Достапни линкови

Задачата станува се потешка


Првите денови од војната во Ирак беа лесни. На американците можеше да им биде простено за сликата дека конфликтот ќе биде чист и релативно без жртви. Но, преку викендот, тие на бојното поле се соочија со смрт, човечки грешки и други трагедии, пишува Њујорк Тајмс оценувајќи: Задачата да се победат ирачките најдобри трупи и да се освои Багдад, а во исто време и да се контролира останатиот дел од земјата, станува се потешка.

Најтешките настани преку викендот се случија во Насирија каде што американските сили водеа жестоки битки – во прва фаза од градското војување – со ирачките војници за клучната крстосница кај Реката Еуфрат. Мала група американски војници, дел од единицата за логистика, беше заробена. Тоа, според Њујорк Тајмс, ја рефлектира темната страна на американското напредување, бидејќи, како што наведува весникот, оние сили што се зад првата линија на фронтот можеби се соочуваат со смртна опасност од ирачките единици кои претходно биле лесно поминати. Тоа може да е случај и со јужен Ирак кој од пред неколку дена, според сојузниците, е под нивна контрола. Деновите што следуваат ќе покажат дали американската одлука да се тргне кон Багдад со релативно мала инвазиска сила – помогната од надмоќна воздушна и ракетна поддршка – била и мудра. Предноста на таа стратегија, велат воените аналитичари, е во брзината – се избегнува неколкумесечното разместување на големи сили и вооружување. Лошата страна е во тоа што во позадината на силите што напредуваат не постои никаква безбедност. Тоа, според Њујорк Тајмс, е опасно, не само за американските војници и хуманитарните работници, туку и за ирачките цивили. Немањето поредок во тие градови може да експлодира во долготрајни етнички или религиозни тензии. Весникот додава дека највознемирувачките настани преку викендот беа оние загуби што сами ги сторија американските сили. Во првиот инцидент американска ракета од типот Патриот урна британски авион што се враќал по извршената задача. По се изгледа, вели весникот, малку нешто е сторено за да се избегне таканаречниот пријателски оган кој во претходната Заливска војна предизвика многу сојузнички загуби. Вториот вознемирувачки инцидент, како што посочува Њујорк Тајмс, е нападот во заднинската база во Кувајт од страна на еден разочаран американски војник, за кој се вели дека бил муслиман, при што загинал еден, а биле повредени многу други војници. Ако нешто не учи овој тажен настан, смета весникот, тогаш тоа е дека војната го предизвикува најекстремното во човечкото однесување.Во првите денови на војната гледавме како американските војници им даваат помош на ирачките затвореници и како ирачаните ги пречекуваат како ослободители американците и британците. Сега почнуваме да гледаме нешто друго, како ирачките цивили можат да се претворат во смртоносни војници. Вистинската војна штотуку започна, заклучува Њујорк Тајмс.
XS
SM
MD
LG