Достапни линкови

Абдурахман Алити, лидер на ПДП. Судбоносни избори за Македонија


Од какво значење се изборите 2002 за иднината на Македонија?

Обично за изборите, било тие да се локални или парламентарни, се вели дека се значајни, многу значајни итн. Мислам дека овие избори за граѓаните на Република Македонија се судбоносни. Од нив ќе зависи по кој пат ќе тргне Република Македонија, какви политички и други процеси ќе се одвиваат во иднина. Ќе зависи многу од политичките единки на кои ќе им падне во задача да ја водат земјата во наредните четири години, во која насока ќе се движиме и како држава, и како народ. И, конечно, дали објективно присутните проблеми во Република Македонија ќе ги решаваме според европските модели на цивилизираните земји, или на балкански начин. На тоа прашање овие избори ќе дадат одговор.

Каква е перспективата на меѓуетничките односи во мултиетничка заедница каква што е Македонија?

Мислам дека охридскиот рамковен договор обезбедува добра основа за градење на добри меѓуетнички односи во Република Македонија. Пред идниот парламент, пред идната влада, ќе се постават многу суштествени задачи околу тоа како ќе се имплементира и како ќе функционира во практиката тој договор и какви практични резултати ќе даде имплементацијата на тој договор. Затоа мислам дека доколку граѓаните на Република Македонија изберат паметна власт, тоа ќе профункционира и можеме да се надеваме дека ќе имаме добри меѓуетнички односи. Доколку тоа не биде случај, се плажам дека работите ќе земат друг тек, дека се можни и разни манифестации на незадоволства – пак на балкански начин.

На кој начин Македонија ќе обезбеди позабрзано асоцирање во ЕУ и членство во НАТО?

Прво морам да констатирам дека шансите на Македонија едно време беа многу добри и бевме многу блиску до европските интеграциони процеси. За жал, сега сме малку оддалечени од тоа. Во поглед на тоа што значи економски развој на земјата, сведоци сме дека оваа власт урна се што беше добро. Исто така, оваа власт, условно речено, им објави војна и на европските интеграции, и на НАТО, и на САД и на тој начин навистина многу не оддалечи од нив. На идната власт ќе и падне во задача да поправи се што досега е разурнато и потоа да почнат позабрзано да градат стандарди кои значат приближување, па дури и зачленување на Република Македонија во тие европски интеграции. Секој граѓанин, секоја власт, секоја политичка партија во Македонија, треба да биде свесна за тоа дека местото и иднината на Македонија е во европските интеграции. Иднината на Република Македонија е и во НАТО и безбедноста, сигурноста на граѓаните и на државата треба да се бара и најде во тие интеграции.
XS
SM
MD
LG