Достапни линкови

Различни мислења за тезите на Буш


Американскиот претседател Џорџ Буш во годинашново обраќање до нацијата изјави дека неговата строга политика, воено реализирана во Ирак, придонесла и за добри резултати надвор од таа земја. Дали аналитичарите на меѓународните односи сметаат дека ова тврдење на Буш е валидно.

Во обраќањето до нацијата пред две години, претседателот Буш ги нарече Ирак, Иран и Северна Кореа за оска на злото. Потоа Соединетите Држави интервенираа за симнување на ирачкиот претседател Садам Хусеин. Либија и Иран пак, веќе презедоа конкретни чекори на соработка со меѓународната заедница околу нивните програми за нуклерано вооружување. Некои аналитичари сметаат дека Буш има право да кредитира од ваквиот развој на настаните што и го стори во годинашното обраќање до нацијата. Еден од нив е пензионираниот полковник Кенет Алард кој оценува дека силните зборови проследени со воена акција се конзистентни со долгорочната филозофија во американската надворешна политика.

„Вие треба да го земете претседателот Буш многу сериозно, не поради она што тој го зборува, туку поради она што тој го прави. Тоа беше случај не само со Либија, туку и со Сирија и Иран и уште еднаш ја потврдува идејата ,,зборувај меко, но носи си голем стап,,. Тоа е многу старо правило во американската надворешна политика и, функционира.“

Вели Алард. Во извесен дел со ова негово мислење се согласува и Тед Карпентер кој е потпретседател на приватниот Кејто институт за политички истражувања со седиште во Вашингтон.

„Политиката на Буш спрема Ирак имаше ефекти и врз Либија. Но, исто така е вистина дека Либија се приближуваше кон меѓународната заедница во изминативе шест, седум години. Нејзината поголема соработка околу случајот Локерби на пример, беше постигната откако европските земји и ветија дека ќе и ги укинат санкциите. До тоа дојде уште пред Џорџ Буш да стане претседател.“

Карпентер исто така смета дека попуштањето на Иран околу неговата нуклеарна програма повеќе е резултат на европските и руските напори, отколку на американските. Слично, вели тој е и со Северна Кореа, која се согласила да се откаже од својата програма за нуклеарно оружје откако врз неа голем притисок извршија Русија, Јапонија и Кина.
XS
SM
MD
LG