Достапни линкови

Многу нејаснотии


Според впечатокот на претставниците на локалната самоуправа, предлозите на владата за новата територијална поделба со која се предвидува Скопје да го сочинуваат девет општини содржат многу нејаснотии. Аце Миленковски, градоначалник на општина Чаир, општина кон која, според моделот на владата треба да се припојат делови од Центар и Шуто Оризари, со што доминантно население во таа општина ќе биде албанското вели дека:

„Тоа е една голема опасност, етничка бомба или гето во центарот на Скопје, коешто може понатаму може да предизвика уште понерамномерен развој на градот Скопје. Суштината е многу битна, а суштината вели дека нема друга логика, освен етничкиот пазар меѓу СДСМ и ДУИ, дека механичкиот прилив на населението што и со пописот го докажаа ќе мора да го оправдаат преку одредени ситуации со законот за локална самоуправа, односно територијална поделба.“

Според новиот закон Скопје ќе го сочинуваат девет општини, од кои покрај Бутел, што ќе се формира со прекоројување на општината Чаир треба да се формира уште една нова општина Аеродром, со прекројување на општина Кисела Вода. Градоначалникот на таа општина Љупчо Димов, коментирајќи го ова решение вели:

„Јас лично ако тргнам од аспект дека во вкупното досегашно функционорање, ниту еден проблем, од многуте проблеми што сме ги имале не го врзувам ниту за големината на општината, ниту за досегашните граници, така што сметам дека поместувањето или промената на границите не оди или не решава ништо посебно. Ќе разговараме за тоа дали Кисела Вода треба да биде поделена или треба да биде едно.“

Решенијата во предлог-законот ќе бидат предмет на анализа меѓу претставниците на локалната самоуправа во наредниот период, кога општините ќе ги добијат текстовите на законот, додава Димов. На потребата од пристап до нив, упатува и градоначалникот на Арачиново Решад Ферати, коментирајќи го решението што е содржано во законот за Скопје, со кое како алтернатива се остава можноста Арачиново да влезе во состав на Скопје, како десетта општина, тој вели:

„Со тоа мислам дека се ставаме во улога на еден експеримент. Мислам дека Арачиново треба да биде посебна општина и да бидеме дел од градот, којшто ние партиципираме.“

Ресорниот министер Александар Гештаковски потребата од припојување на Арачиново како општина што ќе биде под капата на градот, претходно ја објасни како потребна со оглед на случувањата од воениот конфликт, кога кризата ескалираше во Арачиново.
XS
SM
MD
LG