Достапни линкови

Измените во Изборниот законик и партиските математики


Гласање во вториот круг од претседателските избори 2019
Гласање во вториот круг од претседателските избори 2019

Измените на Изборниот законик во последен момент пред распуштање на Собранието ќе направат префрлање на гласовите од шестата во петтата изборна единица, односно на избирачите од Дебар и од Маврово-Ростуше. Тоа според поранешниот член на ДИК, Схуби Јакупи нема да влијае врз изборните резултати.

Гласачите од општините Дебар и Маврово-Ростуше наместо во шестата сега ќе припаѓаат во петата Изборна единица со измените на Избирачкиот список кои беа усвоени пред распуштањето на Собранието. Предлагачи на измените беа координаторите на политичките партии ДУИ, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ со цел да се избалансираат разликите меѓу изборните единици.

Државната изборна комисија по добивањето на последното законско ажурирање на Избирачкиот список во декември, минатата година информираше дека избирачите во втората и во шестата Изборна единица го надминуваат дозволениот лимит од пет проценти, а дека бројот на гласачите во третата и четвртата Изборна единица е под законски дозволениот лимит.

Поранешниот член на ДИК, Схуби Јакупи вели дека иако се утврдило оти отстапувања има во четири Изборни единици се направиле измени само во една, бидејќи се инсистирало тие набрзина да бидат донесени.

„Кај нас станува пракса во последните моменти пред да одиме на избори да се прават неколку измени, бидејќи тогаш политичките партии се фокусираат повеќе врз дневни политички пазарења кои не се во склоп на препораките. Кога измените не се направени пред шест месеци тешко е да се најде консензус за да се направат крупни измени. Мислам дека не е добро што не се направија измени и во тие изборни единици да бидат во склоп на законот. Но, тоа останува на политичките партии кои ја креираат политиката и тие се надлежни, па и одговорни“, вели Јакупи.

Во двете општини вкупно има 17.676 гласачи, според податоците од последните парламентарни избори во 2016 година. Од нив на гласање излегле 8.161. За партиите од албанскиот блок во Дебар гласале 2.107 избирачи од вкупно 4.550. Додека пак во Маврово-Ростуше далеку помалку, односно само 324 гласови добиле партиите од албанскиот блок од 3.611.

Тоа значи дека партиите од македонскиот блок повисоко котираат на листата на освоени гласови особено во Маврово-Ростуше и би префрлиле околу 5.700 гласови од шестата во петата Изборна единица. Ако се земат превид резултатите од претходните избори испаѓа дека ДУИ во петата изборна единица би префрлила само 1219 гласови, а со останатите партии од албанскиот блок бројката се зголемува двојно.

Во петата изборна единица ДУИ со околу 13 илјади освоени гласови е далеку зад СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ кои имаат по околу 70 илјади.


Во шестата сликата е поинаква и ДУИ има освоено околу 40 и пол илјади гласови или 14 и пол илјади гласови повеќе од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ кои овој пат се зад партијата на лидерот Али Ахмети. ДУИ во петата добила еден 1 пратеник за разлика од шестата каде освоила 6 претставници во законодавниот дом или најмногу од сите останати политички партии.

Јакупи смета дека бил постигнат договор само за шестата Изборна единица, бидејќи математиката покажало оти тоа нема многу да влијае на резултатот.

„Ако коментираме кој и колку добива од политичките партии мислам дека тоа нема да влијае на резултатот споредено со 2016 година и горе-долу бројките нема да дадат некој поинаков резултат. Добро е што е направено за да биде во склоп со Изборниот законик на плус 5 проценти и минус 5 отсто.“, додава тој.

Претседателот на ДИК, Оливер Деркоски за Телма изјави дека продолжува лошата пракса на измените на Изборниот законик. Според него се работи за 34 измена по ред што покажува дека е потребно изготвување на нов закон. Европската пракса, како што порача Деркоски е да не се прават измени барем половина година пред избори.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG