Достапни линкови

Минимални шанси за демаркацијата на границата кон Косово


Македонските власти сакаат да покажат пред јавноста дека докрај се залагаат прашањето со демаркацијата на граничната линија кон Косово треба да се затвори пред решавањето на конечниот статус на Косово, иако се свесни оти шансите за такво нешто се минимални. Меѓународната заедница преку претседателот на Пактот за Стабилност Ехард Бусек ја испрати пораката дека сега е многу тешко тоа прашање да се затвори пред завршувањето на преговорите меѓу Приштина и Белград, вели професорот Билјана Ванковска:

„За жал оваа последна констатација на претседателот Црвенковски е нешто што нашата Влада го тврди во последните две години и постојано се зборува за некакво лобирање кај ОН, кај Г-8 кај другите моќни центри со надеж дека прашањето ќе го затвориме пред преговорите. Во овој момент сметам дека тоа е сведено на минимум и пораката на Бусек дојде токму во тој момент, да ни каже дека тоа е реалноста и дека треба да се стрпиме за да видиме како ќе течат преговорите.“

За Мерсел Биљали советник на премиерот Владо Бучковски прашањето на демаркацијата на граничната линија кон Косово е техничко прашање кое ќе се реши паралелно со финалниот статус:

„Прашање на техника е како ќе се спроведе тоа, мислам дека имајќи во предвид дека најверојатно преговорите за конечниот статус на Косово, нема да завршат со заедничко решение на двете страни, така што решението ќе се наметне. Во тој став на меѓународната заедница, најверојатно ќе се оди на тоа дека Косово ќе се прогласи за држава со условна независност, меѓутоа во постојните граници и без право да се приклучува кон друга држава, така што паралелно значи, може да се решава и ова прашање.“

За професорот Ванковска решавањето на ова прашање по финалниот статус на Косово влева реален страв во Македонија:

„Ова создава не само една доза на реален страв, туку создава и можности за измислени стравови и манипулации, затоа што им давате аргумент на некои кругови да тврдат, дека ете тука постои коспирација, дека некој друг ќе одлучува за судбината на Македонија, дека тоа не е затворено прашање како што сакаме да веруваме.“

„Не верувам во тоа, бидејќи Косово најнапред ќе биде под силен странски мониторинг така што првенствено односите кон соседите тие треба докрај да ги релаксираат и тоа ќе биде услов без кој нема да се може.“


изјавија професорот Билјана Ванковска и Мерсел Биљали советник на премиерот Влладо Бучковски.
XS
SM
MD
LG