Достапни линкови

Ниските капитални инвестиции му ги „врзуваат рацете“ на бизнисот


Економскиот раст во изминатава деценија можеше да биде двојно повисок, ако паметно и целосно се реализираа предвидените капитални инвестиции, покажува симулацијата на Центарот за економски анализи.

Ако капиталните инвестиции во изминатава деценија се реализирале како што било планирано во првичниот буџет, вкупниот економски раст ќе беше повеќе од двојно повисок, покажува симулацијата на Центарот за економски анализи. Според нивниот извештај, во периодот од 2010 до 2018 година, вкупниот економски раст бил скоро 14 отсто, но ако капиталните инвестиции се реализирале според планираното, растот ќе беше над 20 проценти. Ако на тоа се пресмета и зголемениот извоз поттикнат од поголемите капитални инвестиции, вкупниот раст тогаш ќе беше скоро 33 проценти. Тоа значи дека поради нереализирање на капиталните инвестиции БДП-то на државата е за 2 милијарди евра понизок и сега изнесува околу 11 милијарди евра.

Весна Гарванлиева од Центарот за економски анализи вели дека со адекватни и стратешки капитални инвестиции, како инвестиции во патишта, железници или мостови, се унапредува и конкурентноста на фирмите, а со тоа се зголемува и нивниот потенцијал за извоз, што уште толку би го зголемил растот на економијата.

„Со креирањето на таа физичка инфраструктура, на пример, се подобруваат условите во коишто функционираат бизнисите и со тоа им се зголемува конкурентноста на странските пазари. Една форма преку која може да се мери конкурентноста е преку извозот на реалниот сектор“, вели Гарванлиева.

Сепак, иако капиталните инвестиции во инфраструктура или во унапредување на продуктивноста и конкурентноста поттикнуваат раст на економијата, тие речиси никогаш не се реализираат според планираното. Секоја година се трошат по стотина милиони евра помалку од планираното.

Симулација на економскиот раст, кога капиталните инвестиции би се реализирале според планираното. Извор: Центар за економски анализи
Симулација на економскиот раст, кога капиталните инвестиции би се реализирале според планираното. Извор: Центар за економски анализи

Гарванлиева посочува, - тоа покажува дека треба да се унапреди системот на планирање. Потребна е и подолгорочна стратегија за капитални инвестиции, вели таа.

„Циклусот на капиталните инвестиции како проект е многу подолг од една година како што е буџетскиот процес. Затоа треба да инсистираме што поскоро да се направат повеќегодишни рамки за планирање на јавните финансии, посебно за капиталните инвестиции, во коишто ќе имаме и адекватна стратегија“, вели таа.

Во буџетот за годинава беа предвидени капитални трошоци од 422 милиони евра, но со ребалансот тие беа скратени на 370 милиони евра. Според податоците на Министерството за финансии, за 11 месеци од годинава, потрошени се помалку од половина од овие пари, односно само 180 милиони евра. Ова е една од најслабите стапки на реализација во изминатата деценија. Послаба година била само минатата, кога за 11 месеци се реализирале 47 отсто од предвидените инвестиции.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG