Достапни линкови

Земјите кандидати за членство во ЕУ и НАТО во пат позиција


Европската Унија ги отфрли американските критики поради барањето земјите кандидати за членство да не потпишуваат билатерален договор со САД за имунитет на американските војници пред меѓународниот кривичен суд. Спорот околу имунитетот, последен во низата недоразбирања меѓу американската администација и Европската Унија околу меѓународниот кривичен ги става во мошне тешка ситуација земјите кандидати за членство во НАТО и Европската Унија, оценуваат аналитичарите.

Американската администрација бара од земјите во светот да им гарантираат на американските мировници имунитет пред новооснованиот меѓународен кривичен суд, во спротивно Вашингтон се заканува дека ќе ја укине воената помош. Освен Израел и Романија ниту една земја досега не го потпиша овој договор. Но чекорот на Романија - земја кандидат за членство во Европската Унија ја потикна администрацијата во Брисел отворено да побара од земјите кандидати да се воздржат од потпишување таков договор со САД се додека земјите членки не заземат заеднички став околу ова прашање . Но европско-американското несогласување околу статусот на американските мировници пред Меѓународниот Кривичен суд ги става во мошне деликатна ситуација земјите што сеуште не се членки на НАТО или Европската Унија . Аналитичарот на бугарскиот сервис на Радио Слободна Европа Ѓорѓи Стојчев оваа ситуација ја илустрира со примерот на Бугарија

„Како земја која сака да се приклучи кон НАТО и Европската Унија Бугарија со години се обидува да ја следи западната надворешна политика. Но во случајот со меѓународниот кривичен суд за неа тоа е практично невозможно бидејќи самиот Запад е поделен околу ова прашање. Така што Бугарија ќе треба или да го одбие барањето на Америка да потпише билатерален договор или да го прифати наспроти препораката на Европската Унија. Практично таа е принудена да избира меѓу Европа и Америка, меѓу про-европска или про-американска позиција.“

Стојчев вели дека оваа деликатна позиција ќе ја принуди владата во Софија да заземе политика на чекање и купување време, особено во пресрет на најавеното проширување на НАТО. Но токму ова, за аналитичарот на лондонскиот центар за европски реформи Хетер Грејби, е причина повеќе за земјите кои очекуваат покана за влез во Алијансата да побрзаат да го задоволат Вашингтон. Проблемот се комплицира поради немањето јасен и унифициран европски став околу ова прашање вели Грејби

„Тоа е веќе причина за полемика во рамките на Европската Унија и го отежнува нејзиното настојување да им наметне јасна позиција на земјите кандидати за членство.“

Советот на министрите за надворешни работи на земјите членки на Европската Унија кон крајот на месецов треба да расправаат за ова прашање. Во меѓувреме земјите-кандидати претпазливо го одложуваат одговорот на барањата од Вашингтон.
XS
SM
MD
LG