Достапни линкови

Колку тежи МПЦ – што истражува УЈП?


МПЦ под лупа на УЈП
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:42 0:00

МПЦ под лупа на УЈП

МПЦ под истрага на УЈП. Владиката Тимотеј вели дека не знаел. Од УЈП, пак, за РСЕ велат дека ја утврдуваат фактичката состојба на МПЦ. Документите до кои дојдовме покажуваат дека МПЦ е богата институција со имот од кој може да остварува приходи, но во изминатава декада Црквата на државата ѝ прикажала само една сметка.

Кога купувате во продавница, 18 проценти од парите што сте ги потрошиле за храна одат во државната каса. Ако седнете со пријателите на кафе или пиво во бар, една голтка од пијалакот го добива државата. Работодавачот за тоа што ве ангажира плаќа персонален данок, а од секоја остварена добивка за државната каса мора да одвоите 10 проценти.

Но, ако сте православен верник и од црквата побарате, на пример, поп да ви го крсти детето или да отпее молитва за душата на покојниот член од вашето семејство, парите за таа услуга не подлежат на данок и завршуваат само во црковната каса.

За крштевка во Скопје ви се потребни најмалку 4000 денари, за свадба црквата наплаќа околу 6000 денари, а за погреб верниците треба да издвојат по 3000 денари. Тоа значи дека годишно црквата од овие услуги инкасира стотици илјади евра.

Според законот за верските заедници, нивните приходи може да доаѓаат од верската дејност или од имотот со кој располагаат, како и од нивните финансиски трансакции кои подлежат според регулативата на трошењето на финансиски средства за непрофитни организации и организации од јавен интерес.

И до тука сè е според законот.

Но, освен приходите од верниците, во јавноста е непознато во кои бизниси МПЦ има удели. Познато е дека поседуваат објекти, кои дел од манастирите ги користат и за религиски туризам.

3400 имотни листови на името на МПЦ. Колку тежи МПЦ?

Во секое село, во секој град, низ целата земја, Македонската православна црква има парче имот. Милиони метри квадратни во пасишта, ниви, шуми, овоштарници, лозја и станови се само дел од имотот што црквата го има во сопственост или пак има законско право на користење на тој имот, покрај црковните храмови.

Според податоците кои ги добивме од Катастарот, сопственичкото право на МПЦ е заведено на 3400 имотни листови од кои 2267 се однесуваат на парцели, а 1133 имотни листови за градби. Дел од тоа се црковни храмови, дел пак, се објекти кои се изградени на имот кој бил во сопственост или за него МПЦ поседува корисничко право. На дел од парцелите во Скопје има изградено станбени згради во кои дел од имотот и припаѓа на Црквата.

Во распределбата на земските блага, една третина од имотот во државава е народен, еден ѝ припаѓа на државата, а еден пак го има во сопственост црквата, ни рече во неформален разговор еден од свештениците со кои разговаравме.

Само на територијата на Скопје Македонската православна црква располага со тапии заведени во Катастар за 260 парцели и 85 објекти.

Имотен лист на МПЦ и илустрација на парцели во Катастар
Имотен лист на МПЦ и илустрација на парцели во Катастар

Според документите со кои располагаме, најимотна е скопската епархија на чија територија е и седиштето на МПЦ и Синодот. Но, под нејзина закрила не е само имотот во Скопје, туку и храмови и црковен имот кои се наоѓаат на територија на други градови. Располага со над 600 тапии за парцели, а по неа по имотност е и Дебарско-кичевската епархија со над 150 тапии на кои е заведена сопственост или право на користење на имот.

Граѓаните кои се сопственици на недвижен имот се должни на општината да ѝ исплатат данок на имот кој се одредува со даночна стапка од 0,1 процент до 0,2 проценти од вредноста на имотот што ќе ја одреди општината. А висината на данокот зависи и од тоа дали живеете на адресата на која е имотот што се даночи или не. Но, според Законот за имот, верските заедници се ослободени од плаќање на данок на имот.

Според дел од аналитичарите, спорна е нетранспарентноста на МПЦ која остава простор за сомнеж за начинот на кој таа ги остварува приходите со користењето на недвижнините, односно дека под житото се тркала и нешто што не се вклопува во етичките и религиозните норми на црквата.

Згради, паркови, дуќани се дел од имотот на МПЦ

Голем дел од црковниот имот во Скопје е на атрактивни локации во центарот на градот и во општината Кисела Вода. На еден од имотните листови кои ги разгледавме, Црквата е косопственик на неизградено градежно земјиште во општина Кисела Вода со големина од 1200 метри квадратни. Според друг имотен лист во истата општина е косопственик на зграда за семејно домување. Во строгиот центар на Скопје располагаат со парк од 1500 метри квадратни на локација меѓу црквата „Св. Богородица“ и новоизградениот Факултет за драмски уметности. Во скопската чаршија, според имотниот лист, се сопственици на мал имот врз кој постои дуќан во кој е сместена продавница за оптика.

Имотен лист на МПЦ и илустрација на парцели во Катастар
Имотен лист на МПЦ и илустрација на парцели во Катастар

Спроти Зеленото пазарче во центарот на Скопје, МПЦ – Дебарско кичевската епархија е косопственик на плац врз кој е изградена висококатница.

Во еден од имотните листови во битолскиот крај во Катастарот како ваковски односно црковен имот на Манастирот Св. Меркјуриј е заведена нива од 19.221 метри квадратни. Меѓу приватните лица кои се косопственици на оваа нива е заведена и фирмата ЗКП Пелагонија.

Црквите и манастирите кои се под капата на МПЦ располагаат со илјадници хектари шуми, ниви и ливади.

Од оние документи во кои можевме подетално да извршиме увид, јасно е дека МПЦ располага со шуми и земјиште со големина од најмалку пет илјади фудбалски игралишта. На пример на еден имотен лист каде се заведени неколку парцели во Националниот парк Галичица има 1630 хектари пасишта, 190 хектари ниви и над 700 хектари шума, кои се во сопственост на Дебарско-кичевската епархија. Под превезот на тајноста е како МПЦ стопанисува со шумите. ​Пред една година во преспанскиот крај жители на село Јанковец се побунија на обидот на Владиката Петар да исече неколку хектари шума со цел, како што вели, да се изгради нов манастир на местото на веќе постоечкиот.

УЈП не открива детали од истрагата, МПЦ молчи

Управата за јавни приходи неодамна отвори истрага за утврдување на фактичката состојба на Црквата, односно дали и за што не платила данок кон државата. Една од причините за оваа е неодамнешната афера со фирмата „Обновители“ во која Црквата има удел. Фирмата го купи атрактивниот плац кај Холидеј ин. Ако се реализира проектот во целост, Црквата ќе стане побогата за деловен простор во вредност од неколку милиони евра.

Од УЈП за РСЕ велат дека во тек е проверка на фактичката состојба и утврдување дали МПЦ должи давачки кон државата за рента на објекти или за одредени стопански дејности.

„Секоја дополнителна информација во овој момент би значела прекршување на Законот за даночна постапка во делот на даночна тајна“, е одговорот што го добивме, без при тоа да наведат дали инспекторите воопшто побарале документација од МПЦ за нивната фактичка состојба, или истрагата тапка во место.

Владиката Тимотеј вели дека нема никакви информации за некаква истрага и дека не може да коментира нешто што не знае. На прашањето дали некој инспектор од УЈП воопшто им побарал некаква документација вели дека нема сознанија за такво нешто.

„МПЦ е едно правно лице, и ако барале, тоа значи дека барале од Архиепископија, тие се засега единствени регистрирани во Регистар, а јас не сум овластен и не можам да кажам ништо, затоа што не знам“, ни одговори владиката Тимотеј.

Но, веќе една недела и од Архиепископскиот управен одбор кој е одговорен за финансиите не одговараат на прашањата што им ги испративме. Побаравме коментар за истрагата на УЈП како и информации за обврските како правно лице кон државата.

Еден од свештените лица со кои разговаравме од МПЦ ни посочи дека секоја епархија има свое сметководство кое на крајот на годината во вид на завршна сметка и предлог буџет го доставува до Архиепископскиот управен одбор.

Според податоците од Централниот регистар, МПЦ поднела годишна сметка само во 2012 година, односно не поднела годишна сметка за период 2012 до 2017 година, но и за годините претходно. Конкретно за 11 години, Црквата поднела само една завршна сметка, што би значело дека една декада Црквата не ги подмирува своите обврски кон државата.

Според економските правила на државата, непријавувањето на завршна сметка после две години повлекува бришење од Централниот регистар, што само по себе укажува дека државните институции замижуваат пред Црквата и нејзините обврски.

Паркингот кај ГТЦ.
Паркингот кај ГТЦ.

Неодамна Синодот се огласи во јавноста откако беше повикан околу градежната парцела од 13 илјади метри квадратни спроти ГТЦ.

„Македонската православна црква е институција со најдолговековна традиција на постоење на овие простори. Тоа придонело Црквата да поседува свој имот со чие управување не се нарушени ниту црковните канони, ниту, пак, Божјите заповеди, а е во согласност со државните закони. МПЦ има потреба од грижа и негување на земни блага за добробит на својата структура, па од таа причина таа е повикана, имотот кој го поседува домаќински да го стопанисува, а преку тоа да може да ја извршува својата мисија и исконска примарна задача за доброто на својот верен македонски народ“, пишуваше во писмената реакција на МПЦ.

Аналитичарите велат Црквата е привилигирана

Аналитичарите сметаат дека привилегираната положба на Црквата доаѓа од нејзиното долгогодишно шурување со секоја власт.

Ана Јаневска – Делева од Транспарентност Македонија вели дека државата треба сериозно да се зафати со испитување на тоа што МПЦ купува или продава имот и со тоа зошто приложиле само една завршна сметка за неколку години, бидејќи, како што вели, се работи за големи суми на пари.

„Секое правно лица, па и најмал субјект со еден вработен, во случај да не поднесе завршна сметка подлежи на закон. А кај нив (МПЦ) знаеме дека не се мали парите, таму има големи профити, многу пари има во МПЦ, самото тоа кажува дека шуруваат со секоја власт, соработуваат со секоја власт, не само со ВМРО-ДПМНЕ. Толку години ниту една власт сериозно не се заземала со овој случај, ајде сега да ја видиме сегашната власт“, вели Јаневска- Делева.

Од друга страна, пак, поранешниот претседател на Комисијата за верски заедници Цане Мојановски вели дека законот за правна положба на црквата не го регулира прашањето за стопанските дејности на црквата, но ниту го забранува, па тоа прашање се регулира со законот за положбата на трговските друштва. Значи МПЦ е обичен правен субјект.

„Тогаш тие имаат апсолутно иста правна положба како сите други субјекти, во таа смисла не постои каква било привилегија или положба на верските заедници во однос на остварување на стопанските дејности“, вели тој.

Мојановски смета дека државата треба да даде одговори зошто се правени исклучоци и дали само кон таа организација имало исклучоци што се однесува на необјавувањето на завршните сметки.

„Правната положба на ниту еден субјект не е зависна од тоа кој се јавува како содружник, односно како основач на фирмата, во таа смисла одговорот тешко може да се понуди врз основа на тоа што медиумите го пласираат во јавноста во врска со положбата на таа фирма“, вели Мојановски.

Јаневска – Делева додава дека се потребни нови законски решенија за верските заедници со кои ќе се контролира влезот и излезот на пари.

„Тука може да се поврзе и тоа што тие во бизнисите не влегуваат сами, тука вмешуваат и други фирми, што, ако знаеме дека МПЦ нема обврска да плаќа данок на имот се поставува прашањето дека многу е веројатно дека се перат пари, се сокрива данок, и државата е таа единствена што треба да се зафати со овој случај, повеќе да го истражи и да има санкции, бидејќи сите знаеме дека МПЦ има станови, располага со голем имот низ цела Македонија, не се само цркви, тоа е имот. Еве сега и последниот случај со парцелата кај Холидеј Ин. Знаеме дека ја поседуваат поранешната печатницата Гоце Делчев во Центар, така што сметам дека државата е таа која што треба да се зафати со овој случај“, вели Јаневска – Делева.

Во меѓувреме возниот парк на МПЦ честопати ја брануваше јавноста. Од скапите автомобили и џипови па до глисерот кој беше паркиран во пристаништето во Калишта, за кој скопската епархија демантираше дека го купила за 180 илјади евра. По пишувањето во медиумите, се огласи МПЦ која со писмено соопштение укажа дека таа само отстапила простор за паркинг на пристаништето за чување на глисерот.

„Имено, ниту Скопската епархија ниту Калишкиот манастир немаат нарачано ниту, пак, платено каков било пловен објект. Во конкретниот случај, станува збор за пловен објект кој е сопственост на фирмата „Сис Травел Груп“, донесен на чување во манастирот Калишта, а од сопственикот на фирмата е дадена согласност и манастирот, по потреба, истиот да го користи. Ги повикуваме медиумите што пишуваа на оваа тема, доколку поседуваат какви било докази спротивни на овој демант, веднаш да ги објават, а во спротивно, пак, јавно да се извинат за изнесените навреди и клевети. Ако истите не го сторат тоа во следниве три дена, против нив ќе поднесеме соодветни тужби“, стои во демантот на епархијата.

Имотот на МПЦ и нејзиното учество во бизнисот од осамостојувањето на државата се табу тема во јавноста. Пред неколку години дел од медиумите пишуваа за тоа како Црквата има удел во Холдинг компанија во чија сопственост биле заведени хотел, печатницата Синај, фирма за недвижнини и туризам „Калиа“. Потоа следуваше и судски епилог проблемот со хотелот „Изгрев“ кој заедно со хотелот „Бисер“ како што пишуваа медиумите, биле во сопственост на МПЦ а управувани од фирмата „Миладонов ДОО“

Медиумите пред десетина години пишуваа дека државата во обврзници за денационализиран имот на црквата и исплатила десет милиони евра. Тогаш од МПЦ објавиле дека тие пари ќе ги вложат во нови храмови, поконкретно за изградба на новиот храм на скопскиот плоштад. Но, неколку години подоцна тој храм сега познат како Св. Константин и Елена е изграден од донации, а тогашната власт организираше и јавни донаторски вечери за бизнисмените да донираат пари. Меѓу донаторите биле и државни институции и ЕВН со половина милион евра. Оттогаш па до денеска Црквата не и одговори на јавноста како и каде ги инвестираше овие пари.

Црковен храм Св Констатин и Елена во центарот на Скопје
Црковен храм Св Констатин и Елена во центарот на Скопје

Пред 13 години медиумите објавија и скандал во кој архиепископот г.г. Стефан продал црковен плац во Говрлево во вредност од 200 илјади евра без да ги консултира владиците од Синодот. Под притисок на јавноста тогаш тој купопродажен договор беше раскинат. Но следната година, МПЦ ја потресе уште еден скандал, земјиштето што владата на Љубчо Георгиевски ѝ го отстапи на МПЦ за изградба на црква „Св Кирил и Методиј“ и Богословија. Но, на тој плац сега се изградени станбени згради и една деловна зграда.

Оттука логично се поставува прашањето ако Црквата е во бизнис врски односно косопствеништво со други комерцијални фирми, дали воопшто и кој го плаќа или не го плаќа данокот и зошто? Дали ова косопствеништво e шема за даночно затајување која трае со години. Што истражува УЈП допрва ќе се знае.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG