Достапни линкови

Постојат ли нови проблеми, покрај веќе постоечките!?


Се создаваат ли за Македонија нови проблеми со соседите покрај веќе постоечките, меѓу кои спорот со Грција во врска со уставното име на земјава. Претставниците на партиите на србите во Македонија сметаат дека во последниве години се влошуваат и односите со Србија и Црна Гора и како примери ги посочуваат случајот со Вранишковски потоа последните изјави на премиерот Бучковски кој рече дека очекува да се договори средба на која ќе се добие потврда од косовскиот премиер Агим Чеку за северната граница и слично. Во последно време има позитивен развој на односите меѓу државите во регионот, но тоа не е случај со Македонија и Србија и Црна Гора, смета Иван Стоиљковиќ претседател на Демократската партија на србите кој посочува:

„Дојде до помирување или дојде до добра соработка пред се меѓу државите кои претходно беа вклучени во воените дејствија на просторите на поранешна Југославија и тука како пример се односите меѓу Србија и Хрватска. Спротивно на тоа сосема оправдано се наметнува прашањето, како може односите меѓу Србија и Хрватска да бидат далеку подобри, од односите меѓу Србија и Македонија.“

Од што произлегуваат дилемите за карактерот на билатералните односи, Димитар Мирчев професор на Факултетот за општествени науки вели:

„Многу често заради недоволна информираност, заради недоволни билатерални комуникации, па се создаваат некои вештачки проблеми кои неодат во корисит ниту на едната, ниту на другата страна.“

Мирчев смета дека кога станува збор за црквеното прашање, политиката и државите треба да се одделат од тоа, а за севрната граница прашањето е пошироко и е во врска со нашиот став за статусот на Косово за што Македонија треба да биде единствена:

„Дека ние сме заинтересирани за постоење на еден ентитет што е демократски и сме заинтересирани за економска-културна и политичка соработка. Дали тоа ќе биде во границите на Србија и Црна Гора или пак само на Србија, или пак ќе биде независен ентитет, мислам дека за нас тоа треба да биде второстепено.“
XS
SM
MD
LG