Достапни линкови

Се жалат на празни каси, а потфрлаат во наплатата на данок на имот


илустрација
илустрација

За две третини од регистрираниот имот во Скопје не се плаќа данок на имот, зошто Градот нема пристап до податоците на Катастарот, вели градоначалничката Данела Арсовска. Од Агенцијата за катастар велат дека податоците не можат да ги обезбедат бесплатно како што бараат општините. Ниту една Влада до сега не нашла решение праведно за сите граѓани да плаќаат данок на својот имот.

Шеесет проценти од граѓаните во Град Скопје не плаќаат данок на имот, алармира градоначалничката Данела Арсовска. Таа вели дека во овој момент Градот има генерирано 245.000 решенија за данок на имот, додека како што посочува, бројката на вкупен имот регистриран во Агенцијата за катастар на недвижности е три пати поголема.

Проблемот ,според Арсовска, е што град Скопје и општините немаат посебна законска можност за директно преземање на овие податоци од системот на Агенцијата за катастар на недвижности, за да може праведно на сите сопственици на имот да им испорачаат соодветни решенија за данок на имот.

„Разговаравме со Владата да се надмине овој предизвик зошто граѓаните се доведуваат до една ситуација каде што дел од нив се повластени и со тоа се избегнува праведно и правично оданочување. Две третини од сите сопственици на имот во рамки на градот не се регистрирани за да може да им се испорача соодветно решение“, вели Арсовска за Радио Слободна Европа.

За да може Градот да изготви решение за данок на имот граѓанинот сам треба да пријави во град Скопје, преку системот од каде што по автоматизам доаѓаат податоците во истиот момент со нотарските заверки. Останатите податоци Градот ги добива од легализациите кои тие ги поднесуваат до општините, а општините пак по службена должност ги доставуваат до Градот.

Катастарот бара пари по 20 денари од парцела

Од Агенцијата за катастар на недвижности пак, велат дека вината не е кај нив, посочувајќи дека Агенцијата може да ги обезбеди податоците кои ќе и ги побара Град Скопје или друга општина по цена од 20 денари за катастарска парцела.

„Од ЗЕЛС побараа од нас сите податоци од Катастарот да им ги дадеме бесплатно. Јас веќе остварив средба со вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и образложив дека тоа не може да се случи. Прво, поради законската пречка, затоа што општините и единиците од локалната самоуправа ги добиваат овие услуги со плаќање на надоместок. Но, за да излеземе во пресрет ние овој надоместок кој изнесуваше 50 денари според претходниот тарифник, го намаливме на 20 денари по катастарска парцела“, вели директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Борис Тунџев.

Но, тука не завршува проблемот. Општините бараат кога ќе добијат список со индикации за секоја недвижност, во него да го има и единствениот матичен број на субјектот.

„Ние таква законска можност немаме, односно ако издадеме таков податок ќе го прекршиме Законот за заштита на лични податоци. Ние не смееме во постапките кога подносител е трето лице да дадеме матичен број на податок од имотен лист или од базата на податоци“, додава Тунџев.

Има ли решение за проблемот?

Иако општините податоците ги добиваат без матичен број, сепак, постои можност тие да дојдат до податоците кои им се потребни, за да може да го подготват решението за данок на имот, посочуваат од Катастарот.

„Нашите податоци во секој момент се нови. Вие денеска ја купувате базата на податоци, со пресек за денеска, списокот ви ги генерира податоците кои ви требаат но, без матичен број. Нивна задача е да си седнат, да си ги споредат базата со нивните податоци и од тој момент да почнат да си ги одржуваат податоците, затоа што секој документ за секоја трансакција оди прво во општината“, објаснува Тунџев.

И градоначалничката Арсовска вели дека проблемот може да се реши, но само ако постои политичка волја кај централната власт.

„Меѓуинституцинално може да се реши, на тоа чекаме да се најде соодветен механизам од страна на централната власт, можеби ќе треба и законодавната да се вклучи во тој процес, но она што го знам е дека ако се сака да се најде решение на проблемот ќе се најде“, убедена е Арсовска.

Од Министерството за локална самоуправа велат дека се запознаени со проблемот и правен тим работи на изнаоѓање решение. Сепак, оттаму додаваат дека нема да биде едноставно и брзо правното разрешување на оваа ситуација.

Уште еден начин како да им се помогне на општините за да ја зголемат наплатата на данок на имот е апликацијата „Регистар на улици и куќни броеви“ изработена од Агенцијата на катастар. Според неа, секој објект е снимен и поврзан со конкретна улица, а апликацијата нуди можност да го добиете бројот на имотниот лист и името на сопственикот. Податоците за улиците и куќните броеви се фактичка состојба од терен и тоа велат од Агенцијата е уште еден начин како општините да воспостават ефикасен и унифициран адресен регистар.

Оваа апликација е во функција повеќе од шест месеци, но според директорот Тунџев, нејзе ја користат само две од вкупно 81 општина во Македонија.

Наплата на данок на имот-стара болка на општините

Општината Арачиново е постојано посочувана како општина која има нула наплата на данок на имот. Но, градоначаникот на Арачиново, Ридван Ибраими вели дека овој тренд наскоро ќе се промени.

После многу години со поддршка на УСАИД изработен е софтвер и општината конечо почнала да ги изготвува првите решенија за данок на имот.

„За прв пат после толку години од 2000 година жителите на општина Арачиново почнаа да плаќаат данок на имот. Виновници не се жителите, туку тие кои управувале со општината и не изготвиле решенија. Јас решив да го завршам тоа и имам одлична соработка со граѓаните. Еве веќе доброволно си доаѓаат луѓето во општината и самите бараат да добијат решение за данок на имот. Во моментот повеќе од 300 илјади денари имам прилив од данок на имот“, изјави градоначалникот Ибраими.

Според член 26 од Законот за Град Скопје, 50% од акумулираната вредност од наплатата на данок на имот е за општините, а 50% за Градот. Некои општини сметаат дека овој процент е низок и бараат поголема стапка, со образложение дека општините треба да бидат понезависни и поефикасни во спроведувањето на предвидените проекти.

Според едно истражување на Центарот за граѓански комуникации, општините во Полошкиот регион во просек собираат речиси двојно помалку средства од данок на имот споредено со оние од Вардарскиот. Општините Маврово и Ростуше, Студеничани, Долнени и Центар Жупа се последни на листата на општини чија наплата на данок на имот е ниска.

Иако на некои граѓани им одговара тоа што нивниот имот не е регистриран, поради што не добиваат решенија за данок на имот и не го плаќаат, градоначалниците посочуваат дека голем дел од инвестициите што ќе се реализираат на територијата на општините, зависат токму од тој данок.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG