Достапни линкови

Иран, Северна Кореја, трговската соработка и пиратеријата меѓу двете земји


Кинескиот претседател Ху Џинтао, кој е во посета на Соединетите Држави, денеска во Вашингтон ќе разговара со американкиот претседател Џорџ Буш. Како што е најавено, теми ќе бидат нуклеарните програми на Иран и на Северна Кореја, меѓусебната трговска размена и пиратеријата. Американскиот трговски дефицит во размената со Кина изнесува над 200 милјарди долари.

Кинескиот лидер Ху Џинтао вчера го отфрли американското барање за ревалоризација на домашната валута јуанот, со цел американските производи да бидат поконкурентни во Кина. Зборувајки пред неколку стотици работници во компанијата Боинг во близина на Сиетл, Џинтао најави дека Кина ќе купи 600 авиони во наредните 5 години и уште 2 илјади до 2021-ва година.

„Сакам да им кажам на американците дека од стартот на политиката на реформи во Кина, бележиме значителен економски развој. Настојуваме да ја модернизираме нашата земја, а истовремено сме подготвени за соработка во интерес на меѓународниот мир и просперитет.“

Американскиот претседател Џорџ Буш се надева дека ќе го убеди Џинтао, Кина да ја смени својата позиција во врска со иранската нуклеарна програма. Аналитичарот Мајкл Свејн смета дека успех би било и доколку Кина барем малку го промени ставот.

„Не верувам дека бушовата администрација очекува да се најде некаво решение, туку барем да ги убеди кинезите дека една од опциите можат да бидат и санкции против Иран.“

Според аналитичарот Минксин Пеи, Џорџ Буш и Ху Џинтао ќе ја искористат средбата за да покажат дека двете земји, и покрај разликите, меѓусебно се респектираат и оти не треба да се очекуваат некои конкретни резултати.

„Мислам дека и двете страни играат добра игра со мали очекувања од оваа посета. Ако не се случи ништо, ќе биде успех, а ако има некаков напредок, тогаш тоа ќе биде спектакуларен успех.“

Инаку, американските компании приговараат на фактот дека кинеските заработуваат милијарди долари со нелегално користење на интелектуалната сопственост, односно со пиратерија, пред се на софтвери. Многумина во Конгресот бараат од Буш да превземе соодветни мерки, но претсседателот одбива, оценувајки дека протекционизмот би бил погрешен потег.
XS
SM
MD
LG