Достапни линкови

Сојузничките сили напредуваат без поголем отпор од војската на Ирак


Западните новински агенции јавуваат дека сојузничките сили при денешното напредување низ ирачката пустина кон Багдад досега не наишле на поголем отпор од ирачката армија. Колоната од две илјади тенкови, борбени коли и камиони, која своето движење го започна синоќа од кувајтската граница, според последните информации, влегла најмалку сто и пеесет километри на ирачка територија. Репортерот на Радио Слободна Европа Рон Синовиц кој е заедно со американската Трета пешадиска дивизија јавува дека на навлегувањето на ирачка територија му предходеа интензивни артилериски бомбардирања врз ирачките позиции ва близина на кувајтската граница.

„Има масовно движење на американските сили. Според оригиналните борбени планови требаше копнената офанзива да стартува по два дена на воздушни удари. Но, плановите беа забрзани откако Ирак истрела Скад ракети врз Кувајт.“

Тоа беше нашиот репортер Рон Синовиц. Агенциите јавуваат дека напредувањето на некои единици на американските маринци било забавено поради тоа што наишле на антитенковски отпор. Има извештаи дека денеска биле забележани и ексползии во градовите Басра на југот и во Мосул на северот на Ирак. Засега постојат контрадикторни информации дали британските и американските војници го освоиле многу важното ирачко пристаниште Ум Касар, како што се јави кувајтската новинска агенција. Асошиетед прес и ирачката телевизија јавуваат дека пристаништето се уште било под контрола на ирачките трупи. Британскиот министер за одбрана Џеф Хун денеска потврди дека сојузничките сили таму наишле на силен отпор, но оти успеале да го освојат полуостровот Фао. Претходно претставник на британската армија соопшти дека девет британски и четворица американски војници загинале откако се урнал нивниот хеликоптер. Тој додаде дека нема докази оти хеликоптерот бил цел на напријателски оган. Си-Ен-Ен прикажа снимки на заробени ирачки војници од страна на британските сили. Не се посочува местото каде што тие биле заробени, освен дека станува збор за јужниот дел на Ирак. Американскиот секретар за одбрана Доналд Рамсфелд синоќа изјави дека сојузничките команданти пред се ќе инсистираат на предавање на ирачките војници.

„Притисокот врз ирачкиот режим, на таков начин, продолжува. Се надеваме дека тоа е можно и покрај тоа што тие нема да бидат без целосна воена опрема и без воен бес.“

изјави Рамсфелд кој додаде дека она што ќе се случува во Ирак нема да биде повторување на некој претходен конфликт. Според американски воени извори, сегашните операции против Ирак не претставуваат почеток на најавената масовна копнена инвазија. Во меѓувреме, ирачкиот амбасадор во Обединетите Нации Мухамед ал Дури ја обвини Светската организација дека не презема ништо да ја спречи, како што рече, агресијата врз неговата земја:

„Американско-британската коалиција сега влегува во нова фаза на влегување преку ирачката граница и има намера да го зазаме Ирак. Тоа е кршење на Повелбата на Обединетите Нации. Советот за безбедност треба да ја преземе својата одговорност и да најед мировно решение за проблемот.“

изјави ирачкиот амбасадор Ал Дури. Од друга страна, во Вашингтон е соопштено дека расте бројот на земјите кои ја поддржуваат коалицијата во нејзината акција за разоружување на ирачкиот режим.

„Над четириест земји сега ги поддржуваат нашите напори. Им благодариме за нивната решителност, ја цениме нивната визија и ја поздравуваме нивната поддршка.“

рече американскиот претседател Џорџ Буш по состанокот на неговиот кабинет во Белата Куќа.
XS
SM
MD
LG