Достапни линкови

Ден по распуштањето на Собранието почна (неофицијално) изборната кампања


Лидерот на СДСМ Зоран Заев и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во кампања за референдумот за името.

По донесувањето на Законот за ЈО во тензична атмосфера и распуштање на Собранието, очекувањата се дека политичките партии своите кампањи ќе ги темелат токму врз ова прашање, како и на евроинтеграциите. Законот не е важно дали е донесен во корист на партиите, вели универзитескиот професор Никола Дујовски, туку поважно е дека ќе биде позитивен сигнал за ЕУ.

Собранието се распушти, се распишаа предвремените парламентарни избори, а претходно во фото - финиш се донесоа и сите важни закони како Законот за јавно обвинителство, за одбрана и измените на Изборниот законик. На политичките партии сега им останува до официјалниот почеток на кампањата на 20 дена пред изборите закажани за 12 април да ги срочат кандидатските листи. Законот за јавно обвинителство за кој беше потребно двотретинско мнозинство се усвои во тензична атмосфера, а за него својот глас не го дадоа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.

„Мислам дека им олесни на сите од причина што многу конкретни и практични интереси беа вкрстени во токму кај Законот за јавно обвинителство. Со оглед на тоа дека судбината на многу клучни фигури од партиите и нивниот делокруг се засегнати со законот за ЈО се очекуваше една таква политичка битка во Собранието за време на донесување на овој закон“, вели политичкиот аналитичар Џељал Незири.

За партиите најважно е што Собранието се распушти токму како што беше предвидено и останува истиот термин за одржување на изборите вели универзитетскиот професор Никола Дујовски.

„Очекувам дел од кампањата да бидат и овие случувања во Собранието. Се разбира начинот и постапката на донесување на овие многу значајни двотретински закони. Не само овој, туку сите други кои во изминатите години овој парламентарен состав ги донесе. И мислам дека и двете партии ќе ги темелат своите кампањи на евроинтеграциите и на овие закони. Се на се за сите нас е позитивно ова што ни се случи, бидејќи кога на кантар ќе го ставите можното потенцијално зло и тоа што ние го изгубивме овој процес јас мислам дека како генерација Македонци и сите други ќе напредуваме од сето ова“, вели Дујовски.

Новото име на државата: адут или хендикеп на изборите?
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:21 0:00

ДИК најдоцна до 26 февруари треба Избирачкиот список да го стави на јавен увид во своите подрачни одделенија и месни канцеларии. Јавниот увид трае 15 дена до 11 март и во тој период граѓаните можат да ги достават барањата за запишување, допишување или бришење на податоци од Избирачкиот список. Кандидатските листи до ДИК треба да бидат доставени до 12 март.

Кампањата треба да започне на 23 март, но неофицијалната е одамна започната. Тоа може да се види и со денешниот марш „Чекорите за правда“ кој го организира СДСМ и кој ќе започне од Собранието каде беше донесен Законот за јавно обвинителство, до местото, каде како што наведуваат треба да ги видат конечните правни разрешници, односно судот.

„Партиите успеаа да завршат навреме и да го исполнат и тој формален услов со кој се очекува позитивно да рефлектира во Европската комисија со повторување на препораката за датум за преговори, а со тоа и Европскиот совет да донесе и одлука за започнување на преговорите пред мај. Тоа ќе биде добар материјал за партиите кои досега беа на власт да поентираат и да прибираат што повеќе гласови“, смета Незири.

Владата инсистираше на донесување на законот по повиците на меѓународната заедница дека тоа ќе биде позитивен сигнал пред одлуката за почеток на преговори со ЕУ. Според Дујовски дали и колку е добро неговото усвојување за политичките партии не е толку важно, колку што е важно за членството во ЕУ.

„За државата и нашите евроинтеграции е дефинитивно добар сигнал и очекувам дека соодветно ќе биде валоризиран. Влогот на СДСМ и нивното опстојување на власт е директно поврзано со членството во НАТО и еворинтегративните процоси. Без тоа партијата нема што многу да се пофали на домашната политичка сцена. Реформите се секогаш прашање на дополнителни дискусии. ВМРО-ДПМНЕ се покажа како партнер, да не го квалификувам како конструктивен или не којшто не е свесен докрај за обврските кои ги имаат како силна опозициска партија и нивната евентуална понуда на изборите“, додава Дујовски.

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ чија земја претседава со ЕУ, изјави дека очекува до крајот на март да се заокружи и усвои ставот на Унијата за почеток на преговорите со Северна Македонија и Албанија. На прашањето Унијата се очекува да се наврати во март на средбата на Европскиот совет закажана за 26 и 27 март.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG