Достапни линкови

Вести

Брисел: Посета на американска делегација во врска со Ирак

Претставници на американските власти од денеска се во посета на Велика Британија и на седиштето на НАТО во Брисел. Целта на овие посети е Соединетите држави да се консултираат за ирачката криза, но и да се осигураат дека Ирак се согласува со последната резолуција на Обединетите нации за разоружување во оваа земја.

види ги сите денешни вести

Ковачевски: Ова не е дипломатската победа на Русија, туку на ОБСЕ

Македонскиот премиер Димитар Ковачевски во своето обраќање на 30-тиот Министерски совет на ОБСЕ, 30 ноември 2023 година
Македонскиот премиер Димитар Ковачевски во своето обраќање на 30-тиот Министерски совет на ОБСЕ, 30 ноември 2023 година

„Народот во Украина заслужува мир и војната мора да запре, постигнувањето на праведен и одржлив мир преставува императив. Оваа војна продолжува да ги поткопува и темелите на ОБСЕ, затоа како клучно безбедносно прашање на нашиот регион, централен приоритет за нашето претседавање е суштинска поддршка за Украина“.

Ова го изјави македонскиот премиер Димитар Ковачевски во своето обраќање на денешниот 30- ти министерски состанок на ОБСЕ кој се одржува во Скопје.

„Секој изминат ден и изгубени животи, се сурова потврда на оцената дека воената агресија претставува акт на флагрантно кршење на Повелбата на Обединетите нации, принципите и заложбите на ОБСЕ, како и основните премиси на меѓународното право, но пред сè на вредностите на хуманоста“, додаде Ковачевски.

Коментирајќи го бојкотот на одредени земји кои не испратија свои министри на состанокот, премиерот рече дека тоа е на некој начин порака за, како што посочи „неоправданата агресија на Русија врз Украина“.

„Ова апсолутно не е никаква дипломатска победа на Русија, ова е дипломатска победа на ОБСЕ со оглед на тоа дека беше доведено во прашање функционирањето на ОБСЕ. Со ова ОБСЕ ќе продолжи да функционира, ќе продолжи да биде гарант на обезбедување на развој на демократските и на мирните процеси во Европа,“ рече Ковачевски.

Тој информираше дека нема да има средба со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

Во својот говор посочи дека во рамки на македонското претседавање со ОБСЕ должно внимание е посветено и на сите замрзнати конфликти и регионални нестабилности низ ОБСЕ регионот, како процесот за решавање на Транснистрија, ситуацијата во Јужен Кавказ и кризата во Нагорно Карабах, тензиите на северот на Косово.

Две лица загинаа во напад на автобуска станица во Ерусалим, повредени се уште шестмина

Пукање на автобуска во Ерусалим, 30 ноември, 2023 година
Пукање на автобуска во Ерусалим, 30 ноември, 2023 година

Две лица загинаа кога двајца напаѓачи отворија оган на автобуска станица во преградието на Ерусалим за време на утринскиот шпиц, пренесува Би-Би-Си.

Како последица на овој напад загина 24-годишна жена, како и маж на возраст од околу 70 години кој починал во болницата, соопшти израелската брза помош.

Во нападот исто така се повредени и шест лица. Израелскиот министер за надворешни работи рече дека двајцата „тешко вооружени“ напаѓачи се неутрализирани.

„Двајцата терористи пристигнаа на местото на настанот во возило вооружени со огнено оружје. Овие терористи пукаа кон цивили на автобуска станица, а потоа беа неутрализирани од силите на безбедност“, соопшти полицијата.

Овој напад пак доаѓа во време кога примирјето меѓу Израел и Хамас е продолжено за уште еден ден, како што соопшти катарското Министерство за надворешни работи.

Хамас ослободува по 10 израелски заложници дневно во замена за 30 палестински затвореници, а Израел дозволува дополнителна помош за Газа.

Продолжувањето на примирјето пак ќе им овозможи на преговарачите да продолжат да работат на договори за размена на заложници со затвореници.

Нема закажана средба Баербок - Лавров во Скопје

Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок и македонскиот шеф на дипломатијата Бујар Османи
Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок и македонскиот шеф на дипломатијата Бујар Османи

Германската министерка за надворешни работи, Аналена Бербок, засега нема закажано средба со шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, на маргините на Министерскиот совет на ОБСЕ што се одржува во Скопје.

Од кабинетот на Берборк за РСЕ изјавија дека шефица на германската дипломатија очекува на овој состанок да се зајакне улогата на ОБСЕ. Таа смета дека е добро што ќе биде избран следниот претседавач со ОБСЕ, Малта, како и другите четири позиции во меѓународната организација. Со тоа ОБСЕ ќе ја истакне својата улога на меѓународната политичка сцена.

Во Скопје се одржува Триесеттиот министерски совет на Организацијата за безбедност и соработка во Европа - ОБСЕ, на кој учествуваат околу 1000 делегати од 57 земји членки на Организацијата и земји партнери.

На најголемиот меѓународно-политички настан организиран во земјава од независноста, присуствуваат шефовите на дипломатиите на најголем број од земјите-учеснички на ОБСЕ - САД, Канада, Велика Британија, министри од земјите-членки на ЕУ и на НАТО, од Медитеранот, Блискиот Исток и Централна Азија.

Наместо преку Бугарија, Лавров стигнал во Скопје преку Турција и Грција

Прелет на летот на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:16 0:00

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во средата вечерта со авион пристигна во Скопје за да учествува на самитот на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) преку Грција, а не како што претходно беше најавено преку Бугарија.

Бугарија дозволи авионот со Лавров да лета над нејзина територија, но побара портпаролката на МНР, Марија Захарова, која исто како и шефицата на дипломатијата е на списокот на санкционирани лица поради руската агресија врз Украина, да не биде во авионот.

Захарова рече дека одлуката на бугарските власти да го одбијат прелетувањето на авионот на рускиот министер за надворешни работи е „опасна глупост“, пренесе руската државна новинска агенција ТАСС.

Меѓутоа, Министерството за надворешни работи на Бугарија во понеделникот соопшти дека дало дозвола за летот на авионот со Лавров за да учествува на состанокот на ОБСЕ, но не и на членовите на неговата делегација кои исто така се под санкциите на Европската Унија.

Захарова на Телеграм наведе дека „за прв пат во историјата државните органи забранија не авион, туку лице во авионот, бидејќи, според нота од бугарскиот дипломатски оддел, на авионот на руското Министерство за надворешни работи му беше дозволено да прелета“.

Наведувајќи дека е во Скопје, Захарова на Телеграм напиша дека „тоа не е само глупост, туку опасна глупост на некој интригант во бугарските владини структури“.

Лавров пристигна на состанокот на ОБСЕ
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:13 0:00

Во меѓувреме грчкиот министер за надворешни работи Горгиос Герапетритис изјави дека нема да присуствува на состанокот на ОБСЕ поради презафатеност.

Шаленберг: Ги разбирам украинските пријатели што го бојкотираа состанокот, но ОБСЕ ни е потребна за дијалог

Министерот за надворешни работи на Австрија, Александер Шаленберг
Министерот за надворешни работи на Австрија, Александер Шаленберг

ОБСЕ е Организација со 57 земји членки на еднакво рамниште и верувам дека сме добро советувани да ги чуваме правилата, договорени пред повеќе декади и да се однесуваме еднакво кон сите, изјави австрискиот министер за надворешни работи Александер Шаленберг, на пристигнувањето на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје.

Во однос на откажаните присуства на некои од делегациите поради рускиот министер Сергеј Лавров, Шаленберг рече дека целосно ги разбира, но и дека верува дека ова е организација што ни е потребна за дијалог.

„Целосно ги разбирам, особено украинските пријатели кои одлучија да не присуствуваат, но верувам дека ова е се уште Организација што ни е потребна, не само за односите кои се особено тешки со Русија, но и за централна Азија и Јужен Кавказ. Затоа, потреба ни е оваа платформа за дијалог и ако ја гледате состојбата на глобалните односи верувам дека во иднина, потребата од ОБСЕ ќе биде се поголема, а не помала“, изјави Шаленберг пред почетокот на состанокот.

Шаленберг, во изјава за австриските медиуми пред денешниот Министерски совет на ОБСЕ во Скопје, апелираше до сите држави членки да дадат конкретен придонеси за зајакнување на Организацијата, оценувајќи дека ОБСЕ во моментов е на „апарати за преживување“ и затоа очекува поголема посветеност од сите држави за одржување на ОБСЕ.

Учеството на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на Министерскиот совет во Скопје, за Шаленберг е можност за соочување со агресорот наместо да се избегнува конфронтација. Западните земји, според него, не треба да се плашат од интеракција со Русија.

Тринаесет загинати во пожар во хостел во Казахстан

илустрација
илустрација

Во пожар во хостел во центарот на Алмати, во Казахстан, загинаа 13 лица, соопштија властите во четвртокот.

Полицијата во Алмати соопшти дека девет жртви се државјани на Казахстан, додека другите четворица се странци - двајца руски државјани и двајца државјани на Узбекистан, јави казахстанската служба на РСЕ.

Службата за итна помош соопшти дека во хостелот кој се наоѓал на приземјето и подрумот на трикатницата имало 72 лица, од кои голем дел странци.

Причина за смртта е труење со јаглерод моноксид, соопштија властите и додадоа дека е формирана комисија која ќе ги испита причините за пожарот.

Градоначалникот на Алмати, Ерболат Досаев изјави дека според прописите на Министерството за здравство, забрането е сместување на гости во подруми.

Одделот за итни случаи на Алмати соопшти дека хостелот, кој наводно бил отворен пред месец и половина, не добил дозвола за работа. Хостелот бил опремен со аларм за пожар кој се вклучил, но зградата ги немала задолжителните противпожарни апарати.

Еден од луѓето кои престојувале во хостелот, Казахстан од јужниот регион Жамбил, го опишал инцидентот за казахстанскиот информативен портал Тенгрињуз.

„Кога избувна пожарот се вклучи алармот, наоколу имаше чад. Сите трчаа во собите за да ги разбудат другите. Сите трчаа на улица, но јас не можев да го видам пожарот. Имаше седум соби на прв кат, по седум луѓе. Таму живееле главно Казахстанци“, рекол човекот.

Алмати, град со 1,8 милиони жители, беше главен град на Казахстан до 1997 година, но останува главен трговски и културен центар на централноазиската земја.

Примирјето меѓу Израел и Хамас продолжено за уште еден ден

Палестински затвореници ослободени по договорот меѓу Израел и Хамас (илустрација)
Палестински затвореници ослободени по договорот меѓу Израел и Хамас (илустрација)

Посредникот Катар соопшти дека Израел и екстремистичката група Хамас се договориле за уште еден ден привремено олеснување.

Преговорите за второто продолжување дојдоа во последните моменти пред крајот на примирјето, со несогласувања во последен момент околу заложниците што Хамас треба да ги ослободи.

„Привременото примирје е продолжено под истите услови како и првото продолжување“, соопшти катарското Министерство за надворешни работи.

Хамас ослободува 10 израелски заложници дневно во замена за 30 палестински затвореници, а Израел дозволува дополнителна помош за Газа.

Продолжувањето ќе им овозможи на преговарачите да продолжат да работат на договори за размена на заложници со затвореници.

Претходно и Хамас објави дека се согласил да го продолжи примирјето со Израел за уште еден, седми ден, пренесе Ројтерс.

Ова доаѓа откако израелските одбранбени сили соопштија дека прекинот на огнот ќе продолжи, без да прецизираат колку долго.

Израелската армија соопшти дека примирјето со Хамас ќе продолжи „во светло на напорите на посредниците да го продолжат процесот на ослободување на заложниците“.

„Ова ќе биде предмет на условите на договорот, се додава во соопштението од израелските одбранбени сили.

Почина американскиот дипломат Кисинџер

 Хенри Кисинџер
Хенри Кисинџер

Познатиот американски дипломат и научник Хенри Кисинџер, кој остави неизбришлива трага во надворешната политика на САД, почина синоќа на 100-годишна возраст во својот дом во Конектикат, соопшти консултантската компанија „Кисинџер асосиејтс“.

Кисинџер беше дипломат, политиколог, геополитички консултант и политичар кој работеше како државен секретар и советник за национална безбедност во претседателските администрации на Ричард Никсон и Џералд Форд.

Тој беше награден со Нобеловата награда за мир во 1973 година за неговиот придонес во преговорите за прекин на огнот во Виетнам.

Тој е роден во Германија, во баварскиот град Фурт, по завршувањето на Првата светска војна. Неговите родители Евреи, сфаќајќи што може да се следи откако Хитлер дојде на власт, ја напуштија Германија во 1938 година. Пет години подоцна Кисинџер стана натурализиран Американец, веднаш се вклучи во американската армија и како разузнавачки офицер учествуваше во петнеделната Битка за Ардените.

По Втората светска војна, се запиша на Харвард, каде што дипломираше и докторираше и почна да го трасира патот во владините структури.

Почнува министерскиот состанок на ОБСЕ во Скопје

илустрација
илустрација

Во Скопје денеска започнува Триесеттиот министерски совет на Организацијата за безбедност и соработка во Европа - ОБСЕ, на кој учествуваат околу 1000 делегати од 57 земји членки на Организацијата и земји партнери.

На најголемиот меѓународно-политички настан организиран во земјава од независноста, присуствуваат шефовите на дипломатиите на најголем број од земјите-учеснички на ОБСЕ - САД, Канада, Велика Британија, министри од земјите-членки на ЕУ и на НАТО, од Медитеранот, Блискиот Исток и Централна Азија.

Состанокот започна со неформалната вечера синоќа (29 ноември) на која меѓу другите, присуствуваа и државниот секретар на САД Ентони Блинкен и потпретседателот на Европската комисија и висок претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Жозеп Борел, кои си заминуваа непосредно по вечерата.

Тие се разминаа со шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров кој во Скопје пристигна доцна синоќа. Средба на Блинкен со Лавров не беше најавена, а и Борел пред доаѓањето изјави дека нема да разговара со рускиот министер за надворешни работи.

Блинкен во Скопје го пречека премиерот Ковачевски, а имаше средба и со министерот за надворешни работи и претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи. На двете средби Блинкен ја потврди американската поддршка за членство на земјава во ЕУ и го истакна придонесот на земјава како НАТО-сојузник.

„Морам да ви кажам колку сме благодарни на вашето претседавање со ОБСЕ во многу тежок период. Завршивте исклучително добра работа, успеавте да ја проширите мисијата на ОБСЕ и покрај значителните пречки. Знам дека бевте подготвени да продолжите, но мило ми е што Малта ја преземе палката“, рече Блинкен.

Тој нагласи дека САД силно ја поддржуваат нашата европска интеграција, работата за зајакнување на демократските институции, за поголема енергетска диверзификација во регионот и пошироко.

„Во сето ова можете да сметате на САД како силен партнер и затоа една од причините поради кои сум тука оваа вечер не е само заради ОБСЕ туку и за Северна Македонија и да покажам колку го цениме партнерството кое го имаме“, нагласи Блинкен кој е првиот државен секретар на САД кој ја посетил земјава.

Борел пак на заедничката прес-конференција со Ковачевски порача дека Министерскиот состанок на ОБСЕ во Скопје ќе биде добра прилика министерот за надворешни работи на Русија Лавров, да чуе директно од учесниците зошто Русија е осудена и изолирана, а потоа ќе може да се врати во Кремљ и да пренесе дека ЕУ и ОБСЕ остануваат обединети во осудувањето на агресивното и незаконско однесување на Русија.

„Вашата одлука да дозволите Лавров да учествува е во согласност со нашата заедничка цел да го одржиме мултилатерализмот жив и Лавров треба повторно да слушне од сите зошто ја осудуваме Русија и зошто ја изолираме. Ова е добра прилика за него да чуе директно од учесниците на овој состанок зошто Русија е осудена и изолирана, а потоа ќе може да се врати во Кремљ и да му каже на господарот на Кремљ дека ЕУ и ОБСЕ остануваат обединети во осудувањето на агресивното и незаконско однесување на Русија. Тоа ќе биде навистина многу корисно од оваа гледна точка“, рече Борел по средбата со премиерот Ковачевски.

За доаѓањето на шефот на руската дипломатија Лавров, земјава и Бугарија времено ги суспендираа санкциите воведени од ЕУ за прелети на руски авиони поради руската агресија на Украина.

По потврденото присуството на Лавров, форумот решија да го бојкотираат министрите за надворешни работи на Украина Дмитри Кулеба и на балтичките земји - Естонија, Летонија и Литванија. Ним синоќа им се придружи и Полска.

Русија константно ја опструира работата на ОБСЕ во која се одлучува со консензус блокирајќи повеќе одлуки што беа од нејзин интерес. Досега неколку пати стави вето на кандидатурата на Естонија за претседавач во 2024 година, го блокираше буџетот на организацијата, стави вето и за теренските мисии во Украина.


Министерскиот совет во Скопје ќе го означи крајот на едногодишното претседавање на Северна Македонија со ОБСЕ. Нов претседавач ќе биде Mалта откако во понеделникот беше постигнат компромис меѓу земјите-членки по ветото од Русија и Белорусија за Естонија.

Министрите за надворешни работи во Скопје ќе разговараат и за прашањето на буџетот на Организацијата, како и за мандатите на четворица високи функционери на ОБСЕ, вклучително и германската дипломатка Хелга Шмид како генерален секретар. Нивните мандати истекуваат на 4 декември, а се уште нема договор дали и кој ќе ги наследи, поради забелешките на Русија и Белорусија.

Министерскиот совет на ОБСЕ ќе го следат над 300 новинари од земјава и од странство. Поради одржувањето на министерскиот состанок, со одлука на Владата, вработените во државната и јавната администрација на територијата на градот Скопје вчера работеа до 12 часот, а денеска е неработен ден како за државната и јавната администрација, и за основните и средните училишта на подрачјето на главниот град. Дел од сообраќајниците низ градот по кои ќе минуваат странските делегации и денеска ќе бидат затворени за сообраќај.

Рускиот шеф на дипломатијата Лавров пристигна во Скопје

Сергеј Лавров на аеродромот во Скопје, 29 ноември 2023 година
Сергеј Лавров на аеродромот во Скопје, 29 ноември 2023 година

Руското министерство за надворешни работи соопшти дека, доцна синоќа (29 ноември) на Меѓународниот аеродром „Скопје“ слетал авионот на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров. Лавров бил пречекан од рускиот амбасадор во земјава Сергеј Баздникин.

Рускиот шеф на дипломатијата ќе присуствува на Триесеттиот министерски совет на Организацијата за безбедност и соработка во Европа - ОБСЕ, на кој учествуваат околу 1000 делегати од 57 земји членки на Организацијата и земји партнери.

На најголемиот меѓународно-политички настан организиран во земјава од независноста присуствуваат шефовите на дипломатиите на најголем број од земјите-учеснички на ОБСЕ - САД, Канада, Велика Британија, министри од земјите-членки на ЕУ и на НАТО, од Медитеранот, Блискиот Исток и Централна Азија.

Шефот на руската дипломатија пристигна во Скопје по завршувањето на неформалната вечера на министрите за надворешни работи и шефовите на делегации на земјите членки на ОБСE. На вечерата, меѓу другите, присуствуваше и американскиот државен секретар Ентони Блинкен, кој пристигна во Скопје во среда попладне. Веднаш по нејзиното завршување, околу 21 часот, шефот на американската дипломатија замина од земјава, во посета на Израел.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG