли шест милиони евра на сметката на АД ЕСМ за да го преземе управувањето, дистрибуцијата, снабдувањето и производството на топлинска енергија за град Скопје за целата грејна сезона од моменталниот носител на лиценцата БЕГ.

САД, Британија и Германија демантираат дека ги финансирале протестите во Србија

Српските граѓани протестираа против рудникот Рио Тинто од ноември лани

Соединетите Американски Држави, Обединетото Кралство и Германија денеска ги отфрлија обвинувањата дека трите земји ги финансирале протестите протестите во Србија. Амбасадите на сојузничките земји објавија заедничко соопштение во кое обвинувањата се опишани како „штетни“.

„Ние безрезервно ги отфрламе сугестиите дека нашите држави, или организациите преку кои обезбедуваме техничка помош и поддршка, финансираат или насочуваат дејствија против српската влада или каква било политика што таа ја спроведува, вклучително и протести“, се вели во заедничката изјава на амбасадите во Србија.

Трите земји оценуваат дека ова е штетно и тешко разбирливо обвинување, особено, како што наведоа, кога станува збор за организации кои со години ја поддржуваат Владата на Србија и Собранието и со нив работат на реформите и развојот на демократски институции.

„САД, Обединетото Кралство и Германија се меѓу најсигурните партнери и пријатели на Србија од почетокот на процесот на демократска транзиција, обезбедувајќи финансиска помош од повеќе од три милијарди евра“, се вели во соопштението.

Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ вчера рече дека Владата на Србија ја прекинала соработката со Рио Тинто, кој го предводеше проектот „Јадар“ за експлоатација на литиум во Србија, поради барања на граѓани и неколку еколошки организации, но и поради нетранспарентноста и лошата комуникација.компанијата. На прес-конференција во Белград за прекинот на соработката со Рио Тинто Брнабиќ рече дека некои меѓународни организации од САД, Велика Британија и Германија финансираат еколошки протести во Србија, наведувајќи ги Фондацијата Рокфелер, УСАИД, Фондот отворено општество, Националната фондација за демократија, Вестминстер фондацијатс за демократија и Британскиот совет.

Еколошките организации поддржани од граѓаните кои се против експлоатација на литиум во Србија од ноември протестираат и го блокираат сообраќајот низ земјата, барајќи од владата да ја укине уредбата за просторниот план што предвидува реализација на проектот за рударство Јадар и бараа објавување на документите потпишани со Рио Тинто.

Шекеринска, Царовска, Димитров и Хоџа побарале апанажа

Поранешната министерка за одбрана Радмила Шекеринска и поранешниот вицепремиер за евроинтеграции Никола Димитров

Барање за апанажа до Собранието досега доставиле доскорешните вицепремиер за европски прашања Никола Димитров, министерка за образование Мила Царовска, и министерка за одбрана Радмила Шекеринска. Како што информира собраниската прес-служба, Комисијата за прашања на изборите и именувања претходната недела го одобрила барањето за апанажа на поранешниот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа. Тој, како што информираа од Собранието, има право на апанажа во траење од девет месеци.
Деветмесечна апанажа му е одобрена и на поранешниот заменик-министер за култура од редовите на Беса, Седат Сулејмани, кој исто како и Хоџа поднесе оставка во ноември минатата година.

Според Законот за плата и други надоместоци на пратениците и другите избрани и именувани лица, функционерите на кои им престанал мандатот имаат рок од 30 дена да се вратат на старите работни места или да побараат апанажа, која им следува во зависност од тоа колку време биле на функцијата, но не подолго од една година.

Ако мандатот на функционерот траел до шест месеци, тој има право на апанажа од три месеци. За мандат од шест до 12 месеци следува апажа половина година. Надоместокот е во траење од девет месеци за мандат од 12 до 24 месеци, а за подолг мандат од две години следува апанажа од една година. За време на остварувањето на ова право пратеникот, функционерот нема право на други примања и надоместоци на трошоц, односно апанажата ќе биде прекината, ако во меѓувреме се вработи. Надоместокот е во висина на платата што ексфункционерот ја добивал додека бил на функцијата.

Ковачевски - фон дер Лајен: ЕК го поздравува дијалогот меѓу Софија и Скопје

Македонскиот премиер Димитар Ковачевски

Премиерот Димитар Ковачевски попладневно имал телефонски разговор со Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен која ја инфомирал дека европските интеграции остануваат еден од врвните приоритети на новата Влада, информираат од владината прес служба.

„Во телефонскиот разговор стана збор и за неодамнешната посета на бугарскиот премиер Кирил Петков на Скопје, што заеднички ја оценија како позитивен чекор во надминување на разликите, и го поздравија фокусот во проекти и активности кои се важни за иднината.Премиерот Ковачевски ги реафирмираше уште еднаш македонските позиции, за македонскиот јазик и идентитет“, наведуваат од Владата.

Од таму додаваат дека претседателката на ЕК Лајен го поздравила воспоставениот дијалог на ниво на премиери меѓу двете земји и истакнала дека Брисел силно го поддржува овој процес и дека таа лично, но и целата Комисија се спремни да помогнат со цел што побрзо оддржување на првата меѓувладина конференција со Република Северна Македонија.

Бугарскиот премиер Петков неделава беше во Скопје, а по средбата со Ковачевски најавија нов пристап во преговорите меѓу двете земји за решение на проблемите поради кои Софија ги блокира македонските европски интеграции. Идната недела македонската влада ќе замине во Бугарија на заедничка седница со бугарската влада.

Во Грција откриени два случаи на подваријанта на Омикрон

Два случаи на Омикрон 2, што е подваријанта на Омикрон сојот, наречена ΒΑ.2 или 21L се откриени во Грција, кај патници кои пристигнале од странство и се наоѓаат во изолација, јави дописничката на МИА од Атина.

Од Националната организација за јавно здравје на Грција, преку соопштение обаснуваат дека конкретната подваријанта е дел од поголемата група 21M, позната како сојот Омикрон, а меѓу другите подваријанти е и 21K (ΒΑ.1) која е моментално раширена во светот.

Додават дека од новата подваријанта недостига “S-gene drop out” ή SGTF што се користи за откривање на Омикрон со молекуларните тестови и затоа ΒΑ.2 или 21L се карактеризира како подгрупа „stealth“, но и дека засега е непознато дали дополнителините седум мутации на S (Spike) протеинот ја прават новата подваријантата BA.2 поразлична и „не постојат доволно податоци дали има зголемена можност да го избегне постоечкиот имунитет или да донесе зголемено заразување“.

„Комбинираниот ефект на овие седум мутации врз својствата на вирусот во моментов е непознат“, додаваат од Националната организација за јавно здравје на Грција.

Професорот по епидемиологија и член на комисијата на епидемиолози во Министерството за здравство на Грција, Гикас Мајоркинис, говорејќи за новата подваријанта објасни дека Омикрон има две гранки, „а едната е наречена stealth – скриена гранка“, бидејќи има мутација што ја прави незабележлив при класичниот метод што се користи за да откривање. Истакна дека сè уште е рано да се каже дали и колку оваа подваријанта е позаразна.

Препорачано скратување на изолација на седум дена, Владата ќе одлучува во вторник

Илустрација - Полиција контролира дали се почитува мерката за носење заштитни маски за лице, Скопје декември 2020

Комисијата за заразни болести препорачува изолацијата на лица позитивни од Ковид-19 од десет дена да се намали на седум дена, изјави денеска министерот за здравство Беким Сали.

“На денешната седница која беше свикана по барање на министерот за здравство, членовите на Комисијата одговорија позитивно и се состанавме. На тој состанок се разговареше, и секако врз основа на следењето на трендот на одлуки кои се донесени во различни држави, кои се релевантни и се земаат за пример за споредување и врз основа на нашиот Институт за јавно здравје кој ги добива на дневна база податоците, одлуката на Комисијата е изолацијата од десет дена да се намали на седум дена“, изјави Сали за ТВ Сител.

Тој напомена дека оваа одлука не е конечна, затоа што, како што рече, во идниот период состојбата со новозарезани ќе се следи и соодветно ќе се носат препораки и одлуки. Оваа препорака на Комисијата треба да се најде на Кризен штаб во понеделник, а во вторник веќе треба да биде на седницата на Влада.

Министерот за здравство изјави и дека болничките капацитети во земјава за ковид пациенти се исполнети околу 60 отсто. Тој исто така испрати апел до граѓаните вакцинацијата да продолжи. Посочи дека се уште е рано да се зборува за укинување на Ковид-сертификатите зашто нивото на вакцинација на населението во земјава е многу помала во однос на другите земји.

Сали дојде на министерската позиција во здравство неделава. Во текот на целата пандемијата со коронавирусот со министерството раководеше Венко Филипче. Македонија во моментов се соочува со нов бран на заразени со ковид19 предизвикан од сојот омикрон.

Хрватска и се закани на Србија поради „присвојување на хрватското културно наследство“

Српскиот закон за културно наследство, според кој дубровничката литература припаѓа и на српската и на хрватската култура предизвика жестоки критики од хрватските власти и културните институции

Поради присвојување на хрватското културно наследство Србија ќе трпи последици при пристапните преговори со Европската унија, изјави хрватскиот министер за надворешни и европски работи Гордан Грлиќ Радман. Српскиот закон за културно наследство, според кој дубровничката литература припаѓа и на српската и на хрватската култура, предизвика жестоки критики од хрватските власти и културните институции.

„Присвојувањето на културното наследство на Хрватска не е во согласност со европските вредности и перспективата за која се определи Србија и сигурно ќе има одредени последици кога ќе се отворат одредени клучни поглавја, како што е образованието“, рече Грлиќ Радман денеска во Пула.

Според министерот, присвојувањето на туѓото културно наследство е скандалозно, но очигледно се вклопува во хегемонистичката политика на ширење на т.н. „српски свет“.

“Ова за нас во 21 век е неразбирливо и неприфатливо и најостро го осудуваме“, изјави Грлиќ Радман.

На 23 декември во Србија беше донесен закон со кој во стариот и редок библиотечен материјал беа вклучени изданија на дубровничката литература кои припаѓаат и на српската и на хрватската култура. На 20 јануари, српското Министерство за култура соопшти дека таквата формулација не значи дека Србија оспорува дека старата дубровничка литература била дел од хрватското културно наследство.

„Српската академија на науките и уметностите, Универзитетот во Белград, Матица Српска и други научни институции утврдија дека старата дубровничка литература е единствен феномен меѓу јужните Словени што има свои карактеристики и претставува општо добро. Врз основа на јазикот на кој е напишано, може да биде и српски и хрватски“, се вели во одговорот на Министерството.

По сообраќајката кај Сити мол- приведен возачот, се проверуваат снимките од камерите

Зградата на Јавното обвинителство во Скопје

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје синоќа извршил увид на местото на тешка сообраќајна несреќа во близина на трговскиот центар „Сити мол“ во Скопје, во која животот го загуби едно лице, а уште едно беше повредено, информираат од обвинителството.

„Според првичните сознанија, до несреќата дошло кога патнички автомобил „Цитроен Ц4“, управуван од лице на возраст од 22 години, удрил во двајца пешаци, девојка и момче на возраст од по 24 години, кои поминувале преку улицата. Од здобиените повреди, оштетената починала на лице место, додека другиот пешак е повреден и пренесен во болница“, се наведува во соопштението на Јавното обвинителство.

Од институцијата информираат дека по наредба на јавен обвинител, возачот на автомобилот веднаш по несреќата е приведен и се наоѓа во полициска станица. Во меѓувреме јавниот обвинител издал наредба за обдукција на телото на починатата, а наредено е и вештачење на примероци од крв и урина од возачот на автомобилот за да се утврди дали управувал со возилото под дејство на алкохол или други недозволени супстанции. Обвинителството издало и наредба за обезбедување на снимките од видео надзорот на местото каде се случи несреќата.

Бугарија и Романија го отфрлија барањето на Русија за повлекување на војниците на НАТО

Воена вежба на силите на НАТО во Бугарија во јуни 2021 година

Официјален Букурешт денеска го оцени како неприфатливо барањето на Русија за повлекување на странските трупи на НАТО присутни на романска територија во рамките на договорот што Москва го бара за да започне деескалација на украинската криза.

„Таквото барање е неприфатливо и не може да биде дел од предмет на преговори“, се вели во соопштението на романското МНР.

Бугарскиот премиер Кирил Петков, пак, даде изјава пред Националното собрание. Како што јави дописникот на МИА од Софија, Петков нагласил дека неговата земја сама одлучува каква политика ќе води во рамките на членството во НАТО. Договорот од Вашингтон не предвидува втора категорија на земји-членки за кои колективната одбрана е селективна или ограничена, рече Петков, кој ја повика Руската Федерација да остане посветена на конструктивен дијалог за деескалаија на тензиите и да работи за побезбедна Европа врз основа на владеење на правото и строго спроведување на меѓународните правни обврски.

Руското Министерство за надворешни работи претходно повика на повлекување на странските трупи на НАТО од двете земји-членки, Бугарија и Романија, велејќи дека е потребно „повлекување на странските сили, опрема и оружје“, како и други мерки за враќање на ситуацијата од пред 1997 година во земјите кои тогаш не беа членки на НАТО.

ЕУ воспостави минимално присуство во Кабул

Кабул

Европската унија соопшти дека повторно воспоставила „минимално присуство“ на својот персонал во Кабул за да го олесни доставувањето хуманитарна помош за Авганистан, земјата разорена од војна, во која талибанците летоска повторно ја презедоа власта.

„Нашето минимално присуство во Кабул во никаков случај не треба да се смета како признавање“ на режимот на власт, напиша во соопштение Петер Стано, портпарол на шефот на европската дипломатија Жозеп Борел.

Тој рече дека тоа јасно им било назначено на талибанците на власт.

Претходно, авганистанското Министерство за надворешни работи објави дека повторно се отвора амбасадата на ЕУ со странско присуство во Кабул, првпат по пет месеци.

Ниедна земја досега не ја призна владата на талибанците. Меѓународната заедница чека да види како талибанците, исламистички фундаменталисти, имаат намера да владеат со земјата, откако при претходното нивно владеење од 1996 до 2001 година во голема мера ги кршеа човековите права.

Талибанците уверуваат дека се модернизирале, но жените и понатаму главно се исклучени од јавни служби, а средните училишта за девојчиња во голема мера се затворени.

Неколку земји, меѓу кои Пакистан, Русија, Кина, Турција, Обединетите Арапски Емирати и Иран, ги задржаа отворени своите амбасади во Кабул и после победата на талибанците кон средината на август, но ниту тие земји не ја признаа талибанската влада.

Западните дипломати почнаа да го евакуираат својот персонал во првото полугодие од 2021 година, кога американските сили го почнаа конечното повлекување од Авганистан. Повлекувањето заврши кон крајот на август со хаотична евакуација на 120 илјади луѓе, откако талибанците по брза постапка ја освоија земјата.

Ангелов - Над браната Матка можен одрон на карпа од 20 тона

кањон Матка, архивска фотографија.

Известување од ЕВН за нестабилна карпа во реонот на кањон Матка доби Центарот за управување со кризи, соопшти на денешната прес-конференција директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.

Карпата се наоѓа на стотина метри високо над самиот ѕид на браната и тежи околу 20 тона, рече Ангелов и додаде дека испратиле барање до повеќе релевантни институции коишто треба да излезат на терен и да проверат.

„Се работи за голема кинетичка енергија. Кога оваа карпа би паднала во браната има неколку потенцијални правци на движење. Бидејќи самата карпа се наоѓа блиску до сртот и врз правецот можат да влијаат повеќе фактори. Воедно, при лизгањето на оваа карпа можат да бидат предизвикани лавина од други камења и карпи што би паднале најверојатно во водата во близина на ѕидот. Од првичните информации што ги имаме од ЕВН, овие карпи не би ја загрозиле самата брана и ѕидот, но ние дополнително сакаме да ги провериме ваквите податоци“, вели Ангелов.

Во однос на снежните врнежи Ангелов истакна дека во овој момент се проодни правните правци и оти има забрана само на превозот за тешки моторни возила. Во планинските села вообичаено за овој дел од годината патиштата не се проодни, но ќе бидат исчистени во следниот период.

Директорот на ЦУК додаде дека доколку некој граѓанин во кој било дел на територијата на државата има сериозен животозагрозувачки проблем, ЦУК ќе најде начин како да дојде до него.

Блинкен и Лавров без договор за клучните прашања

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

Шефовите на дипломатиите на САД и на Русија одржаа уште една рунда разговори во Женева, постигнувајќи само мал напредок во обидот да се смират повеќенеделните тензии поради загриженоста дека Русија ќе ја нападне Украина и покрај предупредувањата од Западот дека ќе сноси тешки последици за тоа.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска разговараа околу 90 минути во обид да спречат можна војна во Европа. Москва бара отстапки од НАТО во односите со Украина.

Во изјавата по завршувањето на средбата, Лавров рече дека се надева дека „емоциите ќе се намалат“ по „искрените“ разговори со САД кои беа „отворени“ и „корисни“, иако немаше напредок во разговорите кои треба да ги премостат длабоките несогласувања меѓу Москва и Западот.

Блинкен, пак, предупреди на „обединет, брз и остар“ одговор доколку Русија навистина ја нападне Украина, но нагласи дека Вашингтон останува отворен за изнаоѓање дипломатско решение за кризата. Блинкен треба да одржи брифинг со новинарите после Лавров.

Се проценува дека Русија има распоредено 127 илјади војници во близина на границата со Украина и во окупираниот Крим, што ги зголеми западните стравувања дека Москва подготвува воена акција против Украина.

Москва негира дека планира инвазија, но бара гаранции дека НАТО нема да се проширува во Украина и во другите поранешни советски републики.

Русија го анектираше Кримскиот Полуостров од Украина во 2014 година и ги поддржува сепаратистите во конфликтот во источна Украина, во кој од 2014 година загинаа над 13 илјади луѓе.

Владата ќе му префрли шест милиони евра на ЕСМ за да го преземе парното

Владата ќе префрли шест милиони евра на сметката на АД ЕСМ за да го преземе управувањето, дистрибуцијата, снабдувањето и производството на топлинска енергија за град Скопје за целата грејна сезона од моменталниот носител на лиценцата БЕГ, потврди денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

Овие средства, како што кажа Бектеши при денешната посета на Општина Сарај, ќе се користат и во делот на плаќањето на разликата од реалната и постојната цена на топлинска енергија за цела 2022 година.

Прашан дали само шест милиони евра ќе бидат доволни за целата грејна сезона, Бектеши рече дека таквите проекции се направени од страна на ЕСМ, Регулаторната комисија за енергетика и раководството на ЕСМ – Енергетика, која произведува топлинска енергија, согласно постојните цени и берзанските цени на природниот гас за јануари.

Тој рече дека со оглед на движењето на цените на гасот, таа сума може да биде и помала.

АД ЕСМ го презеде работењето со БЕГ до завршувањето на кризата со снабдување со топлинска енергија, откако компанијата за снабдување со топлинска енергија побара државата да го преземе управувањето оти немаат пари за набавка на гас.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG