Достапни линкови

Кои се новите министри за кои денеска ќе гласа Собранието


Скопје-Премиерот Зоран Заев на пленарна седница во Парламент, 26.06.2019
Скопје-Премиерот Зоран Заев на пленарна седница во Парламент, 26.06.2019

Собранието денеска ќе расправа за изборот на нови министри откако вчера дел од нив си поднесоа оставки, а тројца Драган Тевдовски, Сухеј Фазлиу и Хазби Лика беа разрешени со мнозинство гласови.

Македонското Собрание денеска треба да избере пет нови министри- Трајан Димковски за прв човек на земјоделство, Горан Милевски за министер за локална самоуправа, Хусни Исмаили за министер за култура, Насер Нуредини за министер за животна средина и Садула Дураки кој треба да го води новото министерство за политички систем. Вчерашната остра дебата меѓу власта и опозицијата при разрешувањето на досегашните министри може најверојатно ќе се преслика и денеска при именувањето.

Дел од предложените министри се познати по својата досегашна политичка ангажираност, а дел се анонимни за јавноста. Предлогот за министер за земјоделство Трајан Димковски досега беше шеф на кабинетот на Љупчо Николовски, кој замина од позицијата поради партискиот ангажман како генерален секретар на СДСМ. Во јавноста досега најчесто излегуваше како партиски кадар, односно кога сега владејачката партија беше во опозицијата, а тој дел од партискиот комитет за земјоделство.

Горан Милевски, пак, во јавноста е познат како претседател на ЛДП и пратеник од истата партија. Тој ќе раководи со локалната самоуправа, по вокација е економист, а за пратеник првпат е избран во 2014 година. За претседател на ЛДП беше избран во 2015 година и го наследи дотогашниот претседател, сега заменик министер за надворешни работи Андреј Жерновски.

Хусни Исмаили за култура и Насер Нуредини за животна средина се двете имиња кои се помалку познати во јавноста по претходен политички ангажман. Исмаили предизвика реакции поради тоа што по образование е лекар, а сега се предлага да ја води културата. Во неговата биографија доставена до Собранието пишува дека има искуство и од таа област, па наброени се активности како уредник на книги, радио драми, емисии од областа на културата, документарни програми. Тој во владата доаѓа од партијата Алтернатива на Африм Гаши, која и досега го водеше тој ресор.

И ДУИ го задржува секторот животна средина. Ново име кое што го предлагаат е Насер Нуредини, кој доаѓа од Виена. Таму работи како советник за диверзификација на инвестиции и развој на проекти во компанијата „ГЕГГ Адвајзори де Нуредини“. Во својата биографија има наведено дека има работно искуство и во Лондон.

Сепак, најмногу реакции предизвика останувањето во владата на Дураки, за кој јавноста имаше забелешки додека беше министер за животна средина. Ова е трето министерство со кое тој ќе раководи во својата политичка кариера. Во 2004 беше министер за земјоделство, а од 2017 за животна средина. Во меѓувреме, во два мандата почнувајќи од 2013 година беше и градоначалник на неговата родна општина Липково. Од повисоки државни функции бил заменик на Царинската управа, директор на Агенцијата за развој и инвестиции, а две години од 2006 до 2008 година и пратеник.

И покрај критиките во јавноста Дураки во својата оставка од досегашната позиција наведува дека многу мали и големи проекти воведени додека тој бил прв човек на ресорот ќе оставеле траен позитивен белег во зачувување и унапредување на животната средина.

Дураки, Николовски, министерот за култура Асаф Адеми и министерот без ресор Зоран Шапуриќ си поднесоа оставки кои само беа констатирани на собраниската седница. Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу и министерот без ресор задолжен за спроведување на Рамковниот договор Хазби Лика и министерот за финансии Драган Тевдовски, пак, не го сторија тоа туку вчера собранието десет часа дебатираше за нивното разрешување кое на крај го усвои.

Во текот на расправата СДСМ и ВМРО- ДПМНЕ си префрлуваа за промената на името, за економските резултати, за тоа кој ќе победи на следните избори.

„Ветив економска лекција, ќе ја одржам. Враќање нема. И знаете што ќе значи тоа? Тоа ќе донесе 4 нови години опозиција на ВМРО-ДПМНЕ“, рече премиерот Заев.

Тој беше критикуван за неговата претходна одлука тој во наредниот период да го води и министерството за финансии, која по реакциите на Антикорупциската комисија, јавноста и опозицијата се повлече од таа идеја, па сега како што рече “согласно овластувастувањата со Законот за Влада”, ќе раководи со Министерството за финансии, се до изборот на нов министер.

Има во светот примери за тоа кога еден премиер бил и министер, рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски.

„Ама само еден е и премиер и министер за финансии. Тоа е премиерот на Белизе, кој е наспомнуван за криминал и корупција“, забележа Милошоски.

Опозицијата постојано критикуваше дека Заев сакал да владее земајќи се под себе, дека владата била економски неуспешна, дека младите се иселувале поради лошите политики, дека договорот со Грција е лош, а не донел резултати во процесот на евроинтеграции на земјава.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG